Тоа беше едно од моите први подиректни соочувања со новата (суб)култура која, очигледно, беше фатила замав. Нешто подоцна, кога кабелската телевизија ми овозможи да видам што се случува на полето на ентертеинментот по балканскиве земји, не само што ги препознав креаторите на таа култура, туку и поразено сфатив дека таа веќе го зазела скоро целиот балкански медиумски простор. Една нова, хармонски сиромашна музика, еден нов блештав и дречлив дрес код, една нова навика за нагласена шминка на девојките по дваесет и четири часа на ден, еден малограѓански новобалкански говор, и една нова атмосфера на ефтин паланечки бордел. Со преземање на некои елементи од американската поп сцена, и со нивно трансформирање во корелација со балканскиот вкус, се создаде културна рамка чиј феномен го анализираат социолози и психолози од сите страни.
Во времето за кое зборував, повеќето од нашите телевизии сеуште одржуваа извесна дистанца од тој еклатантен шунд, но постепено, успешниот спој на добро планирани комерцијални алатки на телевизиите и ниско ниво на граѓанска култура на публиката завршија со победа на невкусот. Телевизијата, која за мнозинството претставува единствен извор на информации и допир со културата, но и со вкупниот општествен живот, немилосрдно ги преврте критериумите поврзани со етиката, естетиката и елементарните животни вредности, но и со демократијата, правото и правдата. Чинот на качување на маса стана симбол на слободата, рушењето на табуата, модерноста и независноста. Пинкизацијата, таа комбинација на дречливост, долна конверзација, невкусна и парадна стилска униформираност, пренагласена и вулгарна сексуалност, прерасна во модел на однесување на голем дел од младата, но и на, сега веќе средовечната популација. Тие го интернализираа пинкот во сопствената културна матрица, па продолжија да го шират насекаде преку воспитувањето на сопствените деца, однесувањето во своите работни средини и во своите социјални контакти, инсталирајќи со тоа валкан биртиски кодекс во секој дел од животот. Таа популација бројно преовладува и со нејзината беспоштедна агресивност го потисна и понижи она што некогаш се сметаше за вкусно или нормално. Таа удира со своите боксерски ракавици, ама ракавиците се розови и болката се чини помала.
Таа пинкизирана (јас би рекла - на балкански начин барбикизирана масовна култура, како илузија за совршенството и благосостојбата), изврши влијание врз стандардите во уметноста, архитектурата, голем дел од печатот, маркетингот, корпоративните комуникации и меѓучовечките односи. Носителите на власта се благонаклони кон тој избор, и тоа не е чудно. Бидејќи ова е општество, во кое вредносните системи се сублимат на политички неморал, неказнета корупција, апсолутен непотизам, лесно стекнати милиони, хипокризија, безидентитетност, разнишано образование, партизирано судство, несанкциониран организиран криминал, поткупена државна контрола, мизерно платена работна сила, екстремна сиромаштија и ниско ниво на социјална динамика. Преку телевизиите, тој содомизиран патерн ни’ се презентира како формула за успех, а спонзорството како модел за обезбедување лагоден живот. Значењето на основните лостови на развојот, како науката, технологијата и филозофијата на здравиот разум, се маргинализира. За властите, пинкизацијата е начин преку кој на народот му се ставаат розеви очила за бедата и сивилото да добијат друга, повесела боја.
Во таквите општества на криза на моралот, граѓанскиот активизам за поинаква општествена свест претставува светла точка. Но, секој обид за искрен граѓански активизам се казнува од сите страни. Од „горе“, од бок и од долу му се лепат етикети на комуњарство, „соросоидизам“, западно платеништво и предавништво. Така, тој „пинк“ на нашето секојдневие си го зацврстува правото на граѓанство од прв ред, и ја добива битката со обидите за разоткривање на неговите корени и на профитната суштина на неговата уривачка енергија. Денес, скромноста се квалификува како недостиг на амбиција, имањето скрупули и гордост се третира неспособност, а воздржаноста и срамежливоста како губитништво. Така дојдовме до она што може да се дефинира како неолиберална верзија на балканскиот културен профил.
No comments:
Post a Comment