7/26/2012

Што да им кажеме на младиве?

Пред некој ден, синот на еден мој пријател ме праша што би било со нас ако останеме без држава. Што да му одговорам на момче од 22 години, полно со надеж, очекувања, амбиции и занес, кои, очигледно, веќе се начнати? Да се обидам да му ги пренесам сеќавањата на татко ми за времињата на бугарско и српско? Да му раскажам за мојата потресна средба со бегалците од Босна, во Дизелдорф 1995? Или за онаа со палестинското семејство на Салих, во Лондон 1993? Да му речам да го гледа филмот на Тери Џорџ, Хотел Руанда, или документарецот на Меган Милан, Изгубените момчиња од Судан, за да разбере дека кога државите се распаѓаат протекува многу крв, а многу судбини пропаѓаат во неповрат? Што да му кажам? Дека ние, кои ќе останеме, ќе транзитираме во мизерно, безимено малцинство, понижена етничка група, со чии човечки права, за пред камерите на Си-Ен-Ен и Би-Би-Си, ќе почнат да се занимаваат некои блазирани американски и европски дами - амбасадорки на добрата волја, убавите сопруги на арапските принцови, и славните, анорексични холивудски ѕвезди? Дека нашиот јазик брзо ќе го снема; дека нашата, и онака расклатена идентитетска меморија ќе рудиментира до крај, и дека ќе станеме туѓинци на својата почва? Дека ќе го нема знамето, ќе го нема сонцето. А дека треба да им е алал на оние што насобраа доволно (на наша кожа) за спокојно да ги чекираат куферите уште за првите летови, со кои ќе се разбегаат по белиот свет.

Љубопитните очи на мојот млад пријател трпеливо го чекаа одговорот. Сркнувајќи полека од макијатото пред мене, се сетив на една дамнешен зима, кога со брзиот воз на Југословенски железници се враќав од Љубљана за Скопје. Во време кога Трбовље и Зидани Мост во Словенија, и долгите рамници и снежни полиња на Славонија и Срем беа предели на една иста земја. Хрвати, Срби и еден косовски Албанец имаше во моето купе, кои срдечно почнаа да ги делат јадењата купени на љубљанската железничка станица, и да пивнуваат од истото шише ракија што со себе го беше понел еден духовит Нишлија, инженер од тамошната Електронска индустрија. Луѓево не се познаваа од порано, ова беше нивна прва средба. Од возот се симнуваа еден по еден, како што пристигнуваа близу до дома, а на збогување се поздравуваа како да се знаат цел живот. Размена на адреси, телефони, изјави од типот „ако те води патот накај нас...“. Само неколку години подоцна, на моето службено патување со автобус од Нови Сад кон Скопје, ми препорачаа војводинските домаќини да не се размуабетувам со некој од сопатниците зашто многумина се лути на Македонците што се отцепиле. Ме заплаши малку тоа предупредување, па до дома патував како глувонема, едвај чекајќи да ја поминеме границата кај Табановце. Се разбира, во тој автобус немаше место за повеќето од некогашните братски нации што пиеја од исто шише. Беше време на првите испукани гранати, и куршуми забодени во телата на некои, случајно одбрани невини луѓе. Секој од секого стрепеше во автобусот, а на секои дваесеттина километри, воено-полициски, но и паравоени контроли, до заби наоружани и брадосани, влегуваа да не’ легитимираат и да бараат прецизни информации за причините за нашето патување. Ако имаше некој Хрват или Словенец во автобусот, секако патуваше со лажни документи, во спротивно својот крај ќе си го најдеше во некоја од грмушките покрај автопатот „Братство и единство“. Кога конечно влеговме во мојата земја, ни’ олесна на сите. Како да стигнавме во рајот. Се раздвижија патниците по автобусот, го натераа возачот да застане, за да подишеме малку од нашиот воздух.

