1/26/2013

Белите крвни зрнца на отпорот

Многу пати си го поставив прашањето за генезата на актуелната диктатура. И исто толку пати дојдов до идентичниот заклучок дека теренот бил просто неподносливо податлив за раѓање на тоа зло. Само што нас очите ни’ биле затворени како на слепци, а очекувањата од иднината ни’ биле замаени под влијание на мимикријата на европските и намерите на некои други таканаречени пријатели. Во 2006-та, всушност, се’ наоколу мирисаше на голем пресврт. Огромната невработеност, трагичните последици од етничката војна завиткани во документи испишани со туѓ ракопис, лузните од хроничната нестабилност на земјата во периодот по независноста, кревкоста на уставните решенија за државата и потклекнувањето пред заповедите на светската моќ, сето тоа беше одлика на тој македонски изборен амбиент. Месеци пред изборите, што по кафани, што по медиуми, се плетеа приказните за неминовниот пад на тогашниот премиер. Од некоја невидлива кујна, се ширеше врела пареа како од огнови на вулкан во штотуку почната ерупција, но не паметам дека некој умен навести дека тогашната тага ли, апатија ли, ќе биде заменета со нешто толку ретроградно, какво што е она кое набрзо потоа реално се случи.

Диктатурата, како начин на владеење, беше безочно спроведена буквално уште првиот ден од стапувањето на должност на новата влада. Помнам како на нејзината прва седница, имено, со една единствена одлука беа разрешени стотици и стотици функционери без, при тоа, да се мине низ неопходната формално-правна, законска процедура. Таа незаконска одлука, тој чин без скрупула, тоа невидено самоволие, го прочитав како пресуда на прекиот суд. Како катил-ферман испишан со илјади имиња на осудени без судење, виновници per se, злосторници според мерилата на единствената правда-правдата на власта. Како декрет на апсолутниот господар, издаден против припадниците на непријателската страна. Се сетив во тој момент на зборовите на мојот комшија вмровец, кој на неколку дена пред изборите ми рече: „Ќе видиш сега како се’ ќе биде наше. Најпрвин, некаде околу 50 илјади работни места“. Во тој момент ме обзедоа морници, но не поверував во таков исход. Го сфатив тоа како дел од внатрепартиските предизборни ветувања. Но, се излажав. Пресудата изречена на првиот ден од владеењето на новата власт ми беше сигнал дека ниту комшијата мене ме излажал, ниту него го излажале во штабот. Да не бидам сфатена погрешно, никој не очекуваше дека луѓето што беа опфатени со „пресудата“ од првиот работен ден на владата, или барем најголемиот дел од нив, ќе останат да ги вршат своите функции. Но беше нормално сите промени да се вршат во согласност со законите на државата. Тоа почитување на законот ќе значеше само некоја владина седница плус, малку дискусии по некакви комисии, нешто во Собранието, и ништо повеќе. Но, јуришничкиот, агресивен и нестрплив ѓавол на диктатурата не сакаше да си го губи времето со законите. За тој ѓавол, преземањето на власта значеше право во истиот миг да се анулираат сите останати важечки права, било индивидуални, било институтционални, на патот до трајното владеење со државата. Да потсетам дека за таа своја незаконска одлука, власта инстантно издејствува Врховниот суд да се прогласи за ненадлежен во случај на жалба поднесена од некој од „осудените“. На тој начин, таа ја демонстрираше својата недвојбена намера брзо да завладее и со судската власт, како и со сите други сегменти на системот во годините што доаѓаат.

