5/06/2012

Ветувањата на францускиот левичар

Велат дека шансите на кандидатот на социјалистите, Франсоа Оланд, да ги добие претседателските избори во Франција што ќе завршат денес, се прилично големи. Петте години на Никола Саркози беа обележани со неговиот растечки националистички ракурс, и отворениот силен проамериканизам што, инаку, никогаш не бил својствен за француските политичари од највисок ранг. Никола Саркози, и покрај тоа што не ја претставува крајната десница, сепак одигра како експонент на крупниот капитал и следбеник на вредностите на најбруталната економска глобализација. На меѓународен план, тој со време ја фати страната на светскиот газда, придобивајќи ја поддршката на Американците најмногу приклонувајќи се кон милитаристичката политика во однос на Блискиот Исток. За својот евентуален втор мандат уште најавува и поригорозни националистички мерки, со кои најмногу им се заканува на мигрантите и малцинствата. Без никаква обланда, тој ги дели луѓето на Французи и нефранцузи и ветува крај на отвореноста на Франција кон дојденците. Ја има и поддршката на германската канцеларка, можеби клучната личност кога се во прашање одлуките за иднината на Европската Унија. Доминантно десничарската Европа, обременета со проблемите на рецесијата, спасувањето на еврото, растечката невработеност и товарот од милионите белосветски доселеници, веројатно посакува Саркози да остане на чело на Франција и покрај неговиот чуден профил на политичар и, често пати, бизарен и кловновски настап.
 

Во оваа ера на десните, Оланд го презеде ризикот и настапи со дијаметрално различна програма, која се потпира на чисто левичарски лостови. Сепак, за разлика од револуционерните антикапиталистички настапи на радикалната левица  на Жан-Лик Мелоншон, која во првиот круг на изборите освои високи 11 проценти од гласовите, Оланд се држи до курсот на умерен лев центар и најавува некаква хуманизација на државната политика и односите во земјата. Тој зборува за план од 20 милијарди евра инвестиции на државата преку кои би се создале 150.000 работни места во проекти, и други 60.000 во образованието. Наведува дека ќе ги зголеми даноците на приходите на богатите на 75 проценти, и дека ќе им ги укине фискалните повластици што тие ги уживаа во изминатата деценија. Ветува 
достоинствен третман на странците и нивна недискриминација и интегрирање; намалување на примањата на претседателот и пратениците, а и снижување на старосната граница за пензионирање. Доколку Оланд победи, граѓаните кои во Франција живеат подолго од пет години ќе добијат право на глас на локалните избори, а геј двојките ќе стекнат право да стапуваат во брак и да посвојуваат деца. Тој презентираше модел за поттикнување на вработувањето на младите и поддршка на малите и средни компании. Во областа на економијата, тој најавува балансирање на буџетот до 2017 година, а како бисер, Оланд соопшти дека ќе бара ревизија на европскиот договор за фискална дисциплина којшто со судни маки беше изгласан пред два месеци. Со ова, тој ја жртвува можната поддршка од повеќето од неговите европски колеги-политичари, но вели дека нема да отстапи од таквиот план.

Сепак, најголемиот ризик во кампањата Оланд го презеде во моментот кога во еден од драматичните говори пред нацијата емотивно соопшти дека за свој најголем непријател во текот на претседателскиот мандат ќе го смета светот на финансиите. Со жар на вистински социјалист, тој ја опиша моќта на финансискиот сектор како империјална, појаснувајќи дека тоа е така бидејќи критериумите на овој сектор се инсталирани во сите пори на општеството, вклучувајќи и во моралот на општествената контрола. Потенцирајќи ја вината/одговорноста на банките за финансиската и економската криза, Оланд најави долга и тешка борба против шпекулативните операции на банките, пред се’ преку донесување на нов закон за банки. Тој навести дека ќе воведе забрани и рестрикции во сферата на деривативните инструменти, и воведување на високи даноци на финансиските трансакции.

На овој начин, Оланд не само што гласно го изговори она што народот одамна сакаше да го слушне од својот претседател, туку и се обврза на исклучително тешка и, веројатно, неизвесна битка со банкарите во случај да го добие мандатот. Звучејќи како демонстрантите од „Окупирај го Вол Стрит“, Оланд се презентираше како левичар кој ќе ги застапува барањата за социјална правда и како борец против владеењето на корпорациите, особено оние финансиските. Ги сврте против себе капиталот и финансиската олигархија и одигра на се’ или ништо.

Колку и да се пренапумпани политичките говори на кандидатите во текот на изборните кампањи, има работи од кои тие потоа, ако ја добијат власта, едноставно не смеат да бегаат. Ваквото експонирање на Оланд за отпор против неолибералните и
империјални текови го гледаме како срж и главна потпора на неговата економско-социјална платформа, така што тој еден ден нема да смее да ги дезавуира своите ветувања. Тој со ова влегува во кафезот на волците и ќе биде многу интересно да се види дали во тој кафез ќе почнат да му се придружуваат соборци и од каде. Без потценување на важноста на курсот на останатите европски земји, за Европа е сепак клучна насоката за која идната година ќе гласаат Германците. Во секој случај, сакам да верувам дека Оланд ќе опстои во намерата и ќе биде првиот лидер на една голема европска земја, кој ќе го поведе орото на социјални промени на континентот. Да бидам искрена, не сум оптимист дека концептот на социјална праведност може лесно да се реинсталира, но сеуште се надевам дека моментот е погоден за мобилизирање на јадрата чија политичка активност е фундирана токму на ваква идеологија, и дека тие ќе имаат доволно енергија за влез во компликуван дуел со финансиската моќ. Како што во периодот на студената војна „стравот го чуваше лозјето“ и придонесуваше за некаква рамнотежа на глобално рамниште, така и сега, како антипод на неолибералниот модел, ни’ треба силна противтежа која ќе не’ заштити од натамошниот пораст на невработеноста, беспоштедното продлабочување на социјалното раслојување, се’ подлабокото осиромашување и од современото ропство. Посакувам Оланд да ја добие шансата за соочување со ваквото искушение. Но и да ја искористи, а не да потклекне пред лобирањето и жестоките притисоци што секако ќе пристигаат од страната на  капиталот, пазарот, Г-20, или од глобалните финансиски институции. 




                             

No comments:

Post a Comment