7/09/2012

За штамата

Летната зашеметеност ми ја реметат ретки изблици на побуна што стасуваат од луѓе кои одат на се’ или ништо, подместувајќи си ги без страв главата и вратот под сечилото на гилотината што секој момент може да биде откачена за да се раскрсти со жртвата. Тричковски е еден од нив, и не е фер што понеделнички ме раздрма со писанието за утка-стратегијата и летниот поход на Б.Ц. Си седев мирно, надевајќи се дека никој нема да реагира на тажното патешествие на СДСМ по македонските гори, шуми и села, и дека освен две-три минутните телевизиски извештаи за собирите по вжарените плоштади, ништо нема да не’ потсетува дека опозицијата таму нешто „крчка“.

Жално е, но Тричковски е во право кога, предвидувајќи неуспех на стратегијата на опозицијата, вели дека ова веќе не е земјата од нашите сеќавања. Тој сака да каже дека во оваа, нова земја, лошо презентираната идеологија на СДСМ нема добра проодност, и дека единствен ефикасен пристап е демонтажа на историската димензија на актуелно победничкиот блок. Сепак, според мене, не е клучно прашањето дали ќе се појави јунак што ќе стане и ќе се зафати со демонтажа на новите политики од аспект на историскиот баласт и завет, туку зошто толку лесно таа нова политика го шармираше народот, дури и го обзеде, до ниво на целосно препуштање. Во феноменолошка смисла, би било интересно темелно да се прикаже анатомијата на оваа волшебна опиеност. Во позитивистичка смисла, индикативни би биле наодите од една подлабока емпириска анализа на „големото прифаќање“. Во дијалектичка смисла, анализата би ја угасила нашата жед за толку потребното просветлување на свеста и соочување со изворите на групната хипноза.

На за’рѓаниот катанец, со кој сме заточени во просторот на својата немоќ, силно му помагаат нашето незнаење, нашата бескрајна дистанцираност од информациите пресудни за нашиот живот, и мракот во кој сме потонати не по своја вина. Уморот од нагаѓање на причините за овој неочекуван историски исход, и параноидниот страв да не се остане и без  минималниот егзистенцијален прилив, го изродија ова колективно препуштање на стихијата, за која не знаеме ни каде носи, ни што после неа. Глумењето лудило, како масовно усвоен терк на општествено наградено однесување, го проблематизира отпочнувањето на било каков суштински дијалог на клучните теми, и еволуира во модел на паметно однесување, без оглед што за некои од нас тоа претставува чиста хипокризија.

Нема изборите да бидат референдум, како што сакаат да не’ убедат претставниците на политиката и моќта. Референдум постои само ако прашањето што му го поставувате на народот е јасно и чисто. 
Во овој момент, на бината имаме неколку групи артисти, кои ниту јасно ја пласираат својата визија за земјата, ниту ја откриваат својата вистина, својата намера. За едни гледаме само дека имаат многу пари, а играат бесконечно интригантна, нејасна и скапа претстава. Други немаат пари, а немаат ни дарба да изнајдат добитнички модел на шоу. Трети играат претстава со симболи и ве оставаат нивното значење да го толкувате по свое наоѓање. Четврти играат пантомима, а движењата им се невешти и празни. Заедничко за сите е што на плакатите за нивните претстави не се објавува името ниту на сценаристот, ниту режисерот. Се гледа само главниот актер, и неколкумина носители на споредни ролји. Народот е оставен да одбира претстава само врз основа на својата афективна склоност кон дизајнот, бојата или обманата што се прикажани на маркетиншките решенија на плакатите.

Веќе нема да стане ниту еден умен човек па да проговори. Штамата во која е западнат умот не треба да изненадува. Оваа тишина е резултат на долгите колективни превирања и на исцрпувачките, а казнети изречени предупредувања од страна на интелектуалците. Интелектуалецот веќе нема никаква вредност; неговите залагања се сметаат за излитени, а неговите ставови за старомодни, па дури и штетни. Интелектуалецот е, едноставно, човек кој не се прашува. Затоа, о
ва е штама на немоќта, и тоа треба да се признае.                                      

No comments:

Post a Comment