7/03/2012

Летна ноќ во мојот град

Тишината на врелата јулска ноќ уморно се распослала врз покривите на мојата населба. Некаде во далечина,  небото повторно блеснува од разиграни пламени на нов огномет. Се прашувам кои ли се поводите за толку многу огномети во Скопје. Свадби? Раѓање? Годишнина? Или некоја прозаична средба, од која, по секоја цена, треба да се направи  хепенинг што блешти. По огнометот - повторно тишина. Еден лилјак пролетува покрај мене, како да не сум среде град. Се наежувам и бегам внатре, на безбедно. Воздухот во собата тежи од топлина, како некогаш.

Како кога бев малечка и кога, свиена во постелата, со часови се трудев да заспијам, благо покриена со чаршавот од бел батист што мојата мајка ми го префрлаше преку половината, за да не настинам. Таа заминуваше од мојата соба, нежно затворајќи ја вратата, и одеше кај татко ми, кој веќе беше седнат на терасата што гледаше кон паркот. Мојата соба беше далеку од терасата и никако не можев да слушнам за што си шепотат. Останував сама во темнината, прошарана од слабата светлина на далечните улични канделабри, разбранувана од сенките на старите дрвја од соседството. Во трепетливиот шум на повременото лелеаво ветре, се стопуваа нејасни гласови што доаѓаа од улицата Димитрие Туцовиќ. Заспивав како опиена од скопската ноќ, занесена од благото бранување на завесата и од допирот на жегата по моето опуштено тело.

Летните ноќи се скришни предели на мојата осаменост. Своите тајни, своите копнежи, своите болки, најсилно ги тркалам низ мислите кога спарината не ме остава да задремам, а напластената летна тама ми се чини бесконечна. И денес, исто како кога бев дете, им се препуштам на несподелените копнежи, играм со нив, ги пуштам да заталкаат до малите, бели, памучни облачиња што понекогаш ја затскриваат полната месечина и, од страв да не ми избегаат, повторно ги враќам во просторот на нивната сигурност - во моите мисли. Тие копнежи, тие посакувања, се душата на мојот мал свет, на тоа мало космичко парче што ја чини околината на мојот хабитус. Погледот на ноќното летно небо привидно го зголемува дофатот на моите мечти, а ѕвездените патеки стануваат траектории на моите желби.

Во врелината на ноќта, копнежот и спокојството - тие две спротивставени самовили на мојата душа, прават чуден, неприроден сојуз, па ниту копнежот може да ме возбуди толку за да предизвика барем лесно да затреперам, ниту спокојството ме 
разнежнува толку за да ги стивнам насобраните грижи. Во ноќите на стивнатата јулска жега, под небото на Скопје, го наоѓам прозорецот што гледа кон една далечна радост што сакам да ја допрам. Радоста на некои одамна поминати времиња, и посакуваната радост за денот што иде. Се потпирам на меката перница, ја гасам ноќната ламба и, загледана кон мојата среќна ѕвезда, заспивам залулкана во надежта дека утрото ќе ми ја оствари скриената мечта.                               

                          

No comments:

Post a Comment