9/17/2012

Илузиите, парите и одговорноста

Собиранката на младата полетна војска на владеачката партија минатата недела беше убав доказ дека дури и во време на рецесија, безработица, нејасна иднина на земјата и веќе здодевна партиска програма, не попушта жестината со која партискиот врв го јакне ентузијазмот на своето младо членство. Илјадници дотерани и насмеани дечки и девојки ја исполнија Универзалната сала до столче, и му дадоа громогласна поддршка на својот водач, кој итро им порача дека тие се идните господари на Македонија. Нема причина овие неизбрчкани лица во салата да не му веруваат на шефот. Тој, навистина, направи поимот власт во земјава да се асоцира со најмладите, така што секое од овие деца сосема оправдано се надева дека во првиот нареден круг од „играта на среќа“ ќе биде извлечено од пренатрупаниот барабан и одважно ќе заседне во некоја од раководните фотелји. И тие што нема да бидат извлечени, покажа шестгодишната историја, нема да останат со празни раце. Ќе бидат вдомени натаму-наваму низ јавната администрација, партиските „НВО“-а и општините. Некои ќе добијат стипендии за во странство, на други ќе им се измислуваат платени партиски ангажмани, ќе бидат трчкарала по грандиозните барокни проекти, ама ниедно нема да остане незбринато. На овој начин, Груевски и натаму привлекува ново членство во партијата и си ја зацврстува позицијата за секои наредни избори. Таман и да се без работа или свесни за перфидното однесување на власта, родителите на овие деца ја пеат познатата македонска „нека има за младиве, нашето веќе пројде“, со која ги извадија на виделина понизните народни особини на помирливост, немање амбиција и виткање на ’рбетот. Груевски фантастично игра на оваа народна карта, играта ја усоврши до перфекција, а резултатот е онаков каков што посакуваше: „и волкот сит, и овците на број“.  

Така беше до сега, а приказната ни’ е позната на сите. Научивме дека адутот со кој владее Груевски се парите и само парите. Местото на идеологијата, која одамна е избришана од меморијата за партијата, сега цврсто и неприкосновено му припаѓа само на лидерот. Поради тоа, денес се’ помалку слушаме дека луѓето гласаат за ДПМНЕ; не, тие гласаат за Груевски. Тој стана парадигма на власта, водството, управувањето. Се гласа, имено, за газдата, стопанот, таткото, оној кој располага со касата, и одбира кому, кога и колку ќе удели. Луѓето, тие јадни суштества, лицемерно му се поклонуваат, покоруваат, му се колнат на верност, чекаат во долги редици како кај месија, а тој, врз основа на своите добро информирани критериуми, пресекува за заслугите на секој поединец. Приземна, провидна, лигава, ама вистинита византиско-ориентална психологија. Одличен, едноставен и несоборлив механизам на владеење во општество без избор, без алтернатива, какво што е нашево. Општество во кое не постои нормален приватен сектор, слободен универзитет, силна интелигенција и диференцирана средна класа - основните претпоставки за минимум функционална демократија. Општество во кое врз секој од овие сегменти надвиснала по некоја темна сенка. Врз некого заради некогашни коруптивни игри и престапи, кај други заради можна лустрација, кај трети едноставно заради страв од губење работа. Нема дом во оваа земја во кој не владее барем некој од овие стравови.

Но дојде време кога касата веќе е скоро празна, а изворите за полнење полека секнат. Се прашувам што ќе се случи кога на илјадниците нестрпливи деца од Универзаланата и другите сали низ Македонија ќе им стане јасно дека на шарената приказна и’ доаѓа крај, а тие не успеале да чепнат подлабоко во грнето со убави илузии. Што ќе биде кога и тие деца ќе погледнат на спомениците, грандоманските барокни зданија, мостови и катни гаражи со нашите очи? Кога ќе разберат дека тие грдни пари можеле да бидат вложени во проекти за нивна сигурна иднина, наместо за баханалии за непознато, штотуку родено минато. Кога ќе погледнат со трезен поглед врз сите оние, кои во времето кога нивниот газда растрошно ракувал со туѓите пари, го допреле дното и ја изгубиле вербата во се’ поврзано со државата. Кога генерациски ќе се пребројат и ќе откријат дека многумина веќе заминале. Ќе се освестат ли овие деца или, за на век задоени со идејата за ефективност на јуришот, како што ги воспитуваа низ партиските поуки, ќе почнат да дивеат на сите страни, водени од сопствената фрустрираност?

Работејќи со млади години наназад, посветував многу време за да ги поттикнам на неутралност и реализам кога ги оценуваат општествените појави, и на градење определена дистанца при формирањето на некакви поцврсти, па и политички ставови. Отсекогаш сум имала волја искуството да го пренесувам на младите за да им помогнам да соберат што повеќе материјал за нивните неопитни младешки размисли за животот. Ги гледам овие деца од Универзалната сала и, несвојствено за мене, за прв пат во животот немам ама баш никаква желба со било што да контрибуирам за објективизирање на нивниот искривен животен ракурс. Конечно се уверив себе си дека, на крајот на краиштата, секој е ковач на сопствената среќа, и дека никој нема право никому да се меша во животните избори. Овие млади го прифатија со обожавање начинот на кој им се продаваат напумпаните надежи за вечната земја, и сами ја донесоа одлуката за игнорирање на реализмот и очебијното. Брзо научија и да бидат општествено неодговорни и да дозволат илјадници други нивни врсници да живеат на маргините на човечкото, тука, покрај нив. Тие вдахновено се вклопија во разурнувачкиот поход против „другите“, како што им беа давани упатствата, и го продлабочија процепот што веќе го беа ископале постарите. Тие не увидоа дека политиката на делби, материјално фаворизирање на мали групи и заплашување на останатата раја нема да донесе среќни денови. Ама тоа веќе не треба да им се повторува. Треба да ги оставиме да поживеат во тој виртуелен простор, кој полека, но сигурно, се стеснува. Да, на тој начин ужасно се деградира рационалниот потенцијал на една цела млада генерација, но единствено исправно е да се допушти секој да си се соочи со својата одговорност и да си го понесе товарот  на своите одлуки. И онака не е оставен никаков простор добронамерните да проговорат и да сменат нешто во оваа смисла. Бидејќи се’ што беше добронамерно замолча, казнето или обележано како деструктор во големата ера на нашата преродба.

No comments:

Post a Comment