12/28/2012

Сликата на Радмила во моите мисли

Никако од пред очи да ми исчезне сликата на Радмила Шеќеринска. Тоа е слика што веќе сум ја ставила во замислена рамка, а и’ припаѓа на виртуелната колекција на мојот уметнички ѕид, во која влегуваат примероци од типот на „Крик“ на Едвард Мунк или „Герника“ на Пикасо. Остана таа слика на Рада скована во мојата меморија за 24-от ден на декември од оваа разулавена година. Нејзиното лице во грч, устата растегната во очајнички врисок, и телото, од раце на ѕверови во човечки облик - влечено по подот. По подот, покриен со скапиот таписон послан по крвавиот храм на некогашната, каква-таква демократија. Не дека останатите претепани не ги видов. Не дека врисоците на жените не ги слушнав. Не дека на очите свои можев да им поверувам, но ете, мојата секвенцијална меморија одбрала дека Радмила треба да ми излегува пред очи секогаш кога ќе се сетам на тој злослутен ден.

Мозокот е магична машина. Во тие неколку, во френетичност снимени секунди на линчот врз младата жена, не само што заплакав и писнав, туку и десетици мисли како молњи ми пролетаа низ лавиринтите на уморниот кортекс. Прво помислив на нејзиното дете, кое еден ден секако ќе ги види дигиталните записи од најгнасното понижување на својата родена мајка. Потоа помислив на мајката на Рада и, не знам зошто, таа непозната жена ми се појави во видното поле како темна силуета што се струполува кон некаква бездна и никогаш веќе не станува. Па си помислив, поточно - ја осетив, физичката болка на Рада, гледајќи како и’ ги тегнат рамењата, и’ ги бодат слабините и и’ ја шутираат веќе болната нога. Па помислив на тетка ми, која на сличен начин била злоставувана од фашистичките пци во најтешките воени времиња. Се сетив и на големите мигрени на дедо ми, што тој ги беше заработил од ударите на туѓинските бајонети по фронтовите и ратиштата, а со кои во болка живееше до смртта. Ми пролетаа и сеќавањата за мрачните братоубиства по Македонија, за кои сум читала по историските читанки, а сум мислела дека се само тажни приказни за минато што никогаш нема да се повтори.

И сега ми се вртат истите мисли. Си велам, како тоа дете на Рада ќе може да заигра детска игра со детето на некој од мачителите, ако еднаш, што знаеш, заодат во исто школо. Или, како дечињата на тоа дете на Рада ќе можат еден ден да седнат во исто друштво со внуците на џелатите? Нема да можат. Ниту тие деца, ниту децата и внуците на Весна, Соња или Маринела ќе можат било кога да се најдат на иста, расположена и распеана маса со децата и внуците на безочниците. Ги бројам децата на едната и оние на другата страна. Исти се по број, чинам, а тие бројки, и на двете страни, ќе се зголемуваат по некаква прогресија. Едните од нив трајно ќе ја носат болката на лицето на Рада како гадна тетоважа во своите души. Другите, пак, вечно ќе се ситат на таа болка во душите на првите. Горди ќе бидат што таа болка ја нанеле нивните предци, со кои ќе се гордеат и дичат. Едните во јад ќе го запечатат сеќавањето за страшниот ден; другите, пак, ќе плукаат со мерак по нивните солзи, како што тоа сега го прават нивните мајки, татковци, дедовци и баби. И така до недоглед. Верувавме дека дошол крај на недогледот, но тој жилаво се изборил за вечност.

А Македонија мала, тесна, ќе има ли место за сите? Просторот со воздух го зазеле силни,   моќни, дебели и страшни. Никој ни да цимне, ни да попушти. Го држат грубо, го стегнале со оков, а за оковот ни клуч има, ни клешта го сече. Затоа, ѕирни пријателе низ првиот прозор до тебе, и погледни со отворени очи. Ќе видиш врвица од деца што тргнале кон спасот, таму некаде каде што можда има малку воздух, да задишат, да здивнат. Деца мои, твои, невини и тажни, кинисале на долг пат. За да најдат арно, да родат свои деца, на кои жално ќе им кажат: „Дојдовме во дамнини од една земја, по име Македонија. Таа земја ја пустеа од надвор, ја пустеа со сите сили, но умре од своите, во страдања од пекол.“  

            

12/21/2012

Доктрината на шок и штрајкот на лекарите

Ситуацијата околу штрајкот на лекарите многу ми заличува на примерите за подлата злоупотреба на несреќите на луѓето од страна на моќните корпорации, само за нивна профитна полза . За ова, во можда највпечатливата книга од новиов милемиум - Доктрината на шокот , пишува исклучителната, инаку моја омилена авторка и активистка, Наоми Клајн . Во книгата,  таа го опишува механизмот, преку кој на најбескрупулозен начин, корпорациите вршат капитално колонијализирање на цели нации или нивни делови, користејќи ги моментите кога тие луѓе се соочуваат со големи природни, воени или општествени катастрофи. Под маската на спасители во состојби на тешки економски или друг вид шокови, корпорациите безмилосно се впуштаат во суров лов во матно за, додека луѓето се освестат од шокот, тие самите да можат безбедно да ги стават своите шепи врз патеките на парите. Наоми Клајн пишува и за вештачки предизвикани катастрофи или непогоди, режирани со иста цел: да се заработи бесрамно за сметка на несреќата на луѓето.

Паралелата со актуелната приказна во нашето здравство ми се чини многу на место. Особено откако по неколкунеделното траење на штрајкот на лекарите-специјалисти и неуморната владина медиумска кампања за народот како жртва на неодговорните бели мантили, премиерот ниодкуда се појави со една, навидум невтемелена изјава, дека болните не треба да стравуваат зашто функцијата на јавното терцијарно здравство ќе ја преземат приватните установи. Клик! Од тој момент веќе ништо не е исто во врска со штрајкот. Одеднаш го насетивме мирисот на доктрината на шок што почна да се шири од задкулисното сценарио што го плетат властите и капиталот. По еднодецениска битка за народните пари од Фондот за здравство, сопствениците на приватните клиники го најдоа најслаткиот начин како да се доберат до здравствениот денар. Во моменти кога народот најмногу ќе биде исплашен за својата судбина во болест и мака, ќе ги уфрлиме во игра моќните корпорации, кои од љубов кон населението ќе ја преземат улогата на корисници на фондовските пари. Јавното здравство, тој гнасен комунистички мастодонт, тој свиреп непријател на оваа божја раса, ќе мора да падне. На негово место, како принц на бел коњ, ќе дојава приватниот спасител за да не’ лечи со нашите пари. Народот, кој сега го носат по антипротести и лаења, дур се сврти малку лево-десно, веќе ќе биде роб на некаква понижувачки скроена медицинска услуга што ќе му ја нудат разни Систини и Кристини.

Масакрирањето на јавното здравство што ни’ се случува пред отворени очи и при здрав разум, на овој начин ќе може набрзина да биде окончано. Младиот амбициозен министер, за кого не знам зошто, но сеуште верувам дека не знае што прави, еден ден ќе има многу главоболка. Бидејќи ќе разбере дека наседнал, заслепен од тнр. реформа. На која и’ приоѓа како на нерешлива, но толку возбудлива компјутерска игра што му бара за секое наредно ниво на помош да вика некои други, поискусни играчи. Опчинетоста со која министерот се внел во формулите,  балансд скоркардовите и моделите, ми дава за право да мислам дека дечкото е под хипнотичка омама на интелектуално искушение.

Наоми Клајн вели дека победнички активизам е само оној, кој има корен и не користи насилни средства. Ако штрајкот на лекарите навистина има таков корен, претпоставувам во некаква претходно направена, издржана длабинска анализа на терцијарниот сектор во здравството, во взаемната солидарност во фелата, како и во некаков изготвен несоборлив предлог за враќање на достоинството на трудот на специјалистите во јавното здравство, сигурна сум дека може да победи. Манирот во кој се одвива штрајкот - мирните протести, ненавредливата реторика и УПОРНОСТА, се исто така фактори на успех според Клајнова. Единствената слаба страна на лекарите е ограничениот пристап до медиумите. И за тоа постои решение. Средби со граѓани, дебати по локални средини, некоја брошура или лифлет, можат да ја пополнат таа празнина.

И уште нешто. Ако зад целата епика на штрајкот стои и опстои главното, а тоа се искреноста и чесните намери, овој штрајк, и покрај општата недемократска атмосфера, има шанса да се омасови како глас на заборавената и понижена средна класа во земјава.                        

12/16/2012

Црвенковски како жртва на Милтон Фридман

Бранко Црвенковски мора да се помири со фактот дека тивкото, но несопирливо паѓање на неговиот рејтинг, се должи најмногу, ако не и целосно, на неуспехот на неговите економски реформи од деведесеттите. Десет пати нека ги нема Бучковски и Бузлевски во редовите на СДСМ, во партијата постојано нека се активираат нови и неизвалкани лица, нека се кандидираат еден по еден какви сака локални угледници за градоначалнички места, нека се воведуваат популистички ноти во партиските партитури - сето тоа нема да биде доволно за партијата да и’ се спротивстави на беспоштедната пропаганда на власта против Црвенковски, во која тој е прикажан како единствен виновник за економската пропаст на Македонија. ДПМНЕ и натаму ефикасно игра на таа победничка карта - блатење на економската доктрина на Црвенковски, па со секојдневно потсетување на македонската транзициска трагедија, откинува парче по парче од лидерскиот кредибилитет на водачот на опозицијата.

Нема дилема дека нешто слично еден ден го чека и Груевски. Неговите бесмислени и погубни политики веќе подолго време се под удар на трезвениот дел од нацијата. Проблем е што тоа сеуште не го гледа плебсот, на кого, по правило, секогаш му се потребни извесна временска дистанца и политичка сила, која сето тоа ќе му го објасни на соодветен начин. Како во случајот на Црвенковски, кому на плеќите му се товари и „предавништвото“ за името и територијалната организација на земјата, Груевски ќе мора да се соочи и со последиците од играта со историјата и идентитетот на Македонците. Затоа што сега, пет години подоцна, таа игра не само што придонесе светот да се подбива со нас, туку и направи народот да се подели на два различни македонски подентитети. Ни Црвенковски ни Груевски - типично за суетни претставници на политиката, не се освестија на време од опиеноста поврзана со нивните најважни одлуки за нацијата.