По таа прва владина седница, на која преку голема врата беше инаугурирано самоволието како метод на управување со државата, се’ натаму беше резултат на нови и нови разноразни декрети. А за да се обезбеди целосна функционалност на декретите како инструмент за апсолутно и беспоговорно спроведување на волјата на власта, беше потребно да се отклони опасноста од евентуално влијание на спротивните мислења во општеството. За таа цел, беше применета, а и до денешен ден со несмален интензитет се применува тактика на масовно/групно хипнотизирање на народот, во комбинација со предозирано ширење на тешка ментална зараза. Тактиката е таргетирана кон величање на секој потез на власта, при истовремено највалкано блатење на опозицијата и омаловажување, дури и вреѓање на слободната мисла и граѓанските права. Многу умешно, дрско и бескрупулозно, опозицијата и најголем дел од граѓанскиот сектор беа етикетирани како виновници за „предавството“ на земјата пред албанскиот, грчкиот и секој друг непријателски фактор. На народот во континуитет му се пласираше приказната дека „државата ја изгубивме од премногу предавничка демократија“ и дека поради тоа „сега е дојдено време за цврста, патриотска рака“. Почнаа делбите на патриоти и предавници, на Македонци и немакедонци, на заслужни и виновници, на преродбеници и комунистички декаденти, на жртви и кодоши, на подобни и неподобни, на чесни и нечесни, верници и неверници. На големо јато од народот му се поттури под носот капка отровен опијат, чие дејство, се чини, сеуште трае и не стивнува. Со декрет беше воведена омразата како храна за змиите што го разделија народот. Омраза која толку нарасна во овие седум години, што ниту некогаш ќе може мирно да стивне, ниту ќе може трајно да се искорени.

Диктатурата ги минува пред наши очи своите развојни фази. Ја искусивме нејзината мегаломанија, нејзиниот епохален невкус, нејзината тешка рака на тиранин, нејзината перверзна самобендисаност, нејзиното хипокритично умилкување на народот, колнењето во нацијата, но и беснеењето со народните пари во име на народот, создавањето дела за незаборав по теркот на најтешките психопатологии и уништувањето на трагите од минатото. Сега како да сме на прагот на можда најопасната фаза - фазата на залезот на моќта, кога, по правило, се засилува паранојата, а со тоа и пресметката со оние на другата страна. Почнува времето на ќотекот, на пендреците, на модринките, на солзите на невините и на потребата од појачано обезбедување на господарите. Дали ова ќе биде и време на крвави пресметки - ќе видиме. Ќе зависи тоа и од таканаречените пријатели.

Отпорот што деновиве е во зародиш треба да се избори против менталната зараза на диктатурата, како што белите крвни зрнца се борат против најтешките телесни инфекции. Отпорот мора точно да ги дијагностицира најдлабоките извори на заразата за потоа да може да примени соодветни средства за спротивставување на болеста. Како кај секоја тешка инфекција, на телото на отпорот ќе му бидат потребни и време, и дополнителни медикаментозни средства. Затоа што моќта на диктатурата е енормна и секоја грешка на отпорот може лесно да биде претворена во пораз. Мислам дека најмоќното оружје во рацете на отпорот е вистината за диктатурата и тиранијата. Таа мора да се објасни, таа дури мора и да се докажува, колку и да е видлива за дел од луѓето. Народот е тој кој треба да ја препознае заблудата, својата прелажаност, своите изгубени илузии. Народот е тој кој самиот треба да ја почувствува потребата за демократија, како потреба за нормален, достоинствен човечки живот. Од кој веќе му се неповратно одземени цели седум години.  

                                 

1/10/2013

Рејтинзите на Македонија и лагата

Нешто што никој не може да и’ го оспори на актуелната македонска власт е извонредната ефективност на нејзината пропагандна активност, изведувана преку подло, но целисходно организирана монструозна машинерија. На домашен терен, власта успеа целосно да го репозиционира јавното мислење, не само во однос на виталните животни прашања на граѓаните и нивниот однос кон државата, нацијата, економијата и социјалниот живот, туку уште поважно, и во однос на клучните вредности на демократијата. Претежното јавно мислење на македонските граѓани, како што покажуваат резултатите од повремените анкети, е под интензивно влијание на агресивната, нелојална и екстремно манипулативна пропаганда на власта. За механизмите на манипулацијата, инструментите на пропагандното влијание и последиците од менувањето на македонската граѓанска свест, за жал, постојат мал број егзактни истражувања. Карактеристично за земјите со минимум демократска сила, и во Македонија, под притисок на акумулираниот страв или на задушениот интелектуален изблик, не се објавуваат емпириски поткрепени анализи што би ја разоткриле тоталитаризацијата на општеството во сферата на општите, но и на посебните граѓански слободи. Критичките осврти се, најчесто, резултат само на квалификувани опсервации и проценки.

