2/18/2013

Денови на збунетост

Народот не може да биде во доволна мера проактивен ако не располага со коректни информации за суштината на општествените проблеми. Затоа, неколку важни, а неодговорени прашања, се причина за нашата збунетост во овие долги денови на исчекување и мачнина. Сите ние, кои своите ставови ги градиме само врз основа на видливото во просторот на јавната сцена, во моментов се губиме во празнина, не можејќи да одгатнеме што крие опачината на сликата што ни’ се презентира преку гласот на спорадичната алтернатива на власта, од која очекуваме логични и промислени одговори. Но, кај таа алтернатива владее дисонантност. Човек никогаш не може да биде сигурен кој и колку работите ги претставува реално, а колку тие видувања трпат од субјективниот однос или субјективниот товар што го носат на своите плеќи аналитичарите надвор од владеачките кругови.

Небулозно, но вистинито, најтранспарентна во овие мигови е власта. Таа не крие дека единствена работа и’ е да ја оствари мисијата за целосно уништување на СДСМ (и останатата опозиција) - ветување што го даде уште пред некоја година, заедно со наредбата/указот што тогаш писмено го издаде до своето членство. Во таа своја деструктивна преокупација, власта демонстрира извонредна конзистентност, координација и упорност. Годините на поткуп (што ситен, што крупен) на бројни категории граѓани, енормно го зголемија капацитетот за агитација и пропаганда на ДПМНЕ, така што песната за крајот на Бранко, распадот на СДСМ и конечната трансформација на Македонија денес ја пеат стотици илјади грла. Кај тие луѓе не постои никаква дилема за наредните чекори. Ќе биде следен водачот во неговиот поход за крваво сечење на главите на Црвенковски и неговото одвратно опкружување. Во фантастично дизајниран малограѓански манир, мисијата дополнително се набилда со „харизмите’ на идолите од естрадата и спортот, чие невкусно масовно вклучување во битката е со цел да ја победи и колебливоста на неутралните, незаинтересираните или младите со сеуште неоформена идеологија. Воспитната школа, низ која задолжително минува целата оваа армија, функционира без грешки. Сите нејзини припадници зборуваат со ист речник, нивните ножеви еднакво сечат и на телевизиите, и на социјалните мрежи, по целата државна администрација, кафаните, ноќните клубови и улицата. Тој дисциплиниран хор без отстапувања од нотите ја пее едната те иста песна, дури и во отсуство на диригентот.          

Но затоа, во флуидниот простор на другата страна остануваат да лебдат некои неодговорени прашања. Нам, изолираните од политичките кујни и од привилегијата за информираност што ја уживаат само дворските кругови, тоа ни создава непријатно чувство на немоќ и несигурност. Во недостиг на инпути за градење на поиздржана логичка рамка, се губиме во нагаѓањата за можните сценарија што следат и за исходот од веќе предолгата општествена драма. Оттаму неаргументираните расправии по социјалните медиуми, исцрпувачките караници по кафулињата, па дури и несогласувањата во кругот на семејствата. Реков, главна причина за тоа се неодговорените прашања, или уште попрецизно, големите спротивности меѓу одговорите што доаѓаат од различни кругови на опозициски расположените поединци.

Првото и главно прашање е дали опозицијата греши што не оди на локалните избори. Понесени од своите инстинкти и беглото разбирање на правилата на политичките игри, во првите моменти реагиравме емотивно, но очекувавме дека компетентните во областа на политичката теорија и пракса ќе ни’ помогнат  да го изградиме својот конечен став. Но се случи по ова прашање критичарите на власта да се поделат и изјаснат во два сосема спротивни правци. Едните тврдат дека одлуката за бојкот е убиствена за опозицијата, додека другите се залагаат за истрајност во одлуката за невлегување во изборниот процес. Признавам дека контемплациите и на едните и на другите делуваат многу издржано, но во етерот, над сите нив, виси меур од недостиг на информации. Натаму, и едните и другите велат дека настапуваат водени само од сопствената логика, но ние сме склони кај секој од нив да бараме друга заднина за искажаните ставови. Во таа заднина ги наоѓаме нивните поранешни врски или судбини поврзани со партиите од опозицијата; нивните лоши искуства со ДПМНЕ; некои незадоволени апетити од минатото, па и судски процеси што се водат против дел од овие аналитичари. За некои од нив веднаш помислуваме дека одработуваат за некого и под нечиј притисок, за други сметаме дека, едноставно, се одмаздуваат. Како и да е, за нас прашањето останува отворено.

