3/21/2012

Да имав мајка

Да имав мајка, ќе и’ се јавев утрово за да и’ кажам колку многу ми е мачно. Да и’ кажам дека ми треба тука, до мене, само за да ја почувствувам нејзината топлина. Дека, и покрај целата моја зрелост, години и опит, ми треба поддршка, утеха и совет. Да и’ кажам дека кога е тука, јас имам крилја, надеж и спокој.

Да имав мајка, утрово ќе ја викнев кај мене, токму како во времињата кога таа со радост доаѓаше да пиеме кафе. Седевме долго на трпезариската маса, пушевме, читавме,  зборувавме или молчевме, но бевме заедно и среќни. 


Кога имав мајка, не и’ кажав ниту за една од моите грижи. Таа живееше со своја длабока болка, па се плашев дека сознанието дека и јас имам мака - ќе ја доурниса. Така, ја оставав да верува дека се’ е во ред, ја дочекував и испраќав со насмевка и шега, од себе ги вадев потиснатите вештини за глума и хумор, па се радував што се релаксира гледајќи ме раздрагана и шашава. Беше умна, ах, многу умна, па понекогаш, кога ќе уловеше некоја необична гримаса на моето лице, ќе ме потпрашаше да не кријам нешто, некоја тага, некој немир, но јас спретно ја лажев: „Се’ е во ред, мамо“. Мислев дека ако и’ ги намалам грижите, ќе живее подолго и ќе ја имам уште многу покрај себе.


Кога имав мајка, ги премолчев прашањата што сакав да и’ ги поставам, плашејќи се дека ќе ја разочарам што ми недостасуваат одговори за елементарни ствари. А беше токму така: на сето мое образование, искуство и осет, се случуваше да запнам кај тривијални ситуации кои, ако се остават нерешени, страдањето трае цел живот.


Кога имав мајка, се срамев да и’ кажам колку ја сакам. Се разбира, се однесував прикладно на таа љубов, но чинам дека недоволно со зборови и’ открив колкава љубов беше тоа. Сите солзи што потоа ми истекоа за мојата мајка гореа како оган зашто во нив се вгради таа никогаш недоискажана љубов. Сега знам дека зборовите за љубовта не требаше да ги штедам зашто и мајка ми ќе си заминеше 
поисполнета, а и јас сега немаше да се кајам.

Кога имав мајка, не можев да поднесам ако таа плаче. Таа плачеше толку тивко, толку тажно, што само барав начин како да го тргнам причинителот за нејзините солзи. Но, таа никогаш не плачеше од причини што лесно се отстрануваат. Затоа многу ретко успевав да се изборам со изворите на нејзините солзи.    


Да имав мајка, денес немаше да се снебивам да и’ се јавам и да и’ кажам дека имам проблем. Дека ја сакам. Дека ми треба нејзината кроткост, мудрост, сила. Да имав мајка, денес ќе речев: не сум сама. Има кој да ми ја покаже патеката по која треба да тргнам и да стасам до местото од кое на сите мои мили повторно ќе можам да им ја дарувам мојата огромна љубов. Да имав мајка.        

No comments:

Post a Comment