11/04/2012

Обама или Ромни

Се сеќавам како пред точно четири години, во Домот на АРМ во центарот на Скопје, ја чекавме завршницата од претседателските избори во САД. Јавното мислење во Македонија му беше отворено наклонето на републиканскиот кандидат Џон Мекејн, потенцијалниот наследник на политиката на Бушови, семејство на кое нашиов народ му прогледа низ прсти за војните и бомбите што ги расфрла по светот, како и за ултра либералниот однос кон генераторите на светската финансиска криза, ама кое, во некои клучни моменти за Македонија, беше застанало „на наша страна“. Промотивните материјали за едниот или другиот претседателски кандидат што ги држевме во рацете, ја откриваа нашата тивка поддршка за опцијата што ја сметавме подобра за нас. Се разбира, присутните од домашниот политички и дипломатски живот беа воздржани во таа смисла, ама ние, растоварените од политика и последици, не ја криевме симпатијата кон републиканците.

На американските домаќини во салата им беше јасно од каде таа наша заинтересираност за победа на Мекејн. Независно од нашите интимни идеологии - пазарно-либерални или социјално-демократски, ние сеуште живеевме под импресијата на американското признавање на Македонија под нејзиното уставно име, што се случи на 4 ноември 2004 година. Исто така, во нашата меморија беше втисната пораката што таткото-Буш ја испрати до светот на неколку дена пред заминување од функцијата во 1992 година, најтешкиот период за нашата земја, дека истекот на мандатот го спречил да ја спроведе својата искрена намера за признавање на Македонија. Од друга страна, времето на Клинтон, барем за Македонците во салата, се поврзуваше со неубавите настани од периодот 1999 - 2001, и нивните последици врз нашите животи, држава и иднина. Ни харизматичноста на Обама, ниту авангардноста на изборот на црномурест кандидат за американски претседател, не ги поматија нашите наивни очекувања дека републиканците ќе ни’ пружат рака за да ја завршиме како победници неправедната битка за одбрана на нашето име, влез во НАТО, а потоа и во ЕУ.

Годините што следеа, навистина од корен ја изменија нашата позиција на меѓународен план. Меѓутоа, никој од нас не е спремен да тврди дека улогата на американските демократи, за разлика од онаа на републиканците претходно, била клучна за развојот на збиднувањата во Македонија. Всушност, ние никогаш до крај не дешифриравме кој и каков е американскиот интерес на Балканот, односно колкава е приврзаноста на САД кон многу од потезите на македонската влада. Недвосмисленото дистанцирање на САД од македонските проблеми во четирите години што се зад нас, ние, пасивните набљудувачи, не сме веќе храбри да го толкуваме исклучиво како политика на демократите, како што немаме аргументи ниту да браниме тези дека евентуалната победа на Ромни би помогнала за разврска на Гордиевиот македонски јазол. Наместо тоа, во јавноста се’ повеќе се тркала тезата дека, всушност, не е ни важно кој ќе добие во САД бидејќи политиката на таа земја во врска со Балканот и нас е единствена, без оглед на партијата што ќе ги добие изборите. Ваквата теза веќе преовладува и во нашиот медиумски простор.

Така денес, на денот на признавањето на нашата земја од страна на САД под уставното име, и на само два дена пред американските претседателски избори, видлива е рамнодушноста на нашето јавно мислење кон тамошниот изборен резултат. Лично, овие избори веќе не ги гледам локално, туку ги посматрам низ мојата перцептивна матрица за судбината на светот на глобално ниво. Во својот однос кон тие избори ја ангажирам мојата цврста определба против пазарниот фундаментализам, односно поддршката на што посоцијално ориентираните политики било каде во светот. Длабоко верувам дека иднината на луѓето на планетава ќе биде многу попријатна ако власта во државите ја освојуваат партии со лева ориентација, односно со социјална праведност  јасно вградена во нивните програми. Повеќе од две децении светот страда од грубата наезда и владеење на либералниот капитализам, и од реформирањето на светот во правец на јакнење на малубројните олигархии за сметка на порастот на општата беда. Доаѓајќи од земјата која го диктира односот кон глобалниот социјален развој, Обама ми дава за право да верувам дека неговиот избор е подобар, на планетарно ниво.                           

No comments:

Post a Comment