8/28/2012

За предрасудите од кои страдам

На Алфа Телевизија оди една документарна серија која, споредено со темата што ја обработува, има малку необичен наслов - Стоковна куќа. За многумина од нас, тоа е една прилично носталгична серија. Таа се занимава со периодот на нашето ју-детство и младост, претставен преку приказни за одбрани ликови од југословенската музика, спорт, филм и култура, кои оставиле печат врз тоа, веќе баеги потиснато време. Секоја од приказните е раскажана во контекст на соодветниот политички амбиент, па на моменти ја доживувам како хроника за подемот и распадот на некогашната држава. За поефектно враќање во времето, насловот на серијата е испишан со истиот фонт што некогаш беше употребен за светлечката реклама на главната скопска стоковна куќа што се наоѓаше на Плоштадот Маршал Тито, денес Плоштад Македонија. Секоја епизода почнува (или завршува) со некогаш многу популарната мелодија Звиждук у осам (1962), еден од хитовите на идолот на југословенската женска публика од шеесеттите, Ѓорѓе Марјановиќ.

Младата генерација треба да ја изгледа оваа серија. Можда тоа ќе помогне да се ублажат предрасудите што младите денес ги имаат за сите нас родени и растени во тоа проскрибирано време. 
За денешните млади, нашите генерации  претставуваат симбол за нешто ретро, но во пежоративна смисла, нешто заостанато, комуњарски реликт, нешто декадентно. Гледајќи ја серијата, можда ќе разберат дека и нашата младост била полна со надежи и оптимизам; дека не сме живееле на дното на светот, дека, на некој начин, секогаш сме биле дел од глобалната култура, и дека не сме растеле во изолиран црн универзум. 

Предрасудите што 
во текот на пост-социјализмот се развија за нашата генерација се казна што ние, некогашните млади, не ја заслужуваме. Барем најголемиот дел од нас. Излеговме од образовниот систем со релативно добро образование, ја сакавме слободата, сакавме љубов, а не војна, и им помогнавме на оние постарите од нас полесно да ги отворат прозорците на земјата кон ветерот на демократијата и побрзиот развој. Па и тие постари од нас, тогаш, на почетокот на новото време, нечујно се повлекоа од јавната сцена и мирно го предадоа кормилото на бродот на некои нови капетани. Грешка на мојата генерација е што веруваше дека повеќепартискиот систем ќе резултира во чесен натпревар за постигнување на добро за сите нас. Како да заборавивме на злодусите во човечкиот сој, го пренебрегнавме инстинктот за грабање, крадење, лажење, мамење. За момент заборавивме на омразата, одмаздата, на исконските меѓусебни разлики што социјализмот ги покривал со сила.

Атрибутите на ова денешно време немаат 
корен во политичкиот профил на нашата генерација, како што постојано се протура на секој чекор. Се’ повеќе сум сигурна дека тие се резултат на несреќниот избор на кадровски структури што управуваат со оваа земја. Секоја генерација, па и мојата, има свои шампиони, свои претставници - нејзина дика, нејзин заштитен знак. Најдобрите од нас никаде не ги гледам. Некој сакаше да се занемари фактот дека тоа што сме биле Југословени, не значи дека сме биле ќори, глуви, глупи, недоветни, затуцани и јадни. Денес ние сме казнети за својот тогашен космополитизам, за тоа што во иста земја сме живееле мирно со луѓе од други вери, нации и јазични групи. Казнувани сме ако само спомнеме дека сме имале среќно детсво, иако со малку пари, пари кои денес најголем дел од народов ги сонува. Ние денес сме жртва на еден увезен вредносен систем, креиран со задача да ги исмее, девалвира и елиминира сите остатоци од некогашната социјалистичка југословенска држава, вклучувајќи ја нашата генерација како претставник на таа ера. Но не треба да се заборави дека токму нас, нашите генерации, не’ искористија во едно најтешко, преодно, воено време, за својата полетна верба да ја истрошиме во местењето на земјата врз новите фундаменти, за кои учевме во од, а брзо потоа да не’ акнат од истата таа земја, како стари, непотребни и смешни. За доброто на нашите деца, пред време направивме место во просторот што требаше да биде и наш, зашто оние насилници и грубијани заинтересирани само за власт и злато, не знаат или не сакаат да изградат простор за сите. Во суровото чистење со нивната бодлива метла, нас, мојата генерација, не’ шутнаа како неспособен вишок, како стечајна маса, како комуњарска багра, за стеснетото место да го пополнат со денешните деца, од кои со брилијантна расипаност и безочност создаваат свои замолчани робови.

