7/24/2012

Мое ќепенче, мое дуќанче

Булеварите Илинденска и ЈНА (Климент Охридски), големите романтични улици од моето детство, денес се само две црни асфалтни ленти, низ кои сакам да поминам што побрзо, по можност со наведната глава. Колку до лани, дури и среде јули на пладне, пеш ја минував рутата од паркот до центар, движејќи се мирно под крошните на старите дрвореди, заштитена во тунелот од пријатни летни сенки. Овде-онде ќе ме заплиснеше блага трага од мирисот на липите од Ленинова, а кај Поштенската зграда ќе подзастанев малку за да одберам дали кон плоштадот ќе продолжам по слепиот дел од улицата Орце Николов, кој преку целиот ден се одмора во ладовина, или, сепак, ќе одам по ЈНА за, патем, да подѕирнам во дворот на старата дедова куќа.

Високите, разгранети, правливи дрвја на булеварите од моето детство создаваа чудно чувство дека минувам низ отмено патинирана урбана зона. Но одамна веќе, кога погледот случајно ќе ми залуташе кон горе, ќе ги здогледав фасадите на, некогаш, стројните згради, и ќе видев дека полека венат и крвават, разјадени од забот на тешкото време. Крошните на десетлетните дрвја вешто ја затскриваа сликата на сиромаштијата што се’ повеќе натежнуваше, па градот таму повеќе личеше на аристократка во банкрот, отколку на дотраена паланечка мома. Големите дрвја на Илинденска и ЈНА играа улога на драпер, кој успешно ја покриваше вистината за нашето денес.             


Новиот, темен асфалт сега дрско се перчи пред разголената бедотија, изнаредена по двете страни на подновените булевари. Контрастот меѓу свежината на новите, удобни коловози, и мачнотијата на распуканите фасадни површини, на искршените дрвени ролетни, никогаш небојадисаните прозорци и балкони, и запуштените железни капии, е најискреното огледало на ова наше време. Несвојствено за било која метропола во светот, во центарот на мојот град ја разоткрија тајната што дрвјата колку-толку ја чуваа од очи, додека богатствата откраднати од некогашните граѓани на оваа земја перфидно се испораселија по околните села, добро заштитени со ѕидови од арматура и песови кои касаат ако ги допреш. Чудно, но до тие бесрамни зданија по скопските села може да се стаса единствено по ужасни, негибнати социјалистички друмови, дупка до дупка. Тие нови населби на плуралистичкиот капитал, наместо на елитни резиденцијални квартови, личат на безвоздушни гета, во кои, место по улици, се оди по земјени стази или по патеки од најпримитивен макадам. Но, на таа нова класа не и’ е до урбанизација. Нејзиниот порив е да се пикне во своето, да го огради и да го затаи, токму како во балканската поговорка „мое ќепенче, мое дуќанче“. Надвор се’ нека цркне, битно ми е само моето.

Од таа мизерна и егоистична психологија на дуќанчето и ќепенчето, длабоко засадена во нивните примитивни глави, заборавија дека заедничкото е и нивно. Но, ним не им пречи што од елегантните црни автомобили со затемнети стакла, кога се возат по Илинденска и ЈНА, безмилосно се гледа крвта на транзициското умирање. 
Ним не им паѓа на ум дека пред да ги исечат дрвјата-чувари на срамот, требаше барем малку да ги суредат фасадите што говорат за нашата болна стварност. Ним не им пречи што милијардата за Скопје 2014 дел се потроши за претворање на мојот град во шизофрена разгледница, а дел за нови, хистерични и бесни вили по периферијата на околните скопски села. Ним не им пречи што има две вистини, една нивна, но и една наша, која, колку и да се трудат да ја искриват, останува длабоко закопана во нас. А нашата вистина е дека го мразиме новиот асфалт на Илинденска и ЈНА зашто него го послаа за сметка на дрвјата, кои ни’ помагаа сиромаштијата да ја живееме во интимно и гордо достоинство.

Скопје е град на нов асфалт; на кафулиња преполни со арогантни фаци од редот „мое кепенче, мое дуќанче“; на стотина грди споменици на ликови од некој недефиниран, конфузен времеплов; град на мегатонски бетон што ја натежнал реката која еден ден, секако, ќе се побуни; на планина која се заканува дека ќе ги урне монументалните зданија на капиталот од новиот век; град на кичурави фонтанчиња со минијатурни макети на црквичиња, кои како да се преземени од селата од пасивната грчка провинција; на сува земја, расфрлана на сите страни од некоординираното копање на Преродбата, и град на бесконечна глетка врз сиротиња што се препознава по квалитетот на летната облека на моите сограѓани, по скромната содржина на кесите со зеленчук испазарен на Буњаковец, и по тажните фасади на големите улици од моето детство.                                     

No comments:

Post a Comment