8/28/2012

За предрасудите од кои страдам

На Алфа Телевизија оди една документарна серија која, споредено со темата што ја обработува, има малку необичен наслов - Стоковна куќа. За многумина од нас, тоа е една прилично носталгична серија. Таа се занимава со периодот на нашето ју-детство и младост, претставен преку приказни за одбрани ликови од југословенската музика, спорт, филм и култура, кои оставиле печат врз тоа, веќе баеги потиснато време. Секоја од приказните е раскажана во контекст на соодветниот политички амбиент, па на моменти ја доживувам како хроника за подемот и распадот на некогашната држава. За поефектно враќање во времето, насловот на серијата е испишан со истиот фонт што некогаш беше употребен за светлечката реклама на главната скопска стоковна куќа што се наоѓаше на Плоштадот Маршал Тито, денес Плоштад Македонија. Секоја епизода почнува (или завршува) со некогаш многу популарната мелодија Звиждук у осам (1962), еден од хитовите на идолот на југословенската женска публика од шеесеттите, Ѓорѓе Марјановиќ.

Младата генерација треба да ја изгледа оваа серија. Можда тоа ќе помогне да се ублажат предрасудите што младите денес ги имаат за сите нас родени и растени во тоа проскрибирано време. 
За денешните млади, нашите генерации  претставуваат симбол за нешто ретро, но во пежоративна смисла, нешто заостанато, комуњарски реликт, нешто декадентно. Гледајќи ја серијата, можда ќе разберат дека и нашата младост била полна со надежи и оптимизам; дека не сме живееле на дното на светот, дека, на некој начин, секогаш сме биле дел од глобалната култура, и дека не сме растеле во изолиран црн универзум. 

Предрасудите што 
во текот на пост-социјализмот се развија за нашата генерација се казна што ние, некогашните млади, не ја заслужуваме. Барем најголемиот дел од нас. Излеговме од образовниот систем со релативно добро образование, ја сакавме слободата, сакавме љубов, а не војна, и им помогнавме на оние постарите од нас полесно да ги отворат прозорците на земјата кон ветерот на демократијата и побрзиот развој. Па и тие постари од нас, тогаш, на почетокот на новото време, нечујно се повлекоа од јавната сцена и мирно го предадоа кормилото на бродот на некои нови капетани. Грешка на мојата генерација е што веруваше дека повеќепартискиот систем ќе резултира во чесен натпревар за постигнување на добро за сите нас. Како да заборавивме на злодусите во човечкиот сој, го пренебрегнавме инстинктот за грабање, крадење, лажење, мамење. За момент заборавивме на омразата, одмаздата, на исконските меѓусебни разлики што социјализмот ги покривал со сила.

Атрибутите на ова денешно време немаат 
корен во политичкиот профил на нашата генерација, како што постојано се протура на секој чекор. Се’ повеќе сум сигурна дека тие се резултат на несреќниот избор на кадровски структури што управуваат со оваа земја. Секоја генерација, па и мојата, има свои шампиони, свои претставници - нејзина дика, нејзин заштитен знак. Најдобрите од нас никаде не ги гледам. Некој сакаше да се занемари фактот дека тоа што сме биле Југословени, не значи дека сме биле ќори, глуви, глупи, недоветни, затуцани и јадни. Денес ние сме казнети за својот тогашен космополитизам, за тоа што во иста земја сме живееле мирно со луѓе од други вери, нации и јазични групи. Казнувани сме ако само спомнеме дека сме имале среќно детсво, иако со малку пари, пари кои денес најголем дел од народов ги сонува. Ние денес сме жртва на еден увезен вредносен систем, креиран со задача да ги исмее, девалвира и елиминира сите остатоци од некогашната социјалистичка југословенска држава, вклучувајќи ја нашата генерација како претставник на таа ера. Но не треба да се заборави дека токму нас, нашите генерации, не’ искористија во едно најтешко, преодно, воено време, за својата полетна верба да ја истрошиме во местењето на земјата врз новите фундаменти, за кои учевме во од, а брзо потоа да не’ акнат од истата таа земја, како стари, непотребни и смешни. За доброто на нашите деца, пред време направивме место во просторот што требаше да биде и наш, зашто оние насилници и грубијани заинтересирани само за власт и злато, не знаат или не сакаат да изградат простор за сите. Во суровото чистење со нивната бодлива метла, нас, мојата генерација, не’ шутнаа како неспособен вишок, како стечајна маса, како комуњарска багра, за стеснетото место да го пополнат со денешните деца, од кои со брилијантна расипаност и безочност создаваат свои замолчани робови.

Увезениот вредносен систем ја претвори мојата генерација во жртва на силна општествена дискриминација. Прво по возраст (старци!), а потоа и заради нејзиното минато (Титови пионери за мајтап!). Кога зборуваат за возраста, намерата е да се потенцира ригидноста на ставовите за општествениот живот што си доаѓаат со годините. Кога зборуваат за ју-младоста, сакаат да поентираат на ретроградните спреги што го обликувале нашиот начин на размислување. Истуркувајќи не’ од најважните текови и движења, и маргинализирајќи ги нашите капацитети, ги зазедоа најзначајните простори - просторот на ресурсите и просторот на одлуките. Мојата генерација е замолчана бидејќи, реално, денешните одлуки треба да се носат врз основа на постулати што таа ги сметала за погубни и штетни: неправда, нееднаквост, експлоатација и елитизам. Не негирам дека во друштвото на оние кои ја вршат маргинализацијата на мојата генерација има и наши врсници. Но тоа се оние кои по душа отсекогаш биле флеки, сме ги бркале од друштво и сме ги сметале за мивки, а денес, откако сменија по неколку партиски значки, пак се на првите лукративни линии, веќе години со ред. Треба младите да ја изгледаат серијата и да ја разберат таа трагедија на мојата излажана генерација.

