6/27/2012

За провинцијализмот, и за Скопје

Ме вознемири помислата дека, можда, сме на прагот на уште една внатрешна, длабока поделба, онаа на скопјани и провинцијалци. Се натажив што призвуците на поделбата овој пат доаѓаат од круговите на младите, токму оние, кои во времево на целосна информациска глобализираност и отвореност, станаа граѓани на светот, барем во виртуелна смисла. Но, целава приказна си има длабоки економски и социолошки корени. Ќе се обидам да испратам некои пораки до младите, само со цел да придонесам за нивно спојување, за нивно сплотување, за сопирање на делбите.

Поаѓам од неспорниот факт дека повеќето луѓе нерадо ги напуштаат своите средини, своите домови. Причината за тоа е психолошка, имено тежнеењето да не се одвојуваме од сопствената, сигурна територија што ја доживуваме како наша природна средина. Сепак, внатрешните пориви, талентите, амбицијата или мотивите за постигнување, многу често не можат да бидат остварени во сопствената средина, па луѓето заминуваат, поблиску или подалеку, во неизвесна борба за остварување на своите соништа. Постојат и други, индивидуални причини за заминувањата, на пример невклопеноста во сопствената средина, авантуризмот, па дури и поривот за потврда на личните илузии. Тоа се случува секаде, вклучително и во најразвиените земји. Македонија никогаш не била исклучок во тој поглед. Секогаш имало млади луѓе кои заминувале на школување некаде надвор. Дел од нив никогаш не се вратиле дома; други, поносталгични, си дошле назад во својата земја. Тоа што загрижува денес е што луѓето масовно ги напуштаат родните места единствено од економски причини, просто поради тоа што нашата внатрешност (провинција) минува низ децениска деградација и економско пропаѓање. Дали нашите млади заминуваат надвор од Македонија, или само во Скопје - 
за нашите помали градови е еднакво погубно. Заминувањето на секој млад човек, особено неговото трајно заминување, е само нов чекор кон несопирливото замирање на градовите од нашата внатрешност.

Заради неуспехот на политиката за рамномерен развој на земјата, нешто што се потенцираше во периодот на независноста и транзицијата, нашите помали места станаа загушливи за индивидуалниот развој на младите. Скопје, неминовно, како единствен центар на новата динамика, преку ноќ прерасна во метропола, ама метропола на македонската беда. Со оглед на тоа што две третини од економската активност на државата се одвива токму тука, роеви полнолетни адолесценти од внатрешноста секоја година го фаќаат патот кон Скопје - единствената дестинација која пружа какви-такви, најчесто минимални шанси за егзистенцијален опстанок и контакт со прогресот. Нормално, огромната понуда од работна сила ја собори цената на трудот, и тоа е стварност со која безмилосно се соочуваме. Околу тоа што треба да прави државата за да го сопре ваквиот тренд, напишани се бројни трудови, стратегии и анализи, но, освен минимално во областа на децентрализацијата, не гледам дека некакви помрднувања кон подобро реално се случуваат. Значи, Скопје и натаму ќе продолжи да биде магнет за македонските мигранти, ќе страда од прекумерна населеност, вишок на работоспособна популација, беспоштедна борба за работа и власт, а категоријата Скопјани ќе ја добие конотацијата што ја имаат и безбројни други градови во светот. Скопјани ќе бидат сите, не само оние по корен, туку сите што тука создаваат некаква вредност.

За несреќата на присилното населување на Скопје, младите никако не смеат взаемно да се обвинуваат. Тие треба да знаат дека, едноставно, македонските политички гарнитури неодговорно го одбрале тој, за земјата катастрофален правец, па наместо да овозможат барем приближен развој на помалите градови со оној на Скопје (како Словенците, на пример), дозволиле нашата внатрешност да ги задржи особините на провинција, како синоним за неразвиеност и нешто помалку вредно. Но, според мене, има уште една причина за пежоративното толкување на овој социолошки поим.

Провинцијализмот на Македонија никако не треба да се поврзува со местото на потекло. Провинцијализмот во Македонија е резултат на нашата длабока (во многу нешта балканска) граѓанска некултура, и на нашиот бескраен примитивизам. Некултурата и примитивизмот се секаде околу нас: во Скопје, во Прилеп, во Охрид, во Конопиште, во Богданци...Тие се видливи со голо око, а се резултат на традиционалната инертност и левантински менталитет. Ѓубрето околу нас, плуканиците по улиците, валканите јавни тоалети, смрдеата на неискапени луѓе, неиспраните алишта, мрсните коси, неуредените селски и градски дворови - сето тоа е огледало на примитивизмот на овој народ. Да не зборувам за неписменоста, неспособноста да се изговори една просто проширена реченица (подмет, прирок и додатоци) без неизоставна граматичка грешка, и за долната комуникација меѓу луѓето. Што, пак, да кажам за вредносниот систем што се гради токму врз тие основи? Основните вредности доживеаја салто мортале, а повисоките изгубија човечки лик. Јас така гледам на оваа ера на растечки провинцијализам. Затоа, провинцијализмот никако не го врзувам за градовите и местата од кои доаѓаат луѓето во Скопје, туку за општиот примитивизам што го владее овој наш простор. Во Скопје само малку повеќе се вложува за маскирање на сеприсутната простотија, па малите градови делуваат појадно.

Не сакам да се занимавам со историјата на Скопје како град. За неа знам повеќе од многу други зашто и по мајка, и по татко, барем век и половина водам потекло од овој град. Но во 21-от век, за мене тоа веќе не е битно. Во сите светски метрополи е релативизирано значењето на потеклото на нивните жители. Луѓето таму се делат по други основи и критериуми, економски, статусни и иновативни, односно според нивото на нивната контрибуција за развојот на заедницата. Сакам и Скопје да биде таков град. Постарите не го направија тоа, ама од младите со право очекувам активизам. Токму поради нивниот лесен пристап до информации за се’ и сешто, а најмногу за естетиката, етиката, културата на живеење, културата на урбано однесување и културата на комуникацијата. Нема да ми пречи што Скопје, наместо триста, има скоро седумстотини илјади жители, доколку неговите граѓани се потрудат овој град да заличи на убавите светски градови. Со својата хигиена, со неоскрнавени паркови, со фасади неогрдени со одвратни графити, со балкони и тераси, на кои наместо скапан и дотраен мебел, ќе бидат засадени бокори убаво цвеќе.

Во период кога властите се исклучително активни во визуелната провинцијализација на Скопје, јас сакам да верувам дека позитивната промена ќе ја направат младите. А верувам и дека култивирањето на овој сегашен, вграден примитивизам, ќе придонесе и за култивирање во сите останати сфери. За тоа култивирање е потребна голема енергија. Ние, повозрасните, веќе ја немаме, ама младите ја имаат. Ние само ќе се вклучиме како силна поддршка, како значаен глас, како актери на споредна, но забележителна улога. Ќе бидам пресреќна ако се случи посериозна граѓанска акција на овој план. За доброто на сите. За убав, достоинствен град, за млади што ќе ги почитувам многу пати повеќе и што ќе ги сметам за вистински Скопјани.

А што се однесува до фаќањето богати типови со тнр., простете ми, голтање од првата вечер, за дијалектите, владеењето со ноќниот живот и сличните дребни ставри - тоа се веќе прашања на личен избор. Ама, сигурна сум дека општото култивирање, и искоренувањето на нашиот иманенетен провинцијализам и малограѓанштина, битно ќе ги редуцира и таквите, непријатни феномени.          

         

               

No comments:

Post a Comment