9/27/2012

Смрдливиот пат до министерствата

Вчера не ме мрзеше, па по тротоарот што од Палома Бјанка води до улицата Македонија, растојание од околу 200 метри, се обидов да избројам колку парчиња разно ѓубре, и колку свежи исфрлоци од шлаем ми стојат на патот. Резултат - 661 парче мешан цврст отпад и 72 тазе изблуени плуканици. Кој не верува, нека провери. Околу таа цифра се врти пладневниот просек секој ден.

Потоа се вратив назад и влегов во пасажот кај Мек Доналдс со намера да излезам кај ТЦЦ Плаза. Во тоа парче од околу седум-осумстотини квадратни метри заграден простор, гадотијата веќе ни се брои, ни се мери. Во самиот пасаж, прво налетав на исполегнато друштво дремливи пци-скитници, безгрижно испружени врз засушените бари од урина што ноќните скопски пијаници ја истураат на тоа „скришно“ место со години, не штедејќи ги ни потпорните столбови на објектот. Внатре, на паркингот, прво ме заплисна смрдеата што доаѓа од неколку групи отворени контејнери, околу кои се плеткаа некои пет-шест мачки, скокаа внатре-надвор и се гостеа со помијата од Густо, Кибо и останатите угостителски локали сместени во блокот. Ѓубрето преку кое МОРАВ да газам одејќи кон ТЦЦ Плаза, содржеше претежно згужвани парчиња хартија, солидно замрсени од бурек, банички, гиро или слична брза храна, но и пластични чаши од јогуртчиња од 0,2 деци, од кои истекол и се подзасушил остатокот што лапачите не можеле да го допијат пред да го џитнат, каде им дошло. Имаше тука и празни кутии од цигари, стотици пикавци, крпи-пачаври, за’рѓани желевца од различно потекло, неидентификувана пластика во различни форми и, се разбира, шлаем во неограничени количини. Има и еден стар, доносен чевел, што со месеци го гледам на истото место, а кој се покажал неатрактивен дури и за кучешка игра. Два-три употребени кондоми, малку сув човечки измет, уште малку кучешки, па една искршена канцелариска столица и неколку кеси со стара хартија го дообликуваат амбиентот. Возилата на паркингот се паркирани прекутрупа и се гледа дека утрото ја минале трката за фаќање место, пред да стаса оној другиот.

Тоа е, отприлика, местото во Скопје каде што се сместени и работат дел од најважните министерства и државни агенции. Директна глетка врз опишаниов хорор имаат, на пример, строгиот министер за финансии, непопустливиот министер за правда, напуфканиот министер за образование и наука, и наконтениот министер за труд и социјална политика. Тука се и канцелариите на директорите на Агенцијата за државни патишта и Агенцијата за електронски комуникации, како и на раководните лица на Стопанската комора на Македонија и неколку други институции. Овие фаци секојдневно примаат гости и делегации од целиот свет, кои, за да дојдат до своите македонски домаќини, неминовно поминуваат низ смрадот и депонијата создавана со децении. Со впечатокот од таа гнасотија, тие влегуваат во луксузните кожни кабинети на нашите министри, пијат фино капучино што им го послужуваат мазните плејбој-зечици дотерани во Манго, Зара и Котон, и разговараат за интегрирањето на Македонија во некојаси ЕУ, или за зајмење пари за реформите на исплуканава земја.

Тури му пепел на министер кому не му пречи говнениот екстериер во кој, као, работи и дише по цел ден, 24/7, со години. Тој тип или ја игнорира, или не ја ни забележува смрдешницата околу себе. Зашто неговите сензори се штелувани за други намени и намери, до чие остварување, сакаш-нејќеш, најлесно се стасува преку говна. Создавањето говна и толеранцијата на туѓи говна е мајндсет  на оваа нација што се создава од горе, а се распостила до доле. За овие фаци-чауши, бљувотината што ги опкружува е составен атрибутивен елемент на нацијата што неуморно ја подебаваат за свој бесконечен ќар. Ниту на еден од нив не му дошло ни на крај памет дека со едно ебено спомениче помалку на оној, исто толку шлајмосан плоштад на античката пиздарија, ќе запослеше двајца што секојдневно ќе чистеа околу овие битни згради за лицемерно да не’ отсрамат барем пред странците. Зашто едни од други, нашите немаат срам. Говно на сокак или плуканица на тротоар - тоа за нив е природниот амбиент во кој треба да живее ликот кој сеуште носи назив Македонец.                                

