3/31/2012

Приказна за градскиот парк, ама оној нашиот

Живеевме на сто метри од Градскиот парк, во правец кон исток. Беше нормално секое маало да си има име, па ние нашето си го викавме Парк-маало. За „наша“ територија го сметавме делот што се протегаше од споменикот на Гоце Делчев на влезот во паркот (тогаш немаше фонтана)  до улицата „Ленинова“, односно од „Партизан“ (кај денешна „Томче Софка“) до улицата „Илинденска“. Без исклучок, сите улички во тоа маало беа слепи (ќор-сокаци) затоа што завршуваа во тротоарот на „Илинденска“. Таквата урбанистичка логика во перцепцијата на нашите родители значеше прилично голема безбедност во сообраќајна смисла, па бевме деца кои,  без поголем надзор, летата ги минуваа надвор. 

Во тоа време, паркот беше култна дестинација за скопјани. Малкумина возеа автомобили, па семејните прошетки најчесто им беа пешки до паркот. Во саботите и неделите, реки од дотерани мајки и татковци со исто толку дотерани деца; пензионерски двојки фатени под рака и облечени во елегантна облека; нашминкани удавачи (девојки кои немаат момчиња, а им дошло време за мажење) на високи штикли и со лаковани ташни; групи од момци, хормонално набилдани, намирисани и тазе бричени, тргнати во извидница по добри женски; пубертетлии на велосипеди кои вишокот енергија го релаксираа возејќи како улави; војници од скопските касарни кои имаат излез...сите тие тргнуваа кон паркот. Ние од Парк-маалото ги мразевме викендите заради оваа, за нас - свирепа окупација. Пред оваа наезда ние бевме беспомошни. Овие непознати луѓе не само што ни’ го напаѓаа паркот, туку ни’ ја загрозуваа и минималната интима што во тие викенд денови се обидувавме да ја најдеме по нашите сокаци затоа што не бираа од каде се’ ќе почнат да надоаѓаат. Ги откриваа сите шорт-катови (а ги имаше неколку) за што побрзо да стигнат до паркот, газеа преку нашите идеално нацртани „школици“ и полиња за „народна“, ги оштетуваа нашите грижливо обликувани шлајки, крадеа од зелените сливи и кајсии од надвиснатите стебла по сокаците, а тие плодови растеа за нас, ги запоседнуваа клупите околу „Кермес“ на кои ние игравме пантомима, и ги празнеа киосците во кои се продаваше сладолед, па ние останувавме со суво грло. И, додека целиот град уживаше во ова френетично пулсирање на паркот во саботите и неделите, ние, како загрозено малцинство, се повлекувавме во некој од маалските дворови и, будно контролирани од нивните сопственици, моравме да се задоволиме со некоја здодевна игра што не предизвикува галама и не иритира лица над четириесет години.

Беше непристојно гласно да зборуваме за нашата викенд-загрозеност зашто знаевме (ни’ беше кажано) дека паркот им припаѓа на сите скопјани. Бевме свесни дека никој не би можел да најде разбирање за нашата посесивност кон паркот. А паркот, таа мистична оаза на нашето детство, беше нашиот втор дом. Ние таму се однесувавме како на свој посед и ги практикувавме културните навики на добри домаќини. На пример, разбеснето викавме по минувачите кои ќе фрлеа отпад по стазите, или по оние кои ќе се насобереа околу чешмите и почнуваа да прскаат наоколу без никаква причина, оставајќи зад себе калливи бари. Ги сметавме за агресори оние кои без никакво стеснување кршеа гранки од расцутените крошни на дрвјата, или береа темјанушки од леите засадени со разнобојни цвеќиња. Во една таква кавга со крадци на нашето цвеќе го извлековме подебелиот крај зашто дојденците, без многу колебање, тргнаа кон нас за физички да се пресметаат. 

Но, од понеделникот наутро, почнуваа нашите нови, долги пет минути. Уште рано-рано наутро, пред скопската жештина да го запече асфалтот, боси и разголени ги запоседнувавме првите клупи зад „Гоце Делчев“ и ја почнувавме нашата игра. Со куса пауза во попладневните саати (таков беше куќниот ред во сите семејства), дружбата продолжуваше до доцна навечер. Паркот не престануваше да живее и да трепери и во работните деновиНо тој трепет беше тивок, срамежлив и некако таинствен. Наутро, кога луѓето беа на работа, а и навечер, кога ноќната темнина гарантираше спокој и дискреција, во паркот, покрај нас, скришно пристигнуваа и вљубените двојки. Ние ги знаевме сите двојки. Знаевме точно кога доаѓаат во паркот, која е нивната клупа, која е рутата на нивната прошетка по кривудавите правливи патеки. Сојузнички ги чувавме нивните тајни за љубовта што ги гореше, а ги детектиравме и нивните љубоморни кавги што често завршуваа со раскин. Сепак, дел од тие скопски парови и ден-денес се заедно. Ги гледам како со своите растрчани внучиња повторно се во истиот парк, кој сега е со целосно променет лик: осветлен и некако гол зашто е исчистен од високите стебла што некогаш ја чуваа романтиката на нивната младешка љубов.

