4/28/2012

Нашата Катинска шума

Убаво ме советуваат да не фрлам пари на весници кога веќе се’ има на интернет. Ама пусто, некои навики тешко се менуваат, а весник во рацете за мене е како зависност. Се разбира, барем еднаш дневно, откако ќе прочитам некој неодмерен политички памфлет, си ветувам дека од утре веќе не купувам печат. Ама дојде ли вечерта, попуштам пред скопските кол портери и дома се враќам со неколку весници под мишка. Така и пред некој ден.

Кога, што да видам, преку цели две страници од веснициве, па уште и во колор, објавиле една „да-не-се-заборави“ (анти)пропагандна порака, на која грижливо, со леј-аут како за претставување на тим на некоја организација, ги прикажале „дотраените“ комуњари, заедно со сите нивни општествени функции од минатото, и гревовите што му ги нанеле на народов. Пораката е дека истите тие злосторници, преваранти, неспособњаци, корумпирани апаратчици и безидејци, сеуште се дел од главното советодавно тело на СДСМ, односно дека тие се јадрото на актуелната идеологија и прагма на оваа партија. Прв на листата е Папата, значи човекот чиј избор биле овие луѓе. За него не пишува ништо. Симболиката е дека веќе е апсолвирано дека тој човек е олицетворение на гревот, па згодно е големината на тој грев само да се потенцира преку презентација на неговиот срамен тим. Па народе, сега ти гласај ги.

Прво што ми падна на памет беше дека со ова почнува нов бран на скапо платени реклами по медиумите што ќе ни’ го сервираат портокаловите. Јас не знам точно кој плаќа за овој маркетинг, ама знам дека само за еден ваков оглас дневно во еден весник цената се движи од 1.200 евра па нагоре. Веднаш пресметав дека со тие пари две семејства во Македонија можат да преживеат од први до први, вклучувајќи го тука и плаќањето на фиксните трошоци. Потоа се загледав во луѓево од огласов и за секој поединечно „се потсетив“ на кој начин ми го загрозил животот во изминатите дваесет години. Да забележам уште и дека, имплицитно, формат на огласот е алузија на некролог, имено дека тој како да сака да одбележи тажен помен за периодот од 1992 до 2012 година под чизмата на претставените лица.

Воопшто не ми е намера да се занимавам со одлуката на портокаловите преку овој облик на комуникација да ја пукаат опозицијата. Пи-ар стручњаците и онака ќе се точкаат деновиве по медиумите за да ни’ објаснат кои се предностите или ризиците од ваква маркетинг стратегија. Режимските агенции ќе најдат афирмативни причини и позитивен коментар; антирежимските ќе зборуваат дека ова се очајнички обиди на портокаловите да го сопрат паѓањето на рејтингот, а оние агенции кои шуруваат и со едните и со другите ќе се појавуваат со коментари срочени „од висина“, мудро, преку кои ем ќе покажат дека се стручни во проблематикава, ем нема премногу да се офираат. Веќе видено.
Мене муабетот ми е друг. Од објавената листа на грешници гледаме дека, всушност, во врвот на СДСМ се наоѓаат се’ сами академици, универзитетски професори, врвни лекари, дипломати, писатели, интелектуалци... Значи група луѓе кои во секоја држава би биле експонент на напредната мисла, просперитетот и развојот. Е кај нас, вели огласов, ваквите луѓе се извор на лошото. Уништувачи на земјата. Долгогодишни кочничари на просперитетот. Зло. Затоа треба да ја одбереме алтернативата. Нема што јас за министри да бирам луѓе од науката, образованието или, бог да чува, од МАНУ. Да не зборувам за луѓе од „белата мафија“, лустрирани кодоши или корумпирани директори. Министерската работа е чисто егзекутивна функција и може да ја врши секој, само да е малку поработлив и многу послушен на првиот технократ. За тоа не се потребни ни докторати, ни работно искуство, ни политичко искуство. Зашто еве, гледаме дека тие со докторати, работно искуство и политичка историја се најопасни. Доле интелектуалците - власта на народот! Доле искуството - приправници за министри! Него како!

Интересно после ова ќе биде мислењето на Европа и светот. Што ќе си речат тие? Дека во една земјичка од два милиони, во каква, по правило, тешко се создава интелектуална елита, таа елита била чурук? Дека Македонија треба да се срами од своите универзитетски професори? Дека врвот на левицата, при тоа академски добро поткован, бил промотор на корупцијата? Дека СДСМ, ако дојде на власт, ќе се ортачи со Северна Кореја? Дека ни кокошки со птичји грип не знае да пренесе со карго до референтната лабораторија во Лондон? Дека затоа заслужува групна елиминација, можда не баш физичка како онаа од Катинската шума, ама нешто слично? Па за таква земја нема место во подобриот дел од светското друштво. Столетија ќе бидат потребни за оправање на последиците од ваквите аномалии.

Да се вратам на листата со инкриминираните. Лично, не познавам повеќе од два-тројца од луѓево. За да бидам коректна, ќе признаам дека има еден што многу го почитувам уште од детските денови; учевме во исто школо и го помнам како супер талентиран и трудољубив дечко. Со останатите неколкумина сум само на добар-ден-како-сте, ако случајно се сретнеме на улица.  Но затоа, дел сум од колективната меморија и свест на ова парче страдна земја, па сепак никако не можам да прифатам со ваков линч да се пресметуваме со луѓето. Во вистински држави, за кривично дело се одговара на суд. Ако овие луѓе јавно се обвинуваат за такви дела, нека си пресуди третата власт, а не казната да стасува преку рекламните кампањи на властите. Смачено ми е од бесконечната мрачна пропаганда, од плукањето, навредите и меѓусебното клеветење. Од рочишта за клевети судовине не можат да се фатат за било какви други, поважни предмети. Аман веќе.

