1/26/2013

Белите крвни зрнца на отпорот

Многу пати си го поставив прашањето за генезата на актуелната диктатура. И исто толку пати дојдов до идентичниот заклучок дека теренот бил просто неподносливо податлив за раѓање на тоа зло. Само што нас очите ни’ биле затворени како на слепци, а очекувањата од иднината ни’ биле замаени под влијание на мимикријата на европските и намерите на некои други таканаречени пријатели. Во 2006-та, всушност, се’ наоколу мирисаше на голем пресврт. Огромната невработеност, трагичните последици од етничката војна завиткани во документи испишани со туѓ ракопис, лузните од хроничната нестабилност на земјата во периодот по независноста, кревкоста на уставните решенија за државата и потклекнувањето пред заповедите на светската моќ, сето тоа беше одлика на тој македонски изборен амбиент. Месеци пред изборите, што по кафани, што по медиуми, се плетеа приказните за неминовниот пад на тогашниот премиер. Од некоја невидлива кујна, се ширеше врела пареа како од огнови на вулкан во штотуку почната ерупција, но не паметам дека некој умен навести дека тогашната тага ли, апатија ли, ќе биде заменета со нешто толку ретроградно, какво што е она кое набрзо потоа реално се случи.

Диктатурата, како начин на владеење, беше безочно спроведена буквално уште првиот ден од стапувањето на должност на новата влада. Помнам како на нејзината прва седница, имено, со една единствена одлука беа разрешени стотици и стотици функционери без, при тоа, да се мине низ неопходната формално-правна, законска процедура. Таа незаконска одлука, тој чин без скрупула, тоа невидено самоволие, го прочитав како пресуда на прекиот суд. Како катил-ферман испишан со илјади имиња на осудени без судење, виновници per se, злосторници според мерилата на единствената правда-правдата на власта. Како декрет на апсолутниот господар, издаден против припадниците на непријателската страна. Се сетив во тој момент на зборовите на мојот комшија вмровец, кој на неколку дена пред изборите ми рече: „Ќе видиш сега како се’ ќе биде наше. Најпрвин, некаде околу 50 илјади работни места“. Во тој момент ме обзедоа морници, но не поверував во таков исход. Го сфатив тоа како дел од внатрепартиските предизборни ветувања. Но, се излажав. Пресудата изречена на првиот ден од владеењето на новата власт ми беше сигнал дека ниту комшијата мене ме излажал, ниту него го излажале во штабот. Да не бидам сфатена погрешно, никој не очекуваше дека луѓето што беа опфатени со „пресудата“ од првиот работен ден на владата, или барем најголемиот дел од нив, ќе останат да ги вршат своите функции. Но беше нормално сите промени да се вршат во согласност со законите на државата. Тоа почитување на законот ќе значеше само некоја владина седница плус, малку дискусии по некакви комисии, нешто во Собранието, и ништо повеќе. Но, јуришничкиот, агресивен и нестрплив ѓавол на диктатурата не сакаше да си го губи времето со законите. За тој ѓавол, преземањето на власта значеше право во истиот миг да се анулираат сите останати важечки права, било индивидуални, било институтционални, на патот до трајното владеење со државата. Да потсетам дека за таа своја незаконска одлука, власта инстантно издејствува Врховниот суд да се прогласи за ненадлежен во случај на жалба поднесена од некој од „осудените“. На тој начин, таа ја демонстрираше својата недвојбена намера брзо да завладее и со судската власт, како и со сите други сегменти на системот во годините што доаѓаат.

По таа прва владина седница, на која преку голема врата беше инаугурирано самоволието како метод на управување со државата, се’ натаму беше резултат на нови и нови разноразни декрети. А за да се обезбеди целосна функционалност на декретите како инструмент за апсолутно и беспоговорно спроведување на волјата на власта, беше потребно да се отклони опасноста од евентуално влијание на спротивните мислења во општеството. За таа цел, беше применета, а и до денешен ден со несмален интензитет се применува тактика на масовно/групно хипнотизирање на народот, во комбинација со предозирано ширење на тешка ментална зараза. Тактиката е таргетирана кон величање на секој потез на власта, при истовремено највалкано блатење на опозицијата и омаловажување, дури и вреѓање на слободната мисла и граѓанските права. Многу умешно, дрско и бескрупулозно, опозицијата и најголем дел од граѓанскиот сектор беа етикетирани како виновници за „предавството“ на земјата пред албанскиот, грчкиот и секој друг непријателски фактор. На народот во континуитет му се пласираше приказната дека „државата ја изгубивме од премногу предавничка демократија“ и дека поради тоа „сега е дојдено време за цврста, патриотска рака“. Почнаа делбите на патриоти и предавници, на Македонци и немакедонци, на заслужни и виновници, на преродбеници и комунистички декаденти, на жртви и кодоши, на подобни и неподобни, на чесни и нечесни, верници и неверници. На големо јато од народот му се поттури под носот капка отровен опијат, чие дејство, се чини, сеуште трае и не стивнува. Со декрет беше воведена омразата како храна за змиите што го разделија народот. Омраза која толку нарасна во овие седум години, што ниту некогаш ќе може мирно да стивне, ниту ќе може трајно да се искорени.

Диктатурата ги минува пред наши очи своите развојни фази. Ја искусивме нејзината мегаломанија, нејзиниот епохален невкус, нејзината тешка рака на тиранин, нејзината перверзна самобендисаност, нејзиното хипокритично умилкување на народот, колнењето во нацијата, но и беснеењето со народните пари во име на народот, создавањето дела за незаборав по теркот на најтешките психопатологии и уништувањето на трагите од минатото. Сега како да сме на прагот на можда најопасната фаза - фазата на залезот на моќта, кога, по правило, се засилува паранојата, а со тоа и пресметката со оние на другата страна. Почнува времето на ќотекот, на пендреците, на модринките, на солзите на невините и на потребата од појачано обезбедување на господарите. Дали ова ќе биде и време на крвави пресметки - ќе видиме. Ќе зависи тоа и од таканаречените пријатели.

Отпорот што деновиве е во зародиш треба да се избори против менталната зараза на диктатурата, како што белите крвни зрнца се борат против најтешките телесни инфекции. Отпорот мора точно да ги дијагностицира најдлабоките извори на заразата за потоа да може да примени соодветни средства за спротивставување на болеста. Како кај секоја тешка инфекција, на телото на отпорот ќе му бидат потребни и време, и дополнителни медикаментозни средства. Затоа што моќта на диктатурата е енормна и секоја грешка на отпорот може лесно да биде претворена во пораз. Мислам дека најмоќното оружје во рацете на отпорот е вистината за диктатурата и тиранијата. Таа мора да се објасни, таа дури мора и да се докажува, колку и да е видлива за дел од луѓето. Народот е тој кој треба да ја препознае заблудата, својата прелажаност, своите изгубени илузии. Народот е тој кој самиот треба да ја почувствува потребата за демократија, како потреба за нормален, достоинствен човечки живот. Од кој веќе му се неповратно одземени цели седум години.  

                                 

1 comment:

  1. Одлична анализа!
    Морничава, тажна, темна, но точна слика на нашата несреќа!

    ReplyDelete