Тука беа и пензионерите - неколку подостарени машки друштва кои играа шах или табла во достоинствена тишина, пушејќи Филтер Југославија и пиејќи боза од кај Апче. Но доаѓаа и студенти, кои удобно легнати зад некоја густа грмушка, подготвуваа испити за есенската сесија. И, тоа беше се’. Царство на тишина и опојна оморина во која ја живеевме нашата слобода. Единствени непријатни посетители беа познатите скопски сексуални егзибиционисти, кои знаеја да не’ препаднат од зад некое столетно стебло, отворајќи го мантилот што го носеа среде лето и под кој беа голи како од мајка родени. Тогаш трчавме како избезумени низ сенките на платаните, викавме за некој да не’ слушне и, најчесто, чуварот на паркот ќе дотрчаше и ќе тргнеше со својот велосипед во потрага по манијакот.

Лелеавиот мирис на паркот го чувствувавме и доцна во ноќта од нашите постели. Во врелината на скопското лето, низ ширум отворените прозорци, ги слушавме повремените крици на лавот од зоолошката градина и, веднаш потоа, пискливиот одговор на хиената. Градот спиеше, топлината не’ опиваше, а паркот ги чекаше нашите нови утрински дружења.

Кога малку пораснавме, во пост-хипи времето, почнавме да се облекуваме по теркот на нашите рок идоли, да имаме долги разбушавени коси, и да се собираме во поголеми групи пред „Кермес“. Во еден стар џубокс, сместен внатре во кафеаната, уфрлавме паричка за веднаш потоа од габаритните звучници поставени на терасата да заечат акордите на нашите омилени хитови: Bridge over Troubled Water (Simon and Garfunkel), Heart of Gold (Neil Young), Killing Me Softly (Roberta Flack)...Навечер знаевме да седнеме во „Езерце“, каде се подготвуваа најубавите сендвичи со плескавица што ги нудеа под името сендвич „Калифорнија“. 

Во паркот проодевме, пораснавме и созреавме.  Набрзо потоа тргнавме по своите животни патишта. Исечените стари стогодишни стебла, урнатиот „Кермес“ и демолираното романтично „Езерце“ ги однесоа со себе тајните на нашето детство и бранувањата на нашата најрана младост.       

3/27/2012

Грешиме или не - ќе покаже времето

Некој од славните германски писатели, чинам дека беше Ремарк, беше изрекол една интересна мисла што често ми доаѓа на памет. На неа се навраќав од време на време додека растеше ќерка ми, особено во моменти кога ќе се најдев во ситуација во која не знаев дали коректно постапувам како мајка. Писателот вели отприлика вака: дури тогаш кога ќе видите какви ви се внуците, ќе можете да процените дали добро сте ги воспитале своите деца. Сеуште немам внуци, па сум љубопитна пред тестот што еден ден ќе ми го направи животот.

На кои вредности да ги учиме нашите деца? По кој ранг на важност да им ги претставиме животните приоритети? Која вредност е најбитна? Чесноста, работливоста, добрите манири и искреноста? Или снаодливоста, дрскоста и бескомпромисноста? Дали е поважно децата да се однесуваат соодветно на вашите критериуми, или на критериумите што се воспоставуваат во општественото опкружување? И што да се прави ако вашето опкружување поддржува системи на однесување различни од оние што ги туркате вие, а на кои сте ги поттикнувале вашите деца? Колкав е конфликтот што го предизвикувате кај вашите деца ако вие сте упорни на својот концепт, а концептот на вонсемејната средина е многу поразличен? Носите ли вина за иднината на своите деца ако упорно опстојувате на отпорот кон надворешните влијанија затоа што сметате дека тие не се вклопуваат во вашата матрица на вредности?

