Земјата никогаш не оствари посериозен раст на БДП; се позиционираше како држава која не умее да се справи со својата, највисока стапка на невработеност во Европа, и која дозволи животниот стандард на нејзиното, некогаш безмалку европско население, да достигне африканско рамниште. Денес, повеќе од една третина од популацијата во земјата и статистички е прогласена за сиромашна. Во реалноста, ако се следи методологијата за мерење на тнр. субјективна линија на сиромаштија, бројот на сиромашни лица би бил, веројатно, и двојно поголем. Ќе си дозволам да проценам дека причината за овие тажни бројки треба најмногу да се бара во тоталната партизираност на вкупниот државен систем, а преку него - и на целата економија. Наместо на прашањата од животен интерес за граѓаните, владите приоритет им даваат на бесрамните апетити на сопствените партиски структури и на своите спонзори од бизнисот. А кога партизмот ќе се наметне како доминантна сила во системите на државата, особено во економијата, таа, државата, се претвора во инструмент за задоволување единствено на партиските интереси, меѓу кои, се разбира, материјалните имаат највисок ранг на значајност. Сите економски логики паѓаат во вода, а законитостите на пазарот престануваат да важат. Политичката енергија, наместо кон витални проблеми, се насочува кон удоволување на бесконечните партиски барања и притисоци, кои се мултиплицираат под влијание на несопирливата човечка алчност.
Пред јавноста, властите лиферуваат приказни за економски чуда. Зад сцената, пак, се одвиваат средновековните игри на партиската економија. Наместо патот на иновација и обид за излез на светскиот пазар, партиските олигархии го одбраа и излобираа за полесниот и покус пат до непроценливи заработки: лесен пристап до јавните набавки на државата. За несреќата да биде поголема, државата се определи за сосема непродуктивни јавни набавки, освен, можда, во градежниот сектор. За да ги подмири упорните новобогаташки елити, државата од нив нарачува мебел, автомобили, компјутери и бехатонки, набавува злато, мермер и бронза за спомениците на својата епоха, и расипнички расфрла скапи пари на безумни рекламни кампањи со кои ја фали сопствената лудост. Сите тие, еднократно потрошени пари, кои никогаш нема да бидат оплодени бидејќи не завршија во џебовите на вистински претприемачи, туку кај алаплива багра, ќе бидат причина за трајната бедотија на овој народ. Надничарејќи за цркавица од дневница, македонскиот работник веќе не може да ги плати ни сметките за режиските трошоци, кои заради приватизацијата на монополите поскапеа скоро тројно. Создавајќи арогантни, безобразни и ненаситни милионери, државата од својот народ направи долна и јадна работна сила, која и конечно се прости со почитта и достоинството. Стојам на тоа дека милионите на македонската капитал-елита во најголем обем се резултат на тоталната партизација на бизнисот, од една, и длабоката експлоатација на работниците, од друга страна. А невработеноста и натаму изнесува триесет и кусур проценти.
Срам за Македонија е што помогна да се продуцира дрска и коруптивна групација од милионери, и што се погазени уставните права на граѓаните да работат, создаваат и живеат пристојно без оглед на нивните политички ставови и определби. Перфидната новозбогатена група ќе продолжи да биде клучна за изборот на сите идни влади. Со партиската економија ќе продолжат да бидат опфатени само верните на врвот, сега за сега - половина од населението. Партиската економија, бидејќи не создава долгорочна вредност, ќе мора вечно да се бори за одржување на систем што овозможува еднократно голтање на државните пари. Членувањето во партија целосно ќе го изгуби идеолошкиот карактер и ќе биде поврзувано само со егзистенцијални или многу поголеми материјални интереси. И еден ден, а тој ќе дојде, кога касата ќе пресуши, а долговите ќе мора да се платат, кога лесно спечалените милиони ќе се разбегаат по Девствените, Кајманските и Маршалските Острови, народот ќе почне да го бара својот Ципрас или Оланд. Но, не треба да се заборави дека Македонија не е ни Грција, ни Франција. Таа ги нема ктиторите на Грција, ниту традицијата и моќта на Франција. Таа нема позиција да преговара со моќните, а ни моќните не ги интересира судбината на една шака балкански прелажан народ. Народот ќе мора да се помири со живот во феудална земја, во која дури и за поданиците ќе има само за по некоја корка леб и малку толчена сол. Милионерите, со далечинско од Флорида, Бали или Сејшелите, тромо ќе управуваат со бедната феуда и ќе носат на власт нови политички гарнитури за, ако капне уште некоја ситна паричка во земјата, да може и неа да ја пренасочат кон себе, со само еден клик.
No comments:
Post a Comment