Природата на образовниот систем кај нас е таква што на учениците/студентите не им овозможува задоволителен развој на тнр. soft skills . Од друга страна, во текот на професионалната кариера, па дури и пред нејзиниот почеток (во фазата на барање работа), луѓето се’ повеќе се соочуваат со фактот дека на современите работодавачи им се потребни кадри со добро развиени токму вакви вештини. Празнината што се јавува меѓу знаењата стекнати преку образовниот систем, од една страна, и вештините на кои инсистира пазарот, од друга страна, сега за сега ја пополнува неформалното образование. Преку разни форми на тренинг и учење, организирани најчесто од страна на невладиниот сектор, голем број млади (но и повозрасни луѓе) се стекнуваат со вештини кои ги зголемуваат нивните шанси за наоѓање работа, но и го прошируваат дијапазонот на можности за поквалитетно искористување на слободното време.
Но, неформалното образование, покрај за потребите на развојот на кариерата, знае да биде исклучително корисно и за процесите на изградба на здрави општества (учиме демократија!). Така, неформалното образование е причина што значителна популација во земјава се здоби, или барем стана свесна, за придобивките што им ги носи располагањето со различни „меки вештини“. Почнувајќи од вештините за тимско работење, меѓукултурна толеранција и решавање на конфликтни ситуации, се’ до вештините за координирано работење, взаемна доверба, и одговорност кон сопствената улога во општеството. Можам да забележам, особено преку социјалните мрежи, дека лидерството за создавање платформа за ефективно разрешување на моменталната општествена турбуленција некако природно ја преземаат луѓе кои поминале низ сугестивни програми на неформално образование. И, додека од различни центри на моќ, лагодно етаблирани на одделни нивоа во власта и околу неа, стигнуваат пораки со нејасна, некогаш и конфузна содржина, од неформалните групи кај кои се препознава едноставен, но демократски вектор на размислување, може да се слушнат повиците за смирување на топката и сопирање на лудилото.
Поборник сум на што помасовно вклучување на граѓаните во процес на неформално образование, сега особено во областа на демократијата, цивилното општество и конфликтите. Овие деца, кои беспоштедно млатат со палки, метални шипки и боксерачи, наместо да бидат обучувани за насилништво по некои темни подруми и буџаци (или милитантни тренинг центри, од каде да знам), да бидат опфатени со едукација за вештини кои ќе придонесат за смирување на нивните агресивни страсти и фрустрации. Ако образовниот систем и семејната идеологија, со сите карактеристики на нашата политичка и социјална реалност, не успеваат да обезбедат канал за празнење на младешката енергија за нормални цели, тогаш барем граѓанскиот сектор нека ги засука ракавите и нека поработи на омекнување на тврдите ставови.
Не треба да се заборави дека овие облици на неформално образование треба да бидат од некаде финансирани. Епа ајде да видиме. Ако се појават јунаци кои ќе издвојат средства за вакви намени, ќе поверувам дека има надеж за враќање на раатот на народот. Или, пак, на јунациве им одговара да се затвориме дома, да ги спуштиме кепенците/ролетните, да ги изгасиме светлата, па од некој сателит кој кружи над Балканов и снима, Македонија и буквално да се гледа како темен вилает.
Многу ми се допаѓа Вашиот блог.
ReplyDeleteКонкретно за овој текст, ова е прва прилика да прочитам некој да му обрне внимание на неформалното образование. Неформално образование се случува во неформални средини, надвор од училиштата и градинките; во домовите, на игралиштата, во парковите и слично. Најинтересен е феноменот на новата писменост со која што се здобиваат новите генерации поврзана за ракување со нови технолошки апарати и користење на медиумите. Мора да признаеме дека е им е супер на децата и младите со андроиди во џебовите, сони плеј стејшн дома, поврзани преку социјалните мрежи, имаат одличен доток на информации за нивното секојневие, интернет им носи вести од целиот свет. Не мора ни англиски да знаат, доволно е слики да гледаат... Неформалните средини се места за опуштање и забава, но всушност се места каде што се откриваат нови работи и полека прерасниваат во нови средини на учење... Какво учење? Проблемот го гледам во формалното образование кое што не држи ритам со неформалното. Тоа што се учи во школите и градинките е светлосни години одалечено од динамичниот свет на ФБ, игрите и медиумите. Која школска содржина им го држи вниманието на 45-минутен час?
Јунаците-инвеститори во образование треба да е владата, или барем така би било во држава што цели да бележи развој. Во Македонија не изгледа дека владата се залага за квалитетно образование. Напротив, се чини дека интересот е народот да биде неук и прост. Се чини дека интересот е повеќе луѓе да одат во црква да се помолат на бога отколку да се инвестира во новата писменост за која што пишуваат светските општествени теоретичари. Да, на јунаците им одговара темнината.
Ви благодарам за убавите зборови и поддршката.
DeleteГи делам сите Ваши ставови во врска со новата писменост на младите генерации, и за тромоста на системот на формално образование кај нас. Се воодушевувам кога ги слушам младите како разменуваат информации стекнати преку технолошките комуникациски системи,кои им овозможуваат уште пред зрелоста да изградат ставови по многу (некогаш и мошне сериозни) прашања. Такви ефекти процесите на формално образование никогаш нема да можат да постигнат. Затоа и се залагам преку облиците на неформалното образование да се презентираат содржини од добробит за целата заедница, какви што се, особено, прашањата поврзани со демократијата.