Меѓу родителите и децата, нормално, и во секое општество, се јавуваат конфликти како последица на генерацискиот јаз. Судбина на родителот е да биде демоде, поконзервативен, поплашлив и понетолерантен кон предизвиците на новото доба. Така растат и созреваат сите генерации. Паметен родител само треба да внимава да не ја изустува онаа глупава реченица „во мое време за вакво нешто немаше шанси“. Но денес кај нас, родителството, како и семејните односи, покрај со проблеми од генерациски карактер, се соочуваат и со тешкотии за справување со вредносниот систем на транзицијата. Тоа оттаму што ова не е вистински демократски капитализам, односно општество на можности, и ниту во еден општетствен подсистем не е воспоставен ред и поредок на работите. Вредностите, кои инаку се елементарни за добриот морал (ако сакате дури, тие се слични и на библиските вредности), многу често се губитничка комбинација. Значи, поуките од типот почитувај, работи, не лажи, не кради, не повредувај ги другите и слично, во реалноста ја имаат изгубено својата вредност. Маката на транзицискиот родител е што е свесен за „добитничките“ вредности во опкружувањето, но не може лесно да се откаже од своите интернализирани ставови.

Околу мене гледам секакви примери. Секој од нас одбра да тргне по некој свој пат како транзициски родител, со помала или поголема доза на прифаќање на моралот на новото доба. Никој од нас не е до крај сигурен дали постапува добро или лошо. Веројатно ќе почекаме за да судиме според нашите внуци. Дај боже тие да покажат дека нашите стравувања биле залудни.                    

3/25/2012

Ема, Бети и Весна

Ема, Бети и Весна се мои пријателки од детските денови. Во раните деведесетти години беше фатил бран на напуштање на земјава од страна на еден добар дел од мојата генерација. Ема и Бети заминаа со семејствата. Ема во Австралија, Бети во Англија. Весна остана тука. И таа, како и јас, силно се надеваше дека многу, многу скоро, Македонија ќе стане слична на Австралија или Англија. Ема и Бети беа нестрпливи да го чекаат тоа време.

Ема живее во Бризбејн. Работи како главен администратор во едно средно училиште, а два пати неделно држи часови по јога во некој велнес центар. Нејзиниот сопруг е електро инженер и е раководител во фирмата во која се вработи уште кога стигнаа во Австралија.

Бети живее во мало место во близина на Лондон. До минатата година работеше во едно проектантско биро во метрополата. Сега работи од дома за истото биро и има статус на постојан надворешен консултант. Нејзиниот сопруг работи во компанија за брзи поштенски услуги.

Весна е искусен државен чиновник и држи пристојна позиција во нашата јавна администрација. Нема партиска книшка, па никогаш не се искачи во хиерархијата повеќе од советничко место. Но затоа, Весна ги одработува посложените задачи што, инаку, треба да ги завршуваат многубројните партиски намесници, пониски по ранг, но поважни по заслугите за министрите и партиите. 

Овој викенд, Ема е на брегот на Квинсленд, во едно живописно местенце, во кое пред три години купија симпатична куќичка за одмор. Во петокот ми пиша дека ќе одат да ја подготват куќата за зима; кај нив сезоната полека завршува. Во сабота ќе ручаат покрај брегот, а во недела, на пат кон дома, ќе отидат да посетат некој нов рисорт што сега станувал се’ попопуларен.

Овој викенд, Бети и нејзиниот сопруг се на брегот на северот на Франција, некаде близу до границата со Белгија. Англичаните, ми кажува Бети, многу често одат на прошетки до Франција. Се’ повеќе купуваат куќи таму, а како пензионери и се селат. На повеќето од нив сон им е јужна Франција, Прованса, сонцето и лавандата. Бети нема намера да се сели, но ужива во честите ваканции на француската ривиера. Во недела навечер ќе се вратат дома, но веќе идниот месец ќе патуваат во Италија.

Овој викенд, Весна се зафати со неделното чистење на станот. Ги светна прозорците и вратите од бучниот дел на домот, и ги изми терасите од дневната и спалната соба. Во саботата, нејзиниот сопруг купи весник и отиде да пие кафе на „Ленинова“, за да не и’ пречи во работата. Денес, недела, Весна побрза на Буњаковец, се врати разочарана што зеленчукот е се’ поскап, па почна да готви за наредните 4-5 дена. Гравче, вели, ќе имам за два дена, а ќе направам и еден грашок, пак за два дена. Ќе направам и една голема пита, ќе се најде за наутро и навечер.

Во недела навечер, Ема ќе се врати со потенцирано потемнет тен во Бризбејн, благо уморна од работата околу викендичката, но освежена од раноесенското сонце и морскиот воздух. Ќе биде задоволна што домаќинката Ана, која доаѓа два пати во неделата, убаво ја средила и проветрила куќата. Ќе влезе во бањата и долго ќе ужива во туширањето со млака вода.