Таа моја мала Македонија, таа моја мила земја, тогаш беше најслатката државичка на Балканот. Сиромашна, ама горда, преполна со млади и стари, решени да ја градат и слават. Сеќавањата за старата татковина бледееја брзо зашто таму тенковите и оловото царуваа со се’. Но, многу набргу, орли и мршојадци почнаа да ја надлетуваат мојата мала земја од сите страни. Однадвор и однатре, подмолно и во налети, до ден-денес кроце и’ ја земаат душата, и’ ги пијат животните сокови, и и’ го сотираат народот. Ако ја збришат, ако ја распарчат, ако ја погазат, што ќе правиме? Што да му кажам на мојот млад пријател кој бара памет од мене, памет што ни татко му не може да му го даде? Да му речам дека се’ ќе биде добро и дека патот ќе ни’ биде светол? Дека, еве, уште малку, па маката ќе мине и конечно ќе станеме Европејци? Или дека, всушност, и јас стравувам од лош крај, претставата за кој свесно ја потиснувам од секојдневните мисли. Ни овој пат не собрав сила да го изговорам она што ни на ќерка ми никогаш не и’ го реков: оди си! Наместо тоа, однапред сигурна дека кај момчево ќе си го нарушам угледот, како напатена и мудра старица одговорив: „Како за сите, така и за нас“. Давајќи го тој беден одговор, како да се ослободив од преземањето одговорност туѓите деца да ги подучувам на некаков бунт. Па, моја ли е обврската да работам на плановите за спас? Имам ли поим што воопшто се случува зад завесите? Смеам ли да шпекулирам на тие опасни теми? Од друга страна, сепак, знам дека младите ќе одлучат сами. За себе, а со тоа и за нас. А тоа се тешки, најтешки животни одлуки. Но, ние сме тука да бидеме покрај нашите деца и во моментите на нивните клучни одлуки, зашто нашата среќа е врзана за нивната.     

7/24/2012

Мое ќепенче, мое дуќанче

Булеварите Илинденска и ЈНА (Климент Охридски), големите романтични улици од моето детство, денес се само две црни асфалтни ленти, низ кои сакам да поминам што побрзо, по можност со наведната глава. Колку до лани, дури и среде јули на пладне, пеш ја минував рутата од паркот до центар, движејќи се мирно под крошните на старите дрвореди, заштитена во тунелот од пријатни летни сенки. Овде-онде ќе ме заплиснеше блага трага од мирисот на липите од Ленинова, а кај Поштенската зграда ќе подзастанев малку за да одберам дали кон плоштадот ќе продолжам по слепиот дел од улицата Орце Николов, кој преку целиот ден се одмора во ладовина, или, сепак, ќе одам по ЈНА за, патем, да подѕирнам во дворот на старата дедова куќа.

Високите, разгранети, правливи дрвја на булеварите од моето детство создаваа чудно чувство дека минувам низ отмено патинирана урбана зона. Но одамна веќе, кога погледот случајно ќе ми залуташе кон горе, ќе ги здогледав фасадите на, некогаш, стројните згради, и ќе видев дека полека венат и крвават, разјадени од забот на тешкото време. Крошните на десетлетните дрвја вешто ја затскриваа сликата на сиромаштијата што се’ повеќе натежнуваше, па градот таму повеќе личеше на аристократка во банкрот, отколку на дотраена паланечка мома. Големите дрвја на Илинденска и ЈНА играа улога на драпер, кој успешно ја покриваше вистината за нашето денес.             


Новиот, темен асфалт сега дрско се перчи пред разголената бедотија, изнаредена по двете страни на подновените булевари. Контрастот меѓу свежината на новите, удобни коловози, и мачнотијата на распуканите фасадни површини, на искршените дрвени ролетни, никогаш небојадисаните прозорци и балкони, и запуштените железни капии, е најискреното огледало на ова наше време. Несвојствено за било која метропола во светот, во центарот на мојот град ја разоткрија тајната што дрвјата колку-толку ја чуваа од очи, додека богатствата откраднати од некогашните граѓани на оваа земја перфидно се испораселија по околните села, добро заштитени со ѕидови од арматура и песови кои касаат ако ги допреш. Чудно, но до тие бесрамни зданија по скопските села може да се стаса единствено по ужасни, негибнати социјалистички друмови, дупка до дупка. Тие нови населби на плуралистичкиот капитал, наместо на елитни резиденцијални квартови, личат на безвоздушни гета, во кои, место по улици, се оди по земјени стази или по патеки од најпримитивен макадам. Но, на таа нова класа не и’ е до урбанизација. Нејзиниот порив е да се пикне во своето, да го огради и да го затаи, токму како во балканската поговорка „мое ќепенче, мое дуќанче“. Надвор се’ нека цркне, битно ми е само моето.