Јас, реално, не сум видела некој посебен аир од СДСМ во овие 20 години и убаво го помнам начинот на кој ја практикуваа својата ароганција. Голем дел од нив. Ама сум била спокојна што ме оставале да живеам, творам и заработувам за живот и без нивна книшка во рацете. Имаше една фина работа кај СДСМ кога беше на власт, а тоа беше дека не те чепкаат ако не си им во дворот; и со умесна почит ти се однесуваат кон личната слобода, трудот и паметот. Овие сега, обратно, ако не си им од дворот - не те оставаат да живееш нормално. Ако не си нивни - марш у бестрага. Ти го земаат и она што со години работа си го заслужил, за да му го подарат на некој од нивните разјарени јунци и бикови. За луѓе кои гледаат со мојава диоптрија, разликата е голема.
 

Најинтересно, сепак, ќе биде како на оваа претстава ќе реагира народов. Кој веќе се навикна да мисли онака како што му сугерираат рекламните пораки на преродбата. Кој неуморно му ракоплеска на безумието. Уште ли е така?        


           

4/27/2012

ДПМНЕ - партија или движење?

Според мене, не е точно дека ВМРО ДПМНЕ полека прераснува во движење. Тоа е само пропаганден магнет со кој партијата на власт настојува да постигне натамошно придобивање на масите. Демек, тие се отвораат за нови, непартиски луѓе, во речникот на премиерот познати како луѓе со идеи, без оглед на нивната политичка афилијација или кредо. Ним, наводно, ќе им биде пружена можност да земат учество во креирањето на иднината на Македонија, рака под рака со веќе добро познатите вмровски фаци. Затоа очекувам наскоро да осамне и конкурсот за пополнување на местата испразнети преку новиот бран, а најверојатно меѓу одбраните, како алиби, ќе се најдат и некои новајлии, за кои е познато дека се или комуњари, или барем ЛДП-овци. Латас, Миленко и Јади бурек веднаш ќе стапат во акција за да ни’ ги објаснат најчесните намери на Пастирот, и неговата толеранција кон другите. По комшиските дворови и маалски биртии ќе почнат да се плетат муабети дека вмровциве вистина не го делат народот, свака им част.

Во оваа убаво раскажана бајка, недостасува еден, за мене најважен елемент - основната идеја водилка на движењето. Имено, за некоја организација или група да може да се декларира како политичко движење, таа мора да има јасно дефиниран фокус на дејствување (фокус на нејзиниот активизам), кој е поврзан со реализирање на некаков план или решавање на некаков проблем. Таа активно работи на привлекување на што поголем број приврзаници со цел притисокот за разрешување на проблемот да биде што посилен а, поради масовноста - тој да биде што полегитимен. Значи, колку повеќе приврзаници околу опцијата што се нуди, толку, на некој начин, расте и нејзиниот кредибилитет. Друга важна карактеристика на движењата е што тие не се директно поврзани со власта, напротив, тие се одвоени од неа. Во движењата може да партиципираат и луѓе од власта, но во никој случај партија на власт не може да биде движење. Затоа е чудна намерава на  ДПМНЕ да почне да размислува за трансформација во движење. Па дури и да е така, во нивниот случај имаме само масовност, но не и идеја-водилка. А единствен мотив, не идеја, за придружување на иноверници кон „движењето“ е да се дојде до работа, или уште подобро, до некоја покрупна паричка. Никаква идеја или чувство за активизам по некое прашање. А, фала богу, дојдено е време кога гладната опозиција просо сонува.

Сега некој ќе се побуни и ќе рече: Како нема идеја? Па основна идеја е Програмата на ВМРО ДПМНЕ. Така ли? - ќе прашам јас, и ќе продолжам дека таа програма не е програма, туку еден вид акциски план, зад кој не стои јасно дефинирана кауза, ниту јасно поставена цел. Не, не тврдам дека врхушката нема своја идеја. Велам само дека таквата идеја не е јавно соопштена, туку за неа можеме да судиме само според резултатите од реализацијата на акцискиот план.

На пример, не ми е сосема јасно што точно стои зад проектот антиквизација. Можам да нагаѓам, да шпекулирам, да насетувам, но никако не знам за сигурно. Затоа што тие не излегоа јасно да соопштат која е идејата-водилка. Не може мене Паско Кузман да ми го пуштаат мислејќи дека ќе ме пренесе жедна преку вода. Па слепи ли се и не гледаат дека тоа вреѓа? Или, што точно стои зад нивната реторика во врска со решавањето на спорот со Грција околу името? Или, конечно, што точно стои зад нивната тнр. преродба? Зашто преродба е многу крупна работа. Таа може да значи будење, нов развоен циклус, излегување од некоја зачмаеност, или процут, но може да значи и уривање на се’ што било претходно создавано и казнување на сите што сето тоа го создавале. Ние до денес не добивме дециден одговор на овие суштински прашања. Затоа нагаѓаме, и тоа само врз основа на веќе видливи резултати.

Смешно ми е, заради сето ова, да слушам приспивни песни за некакво ново омасовување и преоѓање во движење. Ма нека си останат политичка партија, мене тоа не ми пречи, ама нека покажат дека не ги делат луѓето по боја и дека на земјава и’ мислат арно. Ама не, се плашам дека зад последнава глупост се крие нешто сосема друго - брзо окрупнување на партијата на власт до бројност на членство кога веќе ќе преминеме во еднопартизам. Зошто ли го мразат Тито?         

4/23/2012

Вкоренете се цврсто, три врби!

Отсега натаму, трите жални врби, за кои лефтерно, без око да им трепне, плеснаа чудесни двеста и педесет илјади евра и ги фрлија во матните води на Вардар, за мене ќе бидат симбол на тагата на овој народ. Тага, за која веруваат дека ниту немирните пролетни брзаци нема да можат да ја откорнат и да ја однесат. Ја зацврстија со армиран бетон и не’рѓослив челик за, не дај боже, да не киниса кон неповратот.