Во недела навечер, Бети ќе се врати дома во Англија. Ќе провери дали госпоѓата Кош ги подготвила облеките за наредната недела и дали месниот градинар Брајан ги почнал пролетните работи во дворот. Бети, полна со импресии од местата што ги посети во Франција, ќе седне, и со својот ликовен талент, по сеќавање ќе скицира неколку од пејсажите што ја инспирирале или, можеби, ќе ги симне на компјутер фотографиите што ги направила низ француските села. Потоа ќе влезе во бањата и долго ќе ужива во туширањето со млака вода.

Во недела навечер, Весна ќе ги испегла кошулите на нејзиниот сопруг, ќе пушти уште една машина за да ги испере последните завалкани парчиња облека од претходната седмица, ќе направи еден колач од јаболка „за да има дома нешто благо“ (зашто купечкото е прескапо), ќе ги истрие шпоретот, мијалникот и плочките во кујната и ќе појде да ја измие бањата. Додека со жешка вода ги плакне мијалникот и кадата, ќе ја совлада уморот, нозете ќе и’ натежнат, а рацете веќе нема да можат да ја истискаат „магичната“ крпа. Весна прво ќе оди во дневната соба, ќе дремне малку покрај телевизорот, а потоа, со последни сили, ќе влезе во бањата за туширањето со млака вода да и’ ги тргне, по можност и од мислите, грижите за тоа што ќе го донесе утрешниот ден.      


   

3/22/2012

Барок и неокласицизам - токму на време

Значи, зборот ми е дека пред да почнеме со критиките за стилот што власта го одбра за градителската експанзија во Скопје, но и во цела Македонија, би било паметно да видиме низ каков развоен стадиум, всушност, минува нашето општество денес. Па така, ќе се увериме дека стилот си е одбран токму соодветно на нашиот актуелен момент. Да не се разбереме погрешно, јас во ниту еден момент не ја занемарувам важноста на приказната за идентитетската заднина (на нашиот народ) во целиов проект. И неспорно, идеологизацијата на архитектурата низ вековите е реалност. Јас само сакам да обрнам внимание на уште еден контекст, со кој го поврзувам изборот на решенијата за редизајнот на физичката околина во нашата земја што ја вршат носителите на моќта.  

Како што разбравме од познавачите на историјата на архитектурата и уметноста, во нашиов град забрзано и со голема сила се удира неизбришлив печат изработен од тежок бетон, дизајниран со комбинирање на барок и неокласицизам. Сме учеле и ние по нешто, па знаеме дека овие стилови биле карактеристични за периодот меѓу 17-от и доцниот 18-ти век во Европа. Македонија, во тоа време типична периферна провинција на османлиското царство во стагнација, сеуште (а и долго потоа) кубурела, во секоја смисла, под јаремот на феудалната економија. За таквата економија било карактеристично тоа што основна стопанска клетка претставувала земјата. Сопственици на земја станувале заслужните борци/војници на султанот, неговите верни поданици, неговите спахии. Аналогијата со денешна Македонија е неспорна. И денес, кај нас до посед/пари/капитал се доаѓа единствено преку верно подаништво пред власта, односно преку заслуги стекнати преку реализација на помалку или повеќе незгодни задачи добиени од власта. Како и во феудализмот, локалните моќници се многу важни во хиерархијата, па од нив се очекува извршување на прилично шкакливи наредби, но за тоа, како награда, следат одлични компензации. Да не заборавиме, еден од основните извори на буџет на државата во феудализмот е претешкиот арач/данок, безмилосно собиран од изгладнетото население.

Во феудална Македонија (некогаш, а и денес), 95% од населението е раја - сиромаштија без работа, бедни надничари, исплашени и за таа јадна корка леб, без која може да се остане многу, многу лесно. Во петте проценти повластена феудална елита, покрај поданиците на власта и дворјаните, влегува и клерот/свештенството, чија улога во државните работи е мошне важна поради блискоста со народот. Најснажни (пара)институционални поврзувања (здружувања) карактеристични за феудализмот се оние на богатиот слој (аристократијата), селаните (земјоделците) и свештенството. Прилично соодветно на денешната реалност. Комуникацијата меѓу феудалните владетели и народот е еднострана. Таа се одвива преку соопштенија до народот. На народот, едноставно, му се соопштува тоа што треба да го чуе, тоа што треба да го знае и како треба да мисли. Гладниот народ, среќен што феудалниот господар мисли на него и секојдневно му праќа оптимистички абери, неосетно влегува во играта на градење фетиши, идоли, господари.

Е, во такви феудални општествено-економски услови, во кои власта ужива во својата нарцисоидна самобендисаност, феудалните елити одлучуваат да создаваат градителски монументи, како рефлексија на нивниот провинциски копнеж (комплекс) по модерна Европа. А во таа, предкапиталистичка Европа, барокот и неокласицизмот биле стилови на денот. Кои ја потенцирале моќта на државата, сукцесијата и поврзаноста со антиката, и настојчивоста да се биде дел од универзалните наследства на некоја туѓа славна историја.