Од таа мизерна и егоистична психологија на дуќанчето и ќепенчето, длабоко засадена во нивните примитивни глави, заборавија дека заедничкото е и нивно. Но, ним не им пречи што од елегантните црни автомобили со затемнети стакла, кога се возат по Илинденска и ЈНА, безмилосно се гледа крвта на транзициското умирање. 
Ним не им паѓа на ум дека пред да ги исечат дрвјата-чувари на срамот, требаше барем малку да ги суредат фасадите што говорат за нашата болна стварност. Ним не им пречи што милијардата за Скопје 2014 дел се потроши за претворање на мојот град во шизофрена разгледница, а дел за нови, хистерични и бесни вили по периферијата на околните скопски села. Ним не им пречи што има две вистини, една нивна, но и една наша, која, колку и да се трудат да ја искриват, останува длабоко закопана во нас. А нашата вистина е дека го мразиме новиот асфалт на Илинденска и ЈНА зашто него го послаа за сметка на дрвјата, кои ни’ помагаа сиромаштијата да ја живееме во интимно и гордо достоинство.

Скопје е град на нов асфалт; на кафулиња преполни со арогантни фаци од редот „мое кепенче, мое дуќанче“; на стотина грди споменици на ликови од некој недефиниран, конфузен времеплов; град на мегатонски бетон што ја натежнал реката која еден ден, секако, ќе се побуни; на планина која се заканува дека ќе ги урне монументалните зданија на капиталот од новиот век; град на кичурави фонтанчиња со минијатурни макети на црквичиња, кои како да се преземени од селата од пасивната грчка провинција; на сува земја, расфрлана на сите страни од некоординираното копање на Преродбата, и град на бесконечна глетка врз сиротиња што се препознава по квалитетот на летната облека на моите сограѓани, по скромната содржина на кесите со зеленчук испазарен на Буњаковец, и по тажните фасади на големите улици од моето детство.                                     

7/16/2012

Летна игра

Беше лето осумдесет и некоја, врело, сушно и долго. Работев во фирма типична за нашиот социјализам: голема, со илјадници вработени, распоредени по десеттици одделенија, служби и сектори, сместени на различни локации низ градот. Мојот дел се наоѓаше на неколку стотини метри од строгиот центар, на самиот брег на реката. Секоја година, почнувајќи од 15-ти април па се’ до 15-ти септември, се применуваше летно работно време, од 6 до 2. Годишен одмор добивавме според план што се правеше уште во февруари, а правило беше постарите да имаат предност во изборот на термините. Ние бевме петмина приправници и, како што е редот, ни’ доделија одмор кон крајот на август, откако вруќините, како помлади, ќе ги поминеме на работа.

Фирмата имаше голем двор, озеленет и, на места, скромно прошаран со жбунести рози, и со петунии во виолетова и бела боја. За дворот, со нескриен ќеиф, се грижеше еден Мите од Општата служба, кој живееше во Сингелиќ и по малку се разбираше во градинарски работи. Во едно скришно ќоше од дворот, тој беше засадил неколку корени пиперки и патлиџани, колку да провери дали земјата ќе раѓа. Со к’смет на мераклија, родот од година во година му растеше, а од зрелите набрекнати плодови чуварите правеа салата за појадок во магацинот кај споредниот влез во фирмата. 


Во тоа време без климатизери, со трикови се обидувавме да ја изиграме жештината. Имавме голем, стар и бучен источногермански вентилатор, пред кој поставувавме длабока чинија полна со мраз што великодушно ни’ го даваше сладоледџијата од комшилукот. Се строевме еден по еден пред вентилаторот, чекајќи на ред да се разладиме од пеколот. Секој имаше на располагање по една минута, толку требаше за мразот целосно да се стопи. До ден-денес го помнам пријатното студенило што ќе ме заплискаше во таа една минута, и враќањето во прегреаната канцеларија потоа, во која списите ми се лепеа за прстите.

