Годините на врела, исцрпувачка пропаганда му беа од корист на Никола Груевски на домашен терен. Човекот транзитираше во народен заводник, кроток освојувач на народното срце, омилен лик за осиромашеното и пауперизирано население. Македонија го сака. Го сака толку многу, што тој и самиот не може да и' поверува на таа количина љубов. Народот му ја даде на Груевски целата земја во посед, му се даде себе си, му ги даде своите деца, ја даде својата иднина. Во неговиот мек и растеглив скут се најде место за илјадници здивени фанови, за нивните браќа, сестри, кумови и стрини. Денес тие се едно големо среќно семејство, комотно заседнато во скутот на тато, меѓу неговите џебови, натежнати до земја од позајмени пари. Во таа топла лулка, народецот ужива како новородено бебе. Три пати на ден добива оброк и по некоја ужинка помеѓу. Без премногу напор, без непотребно трошење енергија, само со насмевка упатена нежно до родителот, која тој штедро ја наградува. Македонската идила е за во роман.
Новороденото бебе не знае која му беше работата на тато кога пред многу години се зафати да го полни скутот. Главна работа на тато беше да ја доврши приказната за европскиот пат. Тој имаше три задачи: да докаже дека во Македонија веќе никогаш нема да се разгорува омраза меѓу нациите; да ги зацврсти демократијата и плурализмот, и да ја ослободи економијата до степен кога таа навистина ќе стане пазарна.
Новороденото бебе не знае да ги евалуира постигнувањата на тато. Тоа е мало, неуко и гладно. Важно му е само да биде надоено и преповиено на време. Тато тоа го прави добро, знае да се снајде и во тесно, кога нема, па бебето ретко заплачува и моли.
Новороденото бебе не знае дека првата задача на тато не само што не е завршена, туку во меѓувреме се усложнила неколкукратно. Тато не е баш дружељубив човек и не сака многу мешање со „други“. Тато сака чиста сметка меѓу нас и нив. Ова мене, ова тебе. Ние овде, вие таму. Ти за ова, јас за она. Границата на интересите сега е прецизно исцртана, линијата на раздвојување точно дефинирана. Секој по својот пат, со својот јазик, со својот господ, со својот господар.
Новороденото бебе не знае дека втората задача на тато заврши со обратен ефект. Тато не е поклоник на многу демократија и слобода, а на плурализмот гледа како на непотребна пречка во неговите родителски назори. Тато смета дека децата треба да ги воспитува еден родител, зашто мешање од надвор може да создаде непотребни проблеми во семејството. Тато сака децата да се само под негова контрола бидејќи влијанијата на отпадниците од карши ќе му го урнат традиционалниот концепт за домаќинска куќа. Тие однадвор се натрапници, шалабајзери, криминалци и недоквачени. Тоа на детето треба постојано да му се повторува, за да не забега по странпатица, не дај боже.
Новороденото бебе не знае дека третата задача на тато, онаа за лепчето, целосно трокира. Дури има лепче, детето не прашува од каде тато го носи. Тоа не знае дека тато нејќе многу-многу самостојни бизниси и распафтани бизнисмени. Тато сака друг вид бизнис, врзан за семејството. Паричката не треба да се пушта да шета лево-десно, да менува правци и каси. Треба да е под надзор на главата на куќата, да не заака непредвидено кај што не треба, да не колвне некој предавник од домашната кашичка, да не апне некој туѓинец од броеното купче. Тато дава, тато зема. Како во секоја еснаф-куќа.
Новороденото бебе не знае како е во Европа. Тато вика дека таму баш и не нешто супер и дека таа луда почва веќе гние и ја јадат црви. Задачите на тато, дојдени од гнила земја, не се ни за муабет правење. Таму веќе цветаат национализми, диктатори се на власт, а економиите полека пропаѓаат. Нека си ги решат тие своите кризи, нека не бараат леб преку погача од нас. Нека си го свртат огледалото кон себе, нека си ги видат лицата на распаднатите империи, суратите на демонските претци.
Новороденото бебе не знае дека Европа можеше да биде клуч за опстанокот на Македонија. Тоа не знае дека трите задачи на тато, ако беа исполнети со разум, ќе беа цврст штит против ајкулите што скокаат од вителот и малку-малку ни' грицкаат од гордоста. Детето не знае дека и сабја се победува со убав збор, дека и мала земја може да биде голема во очите на силните, ако итро одбере добар манир. Новороденото бебе не знае дека Европа и' требаше на Македонија повеќе отколку на сите други земји, кои Европа ги прибра зашто, обратно, и' беа потребни неа. Детето не знае дека Европа, расклимавена или не, ќе беше гаранција за нашето безбедно утре. Детето не знае дека прекинатите природни врски со Европа ќе не' вратат во некогаш неприродно создадениот ориентален амбиент, за кој ние, децата со сон за слободата, сакавме да веруваме дека е само егзотична дестинација за шетање, а не трајно опкружување за живот.
Во феудално-ориенталниот свет на тато, новороденото бебе ќе треба да се справи со прашањата за опстанокот, верувањата, вредностите. Тато ги има одговорите. Додека џебовите му тежат од позајмените парички.
No comments:
Post a Comment