6/14/2012

На денот на отпорот

Нека ме обвинат за анархизам, нека ми налепат етикета на поддржувач на агресија, нека речат дека фаќам страна, ама денешниот протест на опозицијата пред Собранието на Скопје го сметам за прва посилна демонстрација на отпор кон диктатурата во мојата земја. Очите ми се насолзија кога меѓу луѓето, кои својот протест го изразуваа пред бараката на Собранието во која власта ги прекрстуваше улиците на мојот град со имиња недостојни за почит, го видов професорот Трајче Грујоски. Кога на ваков протест, на пеколни летни температури, ќе излезе човек кој навлегол во десеттата деценија од животот, тоа значи дека нешто многу забегало во Македонија. Старецот, кој партизанската пушка ја нарамил уште на почетокот на антифашистичката војна, наместо спокојно, покрај телевизор или со книга во раце, да ужива во своите доцни пензионерски денови, го гледаме возбуден, налутен и зајапурен, како од петни жили се обидува да спаси нешто од кое веќе нема спас. Тој грлен глас на старецот ми се враќа како ехо вечерва и се прашувам дали тој вапај стаса до негде, дали разбуди усул кај некого, дали размрда нечија совест.

Се разбира - не! Искуството е веќе долго, цели шест години, па реакцијата на другата страна, скоро сум сигурна, ќе биде deja vu. И покрај неговата позна доб, и покрај неговата целоживотна посветеност на нашава земја, тој секако ќе биде казнет. Или ќе го лустрираат, или семејството ќе му го оцрнат, или научните трудови ќе му ги оспорат, или ќе смислат друга казна за јавно да го избербатат и устите на нему сличните да им ги затнат. Да замре гласот на побуната, да се замразиме уште повеќе, да се задушманиме за никогаш едни на други да не си простиме.

Ако. Нека не си простиме. Та има ли место за прошка таму каде што те газат твоите некогашни браќа, први соседи или блиски роднини? Има ли место за прошка таму каде што ножот ти го бодат твоите некогашни соученици, другари и колеги? Има ли место за прошка таму каде што од тебе прават флека, те газат, навредуваат и толчат? Веќе не. До пред некое време се тешев дека, кај-и-да-е, разумот и свеста ќе се вратат, и дека овој кошмар ќе сопре. Но откако лудоста фати корења на коров, јас веќе немам надеж. И затоа - нема прошка. Во оваа жална драма, прошката ќе значи предавство. Предавство на сопствените уверувања, на граѓанскиот морал, на интелектуалниот идентитет, на личната гордост.

Сликата на Трајче Грујоски, старецот со дигната тупаница и зарипнат крик, во мене ќе остане врежана како најтажен спомен за овој ден што не смее да се заборави. Тој човек се исправи во 
првиот ред на отпорот знаејќи дека помладите со исти чувства можат лесно да настрадаат ако му се придружат помасовно. Тој храбар старец одлучно ја подаде својата глава пред сечилото на гилотината, како некогаш, во бурните денови на неговата партизанска младост. Ама токму денешните млади, и сите оние помлади од Грујоски, со сочуван разум и непотрошена надеж, верувам во тоа, пораката ќе ја сфатат умно. Дека само повишен глас и крената глава имаат шанса за отпорот да блесне. Повишен глас - за да се слушне до небо, и крената глава - за да се види до кајшто окото стига дека стравот веќе го нема. Зашто, и онака, нема што уште да се изгуби. Овде веќе нема простор за покор. 



    

                    

No comments:

Post a Comment