Генералниот директор беше угледен и скромен скопски стопанственик, исклучително почитуван, строг, длабоко навлезен во своите педесетти години. Тој пеколен јулски ден, разбравме дека ќе биде отсутен. Ах, таа радост кога генералниот го нема! Одиш на кафе во Правна служба без страв, или земаш пропусница за до Стоковна куќа, без грижа на совест дека можда ќе те побара. Тој ден, некаде околу 13 часот - веќе не се дишеше - се собравме петмината и отидовме кај Мите. Му го собравме цревото од зад вратата, го намонтиравме на чешмата во задниот дел од дворот, се соблековме боси и ја почнавме играта со водата. Се прскавме низ смеа, трчавме како зашеметени од крај до крај на дворот борејќи се за цревото, маичките и фустаните ни’ станаа жива вода, а косите ни’ се растурија. Уживавме во свежината на студениот млаз и шлапкавме радосно, како деца, во барата што постојано се зголемуваше. Во еден момент, кога водата повторно ми се слеваше по лицето, а јас се вртев во кругови од уживање, го видов Даниел како стои вкочанет пред мене, како да видел сениште. Застанав. На неколку чекори од него стоеше генералниот, намуртен, со стуткани веѓи, и со цигарата стегната меѓу усните, токму како во неговите најлути мигови. Ме застрела со погледот, а јас мислев дека ќе се срушам. Некој потрча да го затне цревото. Тогаш директорот згрме: „Не! Оставете го цревото!“. Отиде полека до магацинот и го снема во темнината. Стоевме во тишина, чекајќи ја казната. По неколку минути, тој се појави на вратата, облечен во темнокафени бермуди, бос, со белата кошула и вратоврска на него, зашлапка во водата, го зеде цревото и ни’ се придружи во играта. “Што мислите вие? Па јас секое попладне овде се разладувам, деца!“ И додаде: „Се разбира, ова да не се повтори!“.

Тогаш се сетив дека неговата канцеларија секогаш свети до доцна навечер. Понекогаш си мислев дека чуварите намерно ја оставаат да свети преку ноќ. Сфатив дека тој овде навистина е постојано. Занемени тргнавме назад, се засушивме на сонцето и се вративме на работа, како ништо да не се случило.                                 
  

7/09/2012

За штамата

Летната зашеметеност ми ја реметат ретки изблици на побуна што стасуваат од луѓе кои одат на се’ или ништо, подместувајќи си ги без страв главата и вратот под сечилото на гилотината што секој момент може да биде откачена за да се раскрсти со жртвата. Тричковски е еден од нив, и не е фер што понеделнички ме раздрма со писанието за утка-стратегијата и летниот поход на Б.Ц. Си седев мирно, надевајќи се дека никој нема да реагира на тажното патешествие на СДСМ по македонските гори, шуми и села, и дека освен две-три минутните телевизиски извештаи за собирите по вжарените плоштади, ништо нема да не’ потсетува дека опозицијата таму нешто „крчка“.

Жално е, но Тричковски е во право кога, предвидувајќи неуспех на стратегијата на опозицијата, вели дека ова веќе не е земјата од нашите сеќавања. Тој сака да каже дека во оваа, нова земја, лошо презентираната идеологија на СДСМ нема добра проодност, и дека единствен ефикасен пристап е демонтажа на историската димензија на актуелно победничкиот блок. Сепак, според мене, не е клучно прашањето дали ќе се појави јунак што ќе стане и ќе се зафати со демонтажа на новите политики од аспект на историскиот баласт и завет, туку зошто толку лесно таа нова политика го шармираше народот, дури и го обзеде, до ниво на целосно препуштање. Во феноменолошка смисла, би било интересно темелно да се прикаже анатомијата на оваа волшебна опиеност. Во позитивистичка смисла, индикативни би биле наодите од една подлабока емпириска анализа на „големото прифаќање“. Во дијалектичка смисла, анализата би ја угасила нашата жед за толку потребното просветлување на свеста и соочување со изворите на групната хипноза.

На за’рѓаниот катанец, со кој сме заточени во просторот на својата немоќ, силно му помагаат нашето незнаење, нашата бескрајна дистанцираност од информациите пресудни за нашиот живот, и мракот во кој сме потонати не по своја вина. Уморот од нагаѓање на причините за овој неочекуван историски исход, и параноидниот страв да не се остане и без  минималниот егзистенцијален прилив, го изродија ова колективно препуштање на стихијата, за која не знаеме ни каде носи, ни што после неа. Глумењето лудило, како масовно усвоен терк на општествено наградено однесување, го проблематизира отпочнувањето на било каков суштински дијалог на клучните теми, и еволуира во модел на паметно однесување, без оглед што за некои од нас тоа претставува чиста хипокризија.

