Разгледница од Скопје во 1970-те |
Преземено од The Sweet Files |
Да спомнам дека оваа стоковна куќа е првиот повеќекатен трговски објект во Скопје во кој биле инсталирани ескалатори. Ескалаторите одеа само нагоре, кон горните катови, а симнувањето беше можно само по обични скали. Кога бевме деца, уживавме во возењето па по неколку пати одевме нагоре-надолу додека родителите разгледуваа по штандовите и гондолите. Во „Стоковна“, исто така, се продаваше се’ „од игла до локомотива“. Уредена прилично соцреалистички, таа во убавите сончеви денови имаше светол ентериер со оглед на огромните прозорци по целата јужна фасада. Но јас паметам дека во тмурните есенски и зимски месеци, па дури и во лето кога врнеше, надворешното сивило како да навлегуваше внатре во просторот, па скудниот и „ладен“ амбиент на стоковната куќа се чинеше уште постуден. Тоа, сепак, не не’ спречуваше тука да ги набавиме сите потребни производи за широка потрошувачка по доста пристапни цени. Мене тука ми го купија првиот велосипед (во подрумот), па првите црвени чизмички, па синото капутче со вештачко крзно, а и голем дел од подароците што ги добив за мојата свадба беа токму од овде. Во парфимеријата на мезанинот си го купив и првиот парфем во животот и првиот женски часовник.
Уште четири стоковни куќи беа лоцирани близу до центарот на градот, но на левиот брег на Вардар: „Илинден“, која концепциски и според дизајнот беше најслична на главната „Стоковна“, па „26 јули“, сместена на главната улица пред Бит пазар, „8 март“, на влезот во Старата чаршија од кај „Илинден“, и „Мост“, сместена на влезот во чаршијата од кај Даут Пашин Амам. Сите беа добро снабдени. Дел од нив и’ припаѓаа на трговската фирма Интерпромет, успешно разработен трговски бизнис кој, се разбира, згасна во транзицијата. „Мост“ беше изградена во седумдесеттите години и ги носеше сите атрибути на архитектурата од тој период (повторно проектирана од арх. Мимоза Томиќ). До неодамна, овoј објект го работеше грчката трговска компанија Sprider. Ѓорчепетровци, исто така, имаа своја стоковна куќа, изградена на главната сообраќајница во близина на пазарот. И покрај нејзиниот соцреалистички дизајн, и оваа стоковна куќа тежеше од стока. Во осумдесеттите години, кога веќе се вработив, понекогаш одевме со колешките таму на шопинг бидејќи производите што се продаваа во Ѓорче Петров беа различни од оние скопските, па тоа ни’ беше шанса да си обезбедиме малку оригиналност во аутфитот меѓу пријателките кои пазареа во центарот на градот.
Стоковните куќи во Скопје беа белег на трговијата во периодот за кој зборувам. Секогаш беа преполни со луѓе. Имаше и големи сезонски намалувања на цените, но имаше и производи кои, кој знае зошто, со години остануваа непродадени, а и натаму се нудеа по иста цена. Претпоставувам дека логиката за празнење на магацините не била созреана. Во духот на некоја тогашна деловна политика.
Ги снема стоковните куќи. Приказнава ја раскажав со цел денешните млади скопјани да добијат претстава за тоа каде и како купувавме во социјализмот. Убаво е да знаат дека за разлика од земјите од тогашниот источен блок, ние можевме да се пофалиме со добро развиена трговија, полни дуќани и квалитетна стока. Пак ќе кажам, бевме млади и ни’ фалеше шмекот на западот, но од денешна перспектива мислам дека најголем дел од критериумите на просечниот купувач беа во целост задоволени. Концептот на стоковна куќа е многу специфичен. Овој вид трговски дуќани секаде во светот забележуваат различни развојни циклуси, некогаш нагорни, друг пат надолни. Јас многу би сакала денес во Скопје да имаме барем една убава и голема стоковна куќа. Чисто за да ми ги азубави моментите наменети за шопинг или уживање во убави предмети. И да мириса убаво.
This comment has been removed by the author.
ReplyDelete