8/23/2012

Време е за македонска Сириза

Денес начув муабет дека, сепак, и покрај претходните негирања, се подготвува нова параметарска реформа на пензискиот систем. Наводно, старосната граница за стекнување право на пензионирање ќе се покачи за две до три години. Кај мажите, тоа право би се стекнувало дури на 66 или 67 години; кај жените, на 64 или 65. Сакам да верувам дека ова е само лоша гласина. Но, кога ќе ги земам предвид сите удари што оваа влада му ги нанесе на пензискиот систем во овие шест години, воопшто не би ме изненадила уште една жешка шлаканица. Владата, имено, со намалување на стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување што се плаќа за секој осигуреник, прво го скастри приливот на средства во системот . Тој потег беше квалификуван како мерка за подобрување на бизнис климата во земјата. Владата, имено, преку намалување на финансиските обврски на бизнисите кон државата, односно кон вработените, сакаше да им ги намали трошоците од работењето. Се разбира, реалниот сектор беше одушевен од мерката, но пензискиот фонд многу ослабна. Потоа, и покрај тоа што го намали приливот на средства во системот, Владата ги почна операциите на повремени покачувања на пензиите на постојните пензионери. Треба да се спомне дека, при тоа, не беше запазен фер и еднаков третман кон сите пензионери, туку поголеми покачувања добија оние со пониски пензии. Беше извршен удар и врз приватниот пензиски столб, во кој, исто така, беше снижен процентот од придонесот што се префрла на приватните сметки на осигурениците, така што калкулациите за нивните идни пензии правени пред 7 години сега паѓаат во вода. Да не зборуваме за тоа што со ред други измени на законската регулатива во областа на пензиите, на идните пензионери уште од сега им е депривирана приходната страна. Последната белја е направена летово, кога на пензиските друштва им се наложи наместо во евро обврзници (кои носат камата од 7,5 проценти), средствата од приватните фондови да мораат да ги вложуваат во домашни оврзници (камата од 5,5 проценти). Типично за (неправни) држави со подиспразнета каса, кои веднаш се полакомуваат по приватните средства на пензиските осигуреници.

Претпоставувам дека кога ги правела резовите во пензискиот систем, Владата се надевала дека (наивно) очекуваниот развоен циклус ќе резултира во нови вработувања, од кои пензиската каса ќе почне поинтензивно да се полни. Но бидејќи владината економска програма, 
што од објективни, што од субјективни причини, резултираше во фијаско, проблемите во пензискиот систем веќе нема да може лесно да се санираат. Дупките што Владата ги предизвика во системот, таа до сега ги покриваше со средства од буџетот. Тоа се некаде околу 25 милиони евра годишно, барем такви информации добиваме преку медиумите. Очигледно е дојден момент кога тие пари веќе недостасуваат за сегашните пензионери, а ич да не отвораме прогнози за она што ќе им се случува на осигурениците кои денес имаат по 30, 35 или 40 години. Тешко ним. Ги советувам да си штедат уште од млади, за еден ден да не бидат питачи.

Очекувам дека кога ќе почне да се промовира мерката за зголемување на старосната граница за пензионирање, ќе се обидат да ни’ ги продаваат приказните за Англија, Холандија и други земји, во кои луѓето работат до подоцна во животот. Срамно и саркастично ќе биде овој пресиромав народ да го компарираат со било која западна земја. Квалитетот на живот што тие луѓе го имаат заради нивните високи примања е неспоредлив со оној на нашиот беден работник. Погледнете, на пример, како изгледа една Холанѓанка на 65 години, па споредете ја со нашите измачени жени на истата возраст. Македонската жена, ако е вработена, по осумчасовното работно време продолжува со нова аргатска смена, дома, каде сето она што не може да си го дозволи со платата од 100, 200 или 300 евра, мора да го произведе со многу
 физичка работа и папсување. Затоа се гадам од тие мизерни споредби на нашиот со западниот работник.

Пензиската сфера, како една од најсуптилните социјални компоненти на државата, е територија во која владите тешко одлучуваат да чепнат. Од познати демографски причини, пензиските системи во целиот свет се многу кревки. Но политичарите внимаваат што прават зашто сите истражувања на јавното мислење сугерираат дека кастрењата во пензиските системи лесно водат до паѓање на владите. Масовните штрајкови во Италија, Франција и некои други европски држави, кои се организираа како одговор на најавените пензиски реформи, многу добро го покажуваат тоа.

Македонските граѓани се најсиромашни во Европа. Слушам, пак брбљаат за избори. Е, ова е веќе за АМАН. Знаете зошто? Затоа што додека не видам некоја наша Сириза да излезе храбро на политичката сцена, нема оправање на работите. Ова е време кога ни’ е потребна цврста лева платформа, која ќе му се спротивстави на овој брутален облик на капитализам, во кој единствена жртва е сиромашниот работник. На Македонија и’ треба навистина многу малку за да се одлепи од принципите на економската неправда: една Сириза и барем десет поштени, ама стварно поштени луѓе. Толку.         
            

No comments:

Post a Comment