9/22/2012

Кире победи во садистичкото Лејт најт шоу

Кире Наумов ја доби битката што синоќа од кафанската маса на Аминта Трети се пресели во Канал 5. Клуч за победата на Кире беа неговата психолошко-интелектуална кондиција (психологија на здрав разум, анализа и синтеза), и демонстрираната физичко-физиолошка кондиција (го издржа тричасовното физичко малтретирање што му го приреди г-ѓа Велиновска, и садистичката, оркестрирана, однапред договорена галама што тројцата збратимени џелати ја правеа кога тој требаше нешто да каже). Надвикувајќи се со непристојните домаќини (да, тројца беа домаќини) и сочувувајќи го тактот, дечково, навистина, не престана да се поти, ама паметното и чисто мозоче го направи партал нивниот валкан план за „уште едно расчеречување на иномислениците“.

Претпоставувам (не го гледав воведниот дел на „шоуто“) дека мотив на тајфата од Аминта Трети за повторно „дебатирање“ на темата Скопје 2014 е тазе објавениот контроверзен и веќе популарен „проект“ Француски клуч. За народот, емисијата требаше да има поучна и мобилизирачка функција. Таа требаше уште еднаш да му прочепка на Македонецот по самочувството и самосвеста, да го напали против предавниците, и да го повика на отпор кон своите браќа. Немам докази за тоа на каков отпор мислат домаќиниве, ама од нивото на агресија што го истурија со нивното урлање, мавтање со раце и нозе, и омаловажување на гостинот - лесно може да се идентификуваат нивните желби и очекувања.

На штета на домаќините, гостинот не се фати на мамката за потхранување на братоубиствата. Тој презентираше зрел и издржан логички однос кон небулозата наречена Скопје 2014. Наумов не навреди никого, а своите аргументи ги постави, главно, на економска (буџетска) основа. И самиот политички искусен, разговорот го насочи кон она што најмногу го боли народот - растрошноста на власта во време на најдлабока криза. Се дистанцираше од оценки за стилскиот профил на Скопје 2014, но, истовремено, јасно го искажа својот став во врска со идентитетскиот аспект на Македонецот и за погубноста во која ќе резултира актуелното историско редефинирање (ревидирање) што паралелно го вршат двете најголеми етнички политички елити во Македонија. На домаќините им го плесна во лице и најважниот факт - поделбата на народот, што властите ја извршија со програмата за подигравка со неговото национално чувство.    

Во сценариото за черечење на Наумов, човек во кој народот требаше да ги препознае Бранко, СДСМ и целото национално предавништво, не влегоа останатите двајца гости на емисијата. Со својот култивиран настап, Станковски и Даскаловски ги разочараа домаќините и и’ удрија уште една шамарчина на нивната погана намера. Еден уметник и еден политички аналитичар си го сочуваа интелектуалното достоинство, без оглед на својата политичка наклонетост. Однесувањето на овие луѓе е нешто што отприлика би требало да ја означува демократијата.  

9/17/2012

Илузиите, парите и одговорноста

Собиранката на младата полетна војска на владеачката партија минатата недела беше убав доказ дека дури и во време на рецесија, безработица, нејасна иднина на земјата и веќе здодевна партиска програма, не попушта жестината со која партискиот врв го јакне ентузијазмот на своето младо членство. Илјадници дотерани и насмеани дечки и девојки ја исполнија Универзалната сала до столче, и му дадоа громогласна поддршка на својот водач, кој итро им порача дека тие се идните господари на Македонија. Нема причина овие неизбрчкани лица во салата да не му веруваат на шефот. Тој, навистина, направи поимот власт во земјава да се асоцира со најмладите, така што секое од овие деца сосема оправдано се надева дека во првиот нареден круг од „играта на среќа“ ќе биде извлечено од пренатрупаниот барабан и одважно ќе заседне во некоја од раководните фотелји. И тие што нема да бидат извлечени, покажа шестгодишната историја, нема да останат со празни раце. Ќе бидат вдомени натаму-наваму низ јавната администрација, партиските „НВО“-а и општините. Некои ќе добијат стипендии за во странство, на други ќе им се измислуваат платени партиски ангажмани, ќе бидат трчкарала по грандиозните барокни проекти, ама ниедно нема да остане незбринато. На овој начин, Груевски и натаму привлекува ново членство во партијата и си ја зацврстува позицијата за секои наредни избори. Таман и да се без работа или свесни за перфидното однесување на власта, родителите на овие деца ја пеат познатата македонска „нека има за младиве, нашето веќе пројде“, со која ги извадија на виделина понизните народни особини на помирливост, немање амбиција и виткање на ’рбетот. Груевски фантастично игра на оваа народна карта, играта ја усоврши до перфекција, а резултатот е онаков каков што посакуваше: „и волкот сит, и овците на број“.  