Нема изборите да бидат референдум, како што сакаат да не’ убедат претставниците на политиката и моќта. Референдум постои само ако прашањето што му го поставувате на народот е јасно и чисто. 
Во овој момент, на бината имаме неколку групи артисти, кои ниту јасно ја пласираат својата визија за земјата, ниту ја откриваат својата вистина, својата намера. За едни гледаме само дека имаат многу пари, а играат бесконечно интригантна, нејасна и скапа претстава. Други немаат пари, а немаат ни дарба да изнајдат добитнички модел на шоу. Трети играат претстава со симболи и ве оставаат нивното значење да го толкувате по свое наоѓање. Четврти играат пантомима, а движењата им се невешти и празни. Заедничко за сите е што на плакатите за нивните претстави не се објавува името ниту на сценаристот, ниту режисерот. Се гледа само главниот актер, и неколкумина носители на споредни ролји. Народот е оставен да одбира претстава само врз основа на својата афективна склоност кон дизајнот, бојата или обманата што се прикажани на маркетиншките решенија на плакатите.

Веќе нема да стане ниту еден умен човек па да проговори. Штамата во која е западнат умот не треба да изненадува. Оваа тишина е резултат на долгите колективни превирања и на исцрпувачките, а казнети изречени предупредувања од страна на интелектуалците. Интелектуалецот веќе нема никаква вредност; неговите залагања се сметаат за излитени, а неговите ставови за старомодни, па дури и штетни. Интелектуалецот е, едноставно, човек кој не се прашува. Затоа, о
ва е штама на немоќта, и тоа треба да се признае.                                      

7/08/2012

Баш ми е гајле

На овие језиви температури,  наоѓам резон зошто летово ќе се потенцира африканскиот карактер на нашава држава. Значи, пеколов толку ги отапува сетилата, а го засилува само нагонот за голо, биолошко одржување, што оние на Илинденска не-знам-си-кој број можат да си прават журка каква сакаат. Иди нека ме натера некој да се помрднам од ладовина за да се побунам против новите задолжувања на владата. Или да станам да се занимавам со причините за стрмоглавото паѓање на економијата. Не дај боже да треба да се фатам за анализа на трошењата за коњите, златото, куполите и мостовите. Нема шанси. Не ми оди ни таблица на множење од еден до сто, а камоли малку посложена аритметика.

Да не зборувам за, веќе здодевните, работи. На пример, баш ми е гајле што, без консензус, го донесоа Законот за лустрација. Ич не се потресувам што фанфарите на гебелсовиот оркестар ечат 24/7 против злото на непринципиелната коалиција меѓу Бранко и Љупчо (е, не го пишувам со „б“, бе!). Не ме допира што оној Чашуле се вртка по телевизиите за да ни’ каже кој бил кој во ДПМНЕ, и зошто книгата напишана од Војводата нема никаква вредност. Ме заболе што татко му на Милошоски купил селско школо, а синов пишуе претставки против некој локален нафташ, ама се потпишал како претседател на некаква си парламентарна комисија за надворешна политика. Јака ствар. А, да, и дека и’ ги простил многуте илјади евра на Јадранка Костова што таа требала да му ги искешира зашто поднапишала нешто околу неговите семејни бизниси.

Не, бе, ич не ми е гајле што разни министри се шетаат по регионов и си цртаат карти на некои нови држави, во кои Македонците ќе бидат само ништожно малцинство. Абе, не се занимавам со дубарите за гасификацијата со Русиве, и со веселата провизиска математика на нашиве што Стевче Јакимовски а-пла ни’ ја разјасни. Ич не се засекирав што Народна банка ќе се селела на плоштад, во нова, 40 метри висока зграда, за која Коце, како веќе искусен геометар, тврди дека нема да го расипе погледот што од Собрание, преку триумфалната, се протега до коњот и шарената фонтана. Баш да не се тревожам што ДПМНЕ должи три милиони евра изборни пари на разни адреси, а Државната ревизија во тоа не гледа криминал и корупција.

