3/22/2012

Барок и неокласицизам - токму на време

Значи, зборот ми е дека пред да почнеме со критиките за стилот што власта го одбра за градителската експанзија во Скопје, но и во цела Македонија, би било паметно да видиме низ каков развоен стадиум, всушност, минува нашето општество денес. Па така, ќе се увериме дека стилот си е одбран токму соодветно на нашиот актуелен момент. Да не се разбереме погрешно, јас во ниту еден момент не ја занемарувам важноста на приказната за идентитетската заднина (на нашиот народ) во целиов проект. И неспорно, идеологизацијата на архитектурата низ вековите е реалност. Јас само сакам да обрнам внимание на уште еден контекст, со кој го поврзувам изборот на решенијата за редизајнот на физичката околина во нашата земја што ја вршат носителите на моќта.  

Како што разбравме од познавачите на историјата на архитектурата и уметноста, во нашиов град забрзано и со голема сила се удира неизбришлив печат изработен од тежок бетон, дизајниран со комбинирање на барок и неокласицизам. Сме учеле и ние по нешто, па знаеме дека овие стилови биле карактеристични за периодот меѓу 17-от и доцниот 18-ти век во Европа. Македонија, во тоа време типична периферна провинција на османлиското царство во стагнација, сеуште (а и долго потоа) кубурела, во секоја смисла, под јаремот на феудалната економија. За таквата економија било карактеристично тоа што основна стопанска клетка претставувала земјата. Сопственици на земја станувале заслужните борци/војници на султанот, неговите верни поданици, неговите спахии. Аналогијата со денешна Македонија е неспорна. И денес, кај нас до посед/пари/капитал се доаѓа единствено преку верно подаништво пред власта, односно преку заслуги стекнати преку реализација на помалку или повеќе незгодни задачи добиени од власта. Како и во феудализмот, локалните моќници се многу важни во хиерархијата, па од нив се очекува извршување на прилично шкакливи наредби, но за тоа, како награда, следат одлични компензации. Да не заборавиме, еден од основните извори на буџет на државата во феудализмот е претешкиот арач/данок, безмилосно собиран од изгладнетото население.

Во феудална Македонија (некогаш, а и денес), 95% од населението е раја - сиромаштија без работа, бедни надничари, исплашени и за таа јадна корка леб, без која може да се остане многу, многу лесно. Во петте проценти повластена феудална елита, покрај поданиците на власта и дворјаните, влегува и клерот/свештенството, чија улога во државните работи е мошне важна поради блискоста со народот. Најснажни (пара)институционални поврзувања (здружувања) карактеристични за феудализмот се оние на богатиот слој (аристократијата), селаните (земјоделците) и свештенството. Прилично соодветно на денешната реалност. Комуникацијата меѓу феудалните владетели и народот е еднострана. Таа се одвива преку соопштенија до народот. На народот, едноставно, му се соопштува тоа што треба да го чуе, тоа што треба да го знае и како треба да мисли. Гладниот народ, среќен што феудалниот господар мисли на него и секојдневно му праќа оптимистички абери, неосетно влегува во играта на градење фетиши, идоли, господари.

Е, во такви феудални општествено-економски услови, во кои власта ужива во својата нарцисоидна самобендисаност, феудалните елити одлучуваат да создаваат градителски монументи, како рефлексија на нивниот провинциски копнеж (комплекс) по модерна Европа. А во таа, предкапиталистичка Европа, барокот и неокласицизмот биле стилови на денот. Кои ја потенцирале моќта на државата, сукцесијата и поврзаноста со антиката, и настојчивоста да се биде дел од универзалните наследства на некоја туѓа славна историја.

Така одлучија и нашите. Соодветно на нашево време, по многу нешта слично на она од 17-от и 18-от век. И, не ме плаши што градот ја изгуби својата природна, низ векови создавана физиономија. Не ме плаши коментарот на еден странец, кој рече: „Македонија е многу мала држава со еден голем коњ на единствениот плоштад во главниот град“. Не ме плаши ни тоа што мајтапот со нашата урбанистичка пародија не престанува. Ме плаши нешто друго.

Ме плаши фактот дека власта, цврсто стоејќи на тоа, отворено ни’ соопштува дека ние, всушност,  живееме во 17-18 век. Имплицитно, таа ни’ кажува што допрва не’ чека додека да се добереме до 21-от век. А тоа се уште многу години беда, диктатура, војни, револуции, национални преродби и превирања. Ме плаши што и народов мисли исто. Ушушкан во стил на живот карактеристичен за доцниот феудализам (трај, молчи, касни си малку и не се буни!), тој се радува на барокната и неокласична импресивност која му го подрасчешува неразвиеното его. Ене ги секој ден распослани околу коњот, гордо испрчени пред триумфалната порта и зателебено загледани во столбовите на страшниот, тежок, морбиден и непријателски Уставен суд. Облечени се во кинески чевли од 300 денари, јакни од 600 денари купени во Шутка, и долен дел од турски тренерки купени на некоја од пазарските тезги. Околу нив трчаат дечиња, на кои тие не знаат да им ја раскажат приказната за коњот и коњаникот. Ама таа приказна и онака не е битна. Битно е дека од феудалниот дворец ни’ рекоа дека коњот и коњаникот - тоа сме ние, нашиот генетски архетип, нашите милениумски победи.

Навечер, пак, феудалната елита се појавува пред аудиториумот (кој ја обожава), облечена во брендирана, многу евра вредна облека, купена од катадневните шетачки по европските градови. Од онаа Европа за која сонував јас, а не тие, а во која патуваат тие, а не јас. Јас залудно чекам нивниот феудален фундус да се разниша, па во таа Европа, во која одат на шопинг за наши пари, да прашаат зошто и како пропаднал феудализмот. Во Европа, во која барокот и класицизмот спонтано еволуираа низ вековите до модернизам, пристојност и почит кон индивидуата.          

No comments:

Post a Comment