Почекав да мине лежерната опуштеност од празниците за да се навратам на пораките што по повод „чудото во Свети Димитрија“ ни’ ги упати еден од нашите владици. Владиката Агатангел, имено, коментирајќи го плакнењето на фрескоживописот во оваа скопска црква, ни’ протолкува дека, парафразирам, тоа треба да се сфати како опомена од Бога до македонската опозиција за нејзиниот ерес, и повик за нејзино покајание. Гревот на опозицијата тој го идентификува во тоа што таа ја оддалечила веронауката од школите, ги организирала протестите на младите архитекти против изградбата на црква на плоштадот, како и оние против изградбата на црква на Калето.
Со таа изјава, овој великодостојник на МПЦ во истиот момент се огради и откажа од илјадници припадници на православната вероисповест во Македонија. Отворено застана на страната на државната власт/позицијата и порача дека опозицијата е стасана дотаму што веќе и’ е време да побара прошка од Господа. Тој ја прогласи опозицијата за грешна, имплицитно алудирајќи и заплашувајќи ја со казните Господови што им следуваат на грешниците. Ете, Свети Димитрија, загрижен и вознемирен од неверништвото на македонската опозиција, решил на овој начин, преку свето чудо, да ја повика да си побара спасение.
Се прашувам дали после ова, верниците од опозицијата ќе продолжат да одат во црква. Дали кога ќе одат на венчавка или крштевка ќе треба да донесат потврда од нотар дека не се членови на некоја опозициска партија? Или можда ќе треба да поднесат пусулче од некој овластен поп, со кое тој потврдува дека тие го минале процесот на покајание.
Не ме изненадува тенденцијата црквата се’ повеќе да ги плетка рацете во политиката. Историјата покажува дека врските меѓу религијата и политиката секогаш биле мошне тесни. Таа не’ потсетува дека во периодот до средниот век, но и во некои периоди потоа, религијата често била дури и доминантна во политичкиот живот. Вистински промени во оваа смисла настапиле дури по буржоаската револуција во Европа, со зацврстување на определбата за раздвојување на религискиот (црквата) од политичкиот живот (државата). Сепак и денес, во современите држави, религијата се активира во моменти кога е потребна поддршка на некоја официјална или неофицијална политика; мобилизирање на масите околу некаква идеја или состојба, или обединување на граѓанството по определено чувствително прашање. Некогаш ваквото замешателство знае да заврши со прилично несакани ефекти во контекст на толеранцијата или демократијата. Но, би издвоила и некои примери кои стекнаа атрибут на активности од глобален бенефит, какви што беа некои од оние на претходниот Папа, со кои тој даде силен сопствен прилог кон заложбите за мир во светот и взаемно почитување меѓу различните. Во кревките општества какво што е нашето, со долга традиција на мултиконфесионална кохабитација, би било природно да се очекува Црквата да има токму таква, обединувачка мисија, наместо, како во случајов, директно да влијае врз генерирање на натамошни поделби и раздор, па уште и во рамките на иста конфесија.
Прашањето е зошто Владиката одлучил да и’ се придружи на владеачката партија во анатемисувањето на опозицијата. За власта да биде зајакната во борбата против опозициското зло? Така, сега на терен имаме здружен политичко-црковен поход за уште поефикасно деградирање на неистомислениците. Од една страна, партијата на власт продолжува со беспоштедна пропаганда против припадниците на спротивниот политички блок, а од друга страна, Црквата додава масло на огнот квалификувајќи го тој блок како грешен и пред Бога.
Дали Црквата ќе се огради од исказот на Владиката? Дали Г. Г. Стефан јавно ќе го опомене својот Владика Агатангел за искажаната клевета против огромен дел од православното (но и останато) население во земјава? Дали Архиепископот ќе се одважи на својот владика да му порача дека за ваквиот грев и самиот треба да побара прошка и да се покае? Ајде да видиме.
No comments:
Post a Comment