Денес е јасно дека Црвенковски е жртва на сопствената послушност пред неолибералниот економски диктат на ММФ и Светската банка во текот на транзицијата. Овие две институции беа ладнокрвни извршители на идејата на водечкиот селебрити-економист од тоа време, Милтон Фридман, за саморегулирачката моќ на пазарот. Не само кај нас, туку и во целиот свет, Фридман стана економски бог. Затоа е прашање дали Македонија, така мала и така слаба, во тоа време имала некаков друг избор во врска со правецот на реформите. Тоа ќе го покажат историските записи. Но, вистината е дека ММФ и Светската банка прилично лесно ги ставија под свое главните економисти на Црвенковски од средината на деведесеттите. 
Дел од тие луѓе одлуките за реформите ги спроведуваа под притисок на Владата, но меѓу нив, да не заборавиме, имаше и вистински пазарни фундаменталисти, кои успеаја од своето опкружување да ги елиминираат сите оние кои се обидоа да им се спротивстават на мерките на шок-терапијата. Неолибералниот концепт беше во тренд. Тој како стихија се ширеше по земјите што се ослободија од советскиот, соцреалистички стопански модел, а како успешни стории беа прикажувани економии кои на кус рок постигнале добри резултати, како Унгарија или Ирска, на пример. Никогаш, меѓутоа, не беа анализирани примерите на земјите од Јужна Америка, во кои неолибералниот модел беше тестиран далеку претходно. Треба да се потсетиме дека во тие јужноамерикански држави системот беше воведуван со сила и диктатура, а дека неговата примена резултираше со пролеана крв на илјадници убиени и злоставувани луѓе. Скоро во сите овие земји неолибералниот модел на крај заврши со колапс на економиите, а опоравувањето го донесоа некои нови и независни развојни решенија.

Познато е дека антипод на неолиберализмот, како модел „непријателски“ за народот, е кејнзијанството, кое се заснова на идејата дека улогата на државата треба да биде силна во регулирањето на пазарот и во придвижувањето на развојот. Познато е, исто така, дека македонскиот народ историски најмногу се развил токму во време кога државата имала пресудна улога за подемот на нацијата, во социјализмот. Илјадници пати е повторувано дека несреќата на Црвенковски е што прифати неговата левичарска партија да го фати патот на неолибералната реформа, целосно спротивно на нејзината природна идеологија, а Груевски да го искористи моментумот, па својата десна партија да ја кејнзијанизира и да го зашемети народот. Овие времиња, во кои премиерот вешто игра на божемната програма дека „државата прави за народот“, испадна курентен производ на сиромашниот пазар на политичка понуда на која се изложени нашите граѓани. Груевски, во суштина, никогаш не го напушти неолибералниот модел, туку зулумот на неговите темни краци само кусорочно го маскира со туѓи или незаработени, зајмени пари. Затоа, во очите на народот Црвенковски е човекот кој им земал, а Груевски е оној кој дава. Не е важно што од касата на Груевски наскоро ќе се слуша ехото на испразнетоста. Не е важно ни што нашите деца и внуци ќе пцујат за растрошноста на народњакот кој го искористил Кејнз за своите итри, а промашени цели. Сето тоа уште не се гледа. Но важно е, и се гледа, дека Црвенковски е едно од бројните чеда на Фридман, по кои сега мава и плука целата земјина топка, па со неа и овој неук, беден и вечно лажен народ.          



 

12/10/2012

Колку ми се секси мушкиве политичари

Се утепавме од мрчење против македонскиве политичари. Се разбира, тоа сами си го бараат. Ама, пред некој ден бев у друштво со неколку жени на различна возраст, не многу блиски една со друга, и почна муабет на тема кои од мушкиве политички фаци се секси, а од кои треба да фаќаш гитла ко жена. Ја до сега, да бидам искрена, никад не сум ги гледала типциве со такви очи. Али и јас сум женско, па си реков, ај малце да ги прочешлам, онака, ко за сопствена употреба, пред избори, па да видам што ќе излезе. Се фатив за „најважните“, на чија харизма партииве рачунаат дека збираат гласови. Ги „протресов“ со женско око, на основа на она шо го гледам коа се појавујат у јавност и какви пораки праќаат до жените. Не познавам ниеден од нив. На сите тие арслани им закачив по еден епитет, со кој ја опишувам мојата генерална импресија за нив како мужјаци. Еве што добив: 

Хорхе, раскажувач. Тоа ти е една скромна балканска фигура, со кроток поглед,  увек у традиционален аутфит, која не емитира сексуални сигнали. Тоа е заради пристојноста на која игра као на најјача карта. Он е чоек шо те гледа у очи и ти раскажуе. Он е жеден да го прашуеш. Он е лежерен дур збори, ама у грч за да те освои. Он е ранлив, али годините блааааго го подзајакнале. Старее сасвим пристојно, а брчките не го праат матор, него му додаваат карактер. Он е тип со кој би уживале жени кои не бараат превише животна динамика, туку содржина. Пргавите би пукнале, али он го знае тоа, па праи уступци. Он е од оние типови кои не те нервираат коа се дома. Го замишљам по папучи, сам у радна соба, никого не масира, јаде шо ќе му даеш, не се кара со фамилија. Али знае да стане незгоден коа најмалце се надаш. Па се мршти. И има свои ќефови од кои не се откажуе. Тогаш попуштај му. 

Трајко, таен шмекаџија. Он е муж ко од времето на татко ми. Чиновник, конзервативен, он као, бере гајле за све дома. Али има интригантно варљива фаца. Он е сексуално заинтересиран, али тоа добро го маскира зашто знае дека последиците од многу шарање би го коштале више од меракот. Очињата му запажаат баш све. Он, коа не би бил политичар, би бил секси на олд-фешн начин. Он со жена или е експлозивен, или свиреп. Нема средина. Он е тип кого политиката неуморно го клеса и го претвара у машина. Тоа го прави доста неатрактивен за женски очи. Има бирократски речник, а тоа има везе со сексипил колку шо се блиски мачката и кучката.       


Б.Ц., флерт-експерт. Муж со педигре на швалер, у шо ја баш и не верујам. Он јес да е малку више секси од другиве ко појава, али жена никад не е најважна ствар у неговиот живот. Он е мераклија за све што е лепо, али од жени бара и малце мускул, у секоја смисла. 
Он сака да се релаксира и да забавља друштво, па и женско. Он е муж кој сака  жени да му се диват. Он со жена не е скроз искрен, али знае да и’ обрне внимание на шмекерски начин. Уствари, со него жена никад не е на чисто на што е. Он добро се облака и води рачун за линија и тело. Он уснимуе жени, али онаа мимика шо ја праи со едната веѓа, придружена со лесно ироничен поглед, утеруе извесна сумња. Со него, без мука би се забављале жени шо нема превише да се оптоварујат со емоции, нити да му тражат погача преку леб.         

Ахмети, дистанциран. Овој, и покрај тоа шо не изгледа лошо, не покажуе интерес за секси наступ. Личи као да освен политика, ништо друго не го интересира. Ни коа збори не зрачи со харизма, а не ни покажуе другачија тенденција. Акцентот у све шо праи му е на скромноста, паметот и изречената мисла. Его трип, сконцентриран е на себе. Со жени пази што збори и никад не прекорачуе дозволени граници. Он е тип на господар. Он е чоек-мистерија. Он не губи време на празни муабети. Он дозира расположење, кое, углавном, онака, тежи.  Жена која би била за него е некоја фина, ќутлива и работлива, скоро невидлива особа.

Јани, бомбица. Он е добро васпитаван, ептен гледан од мајка, и мазен. Он има шарм на оној вечно детињаст начин. Он е поише добро дете, него мужјак. Он е као дечко за средношколска љубав. Он со жена не знае баш како, али пази да не згреши. Он од жена би сакал да бара многу метании, али знае дека тоа не е баш тренди. Он знае и да гњави, и упорно да фрчи. Он сака да се зеза со жени, али пази да не стане нападен. Он е дечко кој добро учи, па научуе и тоа како треба со партнерка. Он не е секси на прав начин, али има доза на бејби фејс и бистар палавко, што жените ги тера да го штипкаат, закачаат и гушкаат. За него се добри трпеливи жени, упорни и умни.

Мендух Тачи, одметник. Овој стварно е секси, али на див, изазовен и истовремено језив начин. Он е огин. Така се облака, така се понаша, така се заебава. Он е од оние типови од амерички филмови, кои прво ќе ги заведат жените, ќе ги наакаат на себе, а после ќе ги снема. Па ќе се појават ниодкуда, ќе останат една ноќ, а сабајлето креветот е празен. И така цел живот. Он е истовремено љубавник и ѕвер, другар и варалица. Он поштуе лепота, финоќа и манири кај жена. Важно му е жени да го мерачат. Он е причалица. Со него, сепак, се најсреќни оние жени кои не анализираат или тражат баш превише. Најважно е да го слушаат.

Жерно, манекен. Малиов, иако не е меѓу најважните у политикава, за урбаните жени е доста битен. Скопска фаца, згодно спакуван, лепо обријан и у доста аристократска поза. Колку шо е фин за око, толку не делуе швалерски - таман по укус на најголем дел од жениве. Со нив, пак, е пажљив, пази шо збори и шо обеќава. Нему жени му се важни, али увек брои до десет пред било шо да напраи. Изнутра е емотивен, али феноменално го контролира својот био-нагон. Он е права верзија на либерален демократ. И по аутфит, и по говор, и по гестикулација. Превише е политичар, за да биде мужјак. За поише сексипил, му фали да подизвади на виделина 
некое пламенче од својата унутрашња ватра. Бар преку говорот.

Може ќе се прашате зашто фалат некои фаци у моево чаврљање. Епа не сум до таму негде луда, бе, луѓе.               
                          

12/01/2012

Девојчето со кибритчињата

Сакам да ги слушам резултатите од анкетите со кои ја испитуваат „среќата на нациите“. Ги сфаќам како проверки на степенот до кој луѓето во различни земји успеваат да ги реализираат своите потреби. Баш онака како што за задоволувањето на потребите зборува Абрахам Маслов. Тој вели дека на патот до тнр. самоактуализација (себеизразување, самоостварување), поединецот треба барем претежно успешно да ги мине фазите, во кои најпрвин се фокусирал на своите базични барања, а потоа и на останатите, се’ посложени човечки пориви.

Една од суштинските логики на современата држава е, на еден организиран, цврсто дефиниран и паметен начин, на своите луѓе да им обезбедува, и постојано да надградува, амбиент во кој тие ќе можат слободно да го одат тој пат до самоактуализацијата. Да ги задоволат најнапред тие свои основни потреби - за храна, дом, сигурност, здравје, работа, семејство, а потоа и потребите што имаат покомплексна, духовна природа, какви што се градењето кариера, личниот социјален и културен развој, себепрезентацијата, себепотврдувањето. Здравите социјални и демократски држави ги препознаваме по умешноста со која градат интерни системи засновани на потребите на поединецот. Тоа се системи чија цел е општествена инклузија на единката, нејзино вклучување во општествените движења, текови и процеси на донесување одлуки. Тие разумни држави се темелат на респектот кон способностите и можностите на индивидуите, и создаваат  простор за реализација на индивидуалните аспирации. 
Според Маслов, таквиот поединец, кој со своите човечки капацитети успева да се пробива кон врвот на пирамидата на потребите, истовремено се стекнува со самодоверба и самопочит. Таквата индивидуа може на најдобар начин да ја аплицира својата креативност. „Среќни нации“ се, всушност, оние кои на своите поединци не само што не им го попречуваат патот до среќата, туку ги фацилитираат нивните индивидуални стремежи.  