Кога бев мала, кога реката не беше регулирана, врби имаше долж целото корито, на двата брега. Под тие врби, лете се бакнуваа скопските вљубени двојки, и се разладуваа уморните минувачи. Под тие навалени дрвја, скопските рибари во ладовина ги чуваа старите велосипеди и ужинките што грижливо им ги припремаа нивните жени. Тие врби беа дел од пејсажот на еден сеуште неуреден град, но кој полека се будеше од многувековниот сон и скромно, чекор по чекор, заличуваше на вистинска урбана структура. Во тоа време на скромност, но и надеж, градот споро се разубавуваше. Зашто приоритетите беа ставени на најгорливите потреби на луѓето: прво училишта, болници, станови, па дури потоа плоштади и монументи. Прво фабрики, инфраструктура и градинки, па потоа паркови, шеталишта и театри. Прво базата, па потоа надградбата - ги потсетуваше секојдневно Маркс, и тие послушно го следеа тој патоказ. Четириесеттина години се создаваше базата, но умно се издвојуваше и за надградбата. Во седумдесеттите и осумдесеттите години веќе имавме одличен театар, Стериини награди, филхармонија, почитуван универзитет, реномирано сликарство, музичка академија, опера, балет, Мајски оперски вечери, Семинар за македонски јазик, литература и култура...

Кога умре базата, кога стотиците фабрики ги затворија вратите за илјадниците вработени кои на своите семејства оттаму со години им носеа и леб, образование и спокој, народот очекуваше дека новиот систем ќе донесе поголеми можности. Тој залудно се надеваше цели петнаесет години. Лицата на некогашните фабрички работници во меѓувреме длабоко се избраздија, алиштата купени пред дваесет години изветвеа, чевлите веќе нема кој да ги залепи. И тогаш, во 2006, дојде преродбата. Облечена во ведро портокалово, размафтана и разлетана, слаткоречива и убедлива, ги заграба народните пари и протолкува дека, со парите, земјата ќе ја поведе кон соништата. И би’ сон...

Кога се разбудив утрото пред некој ден, наеднаш го видов мојот град прероден. Прво не го познав, мислев дека сонот уште трае, но Тања ме штипна по раката, па сфатив дека сум будна. На двесте метри од куќата на баба ми и дедо ми, ме дочека глетката на новиот мермерен град. Бел, триумфален, уставен, око-мостовски, александриски, јустинијанов, вмро-револуционерен. Зад грбот на еден напрчен коњаник, заседнал бел Самоил, во чиј поглед препознав чудење. Откај една шарена куќичка, многу налик на онаа од мојата сликовница за Ивица и Марица, доаѓаат луѓе кои велат дека го посетиле спомен-домот на Мајка Тереза. Парламентот не се гледа - погледот го затскриваат коњи и лавови од сите страни, чиниш сега ќе те спобркаат или клоцнат. Зад зградите, што ги преоблекле во туѓа облека, и зад оградите што кријат нечии нови багери и кранови, здогледав толпа. Отидов да видам. Еден млад, наконтен и намирисан убавец, на кого мобилните му ѕвонат на секои триесет секунди („од партија“), и’ објаснува на толпата за големината и значењето на проектот што се наоѓа во тековна имплементација, а кој носи романтично, а сепак безвременско име: три врби.

Проект „три врби“. Што е ова? Потсмев со сите нас? Атак врз здравиот мозок? Мајтап со нашата свест? Или демонстрација на надмоќ, триумф над нашата памет, победа над нашата чест?

Три жални врби како симбол на македонската тага. Тага за петмината што отидоа јабана зашто  овие ја оставија државава недоправена. Тага заради апелите за помош за лекување на мали деца што секојдневно ги гледаме на ТВ екраните отчукани врз црн фон, а за кои градителите на мермерниот град не даваат ни денар. Тага за збрчканите лица на работниците од некогашните фабрики, кои денес немаат ни за чоколатче за своите внучиња. Тага за денешниве млади, убави и умни дечки, чиј месечен труд не вреди повеќе од двеста и педесет евра, ако случајно најдат работа. Тага за мојата, некогаш полетна генерација, која постапно ја замолчеа, а имаше што да каже. Тага за Скопје. Тага за здравството, школството, штотуку размрданата наука. Тага за слободата, за весниците и за вистината. Тага за вербата што ја покосија, и за спремноста да се дадеме.

Вкоренете се цврсто, три врби! Издржете и бидете сведоци на бичувањето што ни’ го вршат насилниците! Не заборавајте на раните што ги прават во нашите души. Опстојте и запомнете! Ќе дојде ден кога вашите гранки ќе се поткренат благо кон сонцето, кога вашите нежни ливчиња ќе почнат да ја раскажуваат приказната за тагата во мермерниот град. Посакувам таа приказна од вас да ја слушнат некои нови клинци, кои ќе имаат право да ја знаат историјата на ова време, за да не погрешат повторно и да ја вратат тагата.                                 
                   

