6/27/2012

За провинцијализмот, и за Скопје

Ме вознемири помислата дека, можда, сме на прагот на уште една внатрешна, длабока поделба, онаа на скопјани и провинцијалци. Се натажив што призвуците на поделбата овој пат доаѓаат од круговите на младите, токму оние, кои во времево на целосна информациска глобализираност и отвореност, станаа граѓани на светот, барем во виртуелна смисла. Но, целава приказна си има длабоки економски и социолошки корени. Ќе се обидам да испратам некои пораки до младите, само со цел да придонесам за нивно спојување, за нивно сплотување, за сопирање на делбите.

Поаѓам од неспорниот факт дека повеќето луѓе нерадо ги напуштаат своите средини, своите домови. Причината за тоа е психолошка, имено тежнеењето да не се одвојуваме од сопствената, сигурна територија што ја доживуваме како наша природна средина. Сепак, внатрешните пориви, талентите, амбицијата или мотивите за постигнување, многу често не можат да бидат остварени во сопствената средина, па луѓето заминуваат, поблиску или подалеку, во неизвесна борба за остварување на своите соништа. Постојат и други, индивидуални причини за заминувањата, на пример невклопеноста во сопствената средина, авантуризмот, па дури и поривот за потврда на личните илузии. Тоа се случува секаде, вклучително и во најразвиените земји. Македонија никогаш не била исклучок во тој поглед. Секогаш имало млади луѓе кои заминувале на школување некаде надвор. Дел од нив никогаш не се вратиле дома; други, поносталгични, си дошле назад во својата земја. Тоа што загрижува денес е што луѓето масовно ги напуштаат родните места единствено од економски причини, просто поради тоа што нашата внатрешност (провинција) минува низ децениска деградација и економско пропаѓање. Дали нашите млади заминуваат надвор од Македонија, или само во Скопје - 
за нашите помали градови е еднакво погубно. Заминувањето на секој млад човек, особено неговото трајно заминување, е само нов чекор кон несопирливото замирање на градовите од нашата внатрешност.

Заради неуспехот на политиката за рамномерен развој на земјата, нешто што се потенцираше во периодот на независноста и транзицијата, нашите помали места станаа загушливи за индивидуалниот развој на младите. Скопје, неминовно, како единствен центар на новата динамика, преку ноќ прерасна во метропола, ама метропола на македонската беда. Со оглед на тоа што две третини од економската активност на државата се одвива токму тука, роеви полнолетни адолесценти од внатрешноста секоја година го фаќаат патот кон Скопје - единствената дестинација која пружа какви-такви, најчесто минимални шанси за егзистенцијален опстанок и контакт со прогресот. Нормално, огромната понуда од работна сила ја собори цената на трудот, и тоа е стварност со која безмилосно се соочуваме. Околу тоа што треба да прави државата за да го сопре ваквиот тренд, напишани се бројни трудови, стратегии и анализи, но, освен минимално во областа на децентрализацијата, не гледам дека некакви помрднувања кон подобро реално се случуваат. Значи, Скопје и натаму ќе продолжи да биде магнет за македонските мигранти, ќе страда од прекумерна населеност, вишок на работоспособна популација, беспоштедна борба за работа и власт, а категоријата Скопјани ќе ја добие конотацијата што ја имаат и безбројни други градови во светот. Скопјани ќе бидат сите, не само оние по корен, туку сите што тука создаваат некаква вредност.

За несреќата на присилното населување на Скопје, младите никако не смеат взаемно да се обвинуваат. Тие треба да знаат дека, едноставно, македонските политички гарнитури неодговорно го одбрале тој, за земјата катастрофален правец, па наместо да овозможат барем приближен развој на помалите градови со оној на Скопје (како Словенците, на пример), дозволиле нашата внатрешност да ги задржи особините на провинција, како синоним за неразвиеност и нешто помалку вредно. Но, според мене, има уште една причина за пежоративното толкување на овој социолошки поим.

