Кој што сака може да зборува за Васко Ефтов што и да посака. Дека поставува 400 прашања во минута; дека не е задоволен додека од соговорникот не го добие одговорот што нему, на Васко, му бил потребен; дека е добро што неговата емисија „Во центар“ не се прикажува подоцна навечер зашто после нејзиното гледање ќе имате немирен сон...и што уште не. За новинарскиот пристап на Васко најсимпатична шега направи преслаткиот Сашко Коцев (за кого еден ден ќе морам да напишам некој збор), па публиката на „Бубамара“ слатко се изнасмеа уживајќи во вештата имитација на познатиот новинар.
Но, Васко Ефтов е новинар на чиј опус треба да се гледа со должно внимание. Без оглед на неговите, повремено неумерени, третирања на гостите, тој успеа да влезе во кабинетите на највисоки државници и политичари, шефови и чиновници на тајни служби, сегашни и некогашни генерали и други војни заповедници, луѓе со криминална или затворска историја, естрадни ѕвезди, стручњаци во различни области, и многу други. Особено е важен неговиот интерес за расветлување на некои дубиозни елементи од темното минато на нашиов регион и нивното можно влијание врз перспективите на Македонија. Без оглед на тоа дали податоците изнесени во емисиите се целосно кредибилни или не (тоа се, сепак, само искази на луѓе), многу често останува впечатокот дека тоа што го гледаме/слушаме како официјална верзија на настаните не е исто со она што реално (ќе) ни’ се случува (спротивно од фразата wysiwyg). Односно, дека зад големите/значајните политичко-стратешки превирања не стојат официјално презентираните причини, туку други, за обичните граѓани невидливи настани.
Се погоди токму деновиве, кога секоја вечер слушаме за нови и нови насилнички инциденти по автобусите на градскиот сообраќај, во емисијата „Во центар“ да го проследиме разговорот на Ефтов со извесен Југослав Петрушиќ, човек со исклучително авантуристичка, дури и филмска биографија, многу младолик педесетгодишник, од чии сведоштва и тврдења застанува здивот. Неговите видувања како да се многу поврзани токму со најновата безбедносна ситуација во државава. Има ли вистина, или поточно, колку вистина има во самоуверените искази и предвидувања на овој интересен човек во врска со иднината на нашата земја? Во регионален, но и поширок контекст. Особено што се работи за блиската иднина, чии современици сме сите ние.
Не треба да се заборави дека некогаш одамна сличен ефект врз аудиториумот многу често имаше емисијата „Профил“ на еден новинар по име Драган Павловиќ - Латас. Кој има можност, нека ги погледне тие емисии од 1990-те. И тоа беше време на големи бури за нашава земја.
Во центар со Југослав Петрушиќ:
No comments:
Post a Comment