4/19/2012

Овие денови, гласот на Ахмети, Тачи и Османи може малку да не’ смири

Оваа земја повторно сакаат да ја втурнат во чемер. Просто како да не’ повикуваат конечно да се откажеме од правото на државност; како да сакаат да кренеме раце, да се предадеме, да ја свиткаме главата, да кажеме: „добро, не не’ бива, еве, прегазете не’ и крај“. Секој нивни нареден чекор станува покрвав. Сега се свртуваат кон младите, кон нашите чеда, зашто знаат дека таму најмногу боли, пече, гори. На тој начин, си велат, најлесно ќе издејствуваат наша капитулација и повлекување.
Со внимание следам како деновиве се развива јавното мислење во врска со стравичниот предвелигденски масакр. Министерството за внатрешни работи е ставено под екстремен притисок на јавноста за итно разрешување на случајот. Можам само да претпоставам каква тензија владее меѓу раководните структури кога до нив стасуваат лелеците на мајките потонати во црнина, и повиците од граѓаните да се стави крај на времињата на страв и мрачни исчекувања што веќе долго се наш начин на живот. Се прашувам какви пораки добива државниот врв од соседите и од меѓународната заедница, и кој се’ настапува од позиција на пријател, кој од позиција на советодавач, а кој од позиција на моќ. Дома, јавното мислење е изложено на дневни осцилации. Кревко по својот карактер, тоа се менува во зависност од дозата на пласираниот оптимизам. Сепак овој пат, јавното мислење веројатно ќе покажува знаци на поголема ригидност и непроменливост. Тоа, имено, најтешко се менува кај случаи или прашања кои се поврзани со елементарните, темелни и трајни вредности на луѓето, какви што се животот, слободата, децата, семејството, егзистенцијата. Во јавното мислење во врска со овој болен случај како доминантни ќе се испреплетуваат, или ќе се експонираат во исто време, осудата, протестот, незадоволството и бунтовноста. Опасно ќе биде ако ваквите чувства и ставови ескалираат во бес, гнев и агресија, а за тоа треба навистина многу малку. Тоа може да се случи ако целата работа почне да се менаџира погрешно. Затоа треба многу да се внимава на кој начин ќе се управува со овој процес, кој можеби е од пресудно значење за иднината на Македонија. Еден од првите симптоми на лошо менаџирање ќе биде приклонувањето на народот кон разни теории на заговор, кои, во услови на недостиг од информации и масовна анксиозност, ќе си обезбедат перфектно тло за вкоренување во сфаќањата и уверувањата.

Но уште една работа, според мене, е од исклучителна важност во овие тажни денови: треба јасно да се слушне гласот на Албанците во Македонија. Најнапред на албанските политички водачи. И покрај тоа што, официјално, никој не искажа обвинување или сомнеж дека овој крвав настан е во режија на некакви албански криминални структури, сепак, фрагилните меѓуетнички односи, паметењето за 2001, и серијата крвави немири во последните месеци, неизбежно резултираа во такви претпоставки кај голем дел од граѓаните. Албанските водачи треба на најплодоносен начин да го искористат овој момент, и гласно и јасно, можда за прв пат откако се застанати на политичката сцена, да се изјаснат дека без резерва го осудуваат ова проеклетие; дека се оградуваат од таа чума; дека им пружаат рака на мир и сочувство на своите сограѓани Македонци, и дека ќе сторат се’ за да ја докажат својата волја и спремност за живот во една, заедничка држава.

Ништо не може посилно да повлијае на јавното мислење отколку вака искажани пораки од албанската страна. Нас повеќе ќе ни’ значат уверливите зборови на нашите албански политичари, отколку оние на Бериша или Топи. Во оваа ситуација, нашата албанска политичка елита мора да покаже дека се идентификува со оваа земја - нивна земја, во која ги остварува сите свои човечки, граѓански и политички права, и прва да го запали лулето на мирот. Народот ќе знае да го цени тоа. Во спротивно, ако целата работа и товар останат само на грбот на (етнички) македонскиот дел од државната власт, и ако тој биде оставен сам во оваа несреќа, тогаш не само што ќе продолжи создавањето на уште понепосакувано јавно мислење, туку тоа може да ескалира и во трајно нарушување на соживотот и непоправливо заострување на проблемите поврзани со меѓуетничките ставови и чувства. Ахмети, Тачи, Османи и останатите треба да ја зграбат оваа шанса, да не ја испуштат од рака, и да ни’ испратат пораки кои барем делумно ќе не’ успокојат. Ако искрено сакаат слога и заеднички живот во оваа наша, унитарна држава. И дека, ако се покаже дека организатор на злосторството била некоја трета страна, битката ќе ја водиме заеднички, со споени дланки. Нека докажат дека повиците на Илирида и оние на новоиспилената ОНА, кои случајно или не, се лиферуваат токму деновиве, немаат ниту врска, ниту потпора во нивните јата.             
                   

4/16/2012

Свети Димитрија и покајанието на опозицијата

Почекав да мине лежерната опуштеност од празниците за да се навратам на пораките што по повод „чудото во Свети Димитрија“ ни’ ги упати еден од нашите владици. Владиката Агатангел, имено, коментирајќи го плакнењето на фрескоживописот во оваа скопска црква, ни’ протолкува дека, парафразирам, тоа треба да се сфати како опомена од Бога до македонската опозиција за нејзиниот ерес, и повик за нејзино покајание. Гревот на опозицијата тој го идентификува во тоа што таа ја оддалечила веронауката од школите, ги организирала протестите на младите архитекти против изградбата на црква на плоштадот, како и оние против изградбата на црква на Калето. 

Со таа изјава, овој великодостојник на МПЦ во истиот момент се огради и откажа од илјадници припадници на православната вероисповест во Македонија. Отворено застана на страната на државната власт/позицијата и порача дека опозицијата е стасана дотаму што веќе и’ е време да побара прошка од Господа. Тој ја прогласи опозицијата за грешна, имплицитно алудирајќи и заплашувајќи ја со казните Господови што им следуваат на грешниците. Ете, Свети Димитрија, загрижен и вознемирен од неверништвото на македонската опозиција, решил на овој начин, преку свето чудо, да ја повика да си побара спасение.

Се прашувам дали после ова, верниците од опозицијата ќе продолжат да одат во црква. Дали кога ќе одат на венчавка или крштевка ќе треба да донесат потврда од нотар дека не се членови на некоја опозициска партија? Или можда ќе треба да поднесат пусулче од некој овластен поп, со кое тој потврдува дека тие го минале процесот на покајание.

