5/12/2012

Една фина телевизиска емисија

Нека ми прости оној симпатичнион Саше Политико, ама за телевизиски настан на неделава што изминува ја сметам емисијата „Пулс“ на Ана Јовковска, во која нејзина гостинка беше една од нашите водечки телевизиски новинарки, Оливера Трајковска. Втор гостин во емисијата беше професорот Љубомир Цуцулоски, паметен, смирен и умерен човек кој на емисијата и’ додаде посебна вредност, но во текстов сакам да се позанимавам само со женскиот дел од приказната.

Кога Ана се појави на ТВ екраните пред некоја година, веднаш си помислив: еве ја нашата нова Оливера. Зашто, иако со жанровски различен пристап и фокус, овие две жени ми имаат некаква стилска блискост. Авторскиот жар и инсистирањето на нов вид контемплација (својствен за младоста) кај Ана ме потсеќаат на сличните трагања по сопствен телевизиски израз што ги одбележија почетоците на Оливера. На телевизиската сцена, секоја во своето време, тие внесоа еден посебен рафинман, кој е плод на фина комбинација на женственост, необичност, цивилизираност, пристојност кон соговорниците и префинет јазик. Со допуштена доза на меко кокетирање, тие на својата појава и’ придодаваат и извесен пријатен сексипил. Секоја од нив ја надополнува сликата за себе и преку сосема автентичен и соодветен аутфит. Оливера, со нејзината извонредна смисла за елеганција, стилска ускладеност и одмерена екстраваганција, го потенцира сериозниот карактер на нејзините телевизиски проекти. Ана, пак, оживувајќи ни’ ги сеќавањата за силината на интелектуалните трендови од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век, одбира занимлив ретро, по малку хипи изглед, сличен на оној на американските интелектуалки од филмовите на Вуди Ален. 


Емисијата ги порази чаршиските озборувања за надменоста и суетата на Оливера, и за претенциозноста на Ана. Тој интензивен и длабоко интимен контакт што го воспоставија двете жени, пред се’ како резултат на зрелата одлука на Оливера, ги извади на виделина респектот на помладата домаќинка и суптилната природа на гостинката. Зрелоста на Оливера и’ дозволи без предрасуди да се презентира себе си како сензибилна и ранлива душа, наспроти долгогодишната увереност на аудиториумот дека се работи за ладна и пресметана личност. Но тоа нејзино отворање пред публиката не ја загрози нејзината вредност како личност, туку, напротив, придонесе за откривање на нејзината деликатна емоционална димензија, нешто што му дава посебно значење на местото што го држи во рамките на јавниот простор.


Некои мои пријатели реагираат на комплексноста и, понекогаш, на недоволната јасност на прашањата на Ана. Други се критични кон предолгите интро прашања на Оливера, и на нејзината наводна егоцентричност во емисиите, за сметка на просторот што им го остава на гостите. Признавам дека во неколку наврати и самата имам изустено слични коментари. Но, се работи за две интелигентни жени, кои, бездруго, свесно не интервенираат во тој свој приод. На крајот на краиштата, телевизиските емисии се производи што можеме и не мораме да ги купуваме. Емисиите на Ана и Оливера јас, секако, и натаму ќе ги гледам. Заради автентичноста, културното ниво, и шармот на нивните авторки.
            

No comments:

Post a Comment