Така одлучија и нашите. Соодветно на нашево време, по многу нешта слично на она од 17-от и 18-от век. И, не ме плаши што градот ја изгуби својата природна, низ векови создавана физиономија. Не ме плаши коментарот на еден странец, кој рече: „Македонија е многу мала држава со еден голем коњ на единствениот плоштад во главниот град“. Не ме плаши ни тоа што мајтапот со нашата урбанистичка пародија не престанува. Ме плаши нешто друго.

Ме плаши фактот дека власта, цврсто стоејќи на тоа, отворено ни’ соопштува дека ние, всушност,  живееме во 17-18 век. Имплицитно, таа ни’ кажува што допрва не’ чека додека да се добереме до 21-от век. А тоа се уште многу години беда, диктатура, војни, револуции, национални преродби и превирања. Ме плаши што и народов мисли исто. Ушушкан во стил на живот карактеристичен за доцниот феудализам (трај, молчи, касни си малку и не се буни!), тој се радува на барокната и неокласична импресивност која му го подрасчешува неразвиеното его. Ене ги секој ден распослани околу коњот, гордо испрчени пред триумфалната порта и зателебено загледани во столбовите на страшниот, тежок, морбиден и непријателски Уставен суд. Облечени се во кинески чевли од 300 денари, јакни од 600 денари купени во Шутка, и долен дел од турски тренерки купени на некоја од пазарските тезги. Околу нив трчаат дечиња, на кои тие не знаат да им ја раскажат приказната за коњот и коњаникот. Ама таа приказна и онака не е битна. Битно е дека од феудалниот дворец ни’ рекоа дека коњот и коњаникот - тоа сме ние, нашиот генетски архетип, нашите милениумски победи.

Навечер, пак, феудалната елита се појавува пред аудиториумот (кој ја обожава), облечена во брендирана, многу евра вредна облека, купена од катадневните шетачки по европските градови. Од онаа Европа за која сонував јас, а не тие, а во која патуваат тие, а не јас. Јас залудно чекам нивниот феудален фундус да се разниша, па во таа Европа, во која одат на шопинг за наши пари, да прашаат зошто и како пропаднал феудализмот. Во Европа, во која барокот и класицизмот спонтано еволуираа низ вековите до модернизам, пристојност и почит кон индивидуата.          

3/21/2012

Да имав мајка

Да имав мајка, ќе и’ се јавев утрово за да и’ кажам колку многу ми е мачно. Да и’ кажам дека ми треба тука, до мене, само за да ја почувствувам нејзината топлина. Дека, и покрај целата моја зрелост, години и опит, ми треба поддршка, утеха и совет. Да и’ кажам дека кога е тука, јас имам крилја, надеж и спокој.

Да имав мајка, утрово ќе ја викнев кај мене, токму како во времињата кога таа со радост доаѓаше да пиеме кафе. Седевме долго на трпезариската маса, пушевме, читавме,  зборувавме или молчевме, но бевме заедно и среќни. 


Кога имав мајка, не и’ кажав ниту за една од моите грижи. Таа живееше со своја длабока болка, па се плашев дека сознанието дека и јас имам мака - ќе ја доурниса. Така, ја оставав да верува дека се’ е во ред, ја дочекував и испраќав со насмевка и шега, од себе ги вадев потиснатите вештини за глума и хумор, па се радував што се релаксира гледајќи ме раздрагана и шашава. Беше умна, ах, многу умна, па понекогаш, кога ќе уловеше некоја необична гримаса на моето лице, ќе ме потпрашаше да не кријам нешто, некоја тага, некој немир, но јас спретно ја лажев: „Се’ е во ред, мамо“. Мислев дека ако и’ ги намалам грижите, ќе живее подолго и ќе ја имам уште многу покрај себе.


Кога имав мајка, ги премолчев прашањата што сакав да и’ ги поставам, плашејќи се дека ќе ја разочарам што ми недостасуваат одговори за елементарни ствари. А беше токму така: на сето мое образование, искуство и осет, се случуваше да запнам кај тривијални ситуации кои, ако се остават нерешени, страдањето трае цел живот.


Кога имав мајка, се срамев да и’ кажам колку ја сакам. Се разбира, се однесував прикладно на таа љубов, но чинам дека недоволно со зборови и’ открив колкава љубов беше тоа. Сите солзи што потоа ми истекоа за мојата мајка гореа како оган зашто во нив се вгради таа никогаш недоискажана љубов. Сега знам дека зборовите за љубовта не требаше да ги штедам зашто и мајка ми ќе си заминеше 
поисполнета, а и јас сега немаше да се кајам.