Провинцијализмот на Македонија никако не треба да се поврзува со местото на потекло. Провинцијализмот во Македонија е резултат на нашата длабока (во многу нешта балканска) граѓанска некултура, и на нашиот бескраен примитивизам. Некултурата и примитивизмот се секаде околу нас: во Скопје, во Прилеп, во Охрид, во Конопиште, во Богданци...Тие се видливи со голо око, а се резултат на традиционалната инертност и левантински менталитет. Ѓубрето околу нас, плуканиците по улиците, валканите јавни тоалети, смрдеата на неискапени луѓе, неиспраните алишта, мрсните коси, неуредените селски и градски дворови - сето тоа е огледало на примитивизмот на овој народ. Да не зборувам за неписменоста, неспособноста да се изговори една просто проширена реченица (подмет, прирок и додатоци) без неизоставна граматичка грешка, и за долната комуникација меѓу луѓето. Што, пак, да кажам за вредносниот систем што се гради токму врз тие основи? Основните вредности доживеаја салто мортале, а повисоките изгубија човечки лик. Јас така гледам на оваа ера на растечки провинцијализам. Затоа, провинцијализмот никако не го врзувам за градовите и местата од кои доаѓаат луѓето во Скопје, туку за општиот примитивизам што го владее овој наш простор. Во Скопје само малку повеќе се вложува за маскирање на сеприсутната простотија, па малите градови делуваат појадно.

Не сакам да се занимавам со историјата на Скопје како град. За неа знам повеќе од многу други зашто и по мајка, и по татко, барем век и половина водам потекло од овој град. Но во 21-от век, за мене тоа веќе не е битно. Во сите светски метрополи е релативизирано значењето на потеклото на нивните жители. Луѓето таму се делат по други основи и критериуми, економски, статусни и иновативни, односно според нивото на нивната контрибуција за развојот на заедницата. Сакам и Скопје да биде таков град. Постарите не го направија тоа, ама од младите со право очекувам активизам. Токму поради нивниот лесен пристап до информации за се’ и сешто, а најмногу за естетиката, етиката, културата на живеење, културата на урбано однесување и културата на комуникацијата. Нема да ми пречи што Скопје, наместо триста, има скоро седумстотини илјади жители, доколку неговите граѓани се потрудат овој град да заличи на убавите светски градови. Со својата хигиена, со неоскрнавени паркови, со фасади неогрдени со одвратни графити, со балкони и тераси, на кои наместо скапан и дотраен мебел, ќе бидат засадени бокори убаво цвеќе.

Во период кога властите се исклучително активни во визуелната провинцијализација на Скопје, јас сакам да верувам дека позитивната промена ќе ја направат младите. А верувам и дека култивирањето на овој сегашен, вграден примитивизам, ќе придонесе и за култивирање во сите останати сфери. За тоа култивирање е потребна голема енергија. Ние, повозрасните, веќе ја немаме, ама младите ја имаат. Ние само ќе се вклучиме како силна поддршка, како значаен глас, како актери на споредна, но забележителна улога. Ќе бидам пресреќна ако се случи посериозна граѓанска акција на овој план. За доброто на сите. За убав, достоинствен град, за млади што ќе ги почитувам многу пати повеќе и што ќе ги сметам за вистински Скопјани.

А што се однесува до фаќањето богати типови со тнр., простете ми, голтање од првата вечер, за дијалектите, владеењето со ноќниот живот и сличните дребни ставри - тоа се веќе прашања на личен избор. Ама, сигурна сум дека општото култивирање, и искоренувањето на нашиот иманенетен провинцијализам и малограѓанштина, битно ќе ги редуцира и таквите, непријатни феномени.          