Може да се направи и паралела, поврзување, на тезата на Маслов со универзалната идеја за човечките права и слободи. Бидејќи човечките права се во непосредна, природна врска со потребите на луѓето. Правата на поединецот не се ништо друго освен права тој да може на што понепопречен и послободен начин да ја црпи и емитира својата создавачка енергија. Социјално и правно успешни држави се оние кои тежнеат да обезбедат опкружување, во кое правата на поединецот се неприкосновени.

Просечниот македонски поединец ја има изгубено самодовербата. Тој се’ повеќе се повлекува во тивкиот свет на сопственото незадоволство, го одбегнува асоцирањето со другите, и живурка во темнината на длабокото себепреиспитување. Борбата за голо преживување не му остава простор за духовна надградба. Неговиот ментален просперитет е оневозможен од силната општествена репресија. Тој се срами од себе си и се затвора во коридорите на себенепочитувањето. Тој често е бесен на околината и се’ повеќе се дистанцира од неа. Извртениот вредносен систем што владее во општеството на кое физички му припаѓа, ја урива неговата мотивација за поголем интелектуален напор. Системот околу него забрзано транзитира кон натамошна деградација на неговите права, слободи и достоинство. Единката станува жртва на сопствената емоционална пригмеченост, која секогаш завршува со болна и трајна фрустрација. Фрустрираниот поединец, по правило, е маргиналец. За жал, грото од нашата општествена рамка денес ја чинат несреќни маргинализирани луѓе.
Денес, најголемиот дел од Македонците  живеат како девојчето со кибритчињата. Уморни од исцрпувачката битка со моќта, суровоста и дискриминацијата на сите нивоа, тие се подвиткуваат по соочувањето со сопствениот пораз. Замрзнати во светот исполнет со глад, неправда и држава која гасне, тие скришно ѕиркаат низ некои туѓи, накитени прозорци, зад кои се гледаат контури на среќа. Среќа на некои други луѓе што живеат во земји што ќе ги биде, во кои утре секако ќе биде подобро, во кои нивното право да се биде човек никој не го гази.

На новите генерации им изгледаат прилично необично тагата и сетата на нивните родители по старата држава. Тие се чудат како може да се негуваат топли чувства кон еден систем, кој денес е проскрибиран како сурово-комунистички, тоталитарен и ограничувачки од аспект на местото и третманот на поединецот. Како може да се прикажуваат бајки за некое монопартиско, „кодошко“ и „удбашко“ време? На оваа тема веќе пишував и претходно, а сега, многу симплифицирано, ќе ја ставам во контекст на учењето на Маслов. Имено, дека топлите мисли за таа стара држава доаѓаат од сеќавањата за една земја, во која барем се наѕираше напор, макар непроследен со многу знаење и визија, да се создаде систем на правда, во кој потребите на луѓето, онака, по Маслов, ќе може да се задоволат до ниво достојно за човечкото битие. Вистина, ние сите сакавме многу, многу повеќе. Но нашиот сон за демократија, благосостојба и конечна лична самоактуализација се распрсна како кревко стакленце во илјадници парчиња. Останавме сите, ние и нашите деца, зад дебелите стакла што ја штитат туѓата среќа, загледани тажно во туѓото, токму како девојчето со кибритчињата.       

11/24/2012

Ноќ во Њујорк

Хотелот беше на авенијата Лексингтон. Беше тоа убав хотел, пристоен, за нас Југословените и многу повеќе од тоа. Во моментот кога пристигнавме, се направи гужва на рецепцијата. Група весели Англичанки бучно го одјавуваа својот престој, плус ние неколкумина, натоварени со преполни куфери, јакни, мантили и чадори. Врнеше во Њујорк и мирисот на влагата се чувствуваше дури и во топлото лоби на хотелот. Седнав на една фотелја, сместена до големиот прозорец во холот, и решив да почекам додека не се испразни редицата пред пултот. Љубопитно разгледував наоколу и се прашував дали во хотелот има кафетерија зашто горев за едно фришко кафе. Забележав дека еден ливреисан човек стои на некои десетина чекори од мене, исправен, а сепак малку подгрбавен, со капа слична на оние што во тоа време ги носеа нашите милиционери, само во зелена боја. Имаше продорно сини очи и необичен поглед. Трпеливо набљудуваше како се одвиваат работите на рецепцијата и повремено им климаше со глава на гостите што влегуваа и излегуваа од лифтовите.

Добив соба на третиот кат. На рецепцијата ми рекоа дека во хотелот во ова време не може да добијам кафе бидејќи кујната работи само за време на појадокот. Ме упатија дека на стотина метри има мал бар.

Тоа беше мојот прв ден во Њујорк во животот. Сите претходни исчекувања, сеќавања од филмови и возбуда од средбата со најпознатиот град во светот, се сведоа на меланхоличниот впечаток од едно влажно и здодевно патување со такси од аеродромот до хотелот. Погледнав низ прозорецот кон улицата. Бескрајни колони од возила со вклучени бришачи на стаклата, отворени чадори што ги покриваат лицата на разитаните луѓе по тротоарите, и првите вечерни светла на Њујорк што се распрснуваат низ дождовните капки. На хотелската мапа видов дека сум многу близу до Бродвеј. Одлучив да се распакувам и веднаш да тргнам во својата прва њујоршка авантура. Некој тивко чукна на вратата од собата. Прашав кој е, а тивок шепот, на течен српски јазик, одговори: „Отворете, јас сум од хотелот, Ви носам кафе.“ Ја отворив вратата. Пред мене стоеше човекот во зелената ливреја, со продорните сини очи вперени во мене. Во рацете носеше сосема мало послужавниче со најобична наша шолјичка во тацна, од која се ширеше мирис на штотуку сварено турско кафе. За парчето локум и чашата вода скоро и да немаше место во послужавничето. Гледав збунето, по малку уплашено, и човекот побрза да ми го намали стравот: „Јас сум Сали. Од Косово сум. Овде сум веќе 25 години. Ве слушнав дека сте од Македонија и дека Ви се пие кафе, па еве, Ви донесов од моето.“ Дали од стравот што го почувствував претходно или од непријатноста што пред мене стои непознат човек, прозборев нешто неповрзано, се заблагодарив и го зедов кафето. Сали се насмевна, ми порача дека за што и да ми затреба можам да го побарам на локалот 017, и си замина.

Утредента денот го минав со мојата група. Беше време на војна; Вуковар беше во пламен, а телевизиите во Америка не престануваа да известуваат од југословенските боишта. Сите брејкинг њуз беа од дома. Со мене имаше Срби и Хрвати. Веќе не знаевме како да се однесуваме едни со други. Одбрав никому да не спомнам за мојата средба со Сали. Ручавме заедно и зборувавме за глупави нешта; едниот од Србите и’ пркосеше на мачната атмосфера меѓу Хрватите со тоа што не престануваше да прикажува вицеви. Ги кажуваше толку вешто, толку шеретски, што стомакот ме болеше од смеење, и покрај облакот од чемер што се беше надвиснал врз сите нас заедно.

Вечерта се прибрав во собата, се испружив врз големиот кревет и го вклучив телевизорот да видам што се случува во Југославија. Истите ужаси, нова крв, нови жртви. Изјави на Туѓман за страдањето на хрватскиот народ во Вуковар и Борово Село. Извештаи за градот под опсада. Снимки, направени од далеку, за напредувањето и загубите на југословенската армија. Жени што вриштат, гробови во поле. Се јавив на семејството. Ми рекоа дека во Македонија е мирно. На вратата од мојата хотелска соба се слушна тивко чукање. Пред неа стоеше Сали. „Дојдете, Ве молам, во мојата канцеларија. Некој моли да Ве види“, ми рече.

Сега не е важно со какви чувства ја донесов одлуката да отидам кај Сали. Тој одеше на неколку чекори пред мене. Се качивме во лифтот. Тој го притисна копчето обележано со минус два. Лифтот полека не’ однесе два ката под земја, во хотелските одаи и офиси за персоналот од техничкиот супорт. Перална, кујна, соба за пеглање, остава за средствата и опремата за чистење, магацин, секјурити. Неубава тишина, мирис на свежо испрани чаршави и крпи, пареа од собата со машини за пеглање, слаба светлина, и многу малку луѓе. На канцеларијата на Сали пишуваше Staff Manager. Беше тоа просторија од три на три, ништо повеќе. Една маса, две столчиња, еден орман и еден кауч, на кој Сали, веројатно, преспива кога мора да остане на работа. Никаде прозорец, никаде знак дали некаде надвор е ден или мрак. На едното од столчињата, свиткана како верверичка, со поглед на срничка, седеше убава девојка со пакетче во рацете. Беше облечена во фармерки, бело џемперче и кафени чизми. Имаше кадрава, светло костенлива коса. Без шминка, само со сино-бела марама, цврсто врзана околу тенкиот врат. Соња од Скопје.

Имаше 24 години, а веќе три беше во Америка. Шестмесечната виза одамна и’ истекла. Чичко и’ уште пред две и пол години ја испратил на аеродромот во Кливленд, Охајо, мислејќи дека таа безбедно ќе отпатува за Македонија. Се изгушкала со роднината, влегла во гејтот и, по десет минути, сигурна дека тој си заминал, излегла од аеродромската зграда и со првиот автобус отпатувала за Њујорк. Кај својот Владо. Хрват од Задар, со кого се запознала на некоја југословенска средба во Охајо. Љубов до коски, надеж до болка. Прегратки за припаѓање, планови за заеднички живот. Младешки соништа и верувања.

Ноќта ја минав во грдата канцеларија на Сали од три на три, гушната со добрата, мила и убава Соња, чии солзи до денешен ден останаа впиени во мојот син блузон што го носев во таа тажна њујоршка подземна соба. Се срушил нејзиниот американски сон уште лани, кога Владо одлучил да тргне по друг пат, во друга земја, со друга жена. Лагите изречени во писмата до нејзината страдна мајка останале испишани и неизбришливи. Писма во кои Соња ветувала дека ќе биде среќна, прибрана, нахранета и згрижена. Писма што патувале тајно, писма на една мила македонска емигрантка, чиј сон се распрснал во парчињата на неповратот. Семејството на Сали од Косово, и самото страдно на почетокот на своите американски години, и’ пружило потпора. И’ нашле некаква работа, да се прехрани додека не стекне право на нормален престој.

