Постојниот неефикасен и брутален систем на владеење во Македонија се одржува толку упорно благодарение на младите генерации. Тоа е популацијата родена по средината на осумдесеттите години од минатиот век, генерација која во своето помнење го има само периодот по независноста на земјата и транзицијата кон новиот облик на општествено-политичко и економско уредување. На таа генерација, претходниот систем и’ е претставен како утка во секоја смисла на зборот. Утка од аспект на демократијата, утка како економски модел и утка како пристап кон државотворноста и суверенитетот на земјата. Цели две децении по осамостојувањето, беше сметано за целосен ерес ако за времето на Македонија во Југославија се изустеше било каков понежен збор. Првите етикети за предавништво беа, впрочем, лепени токму на темата на југословенството. Кон тоа беа придодавани и етикетите за неспособно комуњарство ако некој се дрзнеше да спомне дека во социјализмот се живеело подобро. Оваа млада генерација израсна воспитувана под влијание на ваквите етикети. Никола Груевски тоа одлично го укапирал и главниот дел од лукративната трговија за добробит на својата прекомотна фотеља ја води со овој популациски сегмент. Својата убиствена, антинародна доктрина феноменално ја практикува врз јунците на транзицијата. Тој широко ги отвори вратите на партијата за послушниците на диктатурата, им обезбеди лагодни државни работни места, здушно ја наградува послушноста на младите, и несопирливо ја ампутира младешката слободна мисла. Младите научија неуморно и групно да му аплаудираат на водачот. Научија дека обожавањето на пастирот значи влезница во зоната на подобриот живот. Научија дека сите што не пеат по партитурите на партијата го заслужуваат дното, пендрекот, пеколот.
Мора да се признае дека за добар дел од анимозитетите натрупани кај овие млади луѓе постои реална основа. Тоа се синови и ќерки на изгубената транзициска генерација родители. Тие родители се луѓето кои во овие дваесет години изгубија безмалку се’ поврзано со пристојниот живот: прво работните места, а со тоа и можноста за барем скромен граѓански живот, сигурноста на било какви приходи, здравственото осигурување, можноста за натпревар на пазарот на труд и правото на пензија. Во главите на нивните деца беше утувено дека вината за сите зла лежи во социјализмот и во комуњарските влади од деведесеттите. А за доказ за таквите тврдења не требаше да се гледа многу широко. Секое семејство го почувствува виорот на приватизацијата и умирањето на најголемите македонски фирми, незаконското создавање на одвратната капиталистичка елита и беспримерното паѓање на цената на трудот. Младите луѓе научија дека треба да се погази се’ што потсеќа на тоа минато. Тие безрезервно се вклучија во новата ментална стихија, која успешно одглуми расчистување со старите неправди. Младите не ја доловија погубноста на новиот „поредок“, на ламјата на „преродбата“, се впуштија во опасната авантура на рушење на се’, а со тоа и на државата. За да се ограничи критичката мисла, се изврши деградација на образовниот систем, се осуети секој обид за слободна интерпретација на стварноста и се инхибираа шансите за развој на демократскиот профил на младата генерација. Денешните „успешни“ млади Македонци се армијата апологети на диктатурата, заедно со подмладокот на безочната ајдучка олигархија. Тоа миље, таа критична маса, ќе биде носител на иднината на Македонија.
Ниедно од тие деца не знае дека проблемите на оваа земја не лежат доминантно во претходниот систем. Тие не знаат дека во зададените, ригидни амбиентални оквири на тој социјализам, Македонија направи многу, навистина многу. Дека од една длабоко провинцијална, супер бедна и необразувана земја, таа за само 45 години стана индустриска економија. Дека создаде добро едуцирана работна сила, во која предничеа одлични инженери, лекари и квалификуван технички персонал. Дека државата разви компетентна државна администрација, дека се почитуваше уставниот и правен поредок, дека полицијата беше народна, дека во образованието наставникот беше личност со респект. Дека се изгради македонскиот литературен јазик, дека Македонија културно се прероди, дека урбанизацијата, и покрај скромните средства, се одвиваше според принципите усвоени во модерниот свет. Да, системот не беше парламентарен и демократски во посакуваната форма, но беше ваден максимумот од можното. Токму за да се оствари сонот за целосно достигање на благодетите на демократскиот развој, се влезе во изградба на новиот систем, оној во кој поединецот требаше да го вклучи својот потенцијал, да го аплицира за свое и за добро на целата земја.