Второто прашање е дали за својата екстремна одлука, опозицијата има обезбедено некаква надворешна поддршка. Имено, во овие дваесет години навикнавме крупните одлуки за земјата да се носат под патронажа или со директно замешателство на меѓународниот фактор. А имајќи го предвид политичкото искуство на Црвенковски, никој од нас не типува на негови суицидални потези, особено во вака комплицирана ситуација. Црвенковски многу добро знае дека играта со оган што ја предводи деновиве, лесно може да заврши со негово прегорување ако направи крупна грешка во чекори. Сепак, и покрај тоа што опозицијата јавно не доби никаков позитивен сигнал од Европјаните или Американците, никој од нас не е до крај подготвен да верува дека Бранко би играл на несигурна карта со странците. Значи, прашањето, во малку преобратена форма, е дали на странците воопшто им е важна демократијата во Македонија и дали во нивната перцепција Црвенковски и натаму е значаен за некоја од наредните етапи на земјата.

Третото прашање е дали Стевче Јакимовски повлече сопствен или изнуден потез. Овој човек, инаку познат по своите мудри политички калкулации долж долгата кариера во политиката, и покрај тоа што постигна да биде привлечен за гласачкото тело, никогаш не изби на врвот на партиите кон кои беше афилиран. Во недостиг на информации, можеме да се приклониме кон опцијата која вели дека Јакимовски одбрал да не ја пропушти својата, можда последна политичка шанса за останување на силна функција во главниот град, макар и за сметка на раскинувањето на љубовта и губењето на можностите што му ги подари Црвенковски. Можеме, исто така, да веруваме дека тој, не за прв пат во кариерата, му свртел грб на своето партиско раководство. Но, исто така, можеме да веруваме и во гласините дека одлуката ја донел под притисок на полициските служби на власта, прифаќајќи ја со тоа улогата на Тројански коњ во партијата што пред неколку години му отвори големи перспективи. Во недостиг на информации, не треба со леснотија да се обвинува овој политички волк, ниту пак безрезервно да се верува во неговите зборови за пожртвуваност и добронамерност кон граѓаните на Карпош.            

Последното прашање е каков е, реално, планот на меѓународната заедница во врска со Македонија, и какви се очекувањата од Груевски во рамките на тој план. Зад оваа, најмрачна загатка, пред која свесно замолчуваат и најупатените познавачи на дипломатијата, се крие клучот, или поточно формулата за иднината на земјата. Ние не знаеме какви се вистинските релации на премиерот на меѓународен план, не знаеме точно чија агенда ќе доживее реализација, и тоа очигледно во скоро време, ниту знаеме која технологија ќе биде употребена за постигнување на целите на таа агенда. Ние, граѓаните без информации, само го имаме злослутното чувство дека нешто не е во ред. Бидејќи Европа и Америка за прв пат поддржуваат недемократски режим во Македонија, затвораат очи пред насилството на власта врз парламентарците и врз гласот на медиумите, не реагираат со загриженост на компонирањето на новата историја, не инсистираат на смирување на разбеснетите политички страсти во земјата, не се резолутни во сопирањето на дрската манифестација на големоалбанските претензии, итн. Свесни за својата минорност во глобалната приказна за интересите на моќта, остануваме со горчливото чувство за лоша завршница.

Нешто ми вели дека во овие мигови намерно се одржува овој информативен мрак за граѓаните на земјава, но уверена сум дека набргу ќе ги добиеме одговорите на прашањата за кои зборувам. Сепак, ме гуши очекувањето дека е многу доцна за некаква посветла иднина за Македонија. Можда многу, многу скоро настаните што следат ќе покажат дека зацврстувањето на позицијата на Груевски преку еднопартиски локални избори, тивкото гаснење на опозицијата, на која за мегдан и’ останува само улицата (и тоа по нејзин сопствен избор), како и улогата на некој Стевче или Милетиќ во целата сторија, биле само добро режирана претстава од страна на режисери кои на крај ќе го сркаат кремот. Тажното во сето тоа е што стапот што ќе мавне овој пат по народот, ќе боли повеќе од било кога.         

3 comments:

  1. Интересен пост, бидејќи имам одговори на сите твои прашања, еве сега тука ќе ти ги кажам. Информативен мрак има во Македонија одамна, но не и за дел од овие случувања што ги спомнуваш.

    1. Не се согласувам дека има недостиг на информации околу прашањето дали СДСМ треба да оди на избори или не. Напротив, многу луѓе отворено за тоа пшуваа почнувајќи од новинари, колумнисти и политичари. Секој застапувајќи го својот став имавме голем број на анализи ЗА и ПРОТИВ бојкотот. Мислам дека грешиш кога воопшто спомнуваш кои се мотивите на некои од овие луѓе. Секој има минато и секој може на еден или друг начин да се поврзе со одреден неискрен мотив за напишаното. Но дали тоа значи дека тоа што го пишува не е точно или релевантно? најдобритге аналитичари во светот имаат дебело политичко искуство, токму и затоа се добри. Она што е важно е секој за себе да оцени дали напишаното е доволно аргументирано и издржано со факти а не која е историјата на тој што пишува. Ова имај го на ум, бидејќи вака како што пишуваш гледам голема доза на предрасуда.