Ме гушкаше Соња цела ноќ. „Оценил Сали дека сте добра жена“, ми рече. „Тој во тоа е непогрешлив. Извидел се’ и сешто во животот, сега знае кој каса, а кој носи топлина, уште на прв поглед.“ Ја држев цврсто за дланката што се беше зарила во мене, како да сакаше вечно да останам до неа како нејзин близок, нејзин спасител во тешкото. И покрај тоа што разликата во нашите години не беше голема, се почувствував силна, мајка, заштитиничка, покровител. Ја оставив да заспие во мојот скут. Нејзиното лице полека се ослободуваше од грчот што го носела катаден, во секој миг, во таа туѓина претешка за нејзината суптилна, нежна душа. Убавата Соња, несреќно заљубената одлична студентка од скопскиот Природно-математички факултет, која како награда за ликвидираната трета година на студиите од татко си добила патување кај чичкото во Америка, лежеше во мојата прегратка, сонувајќи го својот прв спокоен сон во Њујорк. Ја помилував по кадравата коса и ја оставив да ја одмори во спокој својата тага, својата болка.

Пакетчето од рацете на мојата Соња го однесов во декември, кога се вратив во Скопје, на нејзината расплакана мајка. И’ кажав, како што посака Соња, дека таму, во Америка, се’ е во ред. Дека Соња е среќна, води убав живот, има среден стан и работа што и’ овозможува лагоден живот. И’ реков дека Соња е убава, каква што ја помни, и дека, кога и да е, ќе ги викне на гости во Њујорк и неа и братот, кој во меѓувреме се оженил и има петмесечно бебе. Ме гушкаше мајка и’ на Соња со топлина иста како онаа на нејзината ќерка, ме држеше за рака како да сум нејзина врска со нејзиното мало девојче што го пушти на прошетка во Америка, а веќе не го виде.                                

                            

11/18/2012

Чекајќи го декември

Дали навистина е така или не - ќе видиме, но овој пат, денот Д за Македонија го сместија во декември. Во очекување сме да разбереме каков абер ќе ни’ пристигне од Брисел. Ќе ја добие ли земјава можноста да продолжи по европскиот пат, колку и да застранила последниве години од правецот што едвај почна да го фаќа во тешките години на независноста? Ќе треба ли, во спротивно, да се збогуваме со афилирањето во цивилизираната Европа и сами да се справуваме со распламтените внатрешни центрифугални сили? Дали е ова последното искушение за опстанокот на државава, по кое, ако пораките од европската престолнина се лоши, ќе треба да се подготвуваме за нови страдни времиња? Чувството на исчекување е многу слично на она од крајот на осумдесеттите, кога старата голема држава ни’ се распаѓаше пред очи.

Многумина се обидуваат да ја одгатнат вистинската причина за распадот на Југославија. Дали беше тоа економската криза, која настапи како резултат на преголемата надворешна задолженост во седумдесеттите, во услови на тромаво социјалистичко стопанство, неспособно да генерира доволно кеш за отплата на кредитите? Беа ли тоа разликите во развојот меѓу северот и југот, и односите во распределбата на доходот и националното богатство меѓу републиките и покраините? Дали беа тоа непобедливите сили на национализмите во трите „главни“ републики што почнаа да пустошат по заедничкото ткиво уште на крајот на шеесеттите? Дали беше тоа влијанието на надворешниот фактор, имено паѓањето на Берлинскиот ѕид и, со тоа, збришаната доминација на блоковските односи и губењето на значењето на третиот пат што го беше фатила Југославија? Беа ли тоа интеркултурната нетрпеливост меѓу југословенските народи и непремостливите конфесионални разлики? Беше ли тоа неспособноста на (кон)федералниот систем на сојузната држава, по смртта на водачот да се справи со бујните сили на дезинтеграцијата? Беше ли тоа цврстата поврзаност на некои од клучните југословенски политичари со центрите на светска моќ кои го сакаа распадот на земјата? Многу претпоставки, но ниту еден цврсто втемелен одговор. Помнам како во бурните југословенски години од 1988 до 1991, на сцената одеднаш се појави ликот на првиот транзициски сојузен премиер Анте Марковиќ, кој се обиде да инаугурира мек модел на капитализам во земјата, со кој ем ќе ги отпочнеше демократските реформи, ем ќе го свртеше вниманието на политиката кон неминовното економско преструктуирање. Доцна. Моделот на Марковиќ попушти уште пред да доживее имплементација зашто процесот на деградација на земјата беше зел стравичен замав. Југославија се распадна. Колку и да беа значајни надворешните влијанија, таа се разгради под доминација на внатрешните сили. Во принцип, Југославија се распадна заради победата на антијугословенството врз југословенството, а неколкумина на битни функции се погрижија тоа да се случи со крв и страдање. Денес дури се минимизира, па и исмева, гестот на добра волја на тогашната Европска Заедница, која му пружи рака за спас на премиерот, и влез на Југославија во Заедницата. Тоа беше искра на надеж за демократските делови на југословенската заедница, кои, сепак, беа преслаби за да се изборат против разулавената националистичка и сепаратистичка стихија.

Се обидувам да направам паралела меѓу карактеристиките на актуелниот македонски момент и амбиентот во Југославија пред распаѓањето. Си ги поставувам истите прашања како и за Југославија. Колку е сериозна економската криза во Македонија? Колку е задолжена земјата, и колку таа станала зависна од волјата на надворешниот фактор/кредиторите? Колку македонското стопанство е способно да се соочи со предизвикот за долгорочен одржлив развој? Колку односите со соседите имаат влијание врз македонската разврска? Колку се силни национализмите меѓу народите што живеат во оваа држава? Дали интеркултурните и конфесионални разлики меѓу етничките групи се толку силни, што оневозможуваат заеднички живот? Дали системот на рамковната држава може да излезе на крај со несопирливите апетити на ентитетите што ја градат  етничката структура на земјата?  Дали воопшто е можно во Македонија да се воспостави модел на македонство во смисла на државност, по урнек на југословенството, американството, швајцарството, што ќе биде прифатено од сите нејзини граѓани? Дали евентуалниот влез во ЕУ е само смислено алиби за подгревачите на растечката центрифугалност и носителите на дезинтегративните сили, односно дали влезот во ЕУ е гаранција за опстанок на кревката држава? Тешко доаѓам до одговор на овие сложени прашања, макар што турбулентната политичка клима во земјата не остава многу простор за предвидување на стабилна иднина.

Посакувам Европа да ни’ пружи рака. Во случајот на Југославија, не задоцни Европа, туку беше доцна за Југославија. На Југославија, пред паѓањето на Берлинскиот ѕид, и онака, природното место не и’ беше во Европа. И покрај тоа што моделот на југословенското државно уредување беше не само сличен на оној на Европската Заедница, туку и далеку подобро развиен. Во случајот на Македонија, Европа самата треба да оцени дали за Македонија после декември веќе ќе биде предоцна. И за Македонија, како и за Југославија, важи аксиомата дека влијанието на екстерниот фактор не може да биде апсолутно, односно дека условите што го трасираат патот на земјата се цртаат главно внатре. Дали Европа на Македонија гледа како на добар иден сограѓанин и партнер? Се плаши ли таа дека Македонија може да и’ донесе несакани ситуации и турбуленции? Колку и’ е важно што стравот за нашата иднина ние веќе одамна го чувствуваме?

Нашиот внатрешен фактор ја има задачата пред Европа да демонстрира кохезија и одлучност за нашата европска иднина. На Европа мора да и’ пратиме недвосмислен сигнал дека сме спремни да се одлепиме од византискиот товар, од силите на примитивизмот и од бесмислата на националистичките пориви за расцепувања. Ќе собереме ли сила умно да се себепрезентираме пред Европа, како единствен начин за нејзино омекнување во период кога и самата трпи од вишок проблеми? Ќе докажеме ли дека ние нема да бидеме нејзин проблем плус? Но, го сакаат ли тоа нашиве, воопшто? Колкав е стравот дека нашиот влез во Европа ќе го разниша во супстанца опстанокот на македонскиот уникатен модел на неуспешна држава за народот, ама успешна средина за капиталот?                  
   

                     

11/11/2012

IQ 140

Министерот призна дека си има мака. Никој не можел да му изработи сложена анализа. Сложена анализа е, на пример, да се утврди кои се факторите што влијаат Ставриќ да не може да биде заќуткан за работењето на лекарите по норма, и покрај сите преземени правни и неправни мерки. Сложено е и да се дојде до решение како на шалтерите по амбулантите и клиниките од јавното здравство да не се создава гужва. Или, како, и покрај финансиската дупка во Фондот за здравство, на народот да му се прикаже дека во здравството ц’вти, дека реформата била успешна, и дека односите помеѓу здравствената понуда и побарувачка се избалансирани.

Стотиците вработени во Министерството излегоа глупи да ги решат овие замки. Не бриљирале, очигледно, ни сите оние грдни странци што ги исподонесоа и мрсно ги плаќаа за да го решат управувањето со здравството. Море правеа анкети за задоволството од здравствената услуга, море обучуваа кадри за здравствен менаџмент, море поставуваа те обични, те економски директори по клиниките, море вработуваа Словенци на најбитните раководни места во ресорот - ништо. Ги прогласија докторите за виновници за колапсот на здравствениот систем и почнаа да маваат по нив со сите оружја. Во примарната заштита, на пример, од лекарите направија административци. Кога одам кај матичниот лекар, тој сега три минути ми посветува мене, а петнаесет минути пополнува податоци во компјутерот. И покрај тоа што лебот им зависи од пациентите, на овие лекари им се превртува во стомакот кога ќе видат колкави редици чекаат пред нивните ординации. Плус, пациентите сега почесто треба да одат по доктори за да дојдат до потребните рецепти. Ај што за, не дај боже, посложени дијагнози, се м’кнеш по неколку нивоа на врати и специјалисти, на крајот уште и ќе завршиш со еден рецепт, за неколку дена, а потоа се’ одново. Така, наводно, ќе заштеделе во Фондот за здравство, ама болните страдаат и плаќаат дупло.

Ќе се запамети изминатиов период и по потезите на Министерството што придонесоа за деградација на квалитетот на јавното за сметка на приватното здравство. Флуктуацијата на најдобри кадри од Клиничкиот центар кон приватните здравствени установи е најболниот пример за тоа. Државата сесрдно му помогна на терцијарниот приватен сектор во здравството брзо и лесно да дојде до најквалитетниот персонал, кој беше граден со години преку различни механизми на државата. Луѓето кои останаа на клиниките, пак, сега ги трпат ударите за дисциплинирање што им ги упатува државата. Но, и покрај сите битки и казнувања, воведени евалуации, мониторинг и казни, министерот не е задоволен.  