Така беше до сега, а приказната ни’ е позната на сите. Научивме дека адутот со кој владее Груевски се парите и само парите. Местото на идеологијата, која одамна е избришана од меморијата за партијата, сега цврсто и неприкосновено му припаѓа само на лидерот. Поради тоа, денес се’ помалку слушаме дека луѓето гласаат за ДПМНЕ; не, тие гласаат за Груевски. Тој стана парадигма на власта, водството, управувањето. Се гласа, имено, за газдата, стопанот, таткото, оној кој располага со касата, и одбира кому, кога и колку ќе удели. Луѓето, тие јадни суштества, лицемерно му се поклонуваат, покоруваат, му се колнат на верност, чекаат во долги редици како кај месија, а тој, врз основа на своите добро информирани критериуми, пресекува за заслугите на секој поединец. Приземна, провидна, лигава, ама вистинита византиско-ориентална психологија. Одличен, едноставен и несоборлив механизам на владеење во општество без избор, без алтернатива, какво што е нашево. Општество во кое не постои нормален приватен сектор, слободен универзитет, силна интелигенција и диференцирана средна класа - основните претпоставки за минимум функционална демократија. Општество во кое врз секој од овие сегменти надвиснала по некоја темна сенка. Врз некого заради некогашни коруптивни игри и престапи, кај други заради можна лустрација, кај трети едноставно заради страв од губење работа. Нема дом во оваа земја во кој не владее барем некој од овие стравови.

Но дојде време кога касата веќе е скоро празна, а изворите за полнење полека секнат. Се прашувам што ќе се случи кога на илјадниците нестрпливи деца од Универзаланата и другите сали низ Македонија ќе им стане јасно дека на шарената приказна и’ доаѓа крај, а тие не успеале да чепнат подлабоко во грнето со убави илузии. Што ќе биде кога и тие деца ќе погледнат на спомениците, грандоманските барокни зданија, мостови и катни гаражи со нашите очи? Кога ќе разберат дека тие грдни пари можеле да бидат вложени во проекти за нивна сигурна иднина, наместо за баханалии за непознато, штотуку родено минато. Кога ќе погледнат со трезен поглед врз сите оние, кои во времето кога нивниот газда растрошно ракувал со туѓите пари, го допреле дното и ја изгубиле вербата во се’ поврзано со државата. Кога генерациски ќе се пребројат и ќе откријат дека многумина веќе заминале. Ќе се освестат ли овие деца или, за на век задоени со идејата за ефективност на јуришот, како што ги воспитуваа низ партиските поуки, ќе почнат да дивеат на сите страни, водени од сопствената фрустрираност?

Работејќи со млади години наназад, посветував многу време за да ги поттикнам на неутралност и реализам кога ги оценуваат општествените појави, и на градење определена дистанца при формирањето на некакви поцврсти, па и политички ставови. Отсекогаш сум имала волја искуството да го пренесувам на младите за да им помогнам да соберат што повеќе материјал за нивните неопитни младешки размисли за животот. Ги гледам овие деца од Универзалната сала и, несвојствено за мене, за прв пат во животот немам ама баш никаква желба со било што да контрибуирам за објективизирање на нивниот искривен животен ракурс. Конечно се уверив себе си дека, на крајот на краиштата, секој е ковач на сопствената среќа, и дека никој нема право никому да се меша во животните избори. Овие млади го прифатија со обожавање начинот на кој им се продаваат напумпаните надежи за вечната земја, и сами ја донесоа одлуката за игнорирање на реализмот и очебијното. Брзо научија и да бидат општествено неодговорни и да дозволат илјадници други нивни врсници да живеат на маргините на човечкото, тука, покрај нив. Тие вдахновено се вклопија во разурнувачкиот поход против „другите“, како што им беа давани упатствата, и го продлабочија процепот што веќе го беа ископале постарите. Тие не увидоа дека политиката на делби, материјално фаворизирање на мали групи и заплашување на останатата раја нема да донесе среќни денови. Ама тоа веќе не треба да им се повторува. Треба да ги оставиме да поживеат во тој виртуелен простор, кој полека, но сигурно, се стеснува. Да, на тој начин ужасно се деградира рационалниот потенцијал на една цела млада генерација, но единствено исправно е да се допушти секој да си се соочи со својата одговорност и да си го понесе товарот  на своите одлуки. И онака не е оставен никаков простор добронамерните да проговорат и да сменат нешто во оваа смисла. Бидејќи се’ што беше добронамерно замолча, казнето или обележано како деструктор во големата ера на нашата преродба.