Кога имав мајка, не можев да поднесам ако таа плаче. Таа плачеше толку тивко, толку тажно, што само барав начин како да го тргнам причинителот за нејзините солзи. Но, таа никогаш не плачеше од причини што лесно се отстрануваат. Затоа многу ретко успевав да се изборам со изворите на нејзините солзи.    


Да имав мајка, денес немаше да се снебивам да и’ се јавам и да и’ кажам дека имам проблем. Дека ја сакам. Дека ми треба нејзината кроткост, мудрост, сила. Да имав мајка, денес ќе речев: не сум сама. Има кој да ми ја покаже патеката по која треба да тргнам и да стасам до местото од кое на сите мои мили повторно ќе можам да им ја дарувам мојата огромна љубов. Да имав мајка.        

3/14/2012

Демократијата и мирот се учат

Природата на образовниот систем кај нас е таква што на учениците/студентите не им овозможува задоволителен развој на тнр. soft skills . Од друга страна, во текот на професионалната кариера, па дури и пред нејзиниот почеток (во фазата на барање работа), луѓето се’ повеќе се соочуваат со фактот дека на современите работодавачи им се потребни кадри со добро развиени токму вакви вештини. Празнината што се јавува меѓу знаењата стекнати преку образовниот систем, од една страна, и вештините на кои инсистира пазарот, од друга страна, сега за сега ја пополнува неформалното образование. Преку разни форми на тренинг и учење, организирани најчесто од страна на невладиниот сектор, голем број млади (но и повозрасни луѓе) се стекнуваат со вештини кои ги зголемуваат нивните шанси за наоѓање работа, но и го прошируваат дијапазонот на можности за поквалитетно искористување на слободното време.

Но, неформалното образование, покрај за потребите на развојот на кариерата, знае да биде исклучително корисно и за процесите на изградба на здрави општества (учиме демократија!). Така,  неформалното образование е причина што значителна популација во земјава се здоби, или барем стана свесна, за придобивките што им ги носи располагањето со различни „меки вештини“. Почнувајќи од вештините за тимско работење, меѓукултурна толеранција и решавање на конфликтни ситуации, се’ до вештините за координирано работење, взаемна доверба, и одговорност кон сопствената улога во општеството. Можам да забележам, особено преку социјалните мрежи, дека лидерството за создавање платформа за ефективно разрешување на моменталната општествена турбуленција некако природно ја преземаат луѓе кои поминале низ сугестивни програми на неформално образование. И, додека од различни центри на моќ, лагодно етаблирани на одделни нивоа во власта и околу неа, стигнуваат пораки со нејасна, некогаш и конфузна содржина, од неформалните групи кај кои се препознава едноставен, но демократски вектор на размислување, може да се слушнат повиците за смирување на топката и сопирање на лудилото.

Поборник сум на што помасовно вклучување на граѓаните во процес на неформално образование, сега особено во областа на демократијата, цивилното општество и конфликтите. Овие деца, кои беспоштедно млатат со палки, метални шипки и боксерачи, наместо да бидат обучувани за насилништво по некои темни подруми и буџаци (или милитантни тренинг центри, од каде да знам), да бидат опфатени со едукација за вештини кои ќе придонесат за смирување на нивните агресивни страсти и фрустрации. Ако образовниот систем и семејната идеологија, со сите карактеристики на нашата политичка и социјална реалност, не успеваат да обезбедат канал за празнење на младешката енергија за нормални цели, тогаш барем граѓанскиот сектор нека ги засука ракавите и нека поработи на омекнување на тврдите ставови.

Не треба да се заборави дека овие облици на неформално образование треба да бидат од некаде финансирани. Епа ајде да видиме. Ако се појават јунаци кои ќе издвојат средства за вакви намени, ќе поверувам дека има надеж за враќање на раатот на народот. Или, пак, на јунациве им одговара да се затвориме дома, да ги спуштиме кепенците/ролетните, да ги изгасиме светлата, па од некој сателит кој кружи над Балканов и снима, Македонија и буквално да се гледа како темен вилает.                                

3/09/2012

What You See is not What You Get

Кој што сака може да зборува за Васко Ефтов што и да посака. Дека поставува 400 прашања во минута; дека не е задоволен додека од соговорникот не го добие одговорот што нему, на Васко, му бил потребен; дека е добро што неговата емисија „Во центар“ не се прикажува подоцна навечер зашто после нејзиното гледање ќе имате немирен сон...и што уште не. За новинарскиот пристап на Васко најсимпатична шега направи преслаткиот Сашко Коцев (за кого еден ден ќе морам да напишам некој збор), па публиката на „Бубамара“ слатко се изнасмеа уживајќи во вештата имитација на познатиот новинар.