Тој, на крајот, реши работите да им ги довери на генијалци. И тоа не обични генијалци, туку генијалци за 50 евра. Тоа, секако, ќе бидат многу млади луѓе. Не верувам дека кон Менса ќе се заакаат бистри старчиња за да бидат тестирани, а и интелигенцијата, знаеме, опаѓа со годините. Значи, ќе се најдат десетина фраерчиња што, кој од зезање, кој од престиж, ќе му се наредат на батево во кабинетот. Си замислувам како ќе изгледаат бреинсторминг сесиите. Нашиов ќе изложи некаков нерешлив проблем, а децава ќе почнат да си вежбаат виуги со мавтање со слободни идеи, зашто тие, нели, размислуваат поинаку. На пример, батево ќе праша: „Имам проблем со дефицитот на Фондот за здравство. Како да го решем?“ Генијалциве, кој од кој понеупатен во финансиски системи, држава или буџет, ќе си прават забава со вадење решенија од џеб, се’ додека батево не се одушеви од некоја, ни чувена, ни виѓена идеја. Таа веднаш ќе му биде пласирана на шефот, кој, дал господ, ужива во улогата на раководител на лабораторија за експерименти, и ние повторно нафркавме. Со тоа што овој пат криви ќе бидат генијалците, а не докторите.

Не сакам да коментирам околу дискриминацијата што министерот ја озваничи со објавувањето на бизарниот оглас за негови советници. За таа работа се погрижија членовите на социјалните мрежи, домашните и странските медиуми. На целава приказна сакам да и’ дадам малку поинаква нота. Имено, министерот или не знае, или не сака да разбере дека управувањето со било каков систем значи прецизно дефинирање на целите на системот и изнаоѓање тактики за реализација на целите. Кога се во прашање државите, тогаш целите (мисијата и визијата) во определена област треба да бидат јасно утврдени преку соодветната законска регулатива. Министерот, веројатно, се соочува со проблем стратешките цели набројани во законите од оваа област адекватно да ги операционализира на ниво на практика. Никако, пустиот, „јако“ поставените цели да ги поткрепи со ефтини решенија, какви што му стојат на располагање. Тој се наоѓа пред предизвикот прилично либералните капиталистички закони од областа на здравството да ги направи применливи во едно длабоко сиромашно општество, без, при тоа, да го погази Уставот и да произведе поголема доза на народно незадоволство. Министерот до сега примени дузина популистички мерки за ставање под контрола на лекарите за, со тоа, да им се додвори на пациентите, но, освен извесното подобрување на состојбите во организациска смисла, останатите ефекти во сферата на здравствената заштита се погибелни. Особено е страшна ситуацијата во делот на правата од областа на здравствената заштита. Ранливите категории од населението најмногу го почувствуваа тоа. Затоа, затворањето на очите пред вистинските проблеми во системот на здравството му донесоа и нови проблеми на министерот.

Министерот е млад, симпатичен, духовит и динамичен. Амбицијата му тече наоколу, каде и да се појави, што е добро. Јас, пак, се наоѓам во години кога, заради животното искуство, да не згрешам ако речам заради паметот, можам да му порачам дека погрешил што за решавање на неговите проблеми побарал генијалци. Треба да побара маѓионичари. Само добри илузионисти како Дејвид Коперфилд може да му помогнат на нашиот сладок министер ем да ја доврши тажната сага за нашето здравство на начинот на којшто почнал, ем народот да гледа и да вика СУПЕР Е!                                

11/04/2012

Обама или Ромни

Се сеќавам како пред точно четири години, во Домот на АРМ во центарот на Скопје, ја чекавме завршницата од претседателските избори во САД. Јавното мислење во Македонија му беше отворено наклонето на републиканскиот кандидат Џон Мекејн, потенцијалниот наследник на политиката на Бушови, семејство на кое нашиов народ му прогледа низ прсти за војните и бомбите што ги расфрла по светот, како и за ултра либералниот однос кон генераторите на светската финансиска криза, ама кое, во некои клучни моменти за Македонија, беше застанало „на наша страна“. Промотивните материјали за едниот или другиот претседателски кандидат што ги држевме во рацете, ја откриваа нашата тивка поддршка за опцијата што ја сметавме подобра за нас. Се разбира, присутните од домашниот политички и дипломатски живот беа воздржани во таа смисла, ама ние, растоварените од политика и последици, не ја криевме симпатијата кон републиканците.

На американските домаќини во салата им беше јасно од каде таа наша заинтересираност за победа на Мекејн. Независно од нашите интимни идеологии - пазарно-либерални или социјално-демократски, ние сеуште живеевме под импресијата на американското признавање на Македонија под нејзиното уставно име, што се случи на 4 ноември 2004 година. Исто така, во нашата меморија беше втисната пораката што таткото-Буш ја испрати до светот на неколку дена пред заминување од функцијата во 1992 година, најтешкиот период за нашата земја, дека истекот на мандатот го спречил да ја спроведе својата искрена намера за признавање на Македонија. Од друга страна, времето на Клинтон, барем за Македонците во салата, се поврзуваше со неубавите настани од периодот 1999 - 2001, и нивните последици врз нашите животи, држава и иднина. Ни харизматичноста на Обама, ниту авангардноста на изборот на црномурест кандидат за американски претседател, не ги поматија нашите наивни очекувања дека републиканците ќе ни’ пружат рака за да ја завршиме како победници неправедната битка за одбрана на нашето име, влез во НАТО, а потоа и во ЕУ.

Годините што следеа, навистина од корен ја изменија нашата позиција на меѓународен план. Меѓутоа, никој од нас не е спремен да тврди дека улогата на американските демократи, за разлика од онаа на републиканците претходно, била клучна за развојот на збиднувањата во Македонија. Всушност, ние никогаш до крај не дешифриравме кој и каков е американскиот интерес на Балканот, односно колкава е приврзаноста на САД кон многу од потезите на македонската влада. Недвосмисленото дистанцирање на САД од македонските проблеми во четирите години што се зад нас, ние, пасивните набљудувачи, не сме веќе храбри да го толкуваме исклучиво како политика на демократите, како што немаме аргументи ниту да браниме тези дека евентуалната победа на Ромни би помогнала за разврска на Гордиевиот македонски јазол. Наместо тоа, во јавноста се’ повеќе се тркала тезата дека, всушност, не е ни важно кој ќе добие во САД бидејќи политиката на таа земја во врска со Балканот и нас е единствена, без оглед на партијата што ќе ги добие изборите. Ваквата теза веќе преовладува и во нашиот медиумски простор.

Така денес, на денот на признавањето на нашата земја од страна на САД под уставното име, и на само два дена пред американските претседателски избори, видлива е рамнодушноста на нашето јавно мислење кон тамошниот изборен резултат. Лично, овие избори веќе не ги гледам локално, туку ги посматрам низ мојата перцептивна матрица за судбината на светот на глобално ниво. Во својот однос кон тие избори ја ангажирам мојата цврста определба против пазарниот фундаментализам, односно поддршката на што посоцијално ориентираните политики било каде во светот. Длабоко верувам дека иднината на луѓето на планетава ќе биде многу попријатна ако власта во државите ја освојуваат партии со лева ориентација, односно со социјална праведност  јасно вградена во нивните програми. Повеќе од две децении светот страда од грубата наезда и владеење на либералниот капитализам, и од реформирањето на светот во правец на јакнење на малубројните олигархии за сметка на порастот на општата беда. Доаѓајќи од земјата која го диктира односот кон глобалниот социјален развој, Обама ми дава за право да верувам дека неговиот избор е подобар, на планетарно ниво.                           

10/25/2012

Да соопштам три работи

Прво, на избори НЕ ОДАМ. Се уверив низ сите овие изминати години дека мојот глас никому ништо не значи. Или, поинаку кажано, јас никому од нив ништо не значам. Според тоа, зошто да одам да гласам за некого кој ни ме шиша, ни ме ферма, ни ме мисли? Оваа одлука може да ја променам само ако на врата ми тропне партија, чии луѓе ќе ме прашаат, и тоа многу љубезно, како терам сите овие години, без никакви врски, лобија, корупции, дупелижења, лажења, крадења, подместувања и интриги. Многу искрено ќе им одговорам на прашањето, може и нашироко. Овде сега нема никого да замарам со личните искуства. Значи, одлуката е таа, а неа може да ја променам само ако некој, од БИЛО КОЈА партија (идеологија и онака нема во ниедна), искрено ме праша за животов, ми ја сослуша приказната без да му забележам здодевност на лицето, и ми понуди аргументи дека нешто ќе се смени. Дека иде нов ден, ново време, во кое за таквите како мене ќе се најде простор, мегдан и уво што ќе слушне. Ама, бидејќи веројатноста за тоа е скоро еднаква на нула, одлуката, се чини, нема да ја сменам.

Никој нека не ми тртља дека ако не одам да гласам, некој ќе ми го злоупотребел гласачкото ливче, во полза на своите. Да ви кажам? Ме заболе. Што сакаат нека му прават. Нека штимаат, нека го умножуваат, нека го пикаат во обиени гласачки кутии, нека се тресат од страв дур го фалсификуваат моето право, нека ги дрма ѓаволот на дрчноста, нека им течат отровот и лигите, нека им се слеваат по вратовите. Ич нема да ме потресат. Та и едните, та и другите, та и третите, мене веќе не ме интересираат. За мене, тие се Курто, Мурто, Шурто, оние грамзиви сподоби од најсељачкиот балкански забит, оние гниди на подмуклата итрина и грамзивост, за какви што целиот свој живот сум била полна со презир.

Второ, јас од денес не поштујам правила. Ќе фрлам ѓубре по улица, ќе пљукам по тротоари, ќе мочам по туѓи влезови, ќе му ги крадам на Коце цвеќињата од булеварите, ќе сечам дрва за огрев од парк, ќе пишувам гн’сни графити со најмрсна боја по новите згради, ќе поминувам на црвено, ќе фрлам празни конзерви во контејнери за хартија, ќе ја отерам у п...у материну комшикава што ме малтретира точно 14 години, ќе и’ истурам кило зејтин пред вратата, а на син и’ ќе му ги дупнам гумите и ќе му ги искорнам брисачите. И ја више имам потреба да си го испразнам бесот, насобран од трпење. Додека јас поштував правила, сите престапници пркнаа, окрљаија уши, некои и власт станаа. Јас останав со правилата и трпењето. Е, шипак више!

Трето, јас веќе не застанувам на раскрсници да уделам пет-десет денари на циганчиња-питачи, не отварам врата на баратели на донации, и веќе не одам на хуманитарни настани. Не гледам веќе прилози на телевизија за страдањата на најсиромашните, за маките на стечајците, и за болките на 
несреќниците. Најмалку триесет илјади луѓе во државава примаат плата за да ги решат токму овие судбини. На оној Спиро, или на оној Тодоров, само тоа треба да им биде работа. Зошто, бе, јас да имам грижа на совест за нешто што е туѓа, неодработена работа? Зошто да се чувствувам крива гледајќи ги тие трагедии, кога не сум јас таа што придонела тие животи да се удават во мизерија.