Но тоа не се случи. Државата, наместо средина во која ќе дојде до експлозија на енергијата за создавање, се претвори во извор на моќ што овозможува непречено и неказнето грабање, крадење, угнетување и уништување. Граѓанинот стана неважен. Од него се бара да биде вазал на бескрупулозната моќ на владетелот или, во спротивно, да умре од глад. Всушност, категорија „граѓанин“ не постои. Постојат само гласачи и партијци на едната страна, и безвредна раја, аморфна маса на другата страна. Младите на власта, а ги има илјади и илјади, не го гледаат тоа. Тие се заблудени од волшепството на диригентската палка на диктатурата, па во својот поход кон имањето и поседувањето го изгубија невиниот лик на младешката убавина. Тие се војска на разорувањето. Како секој добар војник, младиот човек денес не треба да мисли; тој само извршува. Што подобар во извршувањето, толку понаграден и поттурнат кон врвот. Што подобро аплаудира, толку повеќе бенефиции. Што помалку зборува, толку поделикатни позиции добива. Колку повеќе ги мрази другите, толку повеќе опстојува на врвот.
Овие млади не знаат дека општество втемелено на делба, прогон и омраза е осудено на пропаѓање. Тие не знаат дека ние веќе сме во граѓанска војна. Дека не е војна само ако пушки и тенкови ечат наоколу, туку дека семето на омразата разорува повеќе од куршумите. Дека во тој трул социјализам, кој ги изгради улиците што Коце денес само ги преасфалтира, се коваше систем против омразата и делбите, само за да опстане Македонија.
Најважното што овие млади не го знаат е дека држава не може да прават недоветни, безмилосни, со омраза и презир обременети луѓе. Правењето држава е проклето тешка, креативна и преодговорна работа. Ако на државата гледаш како на цицка-доилка, таа не трае долго. Млекото пресушува ако не му даваш храна. Храна на млекото за државата се љубовта, работата, создавањето, почитта, конкуренцијата и слободата. Овие млади на власта ниту имаат љубов, ниту работата ја сфаќаат како глагол, ниту имаат порив за создавање, ниту негуваат почит кон другиот, ниту знаат што е слобода. Не само што не знаат за слободата; тие од неа се откажале уште пред да ги осознаат нејзините топли ходници. Не само што се откажале од неа, туку ја сметаат за грев што треба најсурово да се казни, каде и да бликне, каде и да затрепери.
Овие млади на власта треба да знаат дека не е социјализмот тој што го посеа семето на злото по Македонија. Злото го посејаа алчни и неписмени, грабливи и агресивни, фрустрирани и недоучени луѓе. Социјализмот, ваков-таков, беше воспоставил барем некакви брани против тие зла. Кога паднаа столбовите на тој систем, во масовното „ослободување“, се ослободи и семето на злото, па сега ќе го најдеме по долините на реките, по полињата и планините, по кривудавите улички на провинцијата и по трошните штали во селата. Семето на злото се продуцира во барокната престолнина, се распрашува низ каналите на валканата пропагандна машинерија, а се обновува постојано по темните дупки на диктатурата и тиранијата. Младите не знаат дека мирисот што се шири на сите страни не е мирис на успешна држава што ги победила црнилата на социјализмот, туку дека тоа е реа на злото што ќе ја уништи таа држава. Реа од болните мисли на луѓе, а не реа од некој одамна заборавен систем.
Навистина темелна претстава на причините и последиците. Браво!
ReplyDeleteБлагодарам, со желби за подобри денови.
Delete