Не ме изненадува тенденцијата црквата се’ повеќе да ги плетка рацете во политиката. Историјата покажува дека врските меѓу религијата и политиката секогаш биле мошне тесни. Таа не’ потсетува дека во периодот до средниот век, но и во некои периоди потоа, религијата често била дури и доминантна во политичкиот живот. Вистински промени во оваа смисла настапиле дури по буржоаската револуција во Европа, со зацврстување на определбата за раздвојување на религискиот (црквата) од политичкиот живот (државата). Сепак и денес, во современите држави, религијата се активира во моменти кога е потребна поддршка на некоја официјална или неофицијална политика; мобилизирање на масите околу некаква идеја или состојба, или обединување на граѓанството по определено чувствително прашање. Некогаш ваквото замешателство знае да заврши со прилично несакани ефекти во контекст на толеранцијата или демократијата. Но, би издвоила и некои примери кои стекнаа атрибут на активности од глобален бенефит, какви што беа некои од оние на претходниот Папа, со кои тој даде силен сопствен прилог кон заложбите за мир во светот и взаемно почитување меѓу различните. Во кревките општества какво што е нашето, со долга традиција на мултиконфесионална кохабитација, би било природно да се очекува Црквата да има токму таква, обединувачка мисија, наместо, како во случајов, директно да влијае врз генерирање на натамошни поделби и раздор, па уште и во рамките на иста конфесија.

Прашањето е зошто Владиката одлучил да и’ се придружи на владеачката партија во анатемисувањето на опозицијата. За власта да биде зајакната во борбата против опозициското зло? Така, сега на терен имаме здружен политичко-црковен поход за уште поефикасно деградирање на неистомислениците. Од една страна, партијата на власт продолжува со беспоштедна пропаганда против припадниците на спротивниот политички блок, а од друга страна, Црквата додава масло на огнот квалификувајќи го тој блок како грешен и пред Бога.  

Дали Црквата ќе се огради од исказот на Владиката? Дали Г. Г. Стефан јавно ќе го опомене својот Владика Агатангел за искажаната клевета против огромен дел од православното (но и останато) население во земјава? Дали Архиепископот ќе се одважи на својот владика да му порача дека за ваквиот грев и самиот треба да побара прошка и да се покае? Ајде да видиме.    

4/10/2012

Потценувањето на интелектуалниот труд и гаснењето на демократијата

Читајќи ги денешните дневни весници, наидов на податок дека во рамките на проектот за преведување на 1000  стручни книги што го спроведува Министерството за образование, за една страница стручен превод државата плаќа едно евро. Се работи, наводно, за книги кои ги презентираат најновите светски достигнувања во областа на науката и професиите. Како литература, тие ќе им станат достапни на домашната академска и стручна јавност за цели поврзани со развој на нивните индивидуални знаења, но и за трансфер на тие знаења.

Шокот, се разбира, е поврзан со цената на трудот на преведувачите. Имам прилично искуство со преведувачка работа. Знам, на пример, дека за да направите добар превод, дневно (нешто подолго од полното работно време од осум часа) не можете да преведете повеќе од 10 страници. Добар превод значи дека тој точно го прикажува оригиналниот авторски текст, а дека со внесување на доза на преведувачка креативност неговата содржина треба да се направи што покомпатибилна со јазикот на кој се врши преводот. Добар превод можете да добиете само од вистински писмени и образувани луѓе. Бидејќи преведувањето не бара само добро познавање на јазиците, туку и разбирање на материјата што се преведува. Се радувам што во последниве години вивна издавачката дејност кај нас. Но, за жал, во рака сум имала само неколку книги од странски автори преведени на македонски од наши издавачи, што сум ги прочитала од првата до последната страница. Сите останати прекинував да ги читам поради нивниот катастрофален превод. Кај белетристиката, лошиот превод ви ја одзема магијата на уживањето во пишаниот збор. Мене плус и ужасно ме тревожи. Кај стручната литература, пак, штетата е уште поголема бидејќи погрешно преведените авторски трудови можат да го заведат читателот до опасно неточни информации. Во времето кога држев предавања на еден од скопските факултети, како основна литература за моите предмети ми беа посочени токму такви, лошо преведени книги, кои владата, преку ваква слична акција за преведување „на ура“, им ги беше обезбедила на универзитетите.

Но што друго да очекуваме од превод за кој се плаќа по едно евро од страница? Помислете какво е чувството на преведувач чиј напорен интелектуален труд се вреднува со дневница од 600 денари. Токму поради тоа денес превод работат илјадници луѓе, а многумина од нив, за да си ја олеснат работата, се потпираат на разни софтверски или онлајн алатки за преведување. Резултат се неупотребливи книги, односно залудно фрлени пари. И, нормално, фалбите на владата дека во системот за развој на знаењата внела уште нови илјада светски стручни бестселери.

Што, всушност, се промовира на овој начин? Прво, станува јасно дека и оваа акција е само дел од стратегијата на владата за бомбардирање на јавноста со реализирани проекти чија грандиозност се потпира на набилданоста со големи цифри (илјада книги, триста тениски игралишта, петстотини споменици, триесет илјади земјоделци, не знам колку спортски сали, итн.). Второ, се промовира вулгарно пазарен систем во вреднувањето на интелектуалниот труд („ако не сакаш ти за едно евро по страница, има кој што ќе сака“). На овој начин владата директно ги обара цените на интелектуалниот труд, кој никогаш потоа нема да може да се врати на своите реални вредности. Знаеме дека тоа не се случува само со преводите. Слично е и со останатите интелектуални услуги. Пардон, со исклучок на оние што им се доверуваат на строго партиски фирми или лица и кај кои и најситните интелектуални услуги вредат илјадници, па и милиони евра. Трето, пораката е дека квалитетот, дури и оној во образованието, кај нас има многу мала важност, па оттаму неговата дампингувана вредност. И четврто, дека чекор по чекор, цената на интелектуалната (и другите видови работа) во Македонија се доближува до онаа карактеристична за африканскиот пазар на труд.  