Ќе ја сменам одлуката за гласање, ако во очите на некој од кандидатите препознаам искреност, добрина и честољубие. Јас, обично, не грешам кога им читам на луѓето од очите. Не ми треба многу, не морам ни да ги следам, ни долго да ги гледам. Ги препознавам на прва и, ако се појави таков, верувајте, ќе кажам.    
           

10/18/2012

Секогаш кога простив, погрешив

Многу луѓе ми направија зло. Ми направија лошо некои што ги мислев пријатели, некои заради кои претходно и од совеста сум се откажувала, луѓе за кои сум замижувала и пред своите најтврди ставови. Ми погрешија колеги, познаници, но и најблиски по крв. Многу, многу простував. Колку пати простив, толку пати погрешив.

Заблуда е да се помисли дека сум воспитувана христијански, та толку лесно да простувам. Сега знам дека тоа било повеќе заради сопствената болка, заради тој подмолен страв да не ги изгубам блиските, да не останам сама, за, можда, да не сум претерала. Тоа вечно себепреиспитување ме измачи низ годините, ме направи ранлива, ме заслабна, ме истошти.

Не, никогаш не простував лесно. Ниедна прошка не ја проживеав без лузна на душата. На сите што им простив, до ден денес им е јасно дека мојата комплексна нарав поминала бурни времиња, распламтени од жестокоста на нивната злоба, повредување. Многумина се покајаа, некои дури и солзи покажаа. Простив, ама не заборавив, зашто болот не се заборава, а тешките мигови го исцртаа минатото врз мојот поглед, врз моите образи.

Немам веќе ни сила, ни желба за простување. Се обидувам прагмата да завладее со мојот емотивен напор, а ако во тоа  не успеам, тогаш барем да се заштитам преку одбрани дружби и споделувања. Па и споделувањата ги заретчив. Сама ги превиткувам во скришни чувствени пакетчиња и тагата, и радоста. Безгласно и немо ги пуштам пеперутките да ми ја возбудат утробата, облачиња да ми ја натажат мислата, без никому да му ја раскажам трепетноста, без никој да ја забележи раздвиженоста во моите жили.

Најтешко ги минав големите навреди и подметнувања. Сега гледам дека тие никогаш не дошле ненадејно. Се подгревал теренот за нивно разбеснето пламнување. Тој змиски отров, истурен од челустите на зависта и омразата, бил тука негде, ама чуван под лицемерен превез, под гргорлива ѓаволска насмевка. Мојата глупава надеж само го занемарувала она што очите го гледале, а душата го 
сеќавала. Им простив и на такви, ама погрешив. Ниедно каење сега не може да ги покрие грешките што ги правев простувајќи.

Денес знам дека простувањето е неправда кон сопствената морална издржливост. Простувањето е правење компромис со својата гордост, со убедувањата, со интелектуалните кодекси, со разумот. Простувањето е газење врз вредносните норми, плетени од заплетканите прсти на гените, меморијата за родителите, крвта на дедовците. Простувањето е ампутација на дел од сопственото супер-его, потклекнување пред механизмите за валоризација на сопствената вредност, мамење на личната вистина.

Ретко кога простувањето ми донело мир. Бубачката на сомнежот останува во мене како призрак, како ѓавол што ја јаде љубовта. Тие на кои им простив не станаа поинакви, ниту пак јас се опуштив и омекнав. Ладнотија ги прекри тие мои дружења. И тие, и јас, сите останавме забодени со мислите во вечен штрек. Таа тешка аура надвисната врз нашите глави трајно го инхибира медиумот што некогаш не’ поврзувал. Полека, полека, зборовите ги обвива студенило, а внимавањето што ќе се изусти, ја гуши хемијата на нашите засегнати потсвести. Затоа, простувањето не е за секого. Простувањето е за оние кои умеат ладнокрвно да гледаат на хипокризијата, за оние чии цели се лукративни, за оние кои знаат да се подбиваат со несреќата, да одглумат великодушност и човештина, па и да излажат, измамат, побегнат, напуштат. Не е простувањето за ранливите, ниту за оние кои не се простиле од патењето.                

       

10/12/2012

Баш не’ боли за Европа

Стигна уште еден извештај за напредокот на Македонија во процесот на нејзиното интегрирање во Европската Унија. Много буке ни око чега, би рекле Србите, и не би погрешиле. И оваа година, опозицијата со месеци се закануваше дека последиците од лош извештај ќе бидат кобни за земјата; Владата мртва-ладна си тераше по свое, а народот го болеше уво за хартијата што треба да стаса од Брисел. Тек-тук, по некој подзаборавен новинар ќе се појавеше на телевизија да порецитира дека без ЕУ пропаднавме, или некоја ен-ве-о госпоѓа ќе поплачеше за некакви прекршени човечки права, демек нешто што ЕУ не толерира. Толку. На крај, излезе дека извештајот е ништо нарочито, седумдесет страници сува материја што констатира ептен скромни напредоци во поголемиот број подрачја, по некоја препорака и низа културни заклучоци. И што? Ниту датумот за почеток на преговори е извесен, ниту Македонецот разбра што менува тоа во неговиот јаден живот.

Пропагандите и срањата што се истркалаа по медиумите во изминатите години си го направија своето. Тие успеаја да ја заматат позитивната перцепција на народот за Европската Унија, и да создадат став дека и без ЕУ нас ни’ е исто, ако не и подобро. Затоа што ЕУ е брод што тоне, и дека
ќе си навлечеме голема беља ако, не дај боже, станеме дел од тоа декадентно друштво во распаѓање. Тоа што денес претежнува во Македонија, не може да се опише дури ни како евроскептицизам; тоа повеќе е целосна незаинтересираност за евроинтеграцијата, дигнати раце, па и пркос против европскиот процес на државата.

Опозицијата, која има ретка привилегија да се справува со власт што  никогаш не била поподатлива за критика и обарање, еднаш не излезе јасно да објасни што е тоа што Македонија би го добила со влезот во ЕУ, и зошто овој интеграциски правец ни’ е повеќе од потребен. Не одигрувајќи успешно на картата што некогаш и’ носеше добитни поени, и самата помогна евроинтеграцијата да се маргинализира во верувањата на гласачкото тело. Дури ни Рада, најуиграната меѓу опозиционерите по овие прашања, не блесна во бројните говори на темата Европа. Не се искористи паметно ни интерпелацијата за Владата минатата недела. Многу нешта можеше да бидат кажани, но тие се изгубија во невешто склопеното сценарио, во кое преовладуваше темата што како клучна ја одбра СДСМ - меѓуетничките односи. Се покажа, меѓутоа, дека на двата коалициски партнери не им пречи што сме тргнати кон официјална федерализација, и дека белгискиот или швајцарскиот модел на државно уредување тропа на врата. Швајцарија на Балканите и онака е еден од постарите вмровски соништа, ама и агенда на мнозина проминентни албански интелектуалци. Се знаеше дека таканаречената тендер-коалиција ќе си го сочува заедничкото чекмеже, а опозицијата не успеа да мавне со стапот на европските задачи за домашната корупција, кршењата на Уставот и на сите божји закони.

Во меѓувреме, и на самата Унија супер и’ доаѓаат ваквите моронски односи во македонската политика. Ние и’ помагаме таа да си купува време, да ужива во комодитетот да ни’ задава нови домашни задачи, да си поигрува со очекувањата на нестрпливите, и да се однесува како земски судија. Потапкај го малце Груевски по грпчето, помази го Ахмети по обравчето, поласкај и’ на Теутица по ходниците и - мирот по европски вкус е купен. Пред народот веднаш ќе се изредат Сител-аплаузи, па малку Канал 5-пофалби, Мирка со задолжителната доза од еднаш неделно, и работата е завршена. Датумот за преговори можда и ќе се случи во декември, како знак дека Европа уште има работа со нас. На рајава веднаш ќе и’ се каже дека тоа е награда за владава, ама дека патот е долг колу од овде до вечноста. А потоа, пак по старо: ред избори, ред тендерче, ред тепачки и клања по автобусите, ред гробови, ред привидни помирувања. До недоглед. И на нашиве, и на Европа, се чини дека тоа баш некако им одговара.      

                     

10/06/2012

Дуњите на дедо ми

Дедо ми беше многу работлив и чесен човек. Не преувеличувам ако кажам дека до денес не наидов на човек кој би му бил сличен по тие доблести, освен, можда, татко ми, неговиот син. Таа чесност, и тоа работење до доцна во ноќта, му донесоа на дедо ми толку почит во семејството и меѓу бројните пријатели, што некои негови, помалку пријатни особини, малкумина ги сметаа за важни. Од семејството, за возврат, бараше дисциплина, ред и трудољубивост, и остварување на некои негови посебни желби. Една од тие желби беше во дворот да има засадено дуњи. Една на влезот, до капијата од ковано железо обоена во црно, и уште една под прозорецот на спалната соба, за во раните мајски утра да може од постелата да им се радува на бело-розикавите латици на расцутената крошна. Баба ми, пак, чезнеше за чемпрес на влезот во градината, но не успеа да се наметне пред цврстите барања на строгиот сопруг. Така, во моите сеќавања за куќата на дедо ми во центарот на Скопје, секогаш ја гледам бежовата двокатница од 1927, скриена зад убаво гравираната железна ограда и дуњата на влезот, од булеварот ЈНА.

Двете дуњи беа дел од нашиот живот во дедовата куќа. Беа израснале во вистински убавици, со стројни, исправени стебла и раскошно разгранети крошни. Во лето, тоа беа најубавите сенки во дедовиот двор, па под едната, онаа под спалната соба, баба ми беше поставила клупа, на која хеклаше заедно со пријателките од комшилукот, или пиеше кафе со ќерка и’, мојата тетка. Под таа дуња ги напишав првите стихови од моите невини детски песни, и ги прочитав Том Соер и Малечката Фадета, омилените книги од предпубертетската возраст.

Дуњата на влезот, пак, беше наше љубовно стебло. На неа се имаат качувано срамежливите додворувачи на мојата убава сестра, кои, мушнати меѓу густите зелени лисја, тајно ја ѕиркале како, онака бујна и руса, седи во дворот и долго разговара со баба ми. Под таа дуња, братучетка ми се бакнуваше со нејзиниот дечко-тенисер, не знаејќи дека ние, помалите двајца, љубопитно посматраме пикнати меѓу грмушките од зеленика. Години подоцна, под дуњата на влезот за прв пат ме бакна еден убав Симон, кој, иако не ми стана дечко, секогаш ќе го памтам токму по мирисот на расцутеното дрво што му се вовлече во кошулата по нашето долго шепотење.

