Заблуда е да се помисли дека сум воспитувана христијански, та толку лесно да простувам. Сега знам дека тоа било повеќе заради сопствената болка, заради тој подмолен страв да не ги изгубам блиските, да не останам сама, за, можда, да не сум претерала. Тоа вечно себепреиспитување ме измачи низ годините, ме направи ранлива, ме заслабна, ме истошти.
Не, никогаш не простував лесно. Ниедна прошка не ја проживеав без лузна на душата. На сите што им простив, до ден денес им е јасно дека мојата комплексна нарав поминала бурни времиња, распламтени од жестокоста на нивната злоба, повредување. Многумина се покајаа, некои дури и солзи покажаа. Простив, ама не заборавив, зашто болот не се заборава, а тешките мигови го исцртаа минатото врз мојот поглед, врз моите образи.
Немам веќе ни сила, ни желба за простување. Се обидувам прагмата да завладее со мојот емотивен напор, а ако во тоа не успеам, тогаш барем да се заштитам преку одбрани дружби и споделувања. Па и споделувањата ги заретчив. Сама ги превиткувам во скришни чувствени пакетчиња и тагата, и радоста. Безгласно и немо ги пуштам пеперутките да ми ја возбудат утробата, облачиња да ми ја натажат мислата, без никому да му ја раскажам трепетноста, без никој да ја забележи раздвиженоста во моите жили.
Најтешко ги минав големите навреди и подметнувања. Сега гледам дека тие никогаш не дошле ненадејно. Се подгревал теренот за нивно разбеснето пламнување. Тој змиски отров, истурен од челустите на зависта и омразата, бил тука негде, ама чуван под лицемерен превез, под гргорлива ѓаволска насмевка. Мојата глупава надеж само го занемарувала она што очите го гледале, а душата го сеќавала. Им простив и на такви, ама погрешив. Ниедно каење сега не може да ги покрие грешките што ги правев простувајќи.
Денес знам дека простувањето е неправда кон сопствената морална издржливост. Простувањето е правење компромис со својата гордост, со убедувањата, со интелектуалните кодекси, со разумот. Простувањето е газење врз вредносните норми, плетени од заплетканите прсти на гените, меморијата за родителите, крвта на дедовците. Простувањето е ампутација на дел од сопственото супер-его, потклекнување пред механизмите за валоризација на сопствената вредност, мамење на личната вистина.
No comments:
Post a Comment