И најважното што никогаш не си го разјаснив. Зошто овие млади денес, кои на нас гледаат како на безвреден музејски експонат, се трескаат на ју-музиката баш од наше време? Зошто ние, мојата генерација, кога се собираме, и ден-денес слушаме нешто сосема друго? Зошто во мојата фонотека немам винил плочи со југословенска музика, туку останале Пинк Флојд, Битлси и џез рок? Зошто кога од комшилукот ечат Бора Чорба или Бајага јас не знам ниеден стих, ниеден збор, а голобради деца пеат течно, без грешка, дури песната не заврши? Ги копка ли мистиката на тоа накажано време, ги скокотка ли тајната на нашата некогашна надеж? И, за мене најнејасното: која вампирска рака ги набута овие деца под гнасниот превез на културата на разни Цеци и Аци, за кои мојата, назадна генерација нели, имаше само чувство на одвратност и презир? Кој е тој феномен на создавање вака конфузен амбиент, полн со контрадикции и парадокси?

Пред неколку години престојував во една од централноевропските земји со комунистичко минато, Чешка. Ја знаеме нејзината трансформација од диктатура во парламентарна демократија. Го посакуваме нејзиниот транзициски развоен пат. Мојата задача беше да работам со стручен чешки тим на еден меѓународен проект. Со тимот раководеше човек, нешто постар од мене, извонредно искусен и образуван. Разговаравме една вечер на оваа тема - прашањето на нашата генерација во транзицијата. Ми зборуваше за судбината на неговите средношколски и универзитетски колеги. „Секој си го најде своето место“, рече. „Претприемчивите се во бизнисот. Интелектуалците останаа на универзитет. Вредните, но поповлечени пријатели, се на чиновнички места во администрацијата или компаниите. Инженерите си останаа во производството. Младите многу научија од нас за системите, организациите, за нашиот економски менталитет, а сега постапно ги заземаат извршните функции. Имаме одлична млада елита која ќе не’ замени, на наше задоволство.“ Седев со мојот колега, чија младост поминала во многу пострашно комунистичко опкружување од моето, пијуцкавме добро чешко пиво и си муабетевме. На масата почнаа да доаѓаат неговите помлади колеги. Да, по долгиот работен ден ние двајца не бевме расположени за диско. Но пред да заминат да се забавуваат, младите членови на тимот поседеа со нас, разменија со својот шеф мислења за утрешните задачи, пивнаа по една пијачка и ни’ вдахнаа од нивната енергија. Ја регистрирав почитта на младите умни соработници во проектот кон нивниот постар колега. Ја препознав и неговата гордост со тие млади луѓе, со кои заеднички повторно е на пат да заокружи уште еден успешен проект.                      
                                        
         

8/23/2012

Време е за македонска Сириза

Денес начув муабет дека, сепак, и покрај претходните негирања, се подготвува нова параметарска реформа на пензискиот систем. Наводно, старосната граница за стекнување право на пензионирање ќе се покачи за две до три години. Кај мажите, тоа право би се стекнувало дури на 66 или 67 години; кај жените, на 64 или 65. Сакам да верувам дека ова е само лоша гласина. Но, кога ќе ги земам предвид сите удари што оваа влада му ги нанесе на пензискиот систем во овие шест години, воопшто не би ме изненадила уште една жешка шлаканица. Владата, имено, со намалување на стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување што се плаќа за секој осигуреник, прво го скастри приливот на средства во системот . Тој потег беше квалификуван како мерка за подобрување на бизнис климата во земјата. Владата, имено, преку намалување на финансиските обврски на бизнисите кон државата, односно кон вработените, сакаше да им ги намали трошоците од работењето. Се разбира, реалниот сектор беше одушевен од мерката, но пензискиот фонд многу ослабна. Потоа, и покрај тоа што го намали приливот на средства во системот, Владата ги почна операциите на повремени покачувања на пензиите на постојните пензионери. Треба да се спомне дека, при тоа, не беше запазен фер и еднаков третман кон сите пензионери, туку поголеми покачувања добија оние со пониски пензии. Беше извршен удар и врз приватниот пензиски столб, во кој, исто така, беше снижен процентот од придонесот што се префрла на приватните сметки на осигурениците, така што калкулациите за нивните идни пензии правени пред 7 години сега паѓаат во вода. Да не зборуваме за тоа што со ред други измени на законската регулатива во областа на пензиите, на идните пензионери уште од сега им е депривирана приходната страна. Последната белја е направена летово, кога на пензиските друштва им се наложи наместо во евро обврзници (кои носат камата од 7,5 проценти), средствата од приватните фондови да мораат да ги вложуваат во домашни оврзници (камата од 5,5 проценти). Типично за (неправни) држави со подиспразнета каса, кои веднаш се полакомуваат по приватните средства на пензиските осигуреници.

Претпоставувам дека кога ги правела резовите во пензискиот систем, Владата се надевала дека (наивно) очекуваниот развоен циклус ќе резултира во нови вработувања, од кои пензиската каса ќе почне поинтензивно да се полни. Но бидејќи владината економска програма, 
што од објективни, што од субјективни причини, резултираше во фијаско, проблемите во пензискиот систем веќе нема да може лесно да се санираат. Дупките што Владата ги предизвика во системот, таа до сега ги покриваше со средства од буџетот. Тоа се некаде околу 25 милиони евра годишно, барем такви информации добиваме преку медиумите. Очигледно е дојден момент кога тие пари веќе недостасуваат за сегашните пензионери, а ич да не отвораме прогнози за она што ќе им се случува на осигурениците кои денес имаат по 30, 35 или 40 години. Тешко ним. Ги советувам да си штедат уште од млади, за еден ден да не бидат питачи.