Што ме засега што пуштиле шпиунско клипче на Интернет, во кое се слуша како Латас (пред многу години) му дава отчет на прочуениот Маноли за тоа дека Груевски бил незнамсикаков и дека, поради тоа, Мирка ќе го заплескала во Фокус. Баш ми е евентуално што ја затворија А2 и што почнале на големо да следат и-мејл комуникации и муабети на социјални мрежи. Нејќам да се замарам со прикаските за бизнисот на Урко во (наводно) опаѓање, за сметка на (наводно) нагорните бизниси на фамилијата во истата, племенито-силеџиска стопанска гранка. Не ме занима што сме најбедна земја во Европа и што првите комшии немаат за леб, ама имаме најмногу џипови, поршеа и мерцедеси по глава на жител. Ме боли што ќе го шитнат и Елем, и што струја нема да уклучувам ни за сијалица од сто вати.

Ќе си седам во темница, во аголот на дневната соба, така сама, во тишина, без телевизор, без компјутер, без твитер, без контакт со светот. Ќе си бидам раат што не сум надвор, на 40 и кусур, како некои други несреќни луѓе од некои далечни, од сонце испечени земји. И нема да знам дека, всушност, и ние и тие, живееме толку слично. Што ми е гајле. И што ќе ми е светло? За да гледам? За да мислам? За да знам? За да се бунам? За да се нервирам? Не, не, премногу е жешко.                                   

7/03/2012

Летна ноќ во мојот град

Тишината на врелата јулска ноќ уморно се распослала врз покривите на мојата населба. Некаде во далечина,  небото повторно блеснува од разиграни пламени на нов огномет. Се прашувам кои ли се поводите за толку многу огномети во Скопје. Свадби? Раѓање? Годишнина? Или некоја прозаична средба, од која, по секоја цена, треба да се направи  хепенинг што блешти. По огнометот - повторно тишина. Еден лилјак пролетува покрај мене, како да не сум среде град. Се наежувам и бегам внатре, на безбедно. Воздухот во собата тежи од топлина, како некогаш.

Како кога бев малечка и кога, свиена во постелата, со часови се трудев да заспијам, благо покриена со чаршавот од бел батист што мојата мајка ми го префрлаше преку половината, за да не настинам. Таа заминуваше од мојата соба, нежно затворајќи ја вратата, и одеше кај татко ми, кој веќе беше седнат на терасата што гледаше кон паркот. Мојата соба беше далеку од терасата и никако не можев да слушнам за што си шепотат. Останував сама во темнината, прошарана од слабата светлина на далечните улични канделабри, разбранувана од сенките на старите дрвја од соседството. Во трепетливиот шум на повременото лелеаво ветре, се стопуваа нејасни гласови што доаѓаа од улицата Димитрие Туцовиќ. Заспивав како опиена од скопската ноќ, занесена од благото бранување на завесата и од допирот на жегата по моето опуштено тело.

Летните ноќи се скришни предели на мојата осаменост. Своите тајни, своите копнежи, своите болки, најсилно ги тркалам низ мислите кога спарината не ме остава да задремам, а напластената летна тама ми се чини бесконечна. И денес, исто како кога бев дете, им се препуштам на несподелените копнежи, играм со нив, ги пуштам да заталкаат до малите, бели, памучни облачиња што понекогаш ја затскриваат полната месечина и, од страв да не ми избегаат, повторно ги враќам во просторот на нивната сигурност - во моите мисли. Тие копнежи, тие посакувања, се душата на мојот мал свет, на тоа мало космичко парче што ја чини околината на мојот хабитус. Погледот на ноќното летно небо привидно го зголемува дофатот на моите мечти, а ѕвездените патеки стануваат траектории на моите желби.

Во врелината на ноќта, копнежот и спокојството - тие две спротивставени самовили на мојата душа, прават чуден, неприроден сојуз, па ниту копнежот може да ме возбуди толку за да предизвика барем лесно да затреперам, ниту спокојството ме 
разнежнува толку за да ги стивнам насобраните грижи. Во ноќите на стивнатата јулска жега, под небото на Скопје, го наоѓам прозорецот што гледа кон една далечна радост што сакам да ја допрам. Радоста на некои одамна поминати времиња, и посакуваната радост за денот што иде. Се потпирам на меката перница, ја гасам ноќната ламба и, загледана кон мојата среќна ѕвезда, заспивам залулкана во надежта дека утрото ќе ми ја оствари скриената мечта.