         

               

6/24/2012

Одлета птицата со бели крилја

Мимоза Ристова веќе нема да пишува за „Фокус“! Вест на денот или очекуван крај на една приказна за македонскиот интелектуалец? Уморна од бесполезните обиди да го смени правецот на оптичката оска на носителите на моќта, и по малку загрижена за судбината на своето повеќедетно семејство, професорката-Храброст се збогува со публиката жедна за гласност за, како што вели, својот јавен отпор кон неправдите да го хибернира на неодредено време. До некое друго утре.

На оваа жена и’ верував многу. Со сите особини на женска хороскопска шкорпија - извонредно интелигентна, со прецизни сензори за изворите на мракот, духовита и депресивна истовремено, луцидна и бескомпромисна - ја доживував како своја тајна пријателка. Не, не ја познавам лично. Но таа е од оние ретки луѓе кои не ги сокриваат своите таги, својата лутина, разочарувањето, ниту пукнатиот филм, па ако ви се случи вашата интимна болка лесно да ја идентификувате во нејзината бурна и емотивна реч, таа ви станува толку блиска, толку разбирлива, и толку сродна. Професорката која се разбира во некои чудни ствари, какво што е, на пример, развивањето на едноставни тенкофилмови фотодиоди од аморфен силициум за детектирање на не-знам-си-какви ласерски светлини, го разбра и тоа дека нејзиниот ласер не може да го прободе овој наш македонски, закован микро свет, и дека анти-ласерска заштита е инсталирана на секое ќоше, во секоја дупка
.

Ристова, веројатно, ја разбра вечната мудрост дека борбата со среќни робови, како најголеми непријатели на слободата (Мари фон Ебнер Ешенбах), се добива тешко. Таа ги препозна среќата и вознесот на нашиот прероден народ и одлучи повеќе да не му ја расипува идилата. Реши да се повлече во некој самозатаен свет, да стане мајка-матица, чуварка на мирниот сон на своите деца, и да пишува за физички појави чија важност ние не ја сфаќаме. Ама, длабоко во себе, таа е свесна дека нејзиниот сензор за мрак ќе остане на стенд-бај, и дека, кога и да е, неговата акумулирана снага ќе мора повторно да пламне.

Слободата, таа елегантна белокрилеста птица од нашите мечти, лесно ја пуштивме да одлета во непознат правец. Оставивме да замине без претходно благо да ја помилуваме, без да оставиме малку да не’ зарадува. Таа одлета бешумно, а ние се препуштивме на најбазичните земски нагони за имање, грабање, дрпање - нејзините најголеми душмани. Ги гледам главите - тие сега се длабоко наведнати. Го анализирам поклонувањето - тоа е веќе извежбано до перфекција. Ја гледам толпата - таа е толку среќна и спокојна. Белокрилестата убавица без многу пречки се вивна во висините. Некои ја викаа да остане, да почека, да се скроти. Повеќето и’ мавтаа за збогум.              

6/19/2012

Партиска економија

Константното осиромашување на граѓаните во последниве две децении, до ниво на скоро целосна социјална изнемоштеност, е најголемата несреќа што можеше да и’ се случи на Македонија во време кога таа за прв пат ја ужива својата независност како држава. Сонот за демократска земја, тргната по патот што води кон благосостојба, се урна уште на првата рута од патувањето. На тој пат, многу рано се испречија итри левантински игри и подметнувања, политичка невоспитаност, и малограѓанска, коруптивна и грабачка култура. Нашата земја, гледано однадвор, не се претстави како ентитет заинтересиран и посветен на изградба на стабилна економија, во која би се применува(ле) модел(и) на одржлив стопански раст. Погрубо кажано, властите во Македонија не покажаа способност за креирање на здрав макроекономски амбиент, кој би придонел за раст на економијата, особено за подинамично индустриско производство,  зголемена продуктивност и будење на претприемништвото.