Помина времето кога ваквите трендови ме обеспокојуваа до степен кога почнував да се обидувам да станам водач на групи кои ќе застанат против вакви неправди. Доживеав дури еден од моите поранешни работодавачи (инаку, мој долгогодишен соработник) доживотно да ми се налути кога се пожалив на ниската плата. Но, се покажа дека, за пусто преживување, многу мои колеги пристануваа да работат за мизерни плати и со тоа трајно ја спуштија цената на интелектуалната работа. Резултат на тоа е што денес критериумите за вреднување на цената на чинење на интелектуалните услуги се срамно ниски; поради тоа имаме поплава од потпросечни организации или лошо/без ефект завршени проекти; имаме огромна пазарна понуда од „консултанти“ од секаков вид, и урамниловка/изедначување на трудот на добрите со оној на потпросечните.

Каде води ова? Се разбира - кон еден процес на општо потпросечување. Според мене, најстрашно е што на овој начин интелектуалната и стручна работна сила постапно ја истиснуваат од категоријата средна класа. Средната класа, тој општествен сегмент кој треба да ги опфаќа мислечките луѓе и професионалците од чиј ангажман зависи развојот. Сегмент од кој е условено постоењето на демократијата. Овој сегмент кај нас полека се стопува со сиромаштијата. Ги губи особините на носечка сила за динамизирање на развојот и демократијата. Од друга страна, нашите работодавачи не разбраа дека од своите добро образувани вработени, кои се оптоварени со проблемот на преживувањето, не можат да очекуваат повисока родуктивност, кооперативност, лојалност или, не дај боже, иновативност. Нема таква иновативност што ќе се става на располагање за да биде искористена само за туѓи профити, а за свој егзистенцијален подминимум. Затоа кај нас нема развој и, се’ додека е вака - нема ни да го има. Словенците, на пример, не упаднаа во ваква замка. Атрибутот на една од триесетте most livable земји во светот, Словенија го стекна, меѓу другото, и поради соодветниот третман на интелектуалниот (но и на останатиот) труд.

Затоа често можеме да слушнеме дека во земјава им ги скршиле кичмите на интелектуалците. Но, за среќа, има едно правило што важи за вистинскиот интелектуалец. Тој вели: Има моменти во животот кога немам пари, но никогаш не се чувствувам сиромашен. Дали можете да си замислите дека ваква реченица може да изговори било кој од креаторите на нашево медиокритетско милје? Чија моќ и богатство се создаваат само и единствено преку трудова експлоатација и грабање од туѓата мизерија. Не од создавање на производи што можат да поминат на меѓународниот пазар.

Многу сум чувствителна кога некој се обидува да ме увери дека трендот на распаѓање на средната класа е глобален. Ма знам, ги следам статистиките и состојбите. Но, како што кажав во една претходна прилика, главната разлика е во стартната позиција. Од кое ниво на стандард отпочна осиромашувањето на средната класа во нормалните земји, а од кое кај нас?

Според некои политички теоретичари, распадот на средната класа им оди во прилог на конзервативните режими од посовремен тип, каков што е, на пример, технократскиот конзервативизам, кој по неколку значајни карактеристики соодветствува со декларативно изречените уверувања и идеологии на нашиве владетели. За таквите режими, меѓу другото, е карактеристично што правото на стекнување на вистински знаења, интелектуална моќ и обука за управување и’ се доделува ексклузивно само на една мала, одбрана елита, додека на остатокот на народот му се сервираат приказни дека живее во општество на еднакви шанси и третман (во правата, слободите и придобивките од режимот). Во таквите режими демократијата  се практикува само формално, односно се допушта постоење на парламент, кој, всушност, само покорно ги носи законите на властодржецот, а пред јавноста се користи како доказ дека демократијата не е умрена.           

4/06/2012

Дали да се осмелиме?

Рекламните кампањи се користат со намера нивните нарачатели да и’ објаснат на целната публика  зошто, или на кој начин, преземаат активности поврзани со определен производ, услуга, идеја, проблем или појава. Една од најважните цели на рекламните кампањи е да ја подигнат свеста на публиката во врска со предметот на кампањата. Кампањите на компаниите имаат чисто комерцијална цел, додека оние на непрофитниот сектор најчесто се од информативна природа. Рекламните кампањи се, по правило, скапи па се оправдани само ако претставуваат дел од еден интегрален, организиран и сеопфатен напор на нарачателот во врска со предметот на кампањата. Уште поважно, кампањите се оправдани ако нивниот резултат има мерлив аутпут, и тоа во позитивен правец.

Во морето државни реклами кај нас видовме безброј примери за тоа што се’ може да биде предмет на кампања. Примивме стотици пораки за сложени животни прашања, но и такви кои зборуваа за најелементарни услуги на јавната администрација. Некои од владините кампањи беа естетски добро обликувани; некои беа со добар кастинг; некои беа технички убаво обликувани; некои беа наивни; некои бесмислени или неразбирливи, а некои дури и навредливи. Нормално, бидејќи неколкуте агенции што работат на нивната продукција не можат, дури и да се пукнат во вена, да извадат толкава доза на креативност заради пресингот што им го врши владата со барања за нови и нови кампањи.

Особено внимание привлекуваат владините кампањи кои имаат за цел да им го променат животот на луѓето во егзистенцијална смисла. Кога владата го повикува населението да влезе во некаква економска акција, тоа би требало да значи дека граѓанинот кој ќе донесе таква одлука може да очекува соодветна поддршка од државата. Таква, во моментов, е кампањата за поттикнување на претприемништвото. Во заднината на оваа кампања се наоѓа проблемот на високата невработеност во Македонија, како и ниските стапки на економски раст. Интересен е слоганот на кампањата - „Осмели се.....“. Вака дизајнираната кампања упатува на два битни заклучоци.

