4/06/2012

Дали да се осмелиме?

Рекламните кампањи се користат со намера нивните нарачатели да и’ објаснат на целната публика  зошто, или на кој начин, преземаат активности поврзани со определен производ, услуга, идеја, проблем или појава. Една од најважните цели на рекламните кампањи е да ја подигнат свеста на публиката во врска со предметот на кампањата. Кампањите на компаниите имаат чисто комерцијална цел, додека оние на непрофитниот сектор најчесто се од информативна природа. Рекламните кампањи се, по правило, скапи па се оправдани само ако претставуваат дел од еден интегрален, организиран и сеопфатен напор на нарачателот во врска со предметот на кампањата. Уште поважно, кампањите се оправдани ако нивниот резултат има мерлив аутпут, и тоа во позитивен правец.

Во морето државни реклами кај нас видовме безброј примери за тоа што се’ може да биде предмет на кампања. Примивме стотици пораки за сложени животни прашања, но и такви кои зборуваа за најелементарни услуги на јавната администрација. Некои од владините кампањи беа естетски добро обликувани; некои беа со добар кастинг; некои беа технички убаво обликувани; некои беа наивни; некои бесмислени или неразбирливи, а некои дури и навредливи. Нормално, бидејќи неколкуте агенции што работат на нивната продукција не можат, дури и да се пукнат во вена, да извадат толкава доза на креативност заради пресингот што им го врши владата со барања за нови и нови кампањи.

Особено внимание привлекуваат владините кампањи кои имаат за цел да им го променат животот на луѓето во егзистенцијална смисла. Кога владата го повикува населението да влезе во некаква економска акција, тоа би требало да значи дека граѓанинот кој ќе донесе таква одлука може да очекува соодветна поддршка од државата. Таква, во моментов, е кампањата за поттикнување на претприемништвото. Во заднината на оваа кампања се наоѓа проблемот на високата невработеност во Македонија, како и ниските стапки на економски раст. Интересен е слоганот на кампањата - „Осмели се.....“. Вака дизајнираната кампања упатува на два битни заклучоци.

Прво, дека владата истражила и дошла до заклучок дека ниското ниво на претприемништво во земјава се должи исклучиво на стравот кај луѓето од отпочнување сопствен бизнис. Затоа таа повикува на храброст, прикажувајќи примери, измислени или реални, на претприемачи кои успеале во животот.      

Второ, дека владата смета дека за нашите животни проблеми сме виновни исклучиво ние самите, и тоа поради нашиот кукавичлук, незнаење и мрзеливост. Гледајќи ја кампањата, треба да се почувствуваме засрамени што сме неспособни за еден обичен бизнис.

Но ако погледнеме подлабоко, владата во оваа кампања не нуди никакви аргументи со кои би не’ убедила дека нашиот страв е неоснован. Луѓето би сакале да слушнат, на пример, дека државата усвоила одржлива стратегија за развој на малото стопанство; дека изградила целосна инфраструктура и логистика за развој на малите бизниси; дека на располагање стојат услуги на доволен број бизнис инкубатори; дека е обезбеден полесен пристап до микрокредитни линии, и дека се реализираат добро осмислени проекти за обуки во областа на претприемништвото. Такво нешто не слушнавме. Познато е дека неколку институции и меѓународни донатори се активни (со години) на ова поле, но тоа никако не значи дека постои некаков интегриран пристап кон ова пречувствително прашање.

Она, пак, што луѓето најмногу би сакале да го слушнат е дека пазарот во Македонија е фер, дека приватниот сектор ги има сите економски, правни (и останати) слободи, а дека набавките на јавниот сектор се транспарентни, некоруптивни и чисти. Наместо тоа, луѓето се сведоци дека патот до успешниот бизнис скоро без исклучок води преку политиката и дека тешко ќе помине оној во бизнисот кој нема сајли со партиите на власт.

Владата, исто така, треба да знае дека, статистички, во секоја популација вистински претприемачи се само околу пет проценти од населението, често дури и помалку. Тоа се луѓе од типот на Бил Гејтс или Доналд Трамп, какви во Македонија, поради малата популација, можда никогаш нема ни да се родат. А таквите и не чекаат да бидат охрабрени со кампањи. За сите останати кои, сепак, би биле способни да управуваат со сопствен бизнис, владата треба да обезбеди услови, да помогне во креирање на знаење и да ги отвори институциите за сесрдна помош и поддршка. Нешто слично како подавање рака на дете кое проодува, значи само на почетокот. Но најзначајно, таа треба да не’ убеди дека ја укинува категоријата партиски бизниси. Вака како што е сега, отворањето бизнис може да заврши како убиствен хазард, а народот нема пари за толку скапа коцка.


                   

No comments:

Post a Comment