Увезениот вредносен систем ја претвори мојата генерација во жртва на силна општествена дискриминација. Прво по возраст (старци!), а потоа и заради нејзиното минато (Титови пионери за мајтап!). Кога зборуваат за возраста, намерата е да се потенцира ригидноста на ставовите за општествениот живот што си доаѓаат со годините. Кога зборуваат за ју-младоста, сакаат да поентираат на ретроградните спреги што го обликувале нашиот начин на размислување. Истуркувајќи не’ од најважните текови и движења, и маргинализирајќи ги нашите капацитети, ги зазедоа најзначајните простори - просторот на ресурсите и просторот на одлуките. Мојата генерација е замолчана бидејќи, реално, денешните одлуки треба да се носат врз основа на постулати што таа ги сметала за погубни и штетни: неправда, нееднаквост, експлоатација и елитизам. Не негирам дека во друштвото на оние кои ја вршат маргинализацијата на мојата генерација има и наши врсници. Но тоа се оние кои по душа отсекогаш биле флеки, сме ги бркале од друштво и сме ги сметале за мивки, а денес, откако сменија по неколку партиски значки, пак се на првите лукративни линии, веќе години со ред. Треба младите да ја изгледаат серијата и да ја разберат таа трагедија на мојата излажана генерација.

И најважното што никогаш не си го разјаснив. Зошто овие млади денес, кои на нас гледаат како на безвреден музејски експонат, се трескаат на ју-музиката баш од наше време? Зошто ние, мојата генерација, кога се собираме, и ден-денес слушаме нешто сосема друго? Зошто во мојата фонотека немам винил плочи со југословенска музика, туку останале Пинк Флојд, Битлси и џез рок? Зошто кога од комшилукот ечат Бора Чорба или Бајага јас не знам ниеден стих, ниеден збор, а голобради деца пеат течно, без грешка, дури песната не заврши? Ги копка ли мистиката на тоа накажано време, ги скокотка ли тајната на нашата некогашна надеж? И, за мене најнејасното: која вампирска рака ги набута овие деца под гнасниот превез на културата на разни Цеци и Аци, за кои мојата, назадна генерација нели, имаше само чувство на одвратност и презир? Кој е тој феномен на создавање вака конфузен амбиент, полн со контрадикции и парадокси?

Пред неколку години престојував во една од централноевропските земји со комунистичко минато, Чешка. Ја знаеме нејзината трансформација од диктатура во парламентарна демократија. Го посакуваме нејзиниот транзициски развоен пат. Мојата задача беше да работам со стручен чешки тим на еден меѓународен проект. Со тимот раководеше човек, нешто постар од мене, извонредно искусен и образуван. Разговаравме една вечер на оваа тема - прашањето на нашата генерација во транзицијата. Ми зборуваше за судбината на неговите средношколски и универзитетски колеги. „Секој си го најде своето место“, рече. „Претприемчивите се во бизнисот. Интелектуалците останаа на универзитет. Вредните, но поповлечени пријатели, се на чиновнички места во администрацијата или компаниите. Инженерите си останаа во производството. Младите многу научија од нас за системите, организациите, за нашиот економски менталитет, а сега постапно ги заземаат извршните функции. Имаме одлична млада елита која ќе не’ замени, на наше задоволство.“ Седев со мојот колега, чија младост поминала во многу пострашно комунистичко опкружување од моето, пијуцкавме добро чешко пиво и си муабетевме. На масата почнаа да доаѓаат неговите помлади колеги. Да, по долгиот работен ден ние двајца не бевме расположени за диско. Но пред да заминат да се забавуваат, младите членови на тимот поседеа со нас, разменија со својот шеф мислења за утрешните задачи, пивнаа по една пијачка и ни’ вдахнаа од нивната енергија. Ја регистрирав почитта на младите умни соработници во проектот кон нивниот постар колега. Ја препознав и неговата гордост со тие млади луѓе, со кои заеднички повторно е на пат да заокружи уште еден успешен проект.                      
                                        
         

No comments:

Post a Comment