Но, Васко Ефтов е новинар на чиј опус треба да се гледа со должно внимание. Без оглед на неговите, повремено неумерени, третирања на гостите, тој успеа да влезе во кабинетите на највисоки државници и политичари, шефови и чиновници на тајни служби, сегашни и некогашни генерали и други војни заповедници, луѓе со криминална или затворска историја, естрадни ѕвезди, стручњаци во различни области, и многу други. Особено е важен неговиот интерес за расветлување на некои дубиозни елементи од темното минато на нашиов регион и нивното можно влијание врз перспективите на Македонија. Без оглед на тоа дали податоците изнесени во емисиите се целосно кредибилни или не (тоа се, сепак, само искази на луѓе), многу често останува впечатокот дека тоа што го гледаме/слушаме како официјална верзија на настаните не е исто со она што реално (ќе) ни’ се случува (спротивно од фразата wysiwyg). Односно, дека зад големите/значајните политичко-стратешки превирања не стојат официјално презентираните причини, туку други, за обичните граѓани невидливи настани.

Се погоди токму деновиве, кога секоја вечер слушаме за нови и нови насилнички инциденти по автобусите на градскиот сообраќај, во емисијата „Во центар“ да го проследиме разговорот на Ефтов со извесен Југослав Петрушиќ, човек со исклучително авантуристичка, дури и филмска биографија, многу младолик педесетгодишник, од чии сведоштва и тврдења застанува здивот. Неговите видувања како да се многу поврзани токму со најновата безбедносна ситуација во државава. Има ли вистина, или поточно, колку вистина има во самоуверените искази и предвидувања на овој интересен човек во врска со иднината на нашата земја? Во регионален, но и поширок контекст. Особено што се работи за блиската иднина, чии современици сме сите ние.

Не треба да се заборави дека некогаш одамна сличен ефект врз аудиториумот многу често имаше емисијата „Профил“ на еден новинар по име Драган Павловиќ - Латас. Кој има можност, нека ги погледне тие емисии од 1990-те. И тоа беше време на големи бури за нашава земја.

Во центар со Југослав Петрушиќ:


                      

3/06/2012

Пропадна ли надежта за капитализам од европски тип?

Некој да ми кажеше пред дваесет години, кога паѓаше социјализмот, дека во овој, втор милениум, ќе живееме во општетсво на сиромаштија, неправда и експлоатација (дозволена со закон), немаше да верувам. Зошто?

Прво, затоа што социјализмот кај нас „падна“ без присила, без крв, со мирно отстапување на тогашните политички елити и со најава дека државата ќе се гради според моделите на современа Европа. Надеж влеваше и интензивното подмладување на гарнитурите на власта. Клучниот збор тука е младоста. Со исклучок на првата (и со кус век) влада на Кљусев, во која беше доминантно присуството на бели коси во министерските фотелји, во сите останати влади преовладуваа млади политички структури, од кои се очекуваше посилно чувтсво за демократија, политичка одговорност и помодерен пристап кон разбирањето на економските слободи како неопходна претпоставка за градење на општество на благосостојба.


Второ, очекувањето дека Македонија ќе создава европски тип на капитализам (континентален/германски, или скандинавски), претпоставуваше дека водечки вредности околу кои ќе се ангажира вкупната енергија ќе бидат фер пазарот, социјалната правда и праведноста. Ваквото очекување беше темелено на логиката на некаква природна сукцесија или надоврзување на претходниот систем, имено дека треба да се оди кон систем кој ќе ги елиминира причините за неефикасност на економијата и државата (општествена/државна сопственост; еднопартизам), но ќе ги задржи принципите на (колку што е можно поголема) социјална правда, и еднаквост (на можностите) на граѓаните.


Трето, земјава располагаше со солидна база од ресурси (луѓе, индустриска основа, капитал), и беше потребно само вградување на ново знаење за нивно ефикасно искористување, односно нивно преструктуирање во правец на повисок степен на ефикасност/конкурентност.


Тоа беа главните причини за ентузијазмот поврзан со „новото време“. Со таков елан се впуштив и јас (многу активно) во промените, кои набргу станаа познати како процес на транзиција. Денес од овој поим ми се поткрева косата на главата.  Во реалноста, моите очекувања се срушија како кула од карти. Зошто?