9/09/2012

Идеја, господо!

Ова што сега ни’ го правите, господо, да простите, е асимилација. Асимилација базирана на една застрашувачка идеја, чии харања кој знае како ќе продолжат. Асимилација многу слична на онаа што Грците ја извршиле врз македонското население во Егејска Македонија, или онаква каква што прават и дузина други нескротливи режими врз некои страдни народи. Ако меѓу вас, господари на земјава, има Егејци, многу добро ќе се разбереме за што зборуваме. Методите, навистина, не ви се толку крвави. Вие физички не не’ ликвидирате, но раните што ни’ ги отворате еднакво крварат. Вие, како што и Грците им направија на нашите, прво побаравте да замолчиме. Потоа изградивте систем за да се срамиме, и на крај побаравте да се покаеме. Не’ натеравте по пет пати да се вртиме наоколу за да видиме дали некој не’ наслушнува пред тајно да си проговориме на јазикот што го говориме и си го разбираме. Ние сега тајно се состануваме. Отпадници сме во своја земја, кои тајно си кимнуваат со глава за да не се доведат во ситуација и така тешкиот живот уште повеќе да си го усложнат. Вие не’ пизмите ако се идентификуваме како што се чувствуваме, и на најсурови казни не’ осудувате ако не се покориме. Казната ваша е многу страшна, господо. Зашто ние немаме каде да заминеме, освен ако не сте договориле коридори за наше депортирање, како она во 1948.

Немам ништо против, господо, ако сте решиле да расчистите со комшиите. Сите ние од срце го чекаме денот кога прашањето на нашето национално препознавање ќе се реши, во наша полза. Ништо помалку од вас, господо, не сме навредени и понижени од разните одредници, кратенки и лепенки што ни’ ги закачуваат каде и да се појавиме. Ништо помалку од вас, господо, не не’ измачува прашањето како да се продолжи. Како и сите други народи, и ние одбираме власт, со надеж дека таа ќе се справи со проблемите. Но 
вие, господо, наместо да решавате, создавате проблеми. Заборавате на древната изрека дека не постои народот заради државата, туку државата заради народот. Несвесни за таа мудрост, вие народот го инструментализирате, го ставате во функција на државата. Вие создадовте големи проблеми и сега, без право, сакате да ги менаџирате преку грбот на народот.

Вие, господо, создадовте опасен проблем Македонецот да биде јавно казнуван ако се дрзне себе си да се доживува онака како што го учеле дедовците. Вие, како и Грците, му кроите калапи со нови дефиниции за чувствата, му прпелкате по исконската ДНК и му чепкате по семејните стебла и гробови. Простете, господо, тогаш дајте да признаеме дека ние и вие не сме ист народ. Дозволете ни’ го, затоа, правото да се декларираме како различни. Дајте уште една колона на пописното ливче за да има место за сите, па и за нас. Каква што е рамковна Македонија, можда и ние ќе стасаме до критичниот процент за да се стекнеме со некои важни права, по етничка основа. Право на самоизјаснување, право на улици, школи, автопати, знамиња, управување со дел од државата. И право на вработување, секако. Дури мислам дека ваквото решение би било најсоодветно за сите нас. Ќе ја прошириме мултиетничката карта и ќе го збогатиме културниот плуралитет на земјава. Еве ви ИДЕЈА за реформа, која, ако ја спроведете, и вие како власт многу подолго ќе останете, верувајте. Вие среќни, ние среќни.

