5/26/2012

Владата без бели коси

Цехот од тоа што нашите министри се деца, го плаќаме многу скапо. Во иднина, сето ова ќе го плаќаме уште поскапо. Во проклето тешки времиња за Македонија, Груевски едноподруго формира влади што личат на партиски студентски подмладоци, за кои тој цени дека доволно научиле за политиката и управувањето со државата низ обуките и семинарите на Конрад Аденауер Штифтунг. Во изминативе шест години, премиерот го создаде калапот за обликување на македонскиот министер, таа најважна државна работа што по белиот свет ја извршуваат луѓе со озбилни биографии и терет од години, искушенија и одлуки. Наспроти тоа, нашиот министер е дете. Тој е на возраст под 30 години; првото вработување му било некое партиско директорско место во јавно претпријатие или во фантомска фирма на партијата, каде осознал како, отприлика,  изгледа работна средина. Во своето си-ви има десетина присуства на конференции или слични зафрканции организирани од „сестрински“ десничарски организации; физички не личи на шефот, ама со имитирање на неговата гестикулација, јазик и тоналитет на говорот брзо му станува сличен; од очите му блика сјај на обожавање на премиерот; кога говори во јавност, министерот како да одговара на испитни прашања што добро ги набубал пред испит; вештината да изгледа посветено на работата ја има перфектно совладано; по правило, не работи на креирање на подолгорочни политики за својот ресор, туку само остварува проекти од партиската програма. Македонскиот министер најчесто се жени во текот на својот мандат и прави свадба во некој од хотелите на екс-комуњарските олигарси. Од презафатеност, нема време за свадбено патување.

Толку за имиџот на типичниот македонски министер. Никаков печат, никаков посебен придонес за ресорот. 
Во изминативе години, немавме прилика да слушнеме излагање на министер што ќе остане забележано заради силината на неговата политичка стратегија, компетентноста за вршење на функцијата или креативноста на решенијата во динамичниот економски, политички и социјален амбиент. Поради тоа, останува впечатокот за македонскиот министер како за оперативен директор на неговото министерство. И слепиот гледа дека тој работи на команда ентер, издадена од Главниот штаб. Колку пореспонзивен на ентер командата, толку понаградуван од Неговото Височество.

Со таквиот однос, македонскиот министер е аболициониран од одговорноста за најголемиот дел од своите погубни постапки. Народот знае дека одлуките за потезите на македонскиот министер ги носи некој друг, па детето-министер се доживува како невино. А тој другиот - тој е Бог и не греши. Така, под плаштот на таа детска невиност, неказнети остануваат пропаста на здравството, образованието и науката, деградацијата во културата, урбанизмот и транспортот, системската девијантност на полицијата и крахот на дипломатијата. Послушните деца верно ги следат наредбите на својот авторитарен водач и немаат право ослободената мисла да им ги отвори зацементираните хоризонти кон напредокот. Младешката слобода ја жртвуваат за пофалби од главниот центар. По диктат на строгиот татко, послушно го ставаат својот сеуште неразработен потпис на документи, за кои немаат поим какви последици ќе изродат за нашата иднина.

Што оти оние две деца - лепушкастиот Бујар Османи и харизматичниот Никола Тодоров, им се бендисуваат на младите девојки? Па тие двајца појма немаат што оставија зад себе во здравствениот систем. Да беа постари, барем ќе беа минале низ некоја од болестите што, нормално, ги носат годините, некој ишијас или гастритис на пример, па ќе разбереа за што зборуваме вака отстрана, без никој да не’ рецне. Или, што сторија со образованието, кое, ионака, беше кинисало удолу, а сега не може ни да се нарече со тоа име? Го доурнаа, зашто целото нивно разбирање за образовниот систем го темелеа единствено врз сопственото студентско искуство, стекнато по факултетските ходници и училници. Што да кажам за министерката за внатрешни работи? Со кој ли памет се нафати за управување со ресорот, место за кое косата мора да биде барем малку прошарана со бело? Понекогаш се прашувам, овие деца имаат ли мајки да им речат чекај, сине, знаеш ли, воопшто, во што се впушташ?

Ама, не. Сите тие заедно, децата, мајките и татковците, на целата приказна гледаат како на игра. Игра во која лежи животната шанса за лечење на некои стари, само ним познати фрустрации, и за потиснување на некои болни паметења од минатото. Ама сето тоа за сметка на некои други што тие исконски ги мразат, а за кои веруваат дека ќе бидат единствените што ќе ја платат цената. Како да им објасниме дека штетата нема да ја осетат само нашите деца, туку и нивните, колку и да ги нафатирале уште од мали? Како да им објасниме дека богатиот не е среќен ако живее меѓу сиромашни, особено меѓу такви што тој самиот ги осиромашил? Како да им објасниме дека таквата среќа е горчлива, често отровна и гадна?

Го гледам Марио Монти, тој ѓаволски искусен и учен човек, како со својот „побелен“ кабинет се труди да спречи Италија (заболена од беслаците на Берлускони) да се претвори во нова Грција. Ги гледам и кабинетите на Германија, Велика Британија, Франција... ма и владите по Америките, Азија и секаде, како, во голем дел побелени, се борат со предизвиците на новиот светски поредок и траумите од кризата. Ги гледам и се прашувам, толку ли за себе мислиме дека сме неважни, инфериорни и глупи, па земјава ја даваме на деца. Како водењето на земјата да е компјутерска игра, во која старите тешко се снаоѓаат зашто не знаат компјутери или англиски јазик. Не знам.     



                                  

No comments:

Post a Comment