Дуњите на дедо ми раѓаа многу. Полни торби со крупни жолти плодови баба ми им делеше на роднините, а од она што ќе останеше го правеше најубавото слатко и го вареше најубавиот компот, во кој рендаше по малку коричка од лимоните на дедо ми. Десетина дуњи редеше врз шифоњерите од дабово дрво во спалната соба, па таму цела есен и зима се ширеше опоен, но свеж мирис. На штирканите бели чаршави на баба ми, со мирис на дуњи во собата, еден декемвриски ден пред многу години се затворија за секогаш очите на мојот чесен и работлив дедо. Над неговиот вечен дом и ден-денес, исправена и јадра стои една дуња, што баба ми ја засади за негов спокој, за да почива во мирисот што тој најмногу го сакаше.                             

10/01/2012

Потиснат сон

У тоа време, он доаѓаше со точак пред мое школо и чекаше да ми заврши шести час за
потоа да ме испрати до дома. Со едната рака го буткаше точакот, другата ми ја префрлаше преку раме, а по пат одушевено ми раскажуваше сцени од Дипломец, зашто јас сеуште не го бев гледала.

У тоа време, он носеше долга коса и фармерки Levi Strauss, пушеше 57 и го читаше Исак Асимов. Јас носев долги фустани од бело селско платно, набавени од селата на Скопска Црна Гора, извадени од штирканиот чеиз на остарените домаќинки. 
Во лето, двајцата носевме римјанки; во зима - антилопски стоперкии го крстосувавме градот со саатиГо читав Сартр и мислев дека сум најфрајла на свет. 

У тоа време, ние бевме најпопуларен пар. Он викаше дека не сретнал поубава од мене и во косата ми ставаше бели маргаритки. Јас знаев дека он е најпаметниот тип у Скопје зашто решаваше детерминанти и матрици од ен-ти ред. Он сакаше да шетаме по дожд низ Турска чаршија; јас сакав да се скриеме на какао во Менада. Он збореше за долгите ноќи во Амстердам и за париските кафеа на Мон Мартр. Јас му го открив мојот сон да живеам во Сплит.

У тоа време, он имаше грамофон Филипс, на кој ја слушавме Wish You Were Here. Он пееше баритон, јас втор сопран, и, додека гушнати одевме низ Дебар маало, пеевме Nobody knows where you are, how near or how far...  и си замислувавме дека сме совршен дует. Децата што играа жмурки по сокачињата ни’ аплаудираа, а ние се поклонувавме како пред публика на Вембли.

У тоа време, он по десет пати на ден ми повторуваше дека ме сака. Јас му ја разбушавував немирната коса и трчав долж дрворедите додека не ме стигне. Он знаеше дриблерски финти и јас станував лесен плен. Он имаше смисла за хумор и јас, ноќе, заспивав со насмев, повторувајќи ги неговите шашави шеги на денот.

У тоа време, он доаѓаше од далеку и јас понекогаш чекав долго, седната на скалите на речниот кеј. Никогаш не се лутев зашто он доаѓаше затрчан, загрижен и посрамен. Имавме наша маса во Пелистер и таму ми ги опишуваше причините за доцнењето. Зборуваше опширно и сликовито, не знаеше дека однапред сум му простила. У тоа време беше срамота дечко да ти касни.

У тоа време, љубовта се раѓаше бурно, а траеше долго. Он беше згоден, умен и вљубен, а јас среќна, млада и желна. Ние двајца живеевме со идејата за нашата вечна љубов. Никогаш не спомнавме иднина еден без друг.  

У тоа време, ако едниот не дојдеше, се знаеше дека е крај. Така правеа сите. Тој ден, он рече дека ќе дојде со точак, а јас ветив дека ќе го облечам неговиот омилен фустан. Беше жежок ден и мајка ми ги подготвуваше куферите за одмор. До ден-денес не знам дали тоа дамнешно скопско лето тој дојде на ќошето на Илинденска со Ленинова, во седум. Не знам дали не отидов по сопствена желба, или од страв дека нема да го најдам.                        

9/27/2012

Смрдливиот пат до министерствата

Вчера не ме мрзеше, па по тротоарот што од Палома Бјанка води до улицата Македонија, растојание од околу 200 метри, се обидов да избројам колку парчиња разно ѓубре, и колку свежи исфрлоци од шлаем ми стојат на патот. Резултат - 661 парче мешан цврст отпад и 72 тазе изблуени плуканици. Кој не верува, нека провери. Околу таа цифра се врти пладневниот просек секој ден.

Потоа се вратив назад и влегов во пасажот кај Мек Доналдс со намера да излезам кај ТЦЦ Плаза. Во тоа парче од околу седум-осумстотини квадратни метри заграден простор, гадотијата веќе ни се брои, ни се мери. Во самиот пасаж, прво налетав на исполегнато друштво дремливи пци-скитници, безгрижно испружени врз засушените бари од урина што ноќните скопски пијаници ја истураат на тоа „скришно“ место со години, не штедејќи ги ни потпорните столбови на објектот. Внатре, на паркингот, прво ме заплисна смрдеата што доаѓа од неколку групи отворени контејнери, околу кои се плеткаа некои пет-шест мачки, скокаа внатре-надвор и се гостеа со помијата од Густо, Кибо и останатите угостителски локали сместени во блокот. Ѓубрето преку кое МОРАВ да газам одејќи кон ТЦЦ Плаза, содржеше претежно згужвани парчиња хартија, солидно замрсени од бурек, банички, гиро или слична брза храна, но и пластични чаши од јогуртчиња од 0,2 деци, од кои истекол и се подзасушил остатокот што лапачите не можеле да го допијат пред да го џитнат, каде им дошло. Имаше тука и празни кутии од цигари, стотици пикавци, крпи-пачаври, за’рѓани желевца од различно потекло, неидентификувана пластика во различни форми и, се разбира, шлаем во неограничени количини. Има и еден стар, доносен чевел, што со месеци го гледам на истото место, а кој се покажал неатрактивен дури и за кучешка игра. Два-три употребени кондоми, малку сув човечки измет, уште малку кучешки, па една искршена канцелариска столица и неколку кеси со стара хартија го дообликуваат амбиентот. Возилата на паркингот се паркирани прекутрупа и се гледа дека утрото ја минале трката за фаќање место, пред да стаса оној другиот.

Тоа е, отприлика, местото во Скопје каде што се сместени и работат дел од најважните министерства и државни агенции. Директна глетка врз опишаниов хорор имаат, на пример, строгиот министер за финансии, непопустливиот министер за правда, напуфканиот министер за образование и наука, и наконтениот министер за труд и социјална политика. Тука се и канцелариите на директорите на Агенцијата за државни патишта и Агенцијата за електронски комуникации, како и на раководните лица на Стопанската комора на Македонија и неколку други институции. Овие фаци секојдневно примаат гости и делегации од целиот свет, кои, за да дојдат до своите македонски домаќини, неминовно поминуваат низ смрадот и депонијата создавана со децении. Со впечатокот од таа гнасотија, тие влегуваат во луксузните кожни кабинети на нашите министри, пијат фино капучино што им го послужуваат мазните плејбој-зечици дотерани во Манго, Зара и Котон, и разговараат за интегрирањето на Македонија во некојаси ЕУ, или за зајмење пари за реформите на исплуканава земја.

Тури му пепел на министер кому не му пречи говнениот екстериер во кој, као, работи и дише по цел ден, 24/7, со години. Тој тип или ја игнорира, или не ја ни забележува смрдешницата околу себе. Зашто неговите сензори се штелувани за други намени и намери, до чие остварување, сакаш-нејќеш, најлесно се стасува преку говна. Создавањето говна и толеранцијата на туѓи говна е мајндсет  на оваа нација што се создава од горе, а се распостила до доле. За овие фаци-чауши, бљувотината што ги опкружува е составен атрибутивен елемент на нацијата што неуморно ја подебаваат за свој бесконечен ќар. Ниту на еден од нив не му дошло ни на крај памет дека со едно ебено спомениче помалку на оној, исто толку шлајмосан плоштад на античката пиздарија, ќе запослеше двајца што секојдневно ќе чистеа околу овие битни згради за лицемерно да не’ отсрамат барем пред странците. Зашто едни од други, нашите немаат срам. Говно на сокак или плуканица на тротоар - тоа за нив е природниот амбиент во кој треба да живее ликот кој сеуште носи назив Македонец.                                

9/22/2012

Кире победи во садистичкото Лејт најт шоу

Кире Наумов ја доби битката што синоќа од кафанската маса на Аминта Трети се пресели во Канал 5. Клуч за победата на Кире беа неговата психолошко-интелектуална кондиција (психологија на здрав разум, анализа и синтеза), и демонстрираната физичко-физиолошка кондиција (го издржа тричасовното физичко малтретирање што му го приреди г-ѓа Велиновска, и садистичката, оркестрирана, однапред договорена галама што тројцата збратимени џелати ја правеа кога тој требаше нешто да каже). Надвикувајќи се со непристојните домаќини (да, тројца беа домаќини) и сочувувајќи го тактот, дечково, навистина, не престана да се поти, ама паметното и чисто мозоче го направи партал нивниот валкан план за „уште едно расчеречување на иномислениците“.

Претпоставувам (не го гледав воведниот дел на „шоуто“) дека мотив на тајфата од Аминта Трети за повторно „дебатирање“ на темата Скопје 2014 е тазе објавениот контроверзен и веќе популарен „проект“ Француски клуч. За народот, емисијата требаше да има поучна и мобилизирачка функција. Таа требаше уште еднаш да му прочепка на Македонецот по самочувството и самосвеста, да го напали против предавниците, и да го повика на отпор кон своите браќа. Немам докази за тоа на каков отпор мислат домаќиниве, ама од нивото на агресија што го истурија со нивното урлање, мавтање со раце и нозе, и омаловажување на гостинот - лесно може да се идентификуваат нивните желби и очекувања.

На штета на домаќините, гостинот не се фати на мамката за потхранување на братоубиствата. Тој презентираше зрел и издржан логички однос кон небулозата наречена Скопје 2014. Наумов не навреди никого, а своите аргументи ги постави, главно, на економска (буџетска) основа. И самиот политички искусен, разговорот го насочи кон она што најмногу го боли народот - растрошноста на власта во време на најдлабока криза. Се дистанцираше од оценки за стилскиот профил на Скопје 2014, но, истовремено, јасно го искажа својот став во врска со идентитетскиот аспект на Македонецот и за погубноста во која ќе резултира актуелното историско редефинирање (ревидирање) што паралелно го вршат двете најголеми етнички политички елити во Македонија. На домаќините им го плесна во лице и најважниот факт - поделбата на народот, што властите ја извршија со програмата за подигравка со неговото национално чувство.    

Во сценариото за черечење на Наумов, човек во кој народот требаше да ги препознае Бранко, СДСМ и целото национално предавништво, не влегоа останатите двајца гости на емисијата. Со својот култивиран настап, Станковски и Даскаловски ги разочараа домаќините и и’ удрија уште една шамарчина на нивната погана намера. Еден уметник и еден политички аналитичар си го сочуваа интелектуалното достоинство, без оглед на својата политичка наклонетост. Однесувањето на овие луѓе е нешто што отприлика би требало да ја означува демократијата.  

