6/05/2016

Привид

Кога ќе ги затворам очите, го гледам него како ја паркира колата, ги гаси светлата, потоа излегува, прави два чекори, се свртува наназад, притиска на далечинското, се заклучуваат сите брави, и тој тргнува по патеката кон дома. Го подига малку погледот за да види дали го чекам на прозорец, ме здогледува, се насмевнува, и ми дава знак да отклучам врата.

Кога ќе ги затворам очите, го гледам како, натоварен со торбите од пазар, се враќа кон дома, радосен што нашол се’ што сум порачала и што набрзо куќата ќе почне да мириса на неделен ручек. Со гестикулација прашува дали детево е станато или се’ уште спие. И шеретски, со раката, покажува дека сака брзо кафе, безмалку да биде готово уште пред да влезе дома.

Кога ќе ги затворам очите, го гледам како трпеливо ме чека да излезам од работа, чита весник паркиран на недозволено место, прекршувајќи ги сите правила само за да не накиснам од дождот што цел ден истура.

Кога ќе ги затворам очите, го гледам како 
го гушнал детево, го носи на прошетка; тоа нешто упорно прашува, тој нешто упорно објаснува; ги гледам, ах, каква хармонија од човечки силуети, едната голема, сигурна, спокојна, другата мала, ситна, трепетлива; две силуети со слични контури и со скоро видлива хемија што ги поврзува.

Кога ќе ги затворам очите, го гледам како црта наведнат над масата, нешто си потпевнува, повремено повлекува од цигарата, синкав чад се поткрева кон нискиот лустер; па пивнува од големата шолја кафе, па пак потпевнува, а кога веќе ќе помине полноќ, на секои пет минути проверува дали сум заспала на каучот во дневната соба.

Кога ќе ги затворам очите, го гледам како седи на нашата плажа, јас го викам да влезе во морето, тој полека влегува, а мене одеднаш морето ми е потопло, сонцето е посветло, а брановите изгледаат сто пати помали. Па ме крева во раце за безбедно да ме изнесе од водата, за да не стапнам на остар камен или на некое морско суштество.

Кога ќе ги затворам очите, го гледам како за мојот последен роденден влегува дома со нежно розов букет, ме прегрнува силно, како да е последно, долго не ме испушта од прегратка, па сега си мислам дека тоа гушкање, тоа стискање, траеше можда и со минути, како никогаш во животот, како предупредување.

Кога ќе ги затворам очите, го гледам како тажно и со болка, седнат во фотелја ме гледа право во очи, барајќи во нив надеж и верба, а јас се притискам за да се насмеам, за да изгледам уверливо и да му испратам впечаток на сигурност. Тој ме гледа, просто ме прободува, очите некако необично му се наводенуваат, а лицето му го покрива мимика на грч. 
Тогаш ги отворам очите.

А кога ќе ги отворам очите, него никаде го нема.


           

No comments:

Post a Comment