    2. Надворешна подршка СДСМ нема од самиот почеток. Тоа воопшто не е прашање. Значи нема. Една информација за тоа како дејствува меѓународната заедница која е важна за текстов. Странците никогаш нема да извршат сериозен притисок доколку не е нарушена безбедноста во македонија или има закани за меѓу етнички конфликт. Единственото нешто што нив ги интресира е стабилност во регионот и ништо повеќе. Секој кој мисли поинаку многу се лаже. Тие немаат никаков економски или стратешки интерес тука (неаме нафта ние!) туку само скаат да оджрат мир и стабилност. Оттаму, постојанот лажење дека странците го притискаат Груевски е повеќе од смешно. Се што прават тие е давање препораки и посредување, ништо повеќе.

    3. Стевче Јакимовски не е во врска со власта ниту неговиот избор е направен под притисок. Тоа е апсолутно неточно и спин од неговата сега веќе бивша партија. Она што тој го правел изминатиот период е постојано убедување и разубедување на Црвенковски да се оди на избори (како и многу други членови на СДСМ) што не вродило со плод. Неговиот потег, кукавички или не, според мене е ништо друго туку откажување на доверба на лидерот на партијата и начинот на кој тој ја води политиката. Секако има тука и личен интерес, неговите шанси да победи се најголеми заедно со Коневски во Аеродром (ова го имам како точен податок од истражувања).

    4. Има информации (99% точни) дека навистина е блиску решението за името. Тоа треба да го реши Груевски, односно десницата бидејќи на тој начин ќе се одржи мирот во земјата. Во спротивно ако го реши левицата, десницата може да го искористи во дневна политика и протести додека левицата тоа нема да го направи. Плановите на меѓународната заедница се во блиска иднина ова да се реши.


    ReplyDelete
    Replies
    1. Драг Никола, ме радува што текстот го предизвикал твојот интерес. Го напишав за да ја доловам конфузијата на делот од гласачкото тело, кој е заинтересиран барем минимум компетентно да ја донесе одлуката за својот однос кон изборите на 24 март, но и потоа.

      1. Не сум била успешна во презентацијата на својата размисла ако од текстот си сфатил дека немам почит кон оние со опозициски поглед, кои се одважија јавно да ги упатат пораките во врска со бојкотот. Впрочем, во статијата ја потенцирам нивната валидност и аргументираност. Но, подеднакво се чинат аргументирани ставовите и на оние про, и на тие контра. Тоа никако не ја намалува конфузноста кај граѓаните, атакувани секојдневно со фантастично скроени канонади, обично спакувани по теркот на актуелната власт. Кога атаците на власта коинцидираат со ставовите на некои од опозициски расположените аналитичари, збунетоста уште повеќе расте.

      2. Отсекогаш сум се залагала за носење единствено на ИНФОРМИРАНИ ОДЛУКИ. Текстот објаснува колку е голема информативната дупка пред која е испречено гласачкото тело. Поточно, колку е тешко да се направи дистинкција помеѓу тоа што е информација, а што манипулација. Ќе признаеш, колку човек и да се цени себе си за паметен/разумен, НЕМОЖНОСТА да ги издвои вистинските факти од манипулативните содржини, станува ѕид пред неговото трагање по светлиот излез.

      3. Ми даваш некакви одговори за Јакимовски. Жалам, но во твоите зборови повторно не наоѓам аргумент. Чинам дека тебе, мене, на сите нас, тоа ќе продолжи да ни’ недостасува. Немој да ми кажеш дека политиката е таква насекаде. Да, но случувањата во политиката кај нас не резултираат само во прост избор на полеви или подесни, туку во одлуки за луѓе за кои се прашуваме дали воопшто им е станато за Македонија. Разликата е огромна.

      Поздрав

      Delete
  2. Апсолутно не те сфатив дека немаш почит кон оние со опозициски поглед, воопшто тоа не го кажувам никаде. Јас кажувам дека доволно информации ЗА и ПРОТИВ како и издржани анализи. Тоа што никогаш не може никој да биде сигурен кои се мотивите за дадена анализа е небитно! Тоа никогаш нема да се промени и не е поразлично верувај ми на други места во светот. И во Times, Guardian ит н имаш про опозициони и провладини колумнисти новинари. Политичката наклонетост не значи по дифолт некоректна анализа.

    Во однос на информативната дупка, прочитај го текстот кај мене на блог денеска. www.blog.rating.mk

    Супер ти е блогот ќе го следам и во иднина. Поздрав

    ReplyDelete