Очекувам дека кога ќе почне да се промовира мерката за зголемување на старосната граница за пензионирање, ќе се обидат да ни’ ги продаваат приказните за Англија, Холандија и други земји, во кои луѓето работат до подоцна во животот. Срамно и саркастично ќе биде овој пресиромав народ да го компарираат со било која западна земја. Квалитетот на живот што тие луѓе го имаат заради нивните високи примања е неспоредлив со оној на нашиот беден работник. Погледнете, на пример, како изгледа една Холанѓанка на 65 години, па споредете ја со нашите измачени жени на истата возраст. Македонската жена, ако е вработена, по осумчасовното работно време продолжува со нова аргатска смена, дома, каде сето она што не може да си го дозволи со платата од 100, 200 или 300 евра, мора да го произведе со многу
 физичка работа и папсување. Затоа се гадам од тие мизерни споредби на нашиот со западниот работник.

Пензиската сфера, како една од најсуптилните социјални компоненти на државата, е територија во која владите тешко одлучуваат да чепнат. Од познати демографски причини, пензиските системи во целиот свет се многу кревки. Но политичарите внимаваат што прават зашто сите истражувања на јавното мислење сугерираат дека кастрењата во пензиските системи лесно водат до паѓање на владите. Масовните штрајкови во Италија, Франција и некои други европски држави, кои се организираа како одговор на најавените пензиски реформи, многу добро го покажуваат тоа.

Македонските граѓани се најсиромашни во Европа. Слушам, пак брбљаат за избори. Е, ова е веќе за АМАН. Знаете зошто? Затоа што додека не видам некоја наша Сириза да излезе храбро на политичката сцена, нема оправање на работите. Ова е време кога ни’ е потребна цврста лева платформа, која ќе му се спротивстави на овој брутален облик на капитализам, во кој единствена жртва е сиромашниот работник. На Македонија и’ треба навистина многу малку за да се одлепи од принципите на економската неправда: една Сириза и барем десет поштени, ама стварно поштени луѓе. Толку.         
            

Кога архитектите се слободни...

Секогаш ме интересирала архитектурата. Аматерски, секако. Да ги имав неопходните таленти, без двоумење ќе ја одберев таа професија. Потрошив многу во животот на списанија од оваа област, а сега сум му благодарна на Интернетот што ми овозможи заштеда, а многу уживање. На овие тропски температури, често си сурфам за да видам што се гради, какви се трендовите. И секогаш ми се случува истото: да се восхитувам на слободата на светските архитекти. Тогаш кога се футуристи; кога дизајнот им е пред функцијата; тогаш кога се пресериозни, ама и кога се зезаат.

Откако во периодот на независноста Скопје почна да се гради без вкус, норма, ред и поредок, се’ повеќе ги истражувам светските градови. Денес пак малку читав во оваа област. По вруќинава не се занимавам со споредби, ни со критики, ама решив нешто од виденото да претставам на блогов. Некои од проектите/објектите што ги прикажувам подолу  се нови, некои постари, ама кај секој од нив препознав по малку од се’: имагинација, оригиналност, следење на трендови, шега. Нашите архитекти сигурно имаат многу повеќе информации и аналитички знаења за сите нив.

Урбан кактус, резиденцијален објект на 19 ката што никнува на самото пристаниште на Ротердам, Холандија. Зградата е замислена како „зелен и сончев одговор“ на острата холандска клима, со разиграни фасадни кривини и целосна отвореност кон просторот за да овозможи што повеќе светлина во ентериерот. Има 98 станови и комерцијален дел.
  


Четири вили со градина
на покрив на трговски центар во Ханан, Кина. Објектот е пуштен во употреба летово и го следи масовно прифатениот тренд во Кина (одамна и во светот) за вметнување кровни градини на постојните или новите згради. Иако изгледаат како куќи за домување, вилите ќе бидат користени како деловни простории за вработените во трговскиот центар.


Хабитат 67
, резиденцијален комплекс во Монтреал, Канада, проектиран за Светската изложба Експо 67, значи пред 45 години. Во тоа време на ослободување на умот, архитектите го создале ова ремек дело на дизајнот и урбанизмот, кое денес претставува дом на околу 200 домаќинства.


Павиљон Арагон
, Сарагоза, Шпанија, изграден за Светската изложба Експо 2008. По завршувањето на изложбата, објектот останал во рацете на државата и во него е сместен дел од јавната администрација на регионот на Сарагоза.


Зграда-кошница, седиште на компанијата Лонгабергер, производител на дрвени кошници за секакви намени, Њуарк, Охајо, САД. Идејата за изградба на деловна зграда во облик на кошница  е на сопственикот на компанијата. Од 1997, кога компанијата се вселила во објектот, зградата-кошница прераснала во своевиден музеј, така што илјадници туристи доаѓаат во Њуарк само за да го посетат ова интересно место, отворено за посетители.

   

8/22/2012

За спомен на мајка ми




Нежност моја,
таго моја,
моја сетна душичке,
моја скришна ѕвездичке,
моја среќо одлетана,
моја љубов нестивната.

Милност моја,
кроткост моја,
моја страдна гулабице,
моја тивка кралице,
моја болка натежната,
моја сила свената.