9/17/2012

Илузиите, парите и одговорноста

Собиранката на младата полетна војска на владеачката партија минатата недела беше убав доказ дека дури и во време на рецесија, безработица, нејасна иднина на земјата и веќе здодевна партиска програма, не попушта жестината со која партискиот врв го јакне ентузијазмот на своето младо членство. Илјадници дотерани и насмеани дечки и девојки ја исполнија Универзалната сала до столче, и му дадоа громогласна поддршка на својот водач, кој итро им порача дека тие се идните господари на Македонија. Нема причина овие неизбрчкани лица во салата да не му веруваат на шефот. Тој, навистина, направи поимот власт во земјава да се асоцира со најмладите, така што секое од овие деца сосема оправдано се надева дека во првиот нареден круг од „играта на среќа“ ќе биде извлечено од пренатрупаниот барабан и одважно ќе заседне во некоја од раководните фотелји. И тие што нема да бидат извлечени, покажа шестгодишната историја, нема да останат со празни раце. Ќе бидат вдомени натаму-наваму низ јавната администрација, партиските „НВО“-а и општините. Некои ќе добијат стипендии за во странство, на други ќе им се измислуваат платени партиски ангажмани, ќе бидат трчкарала по грандиозните барокни проекти, ама ниедно нема да остане незбринато. На овој начин, Груевски и натаму привлекува ново членство во партијата и си ја зацврстува позицијата за секои наредни избори. Таман и да се без работа или свесни за перфидното однесување на власта, родителите на овие деца ја пеат познатата македонска „нека има за младиве, нашето веќе пројде“, со која ги извадија на виделина понизните народни особини на помирливост, немање амбиција и виткање на ’рбетот. Груевски фантастично игра на оваа народна карта, играта ја усоврши до перфекција, а резултатот е онаков каков што посакуваше: „и волкот сит, и овците на број“.  

Така беше до сега, а приказната ни’ е позната на сите. Научивме дека адутот со кој владее Груевски се парите и само парите. Местото на идеологијата, која одамна е избришана од меморијата за партијата, сега цврсто и неприкосновено му припаѓа само на лидерот. Поради тоа, денес се’ помалку слушаме дека луѓето гласаат за ДПМНЕ; не, тие гласаат за Груевски. Тој стана парадигма на власта, водството, управувањето. Се гласа, имено, за газдата, стопанот, таткото, оној кој располага со касата, и одбира кому, кога и колку ќе удели. Луѓето, тие јадни суштества, лицемерно му се поклонуваат, покоруваат, му се колнат на верност, чекаат во долги редици како кај месија, а тој, врз основа на своите добро информирани критериуми, пресекува за заслугите на секој поединец. Приземна, провидна, лигава, ама вистинита византиско-ориентална психологија. Одличен, едноставен и несоборлив механизам на владеење во општество без избор, без алтернатива, какво што е нашево. Општество во кое не постои нормален приватен сектор, слободен универзитет, силна интелигенција и диференцирана средна класа - основните претпоставки за минимум функционална демократија. Општество во кое врз секој од овие сегменти надвиснала по некоја темна сенка. Врз некого заради некогашни коруптивни игри и престапи, кај други заради можна лустрација, кај трети едноставно заради страв од губење работа. Нема дом во оваа земја во кој не владее барем некој од овие стравови.

Но дојде време кога касата веќе е скоро празна, а изворите за полнење полека секнат. Се прашувам што ќе се случи кога на илјадниците нестрпливи деца од Универзаланата и другите сали низ Македонија ќе им стане јасно дека на шарената приказна и’ доаѓа крај, а тие не успеале да чепнат подлабоко во грнето со убави илузии. Што ќе биде кога и тие деца ќе погледнат на спомениците, грандоманските барокни зданија, мостови и катни гаражи со нашите очи? Кога ќе разберат дека тие грдни пари можеле да бидат вложени во проекти за нивна сигурна иднина, наместо за баханалии за непознато, штотуку родено минато. Кога ќе погледнат со трезен поглед врз сите оние, кои во времето кога нивниот газда растрошно ракувал со туѓите пари, го допреле дното и ја изгубиле вербата во се’ поврзано со државата. Кога генерациски ќе се пребројат и ќе откријат дека многумина веќе заминале. Ќе се освестат ли овие деца или, за на век задоени со идејата за ефективност на јуришот, како што ги воспитуваа низ партиските поуки, ќе почнат да дивеат на сите страни, водени од сопствената фрустрираност?

Работејќи со млади години наназад, посветував многу време за да ги поттикнам на неутралност и реализам кога ги оценуваат општествените појави, и на градење определена дистанца при формирањето на некакви поцврсти, па и политички ставови. Отсекогаш сум имала волја искуството да го пренесувам на младите за да им помогнам да соберат што повеќе материјал за нивните неопитни младешки размисли за животот. Ги гледам овие деца од Универзалната сала и, несвојствено за мене, за прв пат во животот немам ама баш никаква желба со било што да контрибуирам за објективизирање на нивниот искривен животен ракурс. Конечно се уверив себе си дека, на крајот на краиштата, секој е ковач на сопствената среќа, и дека никој нема право никому да се меша во животните избори. Овие млади го прифатија со обожавање начинот на кој им се продаваат напумпаните надежи за вечната земја, и сами ја донесоа одлуката за игнорирање на реализмот и очебијното. Брзо научија и да бидат општествено неодговорни и да дозволат илјадници други нивни врсници да живеат на маргините на човечкото, тука, покрај нив. Тие вдахновено се вклопија во разурнувачкиот поход против „другите“, како што им беа давани упатствата, и го продлабочија процепот што веќе го беа ископале постарите. Тие не увидоа дека политиката на делби, материјално фаворизирање на мали групи и заплашување на останатата раја нема да донесе среќни денови. Ама тоа веќе не треба да им се повторува. Треба да ги оставиме да поживеат во тој виртуелен простор, кој полека, но сигурно, се стеснува. Да, на тој начин ужасно се деградира рационалниот потенцијал на една цела млада генерација, но единствено исправно е да се допушти секој да си се соочи со својата одговорност и да си го понесе товарот  на своите одлуки. И онака не е оставен никаков простор добронамерните да проговорат и да сменат нешто во оваа смисла. Бидејќи се’ што беше добронамерно замолча, казнето или обележано како деструктор во големата ера на нашата преродба.

9/09/2012

Идеја, господо!

Ова што сега ни’ го правите, господо, да простите, е асимилација. Асимилација базирана на една застрашувачка идеја, чии харања кој знае како ќе продолжат. Асимилација многу слична на онаа што Грците ја извршиле врз македонското население во Егејска Македонија, или онаква каква што прават и дузина други нескротливи режими врз некои страдни народи. Ако меѓу вас, господари на земјава, има Егејци, многу добро ќе се разбереме за што зборуваме. Методите, навистина, не ви се толку крвави. Вие физички не не’ ликвидирате, но раните што ни’ ги отворате еднакво крварат. Вие, како што и Грците им направија на нашите, прво побаравте да замолчиме. Потоа изградивте систем за да се срамиме, и на крај побаравте да се покаеме. Не’ натеравте по пет пати да се вртиме наоколу за да видиме дали некој не’ наслушнува пред тајно да си проговориме на јазикот што го говориме и си го разбираме. Ние сега тајно се состануваме. Отпадници сме во своја земја, кои тајно си кимнуваат со глава за да не се доведат во ситуација и така тешкиот живот уште повеќе да си го усложнат. Вие не’ пизмите ако се идентификуваме како што се чувствуваме, и на најсурови казни не’ осудувате ако не се покориме. Казната ваша е многу страшна, господо. Зашто ние немаме каде да заминеме, освен ако не сте договориле коридори за наше депортирање, како она во 1948.

Немам ништо против, господо, ако сте решиле да расчистите со комшиите. Сите ние од срце го чекаме денот кога прашањето на нашето национално препознавање ќе се реши, во наша полза. Ништо помалку од вас, господо, не сме навредени и понижени од разните одредници, кратенки и лепенки што ни’ ги закачуваат каде и да се појавиме. Ништо помалку од вас, господо, не не’ измачува прашањето како да се продолжи. Како и сите други народи, и ние одбираме власт, со надеж дека таа ќе се справи со проблемите. Но 
вие, господо, наместо да решавате, создавате проблеми. Заборавате на древната изрека дека не постои народот заради државата, туку државата заради народот. Несвесни за таа мудрост, вие народот го инструментализирате, го ставате во функција на државата. Вие создадовте големи проблеми и сега, без право, сакате да ги менаџирате преку грбот на народот.

Вие, господо, создадовте опасен проблем Македонецот да биде јавно казнуван ако се дрзне себе си да се доживува онака како што го учеле дедовците. Вие, како и Грците, му кроите калапи со нови дефиниции за чувствата, му прпелкате по исконската ДНК и му чепкате по семејните стебла и гробови. Простете, господо, тогаш дајте да признаеме дека ние и вие не сме ист народ. Дозволете ни’ го, затоа, правото да се декларираме како различни. Дајте уште една колона на пописното ливче за да има место за сите, па и за нас. Каква што е рамковна Македонија, можда и ние ќе стасаме до критичниот процент за да се стекнеме со некои важни права, по етничка основа. Право на самоизјаснување, право на улици, школи, автопати, знамиња, управување со дел од државата. И право на вработување, секако. Дури мислам дека ваквото решение би било најсоодветно за сите нас. Ќе ја прошириме мултиетничката карта и ќе го збогатиме културниот плуралитет на земјава. Еве ви ИДЕЈА за реформа, која, ако ја спроведете, и вие како власт многу подолго ќе останете, верувајте. Вие среќни, ние среќни.

Ако тоа го направите, господа, веќе нема да се лутам за спомениците и коњите. Ќе одам да ги посетувам за поблизу да се запознаам со културата на другиот етникум во мојата држава. Ќе доаѓате и вие кај нас на слави, имендени, а вие, пак, ќе не’ каните на вашите свечени антички обреди. Ќе доаѓам со радост зашто антиката отсекогаш ми била интересна, дури и импозантна. Ќе ми биде чест да бидам гостин во вашите храмови, да пијам од црното вино послужено во пехари и да ви наздравам за многу години. 
 Впрочем, и Александар така би сакал да не’ види. На прославите на 8 септември ние, за разлика од некои други кои ве игнорираат, ќе доаѓаме, господа, зашто ние оваа земја ја сакаме. И знамето, господа, многу го сакаме, и химната многу сме ја плачеле. Имаме ние многу добри пејачи, господа, што од душа ќе ги испеат најубавите македонски песни. Дајте ни’ право тоа да ви го покажеме. И верувајте, ние нема да ви правиме проблеми, господа, едноставно зашто не ве мразиме. Ние, просто, само сме многу различни.