Ако тоа го направите, господа, веќе нема да се лутам за спомениците и коњите. Ќе одам да ги посетувам за поблизу да се запознаам со културата на другиот етникум во мојата држава. Ќе доаѓате и вие кај нас на слави, имендени, а вие, пак, ќе не’ каните на вашите свечени антички обреди. Ќе доаѓам со радост зашто антиката отсекогаш ми била интересна, дури и импозантна. Ќе ми биде чест да бидам гостин во вашите храмови, да пијам од црното вино послужено во пехари и да ви наздравам за многу години. 
 Впрочем, и Александар така би сакал да не’ види. На прославите на 8 септември ние, за разлика од некои други кои ве игнорираат, ќе доаѓаме, господа, зашто ние оваа земја ја сакаме. И знамето, господа, многу го сакаме, и химната многу сме ја плачеле. Имаме ние многу добри пејачи, господа, што од душа ќе ги испеат најубавите македонски песни. Дајте ни’ право тоа да ви го покажеме. И верувајте, ние нема да ви правиме проблеми, господа, едноставно зашто не ве мразиме. Ние, просто, само сме многу различни.                  

9/06/2012

Храна, вино, запршка

Во последниве две децении светот му се враќа на готвењето дома. Причините за тоа се бројни: од алармантните статистики за прекумерната дебелина  поврзана со нездравите прехрамбени навики, преку експанзијата на болести што се резултат на прекумерната телесна тежина, се’ до обидите за реанимирање на улогата на семејството и заедничкиот ручек во современите западни општества. Во ресторанската сфера, тренд е интернационализација на храната, со акцент на здрави, необемни, пробрани и квалитетни оброци.

Светските телевизии се преплавени со емисии за храна и готвење, па дури се снимаат и играни филмови со готвењето во фокус. Десетици професионални или полупрофесионални готвачи станаа мега ѕвезди, а пиплметрите сведочат за голема гледаност и комерцијален ефект. Џејми Оливер („разголениот шеф“), таа маркетиншка приказна за слаткото момче, оженето младо, распалавено меѓу тавите, зачините и убавите плодови од природата, денес е кулинарска икона на фејсбук-генерацијата. За време на Олимпијадата летово, велат дека бил една од главните атракции за гостите од сите континенти. Џејми денес е суперстар, институција, а неговата веб страница е култен водич за готвењето кај младите двојки. Или, Најџела Лосон, раскошната бринета, сопруга на могулот на рекламата Чарлс Сачи, од новинарка се трансформираше во готвачка за семејството која, преку рецептите за брзо и едноставно угодување на стомаците на нејзините блиски, се позиционираше како миленичка на средовечните Британки. Најџела игра на картата „толку лесно, а толку вкусно“, па ги натера и жените кои цел живот бегале од кујната, да се фатат за кутлача. Па Ана Угарковиќ, хрватската дизајнерка на храна, успеа да ги убеди (особено) жените од екс-Ју просторот дека готвењето не е кулук, туку една отмена работа што баш високо се вреднува, а може да се спореди со професиите од областа на уметноста. Занаетот го учела во Италија и Англија, а денес ужива статус на селебрити. Настапуваше дури и во шоуто Ѕвездите танцуваат. Кај нас, емисијата Кај Ана сега оди на Сител, ама со исклучително несоодветна надсихонризација. Наместо Ана, слушаме актерка која внесува непотребно многу еротика во проектот, така што оваа македонска верзија на емисијата, барем мене, ми е апсолутно одбивна.

Што се однесува до темата храна на големиот екран, да се потсетиме само дека во 2009 година еден  од фаворитите за Оскар беше филмот Џулија и Џулија, екранизирана биографија на легендарната Џулија Чајлд, сопруга на американски дипломат во Париз, која уметноста на француската кујна што ја совладала 
во тие свои француски години од животот, им ја пренела на Американците преку ТВ серијал во педесеттите години. Потоа филмот Чоколада, заводлива приказна за тоа како „неморалот“ на оваа посластица го разбранува лицемерниот менталитет на конзервативната француската провинција. Сцените на подготовка на чоколадата (Жилиет Бинош), во класично мануфактурни услови, се едни од најсоблазнувачките филмски кадри за вкусните сетила снимени било кога.               