Земјата никогаш не оствари посериозен раст на БДП; се позиционираше како држава која не умее да се справи со својата, највисока стапка на невработеност во Европа, и која дозволи животниот стандард на нејзиното, некогаш безмалку европско население, да достигне африканско рамниште. Денес, повеќе од една третина од популацијата во земјата и статистички е прогласена за сиромашна. Во реалноста, ако се следи методологијата за мерење на тнр. субјективна линија на сиромаштија, бројот на сиромашни лица би бил, веројатно, и двојно поголем. Ќе си дозволам да проценам дека причината за овие тажни бројки треба најмногу да се бара во тоталната партизираност на вкупниот државен систем, а преку него - и на целата економија. Н
аместо на прашањата од животен интерес за граѓаните, владите приоритет им даваат на бесрамните апетити на сопствените партиски структури и на своите спонзори од бизнисот. А кога партизмот ќе се наметне како доминантна сила во системите на државата, особено во економијата, таа, државата, се претвора во инструмент за задоволување единствено на партиските интереси, меѓу кои, се разбира, материјалните имаат највисок ранг на значајност. Сите економски логики паѓаат во вода, а законитостите на пазарот престануваат да важат. Политичката енергија, наместо кон витални проблеми, се насочува кон удоволување на бесконечните партиски барања и притисоци, кои се мултиплицираат под влијание на несопирливата човечка алчност.

Пред јавноста, властите лиферуваат приказни за економски чуда. Зад сцената, пак, се одвиваат средновековните игри на партиската економија. Наместо патот на иновација и обид за излез на светскиот пазар, партиските олигархии го одбраа и излобираа за полесниот и покус пат до непроценливи заработки: лесен пристап до јавните набавки на државата. За несреќата да биде поголема, државата се определи за сосема непродуктивни јавни набавки, освен, можда, во градежниот сектор. За да ги подмири упорните новобогаташки елити, државата од нив нарачува мебел, автомобили, компјутери и
бехатонки, набавува злато, мермер и бронза за спомениците на својата епоха, и расипнички расфрла скапи пари на безумни рекламни кампањи со кои ја фали сопствената лудост. Сите тие, еднократно потрошени пари, кои никогаш нема да бидат оплодени бидејќи не завршија во џебовите на вистински претприемачи, туку кај алаплива багра, ќе бидат причина за трајната бедотија на овој народ. Надничарејќи за цркавица од дневница, македонскиот работник веќе не може да ги плати ни сметките за режиските трошоци, кои заради приватизацијата на монополите поскапеа скоро тројно. Создавајќи арогантни, безобразни и ненаситни милионери, државата од својот народ направи долна и јадна работна сила, која и конечно се прости со почитта и достоинството. Стојам на тоа дека милионите на македонската капитал-елита во најголем обем се резултат на тоталната партизација на бизнисот, од една, и длабоката експлоатација на работниците, од друга страна. А невработеноста и натаму изнесува триесет и кусур проценти.

Срам за Македонија е што помогна да се продуцира дрска и коруптивна групација од милионери, и што се погазени уставните права на граѓаните да работат, создаваат и живеат пристојно без оглед на нивните политички ставови и определби. Перфидната новозбогатена група ќе продолжи да биде клучна за изборот на сите идни влади. Со партиската економија ќе продолжат да бидат опфатени само верните на врвот, сега за сега - половина од населението. Партиската економија, бидејќи не создава долгорочна вредност, ќе мора вечно да се бори за одржување на систем што овозможува еднократно голтање на државните пари. Членувањето во партија целосно ќе го изгуби идеолошкиот карактер и ќе биде поврзувано само со егзистенцијални или многу поголеми материјални интереси. И еден ден, а тој ќе дојде, кога касата ќе пресуши, а долговите ќе мора да се платат, кога лесно спечалените милиони ќе се разбегаат по Девствените, Кајманските и Маршалските Острови, народот ќе почне да го бара својот Ципрас или Оланд. Но, не треба да се заборави дека Македонија не е ни Грција, ни Франција. Таа ги нема ктиторите на Грција, ниту традицијата и моќта на Франција. Таа нема позиција да преговара со моќните, а ни моќните не ги интересира судбината на една шака балкански прелажан народ. Народот ќе мора да се помири со живот во феудална земја, во која дури и за поданиците ќе има само за по некоја корка леб и малку толчена сол. Милионерите, со далечинско од Флорида, Бали или Сејшелите, тромо ќе управуваат со бедната феуда и ќе носат на власт нови политички гарнитури за, ако капне уште некоја ситна паричка во земјата, да може и неа да ја пренасочат кон себе, со само еден клик.           

