Балкан. Расцепкан на мали државички, секоја раскарана со соседната; со Византија длабоко вкопана во ткивото, со османлиски печат во видливиот, ама и во малку затскриениот културолошки профил; со измешаност на религии инертни кон модерното, ние, Балканот, сме жртви на двојна осуда. Прва е сопствената осуда. Таа е резултат на нашиот длабок примитивизам, отпорен на промените. Втората е осудата што доаѓа од западот. Таа има корен во европската перцепција за нашата преголема различност од нив. Таа перцепција што зајакна во последниве децении, малки по малку од предрасуда премина во стереотип.
Сите „теории“ за балканската судбина сеуште се во игра и секоја од нив има определена валидност. Теоријата за неспоивоста на католицизмот и протестантството со православието и исламот, односно за антагонизмот меѓу работливоста и јавашлукот, и меѓу одговорноста и забушантството; теоријата за блискоста на голем дел од Балканот со Русија наспроти историската раздвоеност од западот; теоријата за јужњачкиот левантински менталитет и неговата некомпатибилност со европскиот организиран прототип; теоријата за стратешките интереси на Америка на Балканот; теориите за патот на нафтата и излезот на Средоземјето; теориите за Грција како милениче на светските господари и нејзината супериорност во однос на Турција; теориите за потребата од држење на Балканот во состојба на „буре барут“ за Европа постојано да биде на штрек, теориите за џихадот/светата војна и нејзиниот продор во Европа, и ред други... Во секоја од овие „теории“ наоѓаме по некоја неспорна логика зашто историјата, онаа далечната но и поновата, открива штедра понуда на докази. А нели е баш тоа проклетството? Тоа дека за тнр. судбина на Балканот може да се да се набројат толку многу причини, да се исплетат толку многу теории, што геополитички, што културолошки, што бихевиорални? Па кој може да ги изменаџира сите тие заврелени вирови без, при тоа, да се изгори? Оттаму ли, според нашите мерила, недоволната заинтересираност на западот и определбата да одржува извесна дистанца од нас.
Кога бевме Југославија, тој превез од балканска болка на некој начин беше релативизиран заради добрата позиционираност на земјата во однос на двата блока. Новата фаза на балканизација почна во осумдесеттите, кога истокот се распукна под пресија на мртвата економија, а во Југославија замириса барутот. За светот, тогаш повторно станавме Балкан. Но сите бевме под тој чадор, па утеха ни’ беше што во тој бунар никој од нас не е сам. Кога ние, југословенскиот Балкан, се разделивме, дел од нас за миг поверуваа дека патот до Европа ќе биде кус. Но, со време, од Балкан станавме Западен Балкан, некогаш големото балканско друштво почна да се стеснува и во загреаната кошница останавме само мал број. Сега, теориите за балканската судбина се однесуваат само на нас, а нивниот број не престанува да расте. Кога ќе погледнеме со кого останавме во котелот, сакале-нејќеле не’ фаќа меланхолија. Онаква, каква што е меланхолијата после целодневно пиење во зачадена кафеана, кога на фајронт ќе сфатиме дека на масата сме останале само два-тројца, претепани од интоксикацијата.
Во таквата беда, во таа интоксицираност и умор, наместо да добиевме водство што ќе трага по излезот од реата на валканата крчма, ние добивме аздисана тајфа со сосема други планови и цели. Тајфата неуморно и се’ повеќе го згуснува чадот во крчмата, до концентрација кога вратата веќе не се ни гледа.
П.С. Посветено на сите барокни огради на нашите мостови, од кои отмено, како вистински (додуша несреќни) Парижани, ќе можеме еден по еден да се фрламе во Вардар.
No comments:
Post a Comment