Прво, дека владата истражила и дошла до заклучок дека ниското ниво на претприемништво во земјава се должи исклучиво на стравот кај луѓето од отпочнување сопствен бизнис. Затоа таа повикува на храброст, прикажувајќи примери, измислени или реални, на претприемачи кои успеале во животот.      

Второ, дека владата смета дека за нашите животни проблеми сме виновни исклучиво ние самите, и тоа поради нашиот кукавичлук, незнаење и мрзеливост. Гледајќи ја кампањата, треба да се почувствуваме засрамени што сме неспособни за еден обичен бизнис.

Но ако погледнеме подлабоко, владата во оваа кампања не нуди никакви аргументи со кои би не’ убедила дека нашиот страв е неоснован. Луѓето би сакале да слушнат, на пример, дека државата усвоила одржлива стратегија за развој на малото стопанство; дека изградила целосна инфраструктура и логистика за развој на малите бизниси; дека на располагање стојат услуги на доволен број бизнис инкубатори; дека е обезбеден полесен пристап до микрокредитни линии, и дека се реализираат добро осмислени проекти за обуки во областа на претприемништвото. Такво нешто не слушнавме. Познато е дека неколку институции и меѓународни донатори се активни (со години) на ова поле, но тоа никако не значи дека постои некаков интегриран пристап кон ова пречувствително прашање.

Она, пак, што луѓето најмногу би сакале да го слушнат е дека пазарот во Македонија е фер, дека приватниот сектор ги има сите економски, правни (и останати) слободи, а дека набавките на јавниот сектор се транспарентни, некоруптивни и чисти. Наместо тоа, луѓето се сведоци дека патот до успешниот бизнис скоро без исклучок води преку политиката и дека тешко ќе помине оној во бизнисот кој нема сајли со партиите на власт.

Владата, исто така, треба да знае дека, статистички, во секоја популација вистински претприемачи се само околу пет проценти од населението, често дури и помалку. Тоа се луѓе од типот на Бил Гејтс или Доналд Трамп, какви во Македонија, поради малата популација, можда никогаш нема ни да се родат. А таквите и не чекаат да бидат охрабрени со кампањи. За сите останати кои, сепак, би биле способни да управуваат со сопствен бизнис, владата треба да обезбеди услови, да помогне во креирање на знаење и да ги отвори институциите за сесрдна помош и поддршка. Нешто слично како подавање рака на дете кое проодува, значи само на почетокот. Но најзначајно, таа треба да не’ убеди дека ја укинува категоријата партиски бизниси. Вака како што е сега, отворањето бизнис може да заврши како убиствен хазард, а народот нема пари за толку скапа коцка.


                   

4/03/2012

Еден ден во декември

Денот кога остана без работа беше спроти Нова Година. Тоа се оние денови кога канцеларијата мириса на празник. Не во буквална смисла, се разбира. Тоа не е толку мирис, колку што е една нота на блага мрзеливост, едно тивко очекување, еуфорична и меланхолична опуштеност во исто време, надеж дека тој нареден ден ќе донесе некаква интимна возбуда, толку посакувана и потребна. Тоа се оние денови кога паузата за појадок од половина час се продолжува на час и повеќе, и кога на секое отворање на влезната врата во холот се слуша шушкање на полиетиленски кеси полни со подароци купени на божемните распродажби во трговскиот центар.

Таа не им се придружи на колегите на предпразничното кафе во блиската кафетерија. Мораше да го испразни бирото и да го исчисти компјутерот од непотребните фајлови. Годините работа на бројни извештаи, презентации, акциски планови и анализи требаше уредно да се складира во еден фолдер, за кој доби задача да биде именуван со нејзиното име. За чудо, сите тие документи, во кои претходно ја беше вградувала својата креативност, амбиција и искуство, одеднаш ги доживуваше како гола архива. Наместо имиња, на сите им направи rename и ги прекрсти во години и датуми за да му обезбеди на раководството јасна хронологија и лесно пребарување. Притоа, не ги отвораше фајловите. За секој од нив, по насловот, знаеше точно што содржи, кога е создаден и со кој нареден документ треба да го поврзе. Ги смести сите документи во подфолдери следејќи ја логиката што произлегува од посебните елементи на описот на нејзиното работно место. На крај, погледна за последен пат во екранот и беше задоволна од естетиката што ја постигна со организацијата на целата архива, и одбра наредба Turn off Computer. Крај. Погледна на часовникот и пресмета дека целата операција и’ одзела час и половина. Час и половина за да се затвори една страница од животот. За неа толку важна. Страница што ќе остане недопишана зашто многу замисли останаа нереализирани. Нејзината визија за иднината не доби соодветен простор во планот за развој на организацијата.

Од секој агол на канцеларијата надоаѓаше тивок, но весел жагор од разговорите на колегите. Во конференциската сала имаше колачи, токму покрај елката што веќе цел месец светкаше како симбол на веселоста и успехот. Имаше уште два часа до крајот на работното време, но таа одлучи да замине веднаш. Го спушти клучот од влезната врата на рецепцијата, и се обиде со насмевка да им ги честита празниците на колегите. Некои дојдоа да ја изгушкаат; некои само и’ мавнаа од далеку. Бојан дојде да ја испрати до лифтот. „Ќе се видиме, те чекаме на кафе“, извикуваа колешките. „Се разбира“, одговори таа, знаејќи однапред дека тоа никогаш нема да се случи.

