Сега, само четири години подоцна, веќе е ирелевантно чии се’ споменици продолжуваат да се зариваат по раскопаното средиште на Градот под опсада. Ликовите, кон кои си негувавме сопствена, тивка почит, ама и оние, на чиј помен сме останувале индиферентни, бесни или празни, се инструмент на една свирепа и луда инвазија на просторот што ни’ припаѓаше на сите, и на градот што со години чекаше свеж урбанистички занес. Доблестите или херојствата на дел од овие ликови го губат своето впечатливо место во нашата мемориска перцепција, делумно поради нивното вклопување во еден ентрописки амбиент, а делумно поради нивното впикување во заедничка кошница со ликови чија дубиозност до денес останала доминантна во сеќавањата. Питу Гули, Тоше, Конески или браќата Миладиновци; Тодор Александров, (не)окованиот Прометеј, гемиџиите, Апостолски или Филип - нивното инатливо, безочно и обезвкусено распоредување по тесниот јавен простор го доживуваме како нов и нов убод во нашата потценета, исмеана памет. На виделина јасно излезе мизерно дизајнираната стратегија за пишување нова, конфузна историја на еден молчалив народ, која наликува на множество од неповрзани и, често, дивергентни елементи. Како да се составува приказна, чиј наратор ужива во неприкажувањето на логичен хронолошки след, и која како да сака да стави акцент врз некаква инцидентност на пројавите на било каква повисока свест, бунт, уметнички или интелектуален напор на нашите предци. Затоа, веќе не е навредлив само кичот што го применуваат создателите на мануфактурните споменични производи и зданија, туку уште понавредлива е безобразната стратегија на оние кои менаџираат со сценографијата, режијата и мизансценот на овој нов вид македонски театар.
Но народот, познат по брилијантноста во дисциплините трпење и траење, понизно влезе како статист во масовните кадри на овој филм, во кој се покори пред диктатот за ирелевантноста на фактите за сопствената историчност и духовност, и за немањето потреба од барање причинско-последична поврзаност на настаните со улогата на бројните ликови од минатото во нив. Вчера, на пример, се покажа дека тоа што Тоше не личи на Тоше е поважно од прашањето на логиката за поставувањето на Тоше токму на тој необичен мост. Или, неодамна, се вжешти караницата околу разголените гениталии на атлетски градениот Прометеј, наместо околу логиката за неговото присуство во опустошениот женски парк. Се покажа дека ирелевантноста на логиката владее со колективниот македонски ум, и дека размислата на овој народ преминува во пластелинска молекуларна структура.
Не сум веќе лута што огромни порции од овој народ еуфорично ја прифатија играта на идентификација со макетата, градена со цел да ја долови неговата историска грандиозност. Не сум лута што илјадници ја потиснуваат маката од личната материјална неимотност и духовна празнотија пред новосоздаденото чувство за колективно историско богатство и слава. Но лута сум што Уставот не важи и за нас останатите, кои не мислиме така, а друга земја немаме. Зошто нашиот глас ја нема истата уставна вредност? Зошто ние да немаме право на расудување, право на сеќавање, право на глас, право на град? Зошто нашиот отпор бездушно го замолчуваат, а нас не’ бележат со погрдни кованици и пизми? Кои се тие да судат за нашата љубов кон оваа земја, за која создававме предолго, за тие само во еден миг, со еден декрет, да ни’ ги ускратат сите човечки права? Зошто само покорништвото има право на граѓанство, и само климањето со глава право на живот? Зошто различноста стана ерес, и зошто слободата на збор ја погазија со челична чизма? Зошто и од каде толкава омраза и гнев?
Ете, заглупавев, и за момент заборавив на доминацијата на ирелевантноста на логиката во ова македонско совремие. Прашувам глупости, очекувам разбирлив одговор, барам начин да ја одгатнам енигмата, душкам по именикот во мобилниот за да најдам пријател за помош и поткрепа. Меѓу стотиците имиња од азбучникот, барам соговорник кој ќе ми даде логична експликација, толку логична што ќе престанам да прашувам и ќе знам да проценам кога треба да го очекувам крајниот исход на приказнава. Се двоумам дали да му свртам на пријателот, кој веќе од поодамна за време на вечеринките ни’ држи буквици за александровата крв во нашите жили; на архитектот, кој се нафати често, смело и јавно да брифира за нашето потиснато барокно градителство; на мојот омилен сликар, кој пркосно се затвори во своето шарено ателје, во кое со четката ја скротува експлозијата од надојдени бунтовни емоции до мерка што го прави неконтактибилен. Или, сепак, да не се плеткам во ризични работи, да не си ја зголемувам главоболката, да си ја побарам ќерка ми и да ја прашам што сака за ручек. Да си направам манџичка, скромна, посна, летна, да си пуштам турска серија, да си заперам, запеглам, да си дремнам малку по вруќината, да си траам и да чекам луѓево што ја почнале - да си ја довршат работата. Можда баш така е логично.
No comments:
Post a Comment