Новата зграда на Парламентот во Грузија |
За да ја покажат својата определба за модерна иднина во цврста, суверена држава, властите во Грузија градат нова зграда на Парламентот. Интересно, Парламентот ќе се сели од главниот град, Тбилиси, во вториот по големина грузиски град, Кутајси. Владата останува во главниот град. И покрај мегаломанската одлука за градење ужасно скап државен објект (46 милиони долари) во време на длабока сиромаштија, како и (скапа) преселба на дел од администрацијата, не е лошо да се погледне архитектонското решение за новата зграда на Собранието на Грузија. Колку за споредба со некои други трендови.
Не е точно дека на Прометеј не му е местото карши Собрание. Баш таму му е местото. Само една друга локација евентуално би била подобра - пред Судска палата. Зашто симболиката е многу јасна: кој многу бамбори, го подучува народот, бара правда, и не се поклонува пред боговите, има да заврши окован и крваво кљуцкан од орлите.
Нашиот Прометеј, за среќа, сеуште е убав и дотеран. Огнот запален од Олимп, додуша, му е веќе во раката, но тој не е тргнат да го дели на народот. И подобро. Не му треба дополнителен оган на народов. И така е веќе изгорен.
Завчера се видов со едно старо женско друштво, сите до една без партиски книшки. Чисти аутсајдери. Нема муабет на нормална тема. Зборуваат само за некои прочитани книги, рецепти за сушење домати во рерна, и за сезоната за берење мајчина душичка по сончевите падини. Види, и јас сум без книшка, ама информацииве не ме оставаат мирна. Овие моиве, на пример, појма немаат што рекол Макрадул во Парламентот, ниту што одговорил Бициклистички на тоа од пред Штабот. Абер немаат кој е Насер Селмани, и дека новинарите се пазарат колку евра да кошта клеветата. Врска немаат дека нови милиони ќе одат на каснобарокни катни гаражи, а дека Фондот на ПИОМ се гуши во беспарица. Ми го расипаа ќефот од кафето.
Ми се чудат што фрштам. Јас им се чудам што траат. Се изнервирав што се затвориле во некој свој, аутистички свет, во кој живеат прескромно, тажно штедливо, ама, велат, си го сочувале спокојот. Живеат исто како пред дваесет и кусур години, со надеж дека подобри времиња ќе има за нивните деца. Ги прашав: „Како можете?“ Не добив одговор.
Исидора Бјелица ноќеска напишала на Твитер: „Што е убаво да си параноичен, се’ ти е некако логично и има смисла“. И нешто подоцна: „ Да ми го нема ова елементарно чувство на слобода на Твитер, навистина би се чувствувала како да живеам тотално цензурирано...“.
Си реков, кога една толку објавувана писателка се жали на цензуриран живот, што пак јас постојано го преиспитувам сопствениот однос кон балканскиов мрак.
А Карл Густав Јунг некогаш одамна предупредил дека „за целосното освестување е потребна болка“. Има различни прагови на издржливост на болка. Се прашувам дали нашиов праг е многу висок, или моите перцепции се погрешни. Одговорот често го наоѓам на социјалните мрежи. Таму гледам дека болката многумина ја чувствуваат исто, ама имаат талент да ја обојат во малку хумор и во малку повеќе иронија. Одличен механизам на одбрана по освестувањето. Ќе го тренирам.
No comments:
Post a Comment