9/06/2012

Храна, вино, запршка

Во последниве две децении светот му се враќа на готвењето дома. Причините за тоа се бројни: од алармантните статистики за прекумерната дебелина  поврзана со нездравите прехрамбени навики, преку експанзијата на болести што се резултат на прекумерната телесна тежина, се’ до обидите за реанимирање на улогата на семејството и заедничкиот ручек во современите западни општества. Во ресторанската сфера, тренд е интернационализација на храната, со акцент на здрави, необемни, пробрани и квалитетни оброци.

Светските телевизии се преплавени со емисии за храна и готвење, па дури се снимаат и играни филмови со готвењето во фокус. Десетици професионални или полупрофесионални готвачи станаа мега ѕвезди, а пиплметрите сведочат за голема гледаност и комерцијален ефект. Џејми Оливер („разголениот шеф“), таа маркетиншка приказна за слаткото момче, оженето младо, распалавено меѓу тавите, зачините и убавите плодови од природата, денес е кулинарска икона на фејсбук-генерацијата. За време на Олимпијадата летово, велат дека бил една од главните атракции за гостите од сите континенти. Џејми денес е суперстар, институција, а неговата веб страница е култен водич за готвењето кај младите двојки. Или, Најџела Лосон, раскошната бринета, сопруга на могулот на рекламата Чарлс Сачи, од новинарка се трансформираше во готвачка за семејството која, преку рецептите за брзо и едноставно угодување на стомаците на нејзините блиски, се позиционираше како миленичка на средовечните Британки. Најџела игра на картата „толку лесно, а толку вкусно“, па ги натера и жените кои цел живот бегале од кујната, да се фатат за кутлача. Па Ана Угарковиќ, хрватската дизајнерка на храна, успеа да ги убеди (особено) жените од екс-Ју просторот дека готвењето не е кулук, туку една отмена работа што баш високо се вреднува, а може да се спореди со професиите од областа на уметноста. Занаетот го учела во Италија и Англија, а денес ужива статус на селебрити. Настапуваше дури и во шоуто Ѕвездите танцуваат. Кај нас, емисијата Кај Ана сега оди на Сител, ама со исклучително несоодветна надсихонризација. Наместо Ана, слушаме актерка која внесува непотребно многу еротика во проектот, така што оваа македонска верзија на емисијата, барем мене, ми е апсолутно одбивна.

Што се однесува до темата храна на големиот екран, да се потсетиме само дека во 2009 година еден  од фаворитите за Оскар беше филмот Џулија и Џулија, екранизирана биографија на легендарната Џулија Чајлд, сопруга на американски дипломат во Париз, која уметноста на француската кујна што ја совладала 
во тие свои француски години од животот, им ја пренела на Американците преку ТВ серијал во педесеттите години. Потоа филмот Чоколада, заводлива приказна за тоа како „неморалот“ на оваа посластица го разбранува лицемерниот менталитет на конзервативната француската провинција. Сцените на подготовка на чоколадата (Жилиет Бинош), во класично мануфактурни услови, се едни од најсоблазнувачките филмски кадри за вкусните сетила снимени било кога.               

Убаво е што и кај нас приготвувањето храна е инспирација за повеќе телевизиски продукциски проекти. Но, впечаток е дека нешто фали за сите овие шоуа да го постигнат ефектот на подобрите сродни странски проекти. Мојот коментар е а) дека местото на спонзорите на овие програми е пренагласено, и б) дека продуцентите не прават напор овие проекти да промовираат современа кујна. На пример, проектот Храна и вино со години е актуелен меѓу македонските домаќинки, па 
дури и во периодите кога се репризира. Концептот на емисијата е подготовка на јадења од страна на професионален готвач, но според рецепти од гледачи. Две основни работи ја редуцираат вредноста на проектот. Прво, тоа е готвачот кој никогаш не зборува, па неговата улога ја доживуваме како минорна. Тој јадењето го подготвува како типичен кафеански кувар, не како шеф, а низ рецептот ве води глас на наратор. Второ, емисијата промовира храна со екстремно високи  калориски вредности. Така, задолжителни состојки на скоро секое солено јадење се кашкавалот, шунката, печурките, па и мајонезот и киселата павлака, а кај слатките јадења тоа се многу шеќер, јајца, брашно и слатка павлака. Значи, од аспект на трендовите за здрава храна - тотално промашување. Се разбира, спонзорот се спомнува по сто пати во текот на емисијата. Го имаме и реалното шоу Во оган, кое на површина исфрли неколку млади професионални готвачи, кај кои амбицијата да создадат успешна кариера заслужува почит. Меѓу нив има поединци со потенцијал за нешто навистина повеќе од македонското просечно. Тоа што пречи е недостигот од малку повеќе шлиф, убаво вербално изразување и малку попрефинет, понежен фат во текот на подготовката на храната. Тоа грубо ракување со продуктите често пати ја банализира атмосферата и го расипува чувството на слатко исчекување кај гледачот/консументот. И конечно, ја имаме емисијата на Адријана Алачки, Вкусот на традицијата, која го промовира подготвувањето јадења од нашето поднебје, и тоа во етно амбиент. Мојот впечаток е дека Адријана, која на почетокот беше пипка-трепка, сега веќе добро си ја врши работата. Два совети: и покрај тоа што секогаш е уредна, чиста и со прибрана коса, таа мора да ги исече ноктите. И второ, колку тоа и да е дел од традицијата, Адријана од репертоарот мора веќе да ги исфрли сите оние силни запршки. Ако продуцентот искрено сака не само да забавува и рекламира (Сковин), туку и да едуцира и да ги поттикнува современите принципи и култура на исхраната.                 

No comments:

Post a Comment