Убаво е што и кај нас приготвувањето храна е инспирација за повеќе телевизиски продукциски проекти. Но, впечаток е дека нешто фали за сите овие шоуа да го постигнат ефектот на подобрите сродни странски проекти. Мојот коментар е а) дека местото на спонзорите на овие програми е пренагласено, и б) дека продуцентите не прават напор овие проекти да промовираат современа кујна. На пример, проектот Храна и вино со години е актуелен меѓу македонските домаќинки, па 
дури и во периодите кога се репризира. Концептот на емисијата е подготовка на јадења од страна на професионален готвач, но според рецепти од гледачи. Две основни работи ја редуцираат вредноста на проектот. Прво, тоа е готвачот кој никогаш не зборува, па неговата улога ја доживуваме како минорна. Тој јадењето го подготвува како типичен кафеански кувар, не како шеф, а низ рецептот ве води глас на наратор. Второ, емисијата промовира храна со екстремно високи  калориски вредности. Така, задолжителни состојки на скоро секое солено јадење се кашкавалот, шунката, печурките, па и мајонезот и киселата павлака, а кај слатките јадења тоа се многу шеќер, јајца, брашно и слатка павлака. Значи, од аспект на трендовите за здрава храна - тотално промашување. Се разбира, спонзорот се спомнува по сто пати во текот на емисијата. Го имаме и реалното шоу Во оган, кое на површина исфрли неколку млади професионални готвачи, кај кои амбицијата да создадат успешна кариера заслужува почит. Меѓу нив има поединци со потенцијал за нешто навистина повеќе од македонското просечно. Тоа што пречи е недостигот од малку повеќе шлиф, убаво вербално изразување и малку попрефинет, понежен фат во текот на подготовката на храната. Тоа грубо ракување со продуктите често пати ја банализира атмосферата и го расипува чувството на слатко исчекување кај гледачот/консументот. И конечно, ја имаме емисијата на Адријана Алачки, Вкусот на традицијата, која го промовира подготвувањето јадења од нашето поднебје, и тоа во етно амбиент. Мојот впечаток е дека Адријана, која на почетокот беше пипка-трепка, сега веќе добро си ја врши работата. Два совети: и покрај тоа што секогаш е уредна, чиста и со прибрана коса, таа мора да ги исече ноктите. И второ, колку тоа и да е дел од традицијата, Адријана од репертоарот мора веќе да ги исфрли сите оние силни запршки. Ако продуцентот искрено сака не само да забавува и рекламира (Сковин), туку и да едуцира и да ги поттикнува современите принципи и култура на исхраната.                 

9/05/2012

Скопските плажи на моето детство

Бев многу мала кога татко ми ме носеше на плажа на Вардар. Толку мала што сега не можам ниту да потврдам, ниту да одречам дали денешниве плажи ги градат на нивните некогашни локации. А татко ми веќе не е меѓу нас за да ми помогне во проценката. Како и да е, во попладнињата на работните денови во јуни и јули, кога Скопје ќе се усвитеше под зажареното летно сонце, татко ми ме седнуваше во корпата на неговиот црн велосипед марка „Рог“и тргнувавме на плажа. Се сеќавам дека возевме спротивно од текот на реката, по насипот, стврднат и распукан од летната суша, од двете страни обвиткан со диви жбунови и стари дрвја, како тунел. На места растеа и капинки; кој знае дали некој ги беше засадил или беа самоник. Одевме на една малечка плажа зашто татко ми никако не сакаше гужви. Поради тој негов отпор кон врева и масовни собиралишта, сите одмори со моите родители ги поминав по ненаселените јадрански острови, по селца на брегот чии имиња беа непознати за туристите, или на охридските диви плажи по патот кон Свети Наум. Така и на Вардар, татко ми беше пронашол една баш скриена плажичка, целата заградена со капини и коприва, на која ретко кога ќе затечевме по некој осамен капач. Мајка ми беше дошла неколку пати претходно за да провери дали местото е безбедно за мене, малиот вардарски почетник, и да биде сигурна дека реката тука не прави вирови.

Во нашето пошироко семејство 
татко ми беше познат како роднината кој сите деца ги научи да пливаат. Со таквата мисија почнал уште како дете, во триесеттите, вели легендата, откако ја стекнал довербата на дедо ми и баба ми, а потоа и на сите негови чичковци и тетки, чии деца ги навлекол на страста за Вардар. Потоа ги зел под свое сестра ми и нејзините другарки, па децата од комшилукот, па на крај дојде редот и на мене. По толку години, сакам да кажам дека тој вардарски ритуал мене не ми беше премногу пријатен. Некако мислам дека во целата приказна учествував активно повеќе за да не му го расипам ќефот на татко ми, отколку за сопствено уживање. Мене реката ми беше некако дива, страшна. Па и тоа мало плажиче, два на два, далеку од цивилизацијата, ми се чинеше како крај на светот. Гледајќи од брегот кон средотекот, го имав тоа чувство на блага трема, дури можда и извесна анксиозност, ете толку реката ја доживував како моќна, а целиот тој простор како изолиран во тишината. Плажата мирисаше на мил. Тоа е оној најситен песок, речиси земја, кој кога е мокар станува толку мек што нозете ми пропаѓаа во него кога ќе завлезев подлабоко во реката. Исплашено го гледав татко ми од страв да не потонам целата, а тој ме куражеше да продолжам и да не се плашам зашто тој е тука, до мене. Татко ми, реката и јас, тоа е сликата што ми остана врежана во сеќавањата, заедно со чувството на тој неодреден страв од природата што сум го имала како мала.