Радост моја,
храброст моја,
моја чувар планино,
моја солзо непресушна, 
мое гнездо оставено, 
мое лето оладено,
мое око ослепено.


2007 - 2012      






8/21/2012

Богатите деца на Инстаграм

Насловот на овој пост е, всушност, наслов на еден од најновите и најпопуларни
американски блогови во моментов (Rich Kids of Instagram). Блогот не е ништо друго, туку колекција од фотографии на децатата на најбогатите, кои тие самите ги постираат за да го прикажат луксузот на својот животен патерн и, со тоа, да ја потенцираат дистанцираноста од светот на обичните луѓе. Богата дечурлија што вози Бентли, разголена ужива на фасцинантно убави јахти, пие Дом Перињон, поаѓа на пат со приватните џетови на своите родители, ужива по плажи на најскапите карипски рисорти, користи златни ајфони - сето тоа ја претставува содржината на блогот. Има и многу перверзии, на пример фотографија на фискална сметка од кафе-бар на плажа во Сен Тропе, на која е прикажан цехот во износ од 107.524 евра што го платило некое од богаташчињата. Меѓу ставките од фискалната сметка, доминираат сумите платени за скапите вина, шампањот и кавијарот во кои уживал младиот среќен гостин, сам или со своето друштво. Има фотографии и од неколку пати повисоки фискални сметки, што од шопинг, што од други ќефови, па фотографии од Ролексите, Картие накитот, Поршеата, Ролс-Ројсите на овие деца, и што уште не. Сите фотографии блогот ги врамува во златни рамки, како што и’ доликува на оваа општествена класа, и на самиот концепт на Инстаграм.

Блогот ги распали страстите на младината. Сопственикот на блогот е анонимен, но во некоја електронска комуникација со новинар кој побарал контакт, изјавил/а дека идејата за блогот се покажала како феноменална, но, и покрај тоа, ќе се опстои на анонимност. Е сега, интересна е реакцијата на одговорната јавност. Таа не ја критикува преголемата доза расипнички егзибиционизам на младата супер богата елита, туку изразува загриженост за безбедноста на овие деца. Откривајќи каде летуваат и се забавуваат, тие стануваат лесна потенцијална жртва на криминалците, загрижени се надлежните.

Сопственикот на блогот во својата електронска изјава изнел податок дека според популарноста на објавените фотографии, води онаа на позлатениот АК-47, автоматска пушка од фамилијата/брендот Калашников. На фотографијата, оружјето е прикажано како отмено лежи покрај колекцијата од други скапи асесоари, како часовници, очила за сонце, златни телефонски слушалки и слични зафрканции.

На порталите на големите медиумски мрежи кои објавиле содржини поврзани со блогот, може да се прочитаат секакви коментари, од реакции на возбудени и восхитени млади луѓе, преку кулирани хипстерски индигнации, до скандализирани одеци на загрижени родители. Се разбира, огромен е бројот на реакции што целата приказна ја ставаат во вистинскиот, социјален контекст.                  

8/20/2012

Убавата Северна Европа

Да се достигне колку што е можно поголема социјална праведност во општеството претставува срж на хуманизмот, и една од виталните цели на левите политички партии и движења. Во најширока смисла, како социјално (по)праведни општества се сметаат оние во кои вкупниот општествен систем и неговите подсистеми, вклучувајќи ги вредносните, се градат доминантно врз принципите на еднаквост, солидарност и почитување на човечките права. Еднаквоста, при тоа, означува еднаков пристап на сите поединци во општеството (без оглед на нивната класна, расна, полова, итн. припадност) до погодностите што ги нуди системот. Во суштината на солидарноста лежат заедништвото и споделувањето на целите, интересите и стандардите меѓу сите членови на општествената заедница. Почитувањето на човечките права значи дека се гарантира демократијата, односно можноста за нејзино контролирање. Различните пристапи кон дефинирањето и разбирањето на социјалната праведност резултираат во фокусирање врз, исто така, различни критериуми, кои се сметаат за рефлективни во контекст на социјалната праведност.

Во Организацијата за економска соработка и развој, ОЕЦД, денес членуваат 34 најразвиени земји од светот. Меѓу нив, за потсетување, веќе се наоѓаат и 
шест пост-комунистички земји, и тоа Полска, Унгарија, Чешка, Словачка, Естонија и Словенија. Група експерти на ОЕЦД ја анализираат социјалната праведност меѓу нејзините земји - членки врз основа на пет глобални индикатори: превенција на сиромаштијата; пристап до образование;вклученост во пазарот на труд; социјална кохезија и недискриминација; здравство, и меѓугенерациска праведност. Секој од овие индикатори е композит од серија подиндикатори. На пример, индикаторот превенција на сиромаштијата ги вклучува подиндикаторите стапка на сиромаштија, сиромаштија кај детската популација, и сиромаштија кај возрасното население. Или, индикаторот социјална кохезија и недискриминација се пресметува врз основа на подиндикаторите политики за социјална инклузија, коефициентот Џини (кој ја покажува рамномерноста на дистрибуцијата на доходот меѓу поединците или домаќинствата во една земја), политиките за недискриминација, родовата (не)еднаквост кај доходот, и интегративните политики, итн.

