4/02/2012

Лустрација, по ново

Сега ќе правеле проширена и надградена лустрација. Ќе проверувале дали олигарсите се збогатиле како награда за евентуална соработка со тајните служби. Ама ќе ги потфатат само старите олигарси. Новите се заштитени со закон. И онака се’ што се случува во земјава по 2006 си е по закон. Но затоа, ние конечно ќе разбереме за какви вреќи пари делени по скопските подруми во деведесеттите зборува главниот уредник на „Дневник“ - еден добро информиран и нетворкиран новинар.

Ама, што ќе имам јас од тоа? Еве, ќе ги дознаеме. Ќе видиме кој кого тужакал кај агентите, и кој колку пари добил за тоа. Еве, нека им го конфискуваат и имотот. Ќе го дадат на управување кај оној Шехтански, него тоа му е работа. Еве, нека ги закачат на Интернет заедно со сите податоци за подарените милиони. Нека им ги пишат децата, снаите, зетовците, тетките и вујковците по име и презиме. Нека им ги објават досиејата заедно со доушничките муабети од збор до збор, па сите да читаме и да се соблазнуваме. Нека ги активираат сите можни механизми за ревизија на приватизацијата, сосе промена на Уставот. Нека им го одземат правото, не само пет години, туку доживотно, да бидат во политиката. Нека им ги обрукаат жените и внуците за на век. Ама што имам јас од тоа?

Добро, ќе бидам сигурна дека никој од олигарсите и нивната потесна околина нема да може да добие државна функција. Па што? Мене ни со олигарси, ни без нив на власт, не ми се менува животот. Ќе им го конфискувале имотот па од неговата продажба ќе се полнел буџетот? Па што? Со тие пари ќе изградат некоја нова фабрика? Ќе ја санираат социјалата? Или така само ќе имаат уште парички за нови тендерчиња, наменети за градење  споменици, и за јавни набавки на коњи, рингишпили, бродови и пајтони. И, се разбира, за нови воспитно-образовни кампањи, од кои до сега чув, на пример, дека и јас сум била Македонија; дека не треба да абортирам; дека знаењето било сила и моќ; дека не сум свинче па да уживам во ѓубре; дека треба да читам повеќе, и некои слични поуки, за кои, да простите, мајка ми ме научи уште пред да наполнам седум години. Е, да, ќе заборавев: ме научија и дека треба да си го ослободам срцето. Сигурно виделе како ми се стега срцето на секое гледање вести, па решиле да ме подучат на автоген тренинг за срцева релаксација за да не им добивам инфаркти, па да му создавам несакани финансиски импликации на министерот за здравство. Кој, еве, решил еден по еден да не’ исклучи од правото на услуги од системот за здравствена заштита. Зошто мислам така? Па зашто на крај приказната ќе заврши гадно. Прв столб во здравството: ако добиеш инфаркт, ќе одиш кај матичниот лекар и тој ќе ти каже дека си доживеал инфаркт. Ефективно лекување на инфарктот имаш во вториот столб. Ама ти не си елиџибл за тој столб. Па ти мисли му ја.

Да се вратам на темата. Значи, конечно ќе ги разобличиме и олигарсите од приватизациското време. Ќе дознаеме која мала група луѓе, покрај соросоидите и по некој уставен судија, ја имала најголемата моќ во тие бурни години. Во ред. Ама, што правиме со новата олигархија? Тоа што ниеден закон не ја фаќа значи ли дека нејзината олигархиска позиција ја правиме вечна? Значи ли дека со најновиов модел на лустрација за секогаш ќе ја зацврстиме новосоздадената олигархија, ослободувајќи ја од нејзината транзициска конкуренција? Значи ли тоа дека овие новиве си ја бетонираат својата позиција со марка бетон илјадарка? Значи ли тоа дека во Македонија навистина доаѓа крајот на историјата, но не во смисла на протежирање на некаква либерална демократија (Фукујама), туку на трајно устоличување на тнр. стварна автократија.

Па ќе прашам уште еднаш: што имам јас од сето тоа? Не сум ни сеирџија, ниту воајер, па отстрана да се насладувам на маките на „старите“ олигарси, ниту сум со конекции до „новите “ олигарси, па да станам дворјанка во нивните тазе изградени барокни палати. А такви како мене се поголемиот број од моите сограѓани. Една забелешка: барем се надевам дека се во поголем број. Па народе, бирај сега кое џаде ќе го фатиш! Ќе прифатиш ли да те вовлечат во нивната битка за меѓусебно истребување, кое има само една цел: правото на располагање со паричните текови, но и на владеење со нашите животи и судбини, да го има само едната од  двете групи? Фаќањето страна значи дека се определуваме кај кои од нив сакаме да бидеме надничари, во чии кафетерии сакаме да трошиме за кафе и мохито, во чии приватни клиники сакаме да се лекуваме, во чии супермаркети да купуваме леб и млеко. Ќе признаеме дека не ни’ пречи да живееме во олигархиско општество, туку само бираме на која од олигархиите ќе и’ се потчиниме. И кај која ќе ги трошиме на шите пари. Нашите малку, премалку пари. И нашата човечка гордост.             


                         

No comments:

Post a Comment