Кој успешно го поминал курсот на татко ми на Вардар, стекнуваше право со него да оди на Кривината на Треска. Тоа е истата онаа кривина на Треска што потоа прерасна во викенд одредиште на Скопјани. На која се печеа скари и се славеа големите државни празници во пролет и лето. Во времето кога татко ми ме носеше таму, тоа беше само еден прилично пуст предел покрај реката, згоден за правење излет заради големите сенки и просторот за игри со топка. Луѓето немаа коли за помасовно да дојдат до оваа плажа. Поради тоа, многу пополни беа плажите во Сарај, до каде се стасуваше со градскиот превоз. Татко ми не не’ носеше на Кривината на Треска пред средината на јули зашто реката, самото име сведочи за нејзината главна карактеристика, е мраз ладна. Се лаже оној кој мисли дека во јули таа е нешто многу потопла, ама според критериумите на татко ми, јули беше таман. Како успеавме да родиме деца после сите тие капења на кривината - не знам, ама знам дека таму немав право да останам во вода подолго од десет-петнаесет минути, плус нуркањето ми беше забрането. Кога ќе излезев од реката, татко ми инсистираше долго да лежам на топлите камчиња на брегот за телото што повеќе да ми се згрее. Потоа морав да го изедам сендвичот со путер и кашкавал, како што наложила мајка ми, па дури потоа добивав виза за второ капење.

Долго останував наежена по капењето на 
Кривината на Треска. И лубениците што ги положувавме меѓу камења во плиткото, за да се оладат, студенилото го задржуваа со часови потоа. Еднаш, наеженоста не ми помина до утредента. Ноќта барав ќебиња за да се стоплам, а мајка ми викаше по татко ми, кој со израз на вина, се преправаше дека чита во дневната соба. Таа даде збор дека никој од нас веќе нема да влезе во Треска, ама самата прва го прекрши веќе наредната недела, кога прегреани од скопската жега отидовме повторно спасот да го бараме во студените води на бистрата река.

Фотографиите од моето детство се црно-бели. Останале неколку што татко ми ги направил на 
Кривината на Треска. Од нив не може да се види дали камперските столици на кои седиме мајка ми и јас се жолти или портокалови; може само да се погаѓа дали нашиот Fiat 600 D е сив или беж; треба да се мачам за да се сетам дали моето костумче за капење број 5 е црвено или сино. Но едно, секако, се гледа јасно: проѕирните води на реката, незавалкани, со ситни камчиња на дното, и сончевата светлина испрекршена меѓу малите бранчиња. Тоа се гледа на фотографиите, на кои татко ми се трудеше да креира композиција, така велеше.                                             

9/01/2012

Македонија во шаховска завршница

Ќе се докаже ли на „случајот Македонија“ дека малите држави не можат да опстанат без поддршка на поголеми „пријатели“? Згора на тоа ако тие, малите држави, се повеќеетнички? Плус сиромашни, корумпирани и примитивни? Изгледа дека не можат да издржат ни некои поголеми, покажува поновата историја. Најдобар пример е нашата поранешна држава. За пропаста на многуетничката Југославија беше успешно применета стратегија на нејзино прогласување за вештачка творба, па во моментот кога нејзините „големи пријатели“ оценија дека улогата на земјата како тампон помеѓу истокот и западот е завршена, се случи што се случи. Беше аплицирана маестрална методологија за напалување на луѓето едни против други и, додека ние, обичните, сфативме што се случува, меѓусебните масакри ја закопаа за сите времиња било каквата заедничка иднина на овие народи. Различната религиозна припадност уште повеќе ги разгорува анимозитетите. Тие, вешто управувани отстрана, стануваат опасно купиште барут, опколено со чкорчиња наместени на готовс. По правило, за жал, огнот секогаш го палат луѓе од внатре. Некогаш тоа се платеници на некои нивни големи „пријатели“; друг пат тоа се недоосвестени националистички или идеолошки забудалени групи, марионети на нечија долга рака. Треба да си слеп и мутав за да не видиш дека на земјава и’ ја кројат темната наметка. Не можам да идентификувам „големи пријатели“, кои великодушно ќе и’ пружат рака за спас на Македонија, ваква каква што пробавме да ја живееме - многуетничка и многурелигиска, за да и’ помогнат да се одлепи од калта и да ја сопре крвта. А на кал и крв мириса насекаде.