                        

6/15/2012

Петочна мрзеливост

Новата зграда на Парламентот во Грузија
Грузиската влада забрзано работи на отклонување на трагите од заедништвото со Советите. Огромниот споменик на Сталин, поставен со децении во неговиот роден град Гори, пред две години беше демонтиран и однесен во непозната насока. Луѓето тоа топло го поздравија, трауматизирани од долгата и тажна приказна на грузискиот народ под советска доминација. Музејот на Сталин, пак, ќе биде претворен во Музеј на советската окупација. Со посебен закон, државата веќе ги тргна бројните советски симболи, истакнати по зградите ширум земјата.

За да ја покажат својата определба за модерна иднина во цврста, суверена држава, властите во Грузија градат нова зграда на Парламентот. Интересно, Парламентот ќе се сели од главниот град, Тбилиси, во вториот по големина грузиски град, Кутајси. Владата останува во главниот град. И покрај мегаломанската одлука за градење ужасно скап државен објект (46 милиони долари) во време на длабока сиромаштија, како и (скапа) преселба на дел од администрацијата, не е лошо да се погледне архитектонското решение за новата зграда на Собранието на Грузија. Колку за споредба со некои други трендови. 


Н
е е точно дека на Прометеј не му е местото карши Собрание. Баш таму му е местото. Само една друга локација евентуално би била подобра - пред Судска палата. Зашто симболиката е многу јасна: кој многу бамбори, го подучува народот, бара правда, и не се поклонува пред боговите, има да заврши окован и крваво кљуцкан од орлите.


Нашиот Прометеј, за среќа, сеуште е убав и дотеран. Огнот запален од Олимп, додуша, му е веќе во раката, но тој не е тргнат да го дели на народот. И подобро. Не му треба дополнителен оган на народов. И така е веќе изгорен.


З
авчера се видов со едно старо женско друштво, сите до една без партиски книшки. Чисти аутсајдери. Нема муабет на нормална тема. Зборуваат само за некои прочитани книги, рецепти за сушење домати во рерна, и за сезоната за берење мајчина душичка по сончевите падини.  Види, и јас сум без книшка, ама информацииве не ме оставаат мирна. Овие моиве, на пример, појма немаат што рекол Макрадул во Парламентот, ниту што одговорил Бициклистички на тоа од пред Штабот. Абер немаат кој е Насер Селмани, и дека новинарите се пазарат колку евра да кошта клеветата. Врска немаат дека нови милиони ќе одат на каснобарокни катни гаражи, а дека Фондот на ПИОМ се гуши во беспарица. Ми го расипаа ќефот од кафето.

Ми се чудат што фрштам. Јас им се чудам што траат. Се изнервирав што се затвориле во некој свој, аутистички свет, во кој живеат прескромно, тажно штедливо, ама, велат, си го сочувале спокојот. Живеат исто како пред дваесет и кусур години, со надеж дека подобри времиња ќе има за нивните деца. Ги прашав: „Како можете?“ Не добив одговор.


И
сидора Бјелица ноќеска напишала на Твитер: „Што е убаво да си параноичен, се’ ти е некако логично и има смисла“. И нешто подоцна: „ Да ми го нема ова елементарно чувство на слобода на Твитер, навистина би се чувствувала како да живеам тотално цензурирано...“.

Си реков, кога една толку објавувана писателка се жали на цензуриран живот, што пак јас постојано го преиспитувам сопствениот однос кон балканскиов мрак.

