И утрово, најслаткиот сон ми го скрши силен мирис на пржен кромид од соседната тераса, на која нејзините сопственици практикуваат да ги прават сите работи од кои може да засмрди нивниот дом. Во зима, на пример, тоа се ритуалите на точење зелка ставена во расол, и варењето шкембе чорба со саати; од јули до октомври се пече пипер и се вари салца, а во текот на целата година повремено се распафтува скара, па сите во квартот имаме чувство дека и кај нас отвориле Дестан. Според одамна извежбаната рутина, како месечарка потрчав да ги затворам сите прозорци и врати, при тоа опцув гласно два-три пати сочно за да ме слушнат, кога веќе со години ги игнорираат моите молби да престанат со таа кретенска навика да ми го полнат домот со смрад. Колку што ми е познато, единствена сум од соседството која влегла во расправија со овие дибек-створови. Останатите си молчат, не се замеруваат, па сто пати сум се прашала дали ним ова воопшто ми пречи. Се разбира, не ги поздравувам дибеците кога случајно ги сретнувам на улица, свесна дека со тоа им ги јакнам инаетот и трансот што го доживуваат кога знаат дека вријам. Значи, морав да станам во седум, наместо, како секој нормален во недела, да си поленчарам барем уште малку.
Знаете ли што е Доплеров ефект? Тоа е, кога во седум и пол утрово, додека го пиев кафето на страната од станот што не беше загрозена од пржењето на кромидот, од далечина почна да стасува зарипнатиот глас на Старо-купуем-старо, кој, туркајќи го пред себе каллосаното моторче со приколка, подзастануваше пред секоја зграда, завивајќи неуморно како волк под месечина, се’ додека не се увери дека никој не го зафермува. Како што ликот се приближуваше, така гласот стануваше се’ посилен. Најсилен беше кога се дереше под мојот прозорец, минута-две, а потоа постепено се губеше во далечината на градот, до целосно исчезнување.
Во осум, еден бел пик-ап дрско се проби низ столпчињата во тревникот, кои пред некое време беа поставени за да стават до знаење дека влезот за возила тука е забранет. Со неколку вешти маневри, возачот ја тупоса колата пред влезот на зградата, триумфално со едната нога подизлезе од неа, свирна едно пет-шест пати со сирената, па од некаде дотрчаа неколку разгаќени типови, кои од пик-апот почнаа да вадат термопан прозорци и врати, и разен алат. Бргу потоа, почна да ечи наоколу од мавањето со чеканите и од продорниот звук на бор машината. Се слушна како некое бебе почна да плаче, и гласот на мајката како се обидува да го смири.
Во единаесет, паркчето почна да се полни со машкиот дел од комшилукот, истеран од дома за жените да си фатат работа. Не ми треба телевизија. Се’ си разбрав од муабетот. Земјотрес во Иран. ЕВН и Топлификација - да идат у п.м. Грујо да ти бил на одмор у Фетие. Бранко у Далмација. Џафери ептен бил неарен. Грчка била готова. Ама, кога дојдоа до лустрацијата, почна кавгата. Еден пензиониран директор се зајаде со синот на покојниот писател, си разменија неколку мрсни навреди, останатите се правеа будали, а на крај старецот налутено го напушти друштвото. Останатите, македонска работа, го свртеа муабетот на Олимпијадата и адреналинот почна да стивнува.
Дванаесет. Сонцето, иако денес малку подослабено, ги растерува ретките минувачи од улицата. Чистачите, кои општинскиот градоначалник ги пратил да го соберат сметот насобран во последното деноноќие, поминуваат собирајќи го само она што ептен штрчи, другото не го ни чепнуваат. Паркот се празни, повторно се спуштаат ролетните, а за аутата се бара сенка. Звукот на бор машината и натаму ечи отспротива. На тревникот, најадени и напиени од касапот во блискиот супермаркет, залегнале два песа-скитници. Врз едниот од нив паѓаат првите жолти лисја од околните дрвја, изгорени од сушата. Песот не се помрднува. Станува топло, но сепак одам да отворам промаја зашто мирисот на пржен кромид веќе, белки, го снемало.
No comments:
Post a Comment