Прво, по успешната операција на „белите коси“ за создавање на државата, подмладените гарнитури (а стануваат се’помлади) што до денес се менуваат на секои неколку години успеаја целосно да го променат правецот во кој тргна земјата 1991 година. Чекор по чекор, демократијата беше заменета со диктатура, а во зоната на економските слободи завладеа висок степен на нееднаквост. Правата на граѓаните, работниците, невработените, новородените, селаните, лекарите, наставниците...се предмет на кастинска примена на закони накитени со европско знаменце. За горната каста правдата постои per se, за останатите се применува по наоѓање (ексклузивна демократија). Гарантирани права како да не постојат. Изборната демократија драматично се урива, а отпорот кон градење либерална демократија забрзано се зголемува. Тајните служби и полицијата се над органите на избраната власт.      


Второ, првиот и вториот бран на транзицијата се одвиваа со молскавична брзина, во услови на длабока правна дупка, што неколку стотини неранимајковци (во низа) бесрамно ја користеа за да го разграбаат општественото богатство. Нормално, вака агресивно создадената олигархиска/тајкунска структура не дозволи во државата да се гради европски тип на капитализам (социјална праведност). Неспособна да создава нова вредност со ограбеното богатство, таа своите добивки ги креира единствено преку експлоатација на работниците/потчинетите (мизерни плати, дерогирани трудови права). Сега живееме во држава која се фали со својата слабо платена (до понижување) работна сила. Така денес, наместо европски капитализам, кај нас се зацврстува тнр. корпорациски тип на капитализам, во кој владеат корпорациите, буквално со секој сегмент од општествениот живот. Згора на тоа, во последните години владата е таа која успеа да прерасне во најсилна корпорација, така што диктатурата стана комбинирано политичка и економска. Некој ќе се обиде да ме убедува дека повеќето трендови карактеристични за државава се глобални, но не е така. Во овој процес на осиромашување, Македонија влезе веќе бескрајно сиромашна. Треба да се погледнат статистичките податоци за земјите, па да се зборува со факти. Оние држави кои беа наш младешки сон, европските, едноставно се неспоредливи. По било кој економски или параметар на демократијата. Нејсе, на случајот на Македонија се потврди дека сиромаштијата и демократијата не одат рака под рака. Крај на приказната. 


Трето, сите наши ресурси беа девастирани. Општествениот капитал го снема, долго создаваната капитална база се претвори во сениште, а врз развојот на луѓето/знаењето/вештините се применува практика на обезличување. Принципите на социјална кохезија се погазени, а трендот на создавање на уште, и на нови незаситни олигархии (само преку празнење на, и онака плиткиот џеб на граѓаните) станува загрижувачки. Сега за сега,  не и’ се гледа крајот на оваа бездушна ламја.


Македонија денес е земја на бедни, тажни, уморни и понижени луѓе. Во недостиг на извори за нивна покултивирана инклузија, тие се свртени кон телевизорите, од кои стасуваат збунувачки пораки: едни велат дека живееме во најубавата земја на светот, други не’ плашат со пропаст колку до утре. Едни велат дека нашиот (вграден) архетип на непобедливиот предок Александар ќе не’ одведе по патот кон победите, други ги бројат деновите до целосниот колапс на државата. Збунети, исплашени и гладни, луѓето не случајно бираат да се свртат кон Хурем Султан, Саваш или Али Риза. Јас сум од оние кои мислат дека турските серии се иљач за народот: тие ни’ се доволно културно блиски за да се следат со леснотија, и доволно неидеалистички за да овозможат масовна идентификација. Плус, народот си е прибран по куќите и не прави врева по сокаците. Европа... а што беше тоа?      


Но, не треба да се заборави дека и во оваа калакурница постои една популација што има капацитет/кондиција за се: да оди на работа и во услови на експлоатација; да чита на Интернет за да не за’рѓа; да ги подѕирне турските серии за да биде апдејтирана; и да гради ставови врз основа на многубројни извори. Младата популација. Не треба да се заборави дека енергијата на младите во овој век на информатичка револуција станува несопирлива. Воодушевена сум од брзината и мудроста со која  респектабилни (по обем) групи од млади во земјава преку социјалните мрежи се здружуваат во различни форми на граѓански отпор кон еклатантните општествени патологии. Ме фасцинира демократскиот изблик на оваа генерација, нејзиниот урбан вокабулар, нејзината склоност кон паметно иронизирање на стварноста (некогаш до сарказам) и нејзината независна мисла. Тој цивилен отпор, ако прерасне во легитимна граѓанска партиципација, има шанса да доведе до промени. Но, исто така, не треба да се заборави дека промени му се потребни и на системот. Системот, каков што е денес, и од најдобронамерниот и најчесен млад човек може многу брзо да создаде клон на актуелните ликови од јавниот и политичкиот живот. Зашто системот е поставен на патолошки начин, а патологијата е длабоко вградена во секоја од неговите институции.