А Карл Густав Јунг некогаш одамна предупредил дека „за целосното освестување е потребна болка“. Има различни прагови на издржливост на болка. Се прашувам дали нашиов праг е многу висок, или моите перцепции се погрешни. Одговорот често го наоѓам на социјалните мрежи. Таму гледам дека болката многумина ја чувствуваат исто, ама имаат талент да ја обојат во малку хумор и во малку повеќе иронија. Одличен механизам на одбрана по освестувањето. Ќе го тренирам.

                               

6/14/2012

На денот на отпорот

Нека ме обвинат за анархизам, нека ми налепат етикета на поддржувач на агресија, нека речат дека фаќам страна, ама денешниот протест на опозицијата пред Собранието на Скопје го сметам за прва посилна демонстрација на отпор кон диктатурата во мојата земја. Очите ми се насолзија кога меѓу луѓето, кои својот протест го изразуваа пред бараката на Собранието во која власта ги прекрстуваше улиците на мојот град со имиња недостојни за почит, го видов професорот Трајче Грујоски. Кога на ваков протест, на пеколни летни температури, ќе излезе човек кој навлегол во десеттата деценија од животот, тоа значи дека нешто многу забегало во Македонија. Старецот, кој партизанската пушка ја нарамил уште на почетокот на антифашистичката војна, наместо спокојно, покрај телевизор или со книга во раце, да ужива во своите доцни пензионерски денови, го гледаме возбуден, налутен и зајапурен, како од петни жили се обидува да спаси нешто од кое веќе нема спас. Тој грлен глас на старецот ми се враќа како ехо вечерва и се прашувам дали тој вапај стаса до негде, дали разбуди усул кај некого, дали размрда нечија совест.

Се разбира - не! Искуството е веќе долго, цели шест години, па реакцијата на другата страна, скоро сум сигурна, ќе биде deja vu. И покрај неговата позна доб, и покрај неговата целоживотна посветеност на нашава земја, тој секако ќе биде казнет. Или ќе го лустрираат, или семејството ќе му го оцрнат, или научните трудови ќе му ги оспорат, или ќе смислат друга казна за јавно да го избербатат и устите на нему сличните да им ги затнат. Да замре гласот на побуната, да се замразиме уште повеќе, да се задушманиме за никогаш едни на други да не си простиме.

Ако. Нека не си простиме. Та има ли место за прошка таму каде што те газат твоите некогашни браќа, први соседи или блиски роднини? Има ли место за прошка таму каде што ножот ти го бодат твоите некогашни соученици, другари и колеги? Има ли место за прошка таму каде што од тебе прават флека, те газат, навредуваат и толчат? Веќе не. До пред некое време се тешев дека, кај-и-да-е, разумот и свеста ќе се вратат, и дека овој кошмар ќе сопре. Но откако лудоста фати корења на коров, јас веќе немам надеж. И затоа - нема прошка. Во оваа жална драма, прошката ќе значи предавство. Предавство на сопствените уверувања, на граѓанскиот морал, на интелектуалниот идентитет, на личната гордост.

Сликата на Трајче Грујоски, старецот со дигната тупаница и зарипнат крик, во мене ќе остане врежана како најтажен спомен за овој ден што не смее да се заборави. Тој човек се исправи во 
првиот ред на отпорот знаејќи дека помладите со исти чувства можат лесно да настрадаат ако му се придружат помасовно. Тој храбар старец одлучно ја подаде својата глава пред сечилото на гилотината, како некогаш, во бурните денови на неговата партизанска младост. Ама токму денешните млади, и сите оние помлади од Грујоски, со сочуван разум и непотрошена надеж, верувам во тоа, пораката ќе ја сфатат умно. Дека само повишен глас и крената глава имаат шанса за отпорот да блесне. Повишен глас - за да се слушне до небо, и крената глава - за да се види до кајшто окото стига дека стравот веќе го нема. Зашто, и онака, нема што уште да се изгуби. Овде веќе нема простор за покор.