3/27/2012

Грешиме или не - ќе покаже времето

Некој од славните германски писатели, чинам дека беше Ремарк, беше изрекол една интересна мисла што често ми доаѓа на памет. На неа се навраќав од време на време додека растеше ќерка ми, особено во моменти кога ќе се најдев во ситуација во која не знаев дали коректно постапувам како мајка. Писателот вели отприлика вака: дури тогаш кога ќе видите какви ви се внуците, ќе можете да процените дали добро сте ги воспитале своите деца. Сеуште немам внуци, па сум љубопитна пред тестот што еден ден ќе ми го направи животот.

На кои вредности да ги учиме нашите деца? По кој ранг на важност да им ги претставиме животните приоритети? Која вредност е најбитна? Чесноста, работливоста, добрите манири и искреноста? Или снаодливоста, дрскоста и бескомпромисноста? Дали е поважно децата да се однесуваат соодветно на вашите критериуми, или на критериумите што се воспоставуваат во општественото опкружување? И што да се прави ако вашето опкружување поддржува системи на однесување различни од оние што ги туркате вие, а на кои сте ги поттикнувале вашите деца? Колкав е конфликтот што го предизвикувате кај вашите деца ако вие сте упорни на својот концепт, а концептот на вонсемејната средина е многу поразличен? Носите ли вина за иднината на своите деца ако упорно опстојувате на отпорот кон надворешните влијанија затоа што сметате дека тие не се вклопуваат во вашата матрица на вредности?

Меѓу родителите и децата, нормално, и во секое општество, се јавуваат конфликти како последица на генерацискиот јаз. Судбина на родителот е да биде демоде, поконзервативен, поплашлив и понетолерантен кон предизвиците на новото доба. Така растат и созреваат сите генерации. Паметен родител само треба да внимава да не ја изустува онаа глупава реченица „во мое време за вакво нешто немаше шанси“. Но денес кај нас, родителството, како и семејните односи, покрај со проблеми од генерациски карактер, се соочуваат и со тешкотии за справување со вредносниот систем на транзицијата. Тоа оттаму што ова не е вистински демократски капитализам, односно општество на можности, и ниту во еден општетствен подсистем не е воспоставен ред и поредок на работите. Вредностите, кои инаку се елементарни за добриот морал (ако сакате дури, тие се слични и на библиските вредности), многу често се губитничка комбинација. Значи, поуките од типот почитувај, работи, не лажи, не кради, не повредувај ги другите и слично, во реалноста ја имаат изгубено својата вредност. Маката на транзицискиот родител е што е свесен за „добитничките“ вредности во опкружувањето, но не може лесно да се откаже од своите интернализирани ставови.

Околу мене гледам секакви примери. Секој од нас одбра да тргне по некој свој пат како транзициски родител, со помала или поголема доза на прифаќање на моралот на новото доба. Никој од нас не е до крај сигурен дали постапува добро или лошо. Веројатно ќе почекаме за да судиме според нашите внуци. Дај боже тие да покажат дека нашите стравувања биле залудни.                    

No comments:

Post a Comment