3/06/2012

Пропадна ли надежта за капитализам од европски тип?

Некој да ми кажеше пред дваесет години, кога паѓаше социјализмот, дека во овој, втор милениум, ќе живееме во општетсво на сиромаштија, неправда и експлоатација (дозволена со закон), немаше да верувам. Зошто?

Прво, затоа што социјализмот кај нас „падна“ без присила, без крв, со мирно отстапување на тогашните политички елити и со најава дека државата ќе се гради според моделите на современа Европа. Надеж влеваше и интензивното подмладување на гарнитурите на власта. Клучниот збор тука е младоста. Со исклучок на првата (и со кус век) влада на Кљусев, во која беше доминантно присуството на бели коси во министерските фотелји, во сите останати влади преовладуваа млади политички структури, од кои се очекуваше посилно чувтсво за демократија, политичка одговорност и помодерен пристап кон разбирањето на економските слободи како неопходна претпоставка за градење на општество на благосостојба.


Второ, очекувањето дека Македонија ќе создава европски тип на капитализам (континентален/германски, или скандинавски), претпоставуваше дека водечки вредности околу кои ќе се ангажира вкупната енергија ќе бидат фер пазарот, социјалната правда и праведноста. Ваквото очекување беше темелено на логиката на некаква природна сукцесија или надоврзување на претходниот систем, имено дека треба да се оди кон систем кој ќе ги елиминира причините за неефикасност на економијата и државата (општествена/државна сопственост; еднопартизам), но ќе ги задржи принципите на (колку што е можно поголема) социјална правда, и еднаквост (на можностите) на граѓаните.


Трето, земјава располагаше со солидна база од ресурси (луѓе, индустриска основа, капитал), и беше потребно само вградување на ново знаење за нивно ефикасно искористување, односно нивно преструктуирање во правец на повисок степен на ефикасност/конкурентност.


Тоа беа главните причини за ентузијазмот поврзан со „новото време“. Со таков елан се впуштив и јас (многу активно) во промените, кои набргу станаа познати како процес на транзиција. Денес од овој поим ми се поткрева косата на главата.  Во реалноста, моите очекувања се срушија како кула од карти. Зошто?


Прво, по успешната операција на „белите коси“ за создавање на државата, подмладените гарнитури (а стануваат се’помлади) што до денес се менуваат на секои неколку години успеаја целосно да го променат правецот во кој тргна земјата 1991 година. Чекор по чекор, демократијата беше заменета со диктатура, а во зоната на економските слободи завладеа висок степен на нееднаквост. Правата на граѓаните, работниците, невработените, новородените, селаните, лекарите, наставниците...се предмет на кастинска примена на закони накитени со европско знаменце. За горната каста правдата постои per se, за останатите се применува по наоѓање (ексклузивна демократија). Гарантирани права како да не постојат. Изборната демократија драматично се урива, а отпорот кон градење либерална демократија забрзано се зголемува. Тајните служби и полицијата се над органите на избраната власт.      


Второ, првиот и вториот бран на транзицијата се одвиваа со молскавична брзина, во услови на длабока правна дупка, што неколку стотини неранимајковци (во низа) бесрамно ја користеа за да го разграбаат општественото богатство. Нормално, вака агресивно создадената олигархиска/тајкунска структура не дозволи во државата да се гради европски тип на капитализам (социјална праведност). Неспособна да создава нова вредност со ограбеното богатство, таа своите добивки ги креира единствено преку експлоатација на работниците/потчинетите (мизерни плати, дерогирани трудови права). Сега живееме во држава која се фали со својата слабо платена (до понижување) работна сила. Така денес, наместо европски капитализам, кај нас се зацврстува тнр. корпорациски тип на капитализам, во кој владеат корпорациите, буквално со секој сегмент од општествениот живот. Згора на тоа, во последните години владата е таа која успеа да прерасне во најсилна корпорација, така што диктатурата стана комбинирано политичка и економска. Некој ќе се обиде да ме убедува дека повеќето трендови карактеристични за државава се глобални, но не е така. Во овој процес на осиромашување, Македонија влезе веќе бескрајно сиромашна. Треба да се погледнат статистичките податоци за земјите, па да се зборува со факти. Оние држави кои беа наш младешки сон, европските, едноставно се неспоредливи. По било кој економски или параметар на демократијата. Нејсе, на случајот на Македонија се потврди дека сиромаштијата и демократијата не одат рака под рака. Крај на приказната. 


Трето, сите наши ресурси беа девастирани. Општествениот капитал го снема, долго создаваната капитална база се претвори во сениште, а врз развојот на луѓето/знаењето/вештините се применува практика на обезличување. Принципите на социјална кохезија се погазени, а трендот на создавање на уште, и на нови незаситни олигархии (само преку празнење на, и онака плиткиот џеб на граѓаните) станува загрижувачки. Сега за сега,  не и’ се гледа крајот на оваа бездушна ламја.


Македонија денес е земја на бедни, тажни, уморни и понижени луѓе. Во недостиг на извори за нивна покултивирана инклузија, тие се свртени кон телевизорите, од кои стасуваат збунувачки пораки: едни велат дека живееме во најубавата земја на светот, други не’ плашат со пропаст колку до утре. Едни велат дека нашиот (вграден) архетип на непобедливиот предок Александар ќе не’ одведе по патот кон победите, други ги бројат деновите до целосниот колапс на државата. Збунети, исплашени и гладни, луѓето не случајно бираат да се свртат кон Хурем Султан, Саваш или Али Риза. Јас сум од оние кои мислат дека турските серии се иљач за народот: тие ни’ се доволно културно блиски за да се следат со леснотија, и доволно неидеалистички за да овозможат масовна идентификација. Плус, народот си е прибран по куќите и не прави врева по сокаците. Европа... а што беше тоа?      


Но, не треба да се заборави дека и во оваа калакурница постои една популација што има капацитет/кондиција за се: да оди на работа и во услови на експлоатација; да чита на Интернет за да не за’рѓа; да ги подѕирне турските серии за да биде апдејтирана; и да гради ставови врз основа на многубројни извори. Младата популација. Не треба да се заборави дека енергијата на младите во овој век на информатичка револуција станува несопирлива. Воодушевена сум од брзината и мудроста со која  респектабилни (по обем) групи од млади во земјава преку социјалните мрежи се здружуваат во различни форми на граѓански отпор кон еклатантните општествени патологии. Ме фасцинира демократскиот изблик на оваа генерација, нејзиниот урбан вокабулар, нејзината склоност кон паметно иронизирање на стварноста (некогаш до сарказам) и нејзината независна мисла. Тој цивилен отпор, ако прерасне во легитимна граѓанска партиципација, има шанса да доведе до промени. Но, исто така, не треба да се заборави дека промени му се потребни и на системот. Системот, каков што е денес, и од најдобронамерниот и најчесен млад човек може многу брзо да создаде клон на актуелните ликови од јавниот и политичкиот живот. Зашто системот е поставен на патолошки начин, а патологијата е длабоко вградена во секоја од неговите институции.                                      

No comments:

Post a Comment