Според податоците за 31 земја од ОЕЦД за 2011 година, групата социјално најправедни ја сочинуваат северно-европските/нордиските земји, на чело со Исланд, а по него и Норвешка, Шведска, Данска, Финска и Холандија. Интересно е што д
ури и по стравичниот шок што ја потресе земјата во текот на финансиската криза од 2007/2008, Исланд ја задржа позицијата на лидер во социјална праведност. На дното на листата е Турција, а во таа група на најмалку социјално праведни влегуваат и Мексико, Чиле, Грција, САД и Шпанија. „Златната“ средина на листата ја сочинуваат Германија, Обединетото Кралство, Белгија, Унгарија, Ирска и Италија. Пост-комунистичките земји, како и Канада, Австралија и Нов Зеланд, гравитираат кон средните вредности на индексот на социјална праведност.

Според стручњаците на ОЕЦД, социјалната праведност помалку зависи од компензациите што поединецот ги добива во случај на социјална исклученост, отколку од инвестициите што државата ги презема за негово социјално вклучување. 
Концептот на праведност, сметаат во ОЕЦД, значи дека на секој поединец му се гарантираат целосно еднакви права за самореализација, и тоа преку таргетирано инвестирање во развој на неговите лични капацитети. Изградбата на одржлива социјална пазарна економија, способна да ги комбинира пазарната ефикасност и социјалната праведност, бара силна држава, водена од луѓе кои социјалната праведност ја сфаќаат како начин за отворање на можности за партиципација.                                     

            

8/15/2012

Европа на економски крстопат

Минатиот месец беа објавени резултатите од истражувањето на американскиот економист Џејмс Хенри што тој го правел за Tax Justice Network, а во тесна врска со последиците на глобалната финансиска криза. Хенри вели дека со повлекување на најмалку 21 илјада милијарди долари од светскиот финансиски систем, друштвото на милијардерите, банкарите и политичарите од и околу Билдербершката група и семејствата Рокфелер и Ротшилд, намерно ја предизвикале глобалната финансиска криза. Тие пари биле префрлани на приватни оф-шор сметки и, се разбира, никогаш не биле оданочени. Легнувале во филијалите на најголемите банки, истите оние финансиски џинови кои, откако ја букнаа кризата, беа наградени со најголема државна помош за санација. На пример, банката Голдман Сакс (Goldman Sachs), за која, патем, дознавме дека во 2002 година била главен советник на грчката влада за филување на цифрите за состојбите на грчката економија за Грција да може да влезе во евро зоната, управувала со околу 840 милијарди од овие оф-шор пари. За нејзина санација во текот на финансиската криза и’ биле доделени 10 милијарди долари од државата. Или банката ЏП Морган Чејс (JP Morgan Chase), вториот финансиски советник на Грција во 2002, која чува околу 300 милијарди од оф-шор парите на одбраното друштво, е санирана со 25 милијарди долари од државата. Листата на вакви повластени банки е прилично долга, а застрашувачките цифри одамна се вртат по финансиските магазини и портали.

Милијардерската дружина, изнесувајќи ги овие баснословни суми од светскиот финансиски систем, предизвикала катастрофален удар врз паричните текови. Потоа, како што е познато, државите (најмногу САД) вложија билиони (тоа се илјадници милијарди) долари за опоравување на банките на дружината, за тие повторно да можат да издаваат кредити и да заглавуваат нови луѓе и бизниси. Политичарите кои ги донесоа одлуките за помош на овие банки веројатно се дебело наградени и доживотно луксузно обезбедени. На другата страна, страната на народот од чии давачки беа исплаќани овие фантастични суми, извршните решенија за наплата на хипотеките оставија милиони луѓе без домови, а од стопанството, кое почна да тоне заради намалената побарувачка, уште други милиони луѓе беа отпуштени од работа. Така, сиромаштијата почна да се шири и низ западната цивилизација а, како што гледаме, банките ја зацврстуваат својата позиција на господари на животите на луѓето и во
Европа, која до скоро важеше за далеку поправедна средина од онаа на САД.
 

Во својата последна книга, Богови на парите (Gods of Money), Вилијам Енгдал, неустрашивиот независен публицист и аналитичар на корените и развојот на неолибералната тиранија, ја испишува хрониката на преземањето на управувањето со светот од страна на глобалните финансиски империјалисти со седиште на Вол Стрит, Вашингтон и во Лондонскиот Сити. Разоткривајќи ги мрачните сценарија 
на финансиските господари за владеење со светот, тој ја објаснува суштината на тоталитарната демократија на новиот светски поредок и на, како што вели, финансискиот тероризам. Енгдал, исто така, директно ги обвинува најголемите американски банки, особено Голдман Сакс и ЏП Морган Чејс, дека смислено учествувале во грчката измама кон ЕУ со цел, подметнувајќи и’ на евро зоната презадолжена земја, да ја уништат иднината на заедничката европска валута. Тој тивко ја советува Европската Унија да се пренасочи кон зајакнување на евроазиската економска целина наместо да го одржува сега веќе климавиот брак со САД бидејќи е дојден крајот на тнр. американски век. САД, како презадолжена земја без индустрија, излезот ќе го бара во префрлање на своите долгови врз други економии преку операции, осмислувани од финансиските магнати и шпекуланти. Затоа, ако остане врзана за САД, вели Енгдал, Европа долгорочно ќе се вовлече во трикот трајно да ги споделува бељите што ќе и’ ги носи огромниот долг на САД. Во битката со боговите на парите, при тоа, Европа, како економски далеку понаивна, секако ќе излезе поразена, односно целосно осиромашена.

