7/07/2013

Ја изгубив силата

Го запуштив блогов некое време. Во еден момент, почувствував презаситеност од зборување во празно. Со години, не, не со години, туку откако знам за себе, устата сум ја држела ширум отворена, стоејќи на страната на работите за кои сум мислела дека се правда и правичност. На почетокот, се случуваше да добијам по некоја битка. Ќе успеев да спречам по некое зло, по некоја глупост, по некое ситно профитерство. Од радост,ќе ми светнеа видокрузите, ќе ми се разлетаа крилјата...се давав одново и одново.

Ама времето беше такво. Имаше нешто во луѓето што не им дозволуваше да одат баш до крај, особено ако некој ги прозове јавно, ако ја осуети нивната подлост, ја разоткрие нивната разуздана злонамерност. Ќе се повлечеа. Не дека немаше да ме замразат. Ме замразеле важни и помалку важни луѓе, луѓе од политиката, од разни раководства, луѓе со жилави и алчни амбиции, луѓе од функција. Но мене, поважна од нивната омраза ми беше одбранетата страна на правдата. Имав илузија дека ако одам по врвицата на правичноста, ќе се придружат и други, па заедно ќе може да обликуваме солиден простор за живот. Таквата илузија ме напушташе малку по малку, баш онака како што се менуваа времињата и условите. А како се менуваа тие, така се менуваа и луѓето околу мене. Почнав да минувам низ идиотски ситуации, кога борејќи се за белото, тие околу мене, од страв застануваа зад другото, се подвиткуваа до клечење, до лазење, до ничкум, а јас останував сама. А тие, во потсвеста, или токму во свесноста дека се жртви на стравот, на кукавичлукот, наместо барем тајно да ми мигнат и упатат трошка скришна поддршка, заминуваа еден по еден во тој друг свет, свет на молк, трпење, лага и лицемерие. Дур се свртев, видов дека не само мојата околина се преобразила. Се преобразил комшилукот, градот, земјата. Ете толку брзо. Дури да се свртам. Дури да разберам дека Марсовецот тука сум јас, а не тие луѓе наоколу, кои вака или онака, го прифатија стравот, се потпраа на штамата и коленичењето, како начин за преживување, за имање помалку или повеќе.

Јас веќе немам сили за борба. Ја изгубив силата некаде по пат, во некој миг кога оттуѓеноста ги победила илузиите, а и’ ги отворила вратите на апатичноста на мојата душа. Премногу се тие што стојат во одбрана на духовното ропство. Партијата, круговите на моќ и сеачите на страв излегоа поприфатливи и привлечни како водство, отколку што тоа го постигна понудата за демократија. Мнозинството околу мене одбра лошо да ја протолкува таа понуда, ги отфрли правдата и правичноста, се збогуваше со слободата, и се впушти во авантурата на затната уста и затворени очи. Се’ што не припаѓа на тој круг, транзитира кон човечка маргина. Самата, под притисок на внатрешниот немир кој не ми дозволува влез во друга, за мене неприфатлива игра, одбрав, можда и не очекувајќи таков исход, да бидам таква маргина. Во ова време, тоа носи невидени компликации. Од затворени врати во секоја институција, банка, фирма и, најстрашно - болница, до оневозможен пристап до изворите на егзистенција, кои повторно се склупчиле во круговите на моќта. Се’ што значи живот е затворено во тој круг. Моќта има толку силни раце, што ако не им се препуштиш и сведнеш, ќе те згмечат до бол.

Немам веќе сили да се борам, зашто секој шалтерски чиновник, референт, болничар, вратар и чистач имаат далеку поголема моќ од мојата. Зад секого од нив стои по некој разуздан моќник, грб, аждер. Немам сили, зашто ги изгубив во талкањето по живот со мојата професија, која стои на јасна интелектуална подлога, и нема вредност на затворениот, загаден, исповраќан пазар. Немам сили, зашто силата ми ја одземаа стотиците коруптивни тендери и конкурси. Немам сили, зашто онемоќев борејќи се против коридорите на измамата, лагите и криминалот. Немам сили, зашто мојот некогашен колега, без школо, ука и усул, сега има позиција и образ да ми каже “еј, ако ти треба нешто за болест, за лошо, кажи, ќе гледаме да направиме работа“. Никогаш не припаѓав на таков свет и не знам како тоа се “прави работа“. Ете толку не ме бива. Немам сили, зашто ниедна сила, па ни мојата, не е вечна, па згаснува пред енергијата на суровата општествена машина.

Таа сила што ми остана ја давам на своите блиски, на маката што не’ снашла. Ја давам по малку, мерено во ситни зрнца, и на некои залутани иницијативи за одбрана на нешта што ме потсеќаат на слобода и светлост. Ја давам на малубројни луѓе, во чии очи останало да тлее пламенчето на гордост, добрина и доблест. Толку ми е силата. Живеам во надеж дека има луѓе што уште не се умориле, на кои и натаму им расте адреналин од нечовечноста што не’ зајаремила, а кои се поштедени од поголеми проблеми во семејството, меѓу најмилите. На таквите луѓе ќе им дарам дел од надежта, дел од тоа што го знам, дел од тоа што го имам, само за да помогнам. Само на такви луѓе, луѓе со сила, луѓе кои сеуште не ја изгубиле вербата. Вербата што јас ја изгубив.                                    

No comments:

Post a Comment