8/05/2012

Жолч по патот

Полека се дигнаа завесите. Почна последниот чин на трагичната претстава за конечната поделба на Македонците. И онака веќе поделени, раскарани, зајадени, сега до крај ќе се закрват, за секогаш. Секој со секого. Допрва нема да има шанса за било какво помирување. Никогаш вистинско, никогаш ниту декларативно. Врз пеплосаните урнатини на минатото што постепено го заборававме, сега ќе почнат да течат нови реки македонска крв. Жешка, горчлива и темна, затруена од соковите на надојдената жолч, букната од насилно вратените сеќавања за годините на темнината, за кои мислевме дека се отидени во неповрат. Но, Македонецот не може без себедевастирање, без глодање од соседот, без насладување од туѓата болка. Тоа е негова душевна храна. Тоа слатко ситење врз маките на другиот Македонец е неговиот рецепт за лечење на сопствените фрустрации и омрази. Фрустрациите, тие морничави сили на злото, што од човекот прават ѕвер, а од душата вештер.

Во арената заградена со непробоен ѕид, зад кој некои други наредиле стражари за да си го чуваат европскиот раат, почнува борбата на македонските гладијатори со ѕверовите од истата, одамна црвена македонска почва. Борба до истребување, до смрт, до момент кога едниот се струполува врз сушната земја, со избоден стомак, распрснати црева и ожолчен грклан. Крвавата челуст на другиот, засмрдена од реата на умирањето, и опиена од халуциногеноста на убиствениот опијат, ќе поита по ново месо, ќе трча како здивена меѓу ѕидовите на арената, чекајќи публиката седната во ложата преку скандирање да и’ го покажува патот до новата жртва.

Пуштија абер од Брисел дека ја поздравуваат и охрабруваат премиерата на крвавата македонска претстава. Нека почне. Таа претстава ќе и’ ги скрати маките на Европа од расправиите со малиот балкански ѓавол. Европа него ќе го подбуцне малку, зашто знае дека нему толку му треба. Потоа ќе ги затвори гломазните порти на арената, и ќе остави крвавата претстава да си тече спонтано, зашто спонтаноста е мајката на примитивизмот, спонтаноста е поведение без кочници. Така, македонските ѕверови и гладијатори, пуштени слободно од европскиот синџир кој колку-толку ги држеше зауздани, ќе се насилат еден на друг меѓу ѕидиштата на арената без ехо, напалени од нараснатата омраза, од долгата мечта по одмазда, од изгубената чест. До смртно копрцање.

Колку ли жртви ќе однесе оваа трагична претстава? Колку македонски домови ќе бидат завиткани во црно? На колку старци срцата нема да им ја издржат битката што следи? На колку дечиња ќе им биде внимателно закачена значката на срамот? Колку синови и ќерки ќе се мачат со вкусот на сомнеж во одговорите добиени од нивните распнати татковци или мајки? На колку лица ќе се исцрта гримасата на страст од туѓа несреќа? А најмногу од се’ ме интересира колку среќници ќе куртулат од крвта зашто на време фатиле врски во џелатурата и ги избришале трагите на лошотиите што некогаш самите ги направиле на некои други? Тоа, тоа најмногу ме плаши. Вештачкото бело.

Ми се сони убав, ах, преубав сон. Дека повторно имам дваесет и две, распуштени коси, сила во телото, надеж во главата и спакуван куфер. Дека тргнувам на пат, далечен, во некој друг свет. Во кој својата енергија ќе ја насочам кон себеостварување, во кој пак ќе си ја имам ќерка ми, и во кој утрата нема да почнуваат со тага. Дека тргнувам на пат, по кој нема истурена жолч, по пат кој води до мојот раат.                                       

No comments:

Post a Comment