Енгдал, како и голем број други аналитичари, ја потенцира важноста на индустриското производство за опстанок во новиот век. Се покажа, имено, и во реалноста дека ударот на глобалната рецесија (депресија) најмалку го почувствуваа земјите со развиени индустрии, како Германија, на пример, и неколку други европски земји. Најмногу страдаат земјите во кои финансискиот сектор беше срцевина на економијата, или оние во кои хиперконзумеризмот доведе до најголеми задолжувања. Дојдено е време индустријата и производството да бидат вратени на својот некогашен пиедестал, како единствена паметна одбрана од заверите на финансиските терористички кругови. Европа го може тоа, убеден е Енгдал, затоа што нејзината производствена база е сеуште силна. Таа произведува современи технологии што ги бараат пазарите на Русија и Азија, кои, патем, имаат огромна апсорпциска моќ. Интересот е еднаков и на руско-кинеската страна, за што сведочат податоците за меѓусебната трговска размена. Од минатата година, Кина е најголем трговски партнер на Европа, а за Европа - Кина е вториот по големина трговски партнер. Својата „добра волја“ кон Европа, Кина ја демонстрира и преку намерното намалување на извозот кон Унијата во некои периоди, за истовремено зголемување на увозот оттаму, намалувајќи го, со тоа, надворешно-трговскиот дефицит на Европа.

Европа пушта сигнали дека и нејзиното размислување не е многу различно од она на Енгдал. Прашање е дали одлуките за нејзината економска соработка ќе бидат носени под притисок на економската логика или под диктат на финансиската олигархија, дебело поврзана со Вол Стрит.

                       
                       



   

8/13/2012

Крајот на Олимпијадата

Совршено! Такви беа трите часа на церемонијалното затворање на Летните олимписки игри во Лондон синоќа. Англичаните подготвиле фантастичен сценско-музички хепенинг, подобар од сите журки на отворено, и од сите фестивалски претстави било каде во светот. За организирање на завршната вечер, тие не се натпреваруваа со Кинезите, кои пред четири години во таа пригода ја потсетија планетата дека нивното време допрва доаѓа, потенцирајќи го тоа не само со перфектната, геометриски прецизна уиграност на актерите во програмата, туку и со нагласеното хендлање со можностите што ги пружаат новите технологии. Англичаните одбрале сосема поинаков пристап: весел, динамичен и нездодевен мјузикл, во кој, како по бесконечна лента, се нижеа приказните од најкаректеристичните парчиња од богатата британска историја и уметност. И покрај употребата на највпечатливи технолошки ефекти, публиката во тоа не препозна кочоперење на Британците со моќта на својата држава, туку талент за осмислување на фантастично шоу со чувство за раскошна карневалска естетика.

Музиката го даде најсилниот печат на ова шоу и направи уживањето да биде незаборавно. Имавме единствена можност да ги видиме и слушнеме легендите на британскиот рок и поп - нашите безвременски идоли, кои не’ наежија со прекрасни делови од своите евергрин портфолија. Светот се потсети дека земјата-домаќин е мајката на најинтензивните правци на музиката на новото време, а дека и младите ѕвезди еднакво огнено умеат да создадат уникатна, ритмички податлива аудиовизуелна атмосфера. Мене лично, финишот ми ја донаполни душата, кога моите омилени Take That (без Роби, штета) со своето феноменално четиригласје ме разнежнија до коска.

Домаќините не пропуштија да внесат симпатична доза британски хумор во целата приказна. Не пропуштија ни фраерски да обезбедат прекрасна вузуелизација преку ласерски трикови, масовни сцени и многу огномет. На моменти, се’ наликуваше на еден прекрасен, огромен циркус, парада на младост, ритам и убавина. Но тоа не беше кич. Тоа беше урнебесна денс забава за сите генерации, раси и вери, во која видливо се забавуваа сите олимпијци и преполниот стадион. Џентлменски, на крајот на журката, штафетата им беше предадена на Бразилците, кои веќе не’ внесуваат во новата ера на самбата што ни’ ја навестува наредната Олимпијада. Каква ли само забава ќе видиме во Рио за четири години?  

                            

8/12/2012

Неделно утро во мојот кварт

И утрово, најслаткиот сон ми го скрши силен мирис на пржен кромид од соседната тераса, на која нејзините сопственици практикуваат да ги прават сите работи од кои може да засмрди нивниот дом. Во зима, на пример, тоа се ритуалите на точење зелка ставена во расол, и варењето шкембе чорба со саати; од јули до октомври се пече пипер и се вари салца, а во текот на целата година повремено се распафтува скара, па сите во квартот имаме чувство дека и кај нас отвориле Дестан. Според одамна извежбаната рутина, како месечарка потрчав да ги затворам сите прозорци и врати, при тоа опцув гласно два-три пати сочно за да ме слушнат, кога веќе со години ги игнорираат моите молби да престанат со таа кретенска навика да ми го полнат домот со смрад. Колку што ми е познато, единствена сум од соседството која влегла во расправија со овие дибек-створови. Останатите си молчат, не се замеруваат, па сто пати сум се прашала дали ним ова воопшто ми пречи. Се разбира, не ги поздравувам дибеците кога случајно ги сретнувам на улица, свесна дека со тоа им ги јакнам инаетот и трансот што го доживуваат кога знаат дека вријам. Значи, морав да станам во седум, наместо, како секој нормален во недела, да си поленчарам барем уште малку.

Знаете ли што е Доплеров ефект? Тоа е, кога во седум и пол утрово, додека го пиев кафето на страната од станот што не беше загрозена од пржењето на кромидот, од далечина почна да стасува зарипнатиот глас на Старо-купуем-старо, кој, туркајќи го пред себе каллосаното моторче со приколка, подзастануваше пред секоја зграда, завивајќи неуморно како волк под месечина, се’ додека не се увери дека никој не го зафермува. Како што ликот се приближуваше, така гласот стануваше се’ посилен. Најсилен беше кога се дереше под мојот прозорец, минута-две, а потоа постепено се губеше во далечината на градот, до целосно исчезнување.