Не беше тоа сцена од американските филмови. Таа во рацете не понесе картонска кутија со личните предмети. Остави се’. Сите лични предмети ги беше носела на работа за да се вклопат токму во таа атмосфера. Дури и сликите што ги беше закачила на ѕидовите во канцеларијата ги беше изработила за да одговараат на тој амбиент. И ситните декоративни предмети што ги беше распоредила по рафтовите. Се’ остави зад себе.

Надвор беше студено, врнежливо и тмурно. Типичен скопски декември. Таа излезе од зградата без картонска кутија со неважни предмети, но со вреќа тага поголема од сивите облаци над плоштадот. Една солза што не можеше никако да ја исконтролира и’ се затркала по образот. Се втурна во мешаницата по улиците и се упати кон дома.       
                          

4/02/2012

Лустрација, по ново

Сега ќе правеле проширена и надградена лустрација. Ќе проверувале дали олигарсите се збогатиле како награда за евентуална соработка со тајните служби. Ама ќе ги потфатат само старите олигарси. Новите се заштитени со закон. И онака се’ што се случува во земјава по 2006 си е по закон. Но затоа, ние конечно ќе разбереме за какви вреќи пари делени по скопските подруми во деведесеттите зборува главниот уредник на „Дневник“ - еден добро информиран и нетворкиран новинар.

Ама, што ќе имам јас од тоа? Еве, ќе ги дознаеме. Ќе видиме кој кого тужакал кај агентите, и кој колку пари добил за тоа. Еве, нека им го конфискуваат и имотот. Ќе го дадат на управување кај оној Шехтански, него тоа му е работа. Еве, нека ги закачат на Интернет заедно со сите податоци за подарените милиони. Нека им ги пишат децата, снаите, зетовците, тетките и вујковците по име и презиме. Нека им ги објават досиејата заедно со доушничките муабети од збор до збор, па сите да читаме и да се соблазнуваме. Нека ги активираат сите можни механизми за ревизија на приватизацијата, сосе промена на Уставот. Нека им го одземат правото, не само пет години, туку доживотно, да бидат во политиката. Нека им ги обрукаат жените и внуците за на век. Ама што имам јас од тоа?

Добро, ќе бидам сигурна дека никој од олигарсите и нивната потесна околина нема да може да добие државна функција. Па што? Мене ни со олигарси, ни без нив на власт, не ми се менува животот. Ќе им го конфискувале имотот па од неговата продажба ќе се полнел буџетот? Па што? Со тие пари ќе изградат некоја нова фабрика? Ќе ја санираат социјалата? Или така само ќе имаат уште парички за нови тендерчиња, наменети за градење  споменици, и за јавни набавки на коњи, рингишпили, бродови и пајтони. И, се разбира, за нови воспитно-образовни кампањи, од кои до сега чув, на пример, дека и јас сум била Македонија; дека не треба да абортирам; дека знаењето било сила и моќ; дека не сум свинче па да уживам во ѓубре; дека треба да читам повеќе, и некои слични поуки, за кои, да простите, мајка ми ме научи уште пред да наполнам седум години. Е, да, ќе заборавев: ме научија и дека треба да си го ослободам срцето. Сигурно виделе како ми се стега срцето на секое гледање вести, па решиле да ме подучат на автоген тренинг за срцева релаксација за да не им добивам инфаркти, па да му создавам несакани финансиски импликации на министерот за здравство. Кој, еве, решил еден по еден да не’ исклучи од правото на услуги од системот за здравствена заштита. Зошто мислам така? Па зашто на крај приказната ќе заврши гадно. Прв столб во здравството: ако добиеш инфаркт, ќе одиш кај матичниот лекар и тој ќе ти каже дека си доживеал инфаркт. Ефективно лекување на инфарктот имаш во вториот столб. Ама ти не си елиџибл за тој столб. Па ти мисли му ја.

Да се вратам на темата. Значи, конечно ќе ги разобличиме и олигарсите од приватизациското време. Ќе дознаеме која мала група луѓе, покрај соросоидите и по некој уставен судија, ја имала најголемата моќ во тие бурни години. Во ред. Ама, што правиме со новата олигархија? Тоа што ниеден закон не ја фаќа значи ли дека нејзината олигархиска позиција ја правиме вечна? Значи ли дека со најновиов модел на лустрација за секогаш ќе ја зацврстиме новосоздадената олигархија, ослободувајќи ја од нејзината транзициска конкуренција? Значи ли тоа дека овие новиве си ја бетонираат својата позиција со марка бетон илјадарка? Значи ли тоа дека во Македонија навистина доаѓа крајот на историјата, но не во смисла на протежирање на некаква либерална демократија (Фукујама), туку на трајно устоличување на тнр. стварна автократија.

Па ќе прашам уште еднаш: што имам јас од сето тоа? Не сум ни сеирџија, ниту воајер, па отстрана да се насладувам на маките на „старите“ олигарси, ниту сум со конекции до „новите “ олигарси, па да станам дворјанка во нивните тазе изградени барокни палати. А такви како мене се поголемиот број од моите сограѓани. Една забелешка: барем се надевам дека се во поголем број. Па народе, бирај сега кое џаде ќе го фатиш! Ќе прифатиш ли да те вовлечат во нивната битка за меѓусебно истребување, кое има само една цел: правото на располагање со паричните текови, но и на владеење со нашите животи и судбини, да го има само едната од  двете групи? Фаќањето страна значи дека се определуваме кај кои од нив сакаме да бидеме надничари, во чии кафетерии сакаме да трошиме за кафе и мохито, во чии приватни клиники сакаме да се лекуваме, во чии супермаркети да купуваме леб и млеко. Ќе признаеме дека не ни’ пречи да живееме во олигархиско општество, туку само бираме на која од олигархиите ќе и’ се потчиниме. И кај која ќе ги трошиме на шите пари. Нашите малку, премалку пари. И нашата човечка гордост.