11/18/2012

Чекајќи го декември

Дали навистина е така или не - ќе видиме, но овој пат, денот Д за Македонија го сместија во декември. Во очекување сме да разбереме каков абер ќе ни’ пристигне од Брисел. Ќе ја добие ли земјава можноста да продолжи по европскиот пат, колку и да застранила последниве години од правецот што едвај почна да го фаќа во тешките години на независноста? Ќе треба ли, во спротивно, да се збогуваме со афилирањето во цивилизираната Европа и сами да се справуваме со распламтените внатрешни центрифугални сили? Дали е ова последното искушение за опстанокот на државава, по кое, ако пораките од европската престолнина се лоши, ќе треба да се подготвуваме за нови страдни времиња? Чувството на исчекување е многу слично на она од крајот на осумдесеттите, кога старата голема држава ни’ се распаѓаше пред очи.

Многумина се обидуваат да ја одгатнат вистинската причина за распадот на Југославија. Дали беше тоа економската криза, која настапи како резултат на преголемата надворешна задолженост во седумдесеттите, во услови на тромаво социјалистичко стопанство, неспособно да генерира доволно кеш за отплата на кредитите? Беа ли тоа разликите во развојот меѓу северот и југот, и односите во распределбата на доходот и националното богатство меѓу републиките и покраините? Дали беа тоа непобедливите сили на национализмите во трите „главни“ републики што почнаа да пустошат по заедничкото ткиво уште на крајот на шеесеттите? Дали беше тоа влијанието на надворешниот фактор, имено паѓањето на Берлинскиот ѕид и, со тоа, збришаната доминација на блоковските односи и губењето на значењето на третиот пат што го беше фатила Југославија? Беа ли тоа интеркултурната нетрпеливост меѓу југословенските народи и непремостливите конфесионални разлики? Беше ли тоа неспособноста на (кон)федералниот систем на сојузната држава, по смртта на водачот да се справи со бујните сили на дезинтеграцијата? Беше ли тоа цврстата поврзаност на некои од клучните југословенски политичари со центрите на светска моќ кои го сакаа распадот на земјата? Многу претпоставки, но ниту еден цврсто втемелен одговор. Помнам како во бурните југословенски години од 1988 до 1991, на сцената одеднаш се појави ликот на првиот транзициски сојузен премиер Анте Марковиќ, кој се обиде да инаугурира мек модел на капитализам во земјата, со кој ем ќе ги отпочнеше демократските реформи, ем ќе го свртеше вниманието на политиката кон неминовното економско преструктуирање. Доцна. Моделот на Марковиќ попушти уште пред да доживее имплементација зашто процесот на деградација на земјата беше зел стравичен замав. Југославија се распадна. Колку и да беа значајни надворешните влијанија, таа се разгради под доминација на внатрешните сили. Во принцип, Југославија се распадна заради победата на антијугословенството врз југословенството, а неколкумина на битни функции се погрижија тоа да се случи со крв и страдање. Денес дури се минимизира, па и исмева, гестот на добра волја на тогашната Европска Заедница, која му пружи рака за спас на премиерот, и влез на Југославија во Заедницата. Тоа беше искра на надеж за демократските делови на југословенската заедница, кои, сепак, беа преслаби за да се изборат против разулавената националистичка и сепаратистичка стихија.

Се обидувам да направам паралела меѓу карактеристиките на актуелниот македонски момент и амбиентот во Југославија пред распаѓањето. Си ги поставувам истите прашања како и за Југославија. Колку е сериозна економската криза во Македонија? Колку е задолжена земјата, и колку таа станала зависна од волјата на надворешниот фактор/кредиторите? Колку македонското стопанство е способно да се соочи со предизвикот за долгорочен одржлив развој? Колку односите со соседите имаат влијание врз македонската разврска? Колку се силни национализмите меѓу народите што живеат во оваа држава? Дали интеркултурните и конфесионални разлики меѓу етничките групи се толку силни, што оневозможуваат заеднички живот? Дали системот на рамковната држава може да излезе на крај со несопирливите апетити на ентитетите што ја градат  етничката структура на земјата?  Дали воопшто е можно во Македонија да се воспостави модел на македонство во смисла на државност, по урнек на југословенството, американството, швајцарството, што ќе биде прифатено од сите нејзини граѓани? Дали евентуалниот влез во ЕУ е само смислено алиби за подгревачите на растечката центрифугалност и носителите на дезинтегративните сили, односно дали влезот во ЕУ е гаранција за опстанок на кревката држава? Тешко доаѓам до одговор на овие сложени прашања, макар што турбулентната политичка клима во земјата не остава многу простор за предвидување на стабилна иднина.

Посакувам Европа да ни’ пружи рака. Во случајот на Југославија, не задоцни Европа, туку беше доцна за Југославија. На Југославија, пред паѓањето на Берлинскиот ѕид, и онака, природното место не и’ беше во Европа. И покрај тоа што моделот на југословенското државно уредување беше не само сличен на оној на Европската Заедница, туку и далеку подобро развиен. Во случајот на Македонија, Европа самата треба да оцени дали за Македонија после декември веќе ќе биде предоцна. И за Македонија, како и за Југославија, важи аксиомата дека влијанието на екстерниот фактор не може да биде апсолутно, односно дека условите што го трасираат патот на земјата се цртаат главно внатре. Дали Европа на Македонија гледа како на добар иден сограѓанин и партнер? Се плаши ли таа дека Македонија може да и’ донесе несакани ситуации и турбуленции? Колку и’ е важно што стравот за нашата иднина ние веќе одамна го чувствуваме?

Нашиот внатрешен фактор ја има задачата пред Европа да демонстрира кохезија и одлучност за нашата европска иднина. На Европа мора да и’ пратиме недвосмислен сигнал дека сме спремни да се одлепиме од византискиот товар, од силите на примитивизмот и од бесмислата на националистичките пориви за расцепувања. Ќе собереме ли сила умно да се себепрезентираме пред Европа, како единствен начин за нејзино омекнување во период кога и самата трпи од вишок проблеми? Ќе докажеме ли дека ние нема да бидеме нејзин проблем плус? Но, го сакаат ли тоа нашиве, воопшто? Колкав е стравот дека нашиот влез во Европа ќе го разниша во супстанца опстанокот на македонскиот уникатен модел на неуспешна држава за народот, ама успешна средина за капиталот?                  
   

                     

No comments:

Post a Comment