Во осум, еден бел пик-ап дрско се проби низ столпчињата во тревникот, кои пред некое време беа поставени за да стават до знаење дека влезот за возила тука е забранет. Со неколку вешти маневри, возачот ја тупоса колата пред влезот на зградата, триумфално со едната нога подизлезе од неа, свирна едно пет-шест пати со сирената, па од некаде дотрчаа неколку разгаќени типови, кои од пик-апот почнаа да вадат термопан прозорци и врати, и разен алат. Бргу потоа, почна да ечи наоколу од мавањето со чеканите и од продорниот звук на бор машината. Се слушна како некое бебе почна да плаче, и гласот на мајката како се обидува да го смири.

Во единаесет, паркчето почна да се полни со машкиот дел од комшилукот, истеран од дома за жените да си фатат работа. Не ми треба телевизија. Се’ си разбрав од муабетот. Земјотрес во Иран. ЕВН и Топлификација - да идат у п.м. Грујо да ти бил на одмор у Фетие. Бранко у Далмација. Џафери ептен бил неарен. Грчка била готова. Ама, кога дојдоа до лустрацијата, почна кавгата. Еден пензиониран директор се зајаде со синот на покојниот писател, си разменија неколку мрсни навреди, останатите се правеа будали, а на крај старецот налутено го напушти друштвото. Останатите, македонска работа, го свртеа муабетот на Олимпијадата и адреналинот почна да стивнува.

Дванаесет. Сонцето, иако денес малку подослабено, ги растерува ретките минувачи од улицата. Чистачите, кои општинскиот градоначалник ги пратил да го соберат сметот насобран во последното деноноќие, поминуваат собирајќи го само она што ептен штрчи, другото не го ни чепнуваат. Паркот се празни, повторно се спуштаат ролетните, а за аутата се бара сенка. Звукот на бор машината и натаму ечи отспротива. На тревникот, најадени и напиени од касапот во блискиот супермаркет, залегнале два песа-скитници. Врз едниот од нив паѓаат првите жолти лисја од околните дрвја, изгорени од сушата. Песот не се помрднува. Станува топло, но сепак одам да отворам промаја зашто мирисот на пржен кромид веќе, белки, го снемало.          

                   

8/10/2012

Ирелевантност на логиката

Сега, само четири години подоцна, веќе е ирелевантно чии се’ споменици продолжуваат да се зариваат по раскопаното средиште на Градот под опсада. Ликовите, кон кои си негувавме сопствена, тивка почит, ама и оние, на чиј помен сме останувале индиферентни, бесни или празни, се инструмент на една свирепа и луда инвазија на просторот што ни’ припаѓаше на сите, и на градот што со години чекаше свеж урбанистички занес. Доблестите или херојствата на дел од овие ликови го губат своето впечатливо место во нашата мемориска перцепција, делумно поради нивното вклопување во еден ентрописки амбиент, а делумно поради нивното впикување во заедничка кошница со ликови чија дубиозност до денес останала доминантна во сеќавањата. Питу Гули, Тоше, Конески или браќата Миладиновци; Тодор Александров, (не)окованиот Прометеј, гемиџиите, Апостолски или Филип - нивното инатливо, безочно и обезвкусено распоредување по тесниот јавен простор го доживуваме како нов и нов убод во нашата потценета, исмеана памет. На виделина јасно излезе мизерно дизајнираната стратегија за пишување нова, конфузна историја на еден молчалив народ, која наликува на множество од неповрзани и, често, дивергентни елементи. Како да се составува приказна, чиј наратор ужива во неприкажувањето на логичен хронолошки след, и која како да сака да стави акцент врз некаква инцидентност на пројавите на било каква повисока свест, бунт, уметнички или интелектуален напор на нашите предци. Затоа, веќе не е навредлив само кичот што го применуваат создателите на мануфактурните споменични производи и зданија, туку уште понавредлива е безобразната стратегија на оние кои менаџираат со сценографијата, режијата и мизансценот на овој нов вид македонски театар.

Но народот, познат по брилијантноста во дисциплините трпење и траење, понизно влезе како статист во масовните кадри на овој филм, во кој се покори пред диктатот за ирелевантноста на фактите за сопствената историчност и духовност, и за немањето потреба од барање причинско-последична поврзаност на настаните со улогата на бројните ликови од минатото во нив. Вчера, на пример, се покажа дека тоа што Тоше не личи на Тоше е поважно од прашањето на логиката за поставувањето на Тоше токму на тој необичен мост. Или, неодамна, се вжешти караницата околу разголените гениталии на атлетски градениот Прометеј, наместо околу логиката за неговото присуство во опустошениот женски парк. Се покажа дека ирелевантноста на логиката владее со колективниот македонски ум, и дека размислата на овој народ преминува во пластелинска молекуларна структура.