За целосно збрлавување на јавноста/народот, се туркаат неколку различни пропагандни пристапи. Првиот е оној на власта. Пардон, на двете власти. Пристап преку кој на оној што гледа му се тврди дека е ќор, а на оној што слуша - дека е глув. Двете власти, седнати во иста зграда, а заштитени едни од други со добро изолирани ѕидови, спроведуваат две сосема паралелни, одвоени сценарија. На два различни јазици. Со сесрдна помош на две различни верски заедници. Под будното око на еден ист, моќен мониторинг. Кој едните го слават, другите го мразат. При тоа, едната од властите спроведува и сценарио за душманска поделба на своите, по чувство, верба и дух. Другата ги дели своите само по пристапот до пари; чувствата се исти. А долгата рака на нечии „големи пријатели“ ги гали сите за кои цени дека уште и’ требаат.

Вториот пристап е пофалба на компромисот. Го туркаат различни општествени групи: интелектуалци кои поминале секакви денови во изминатите дваесеттина години; повозрасни новинари кои имаат дополнителни информации од разни извори; невладини организации кои промовираат демократија и модернизам, и дел од народот без партиска книшка. Народ свесен за тоа колку жеже крвта во војна, народ кој одбива да биде ќор и глув, народ кој во делбите гледа злокобна алтернатива. Народ кој зазира од премногу „големи пријатели“.

Третиот пристап е јасна поддршка на делбите, а се пласира и од двете страни. Мотото е дека сме различни зашто сме иноверни, зашто сме жртви, зашто само нам ни’ припаѓа правото на мајоритет во одлучувањето, зашто оваа земја, по корен, ни’ припаѓа само нас. Пристапот пред јавноста го туркаат добро инструирани соработници на секакви тајни служби; фаци кои од маргиналци преминале во ороводци; фрустрирани поединци набутани и заштитени во скутовите на двете власти; културни дејци со тажни биографии и си-ви-ја; и жестоки потомци на каури и арнаути што гинеле едни од други. Се препознаваат обрисите на многубројните „големи пријатели“ кои штедро го хранат овој пристап.    

Четвртиот пристап е умилкување на „големите пријатели“. Го везат некакви чудни поединци, искусни, а со затворени очи, умни, ама со некако пресметан ум, уверени цврсто дека големите пријатели на крајот нема да не’ (ги) зезнат.

Петтиот пристап е алатка на една млада, повеќеетничка група, активна на социјалните мрежи. Луѓе кои веруваат во заеднички живот, ама за таков не предлагаат рецепт. Луѓе кои ќе ве фатат за очи ако им кажете дека им треба малку организација за да ја зголемат својата влијателност и да прераснат во вистинско мировно движење. Но, тие одбиваат да бидат организирани и водени од било кого; велат, на тој начин би ја изгубиле слободата. За нив не постојат ни големи пријатели, ни големи непријатели; за нив единствена вредност на општетсвото е индивидуате и нејзините права. Поради тоа, една искрена желба за одржување на заедништвото во оваа земја само завршува 
во сајбер етерот без многу консументи, без многу ефект, и без да премине во сила.

Кој пристап ќе победи на крајот и ќе ја обликува иднината на оваа земја? Ќе се појават ли „големи пријатели“, кои ќе спречат победата да ја однесе, како што се чини сега, најгласниот и најмногу платениот пристап, оној што има начин да допре и до најоддалечените врати на македонските планински села за да ја разбуди генетската свест? Имаме ли таков пријател? Како што минува времето, јас се’ помалку верувам во тоа. Ни’ останува ли да гледаме како двете власти ќе ја доиграат последната партија шах под надзор на судиите делегирани од нечии „големи пријатели“?