Не сум веќе лута што огромни порции од овој народ еуфорично ја прифатија играта на идентификација со макетата, градена со цел да ја долови неговата историска грандиозност. Не сум лута што илјадници ја потиснуваат маката од личната материјална неимотност и духовна празнотија пред новосоздаденото чувство за колективно историско богатство и слава. Но лута сум што Уставот не важи и за нас останатите, кои не мислиме така, а друга земја немаме. Зошто нашиот глас ја нема истата уставна вредност? Зошто ние да немаме право на расудување, право на сеќавање, право на глас, 
право на град? Зошто нашиот отпор бездушно го замолчуваат, а нас не’ бележат со погрдни кованици и пизми? Кои се тие да судат за нашата љубов кон оваа земја, за која создававме предолго, за тие само во еден миг, со еден декрет, да ни’ ги ускратат сите човечки права? Зошто само покорништвото има право на граѓанство, и само климањето со глава право на живот? Зошто различноста стана ерес, и зошто слободата на збор ја погазија со челична чизма? Зошто и од каде толкава омраза и гнев?

Ете, заглупавев, и за момент заборавив на доминацијата на ирелевантноста на логиката во ова македонско совремие. Прашувам глупости, очекувам разбирлив одговор, барам начин да ја одгатнам енигмата, душкам по именикот во мобилниот за да најдам пријател за помош и поткрепа. Меѓу стотиците имиња од азбучникот, барам соговорник кој ќе ми даде логична експликација, толку логична што ќе престанам да прашувам и ќе знам да проценам кога треба да го очекувам крајниот исход на приказнава. Се двоумам дали да му свртам на пријателот, кој веќе од поодамна за време на вечеринките ни’ држи буквици за александровата крв во нашите жили; на архитектот, кој се нафати често, смело и јавно да брифира за нашето потиснато барокно градителство; на мојот омилен сликар, кој пркосно се затвори во своето шарено ателје, во кое со четката ја скротува експлозијата од надојдени бунтовни емоции до мерка што го прави неконтактибилен. Или, сепак, да не се плеткам во ризични работи, да не си ја зголемувам главоболката, да си ја побарам ќерка ми и да ја прашам што сака за ручек. Да си направам манџичка, скромна, посна, летна, да си пуштам турска серија, да си заперам, запеглам, да си дремнам малку по вруќината, да си траам и да чекам луѓево што ја почнале - да си ја довршат работата. Можда баш така е логично.             


                             

8/05/2012

Жолч по патот

Полека се дигнаа завесите. Почна последниот чин на трагичната претстава за конечната поделба на Македонците. И онака веќе поделени, раскарани, зајадени, сега до крај ќе се закрват, за секогаш. Секој со секого. Допрва нема да има шанса за било какво помирување. Никогаш вистинско, никогаш ниту декларативно. Врз пеплосаните урнатини на минатото што постепено го заборававме, сега ќе почнат да течат нови реки македонска крв. Жешка, горчлива и темна, затруена од соковите на надојдената жолч, букната од насилно вратените сеќавања за годините на темнината, за кои мислевме дека се отидени во неповрат. Но, Македонецот не може без себедевастирање, без глодање од соседот, без насладување од туѓата болка. Тоа е негова душевна храна. Тоа слатко ситење врз маките на другиот Македонец е неговиот рецепт за лечење на сопствените фрустрации и омрази. Фрустрациите, тие морничави сили на злото, што од човекот прават ѕвер, а од душата вештер.

Во арената заградена со непробоен ѕид, зад кој некои други наредиле стражари за да си го чуваат европскиот раат, почнува борбата на македонските гладијатори со ѕверовите од истата, одамна црвена македонска почва. Борба до истребување, до смрт, до момент кога едниот се струполува врз сушната земја, со избоден стомак, распрснати црева и ожолчен грклан. Крвавата челуст на другиот, засмрдена од реата на умирањето, и опиена од халуциногеноста на убиствениот опијат, ќе поита по ново месо, ќе трча како здивена меѓу ѕидовите на арената, чекајќи публиката седната во ложата преку скандирање да и’ го покажува патот до новата жртва.

Пуштија абер од Брисел дека ја поздравуваат и охрабруваат премиерата на крвавата македонска претстава. Нека почне. Таа претстава ќе и’ ги скрати маките на Европа од расправиите со малиот балкански ѓавол. Европа него ќе го подбуцне малку, зашто знае дека нему толку му треба. Потоа ќе ги затвори гломазните порти на арената, и ќе остави крвавата претстава да си тече спонтано, зашто спонтаноста е мајката на примитивизмот, спонтаноста е поведение без кочници. Така, македонските ѕверови и гладијатори, пуштени слободно од европскиот синџир кој колку-толку ги држеше зауздани, ќе се насилат еден на друг меѓу ѕидиштата на арената без ехо, напалени од нараснатата омраза, од долгата мечта по одмазда, од изгубената чест. До смртно копрцање.

Колку ли жртви ќе однесе оваа трагична претстава? Колку македонски домови ќе бидат завиткани во црно? На колку старци срцата нема да им ја издржат битката што следи? На колку дечиња ќе им биде внимателно закачена значката на срамот? Колку синови и ќерки ќе се мачат со вкусот на сомнеж во одговорите добиени од нивните распнати татковци или мајки? На колку лица ќе се исцрта гримасата на страст од туѓа несреќа? А најмногу од се’ ме интересира колку среќници ќе куртулат од крвта зашто на време фатиле врски во џелатурата и ги избришале трагите на лошотиите што некогаш самите ги направиле на некои други? Тоа, тоа најмногу ме плаши. Вештачкото бело.

Ми се сони убав, ах, преубав сон. Дека повторно имам дваесет и две, распуштени коси, сила во телото, надеж во главата и спакуван куфер. Дека тргнувам на пат, далечен, во некој друг свет. Во кој својата енергија ќе ја насочам кон себеостварување, во кој пак ќе си ја имам ќерка ми, и во кој утрата нема да почнуваат со тага. Дека тргнувам на пат, по кој нема истурена жолч, по пат кој води до мојот раат.