Ефективноста на пропагандата на власта, меѓутоа, се покажа одлична не само дома, туку и во меѓународни рамки. Власта точно ги идентификуваше потребите на глобалниот неолиберален поредок, па преку тнр. реформи, односно преку креирање на законска рамка по вкус на крупниот светски капитал, веќе неколку години по ред си купува прилично силен ранг на разноразни скалила со кои се вреднуваат некои специфични аспекти на македонскиот општествено-економски амбиент. Треба да се има предвид дека тие интернационални рејтинзи вообичаено се доделуваат од страна на агенции или институции чиј интерес е најмногу насочен кон утврдување на корелацијата на карактеристиките на локалниот амбиент со преференциите на глобалниот капитал. Во принцип, ним не им се најзначајни перцепциите, ставовите и реалните искуства на локалното население и бизнис, туку условите за оплодување на крупниот светски капитал преку колонизирање на послабите економии. Нашата власт, обезбедувајќи им неподносливо атрактивни услови за економски операции на големите мултинационални компании, но и шетајќи по светот со пауер поинт презентациите за вечната земја со луѓе кои за странците ќе работат од љубов, а не за пари, успеа да се презентира како мала држава со висок реформски капацитет. Резултатот е дека Македонија, државата со африканско ниво на невработеност, сиромаштија, глад и демократија, на тие меѓународни рејтинг листи ќе ја најдеме некаде на врвот, меѓу најарните.

Еден од рејтинзите со кои владата мафта по светот, но и по прес конференциите во земјата, е оној од извештаите на Светската банка, познати под насловот Doing Business
Овие извештаи ги рангираат земјите според атрактивноста на нивната бизнис клима, што ќе рече - според тоа колку во тие земји парите се рамножуваат по вкусот на меѓународниот капитал. Ако ѕирнеме во извештаите за овој рејтинг, Македонија по 2006 година прераснала во мало економско реформско чудо, Мека и Медина за правење бизнис. Авторите на извештаите, се разбира, не навлегуваат подалбоко во податоците за македонската макроекономска состојба. Тие не се прашуваат зошто, во толку посакуван деловен амбиент, работи целосно неефикасно стопанство, зошто економијата е заснована на увоз, зошто неликвидноста ги убива компаниите и зошто владата е главен работодавач, финансиер и цицка-доилка. Овие извештаи не се занимаваат со структурата на БДП-то, со економските логики на државниот буџет или со условите за стопанисување на малиот бизнис. Социјалната мапа на Македонија ја перцепираат тотално обратно од нас: колку што ние сме понесреќни со сопствената беда, толку тие се посреќни што пронашле толку бедна популација, подготвена да стане нивни економски роб.

Меѓу последните рејтинг-извештаи е оној за степенот на економските слободи на земјите. Овие извештаи уште од средината на 1990-тите години ги објавуваат Фондацијата Херитиџ и Вол Стрит Журналот, два еклатантни експоненти на глобалната неолиберална акција. Според последниот извештај, од вкупно 177 анализирани земји, Македонија се нашла на 43-то место. Извонреден рејтинг, нема што. Но ако ги погледнеме индикаторите според кои земјата го добила овој ранг, и доколку истите тие индикатори би биле оценувани од страна на барем 90% од домашните бизнисмени или слободни истражувачи, сигурна сум дека земјата стрмоглаво би се струполила кон дното на ранг-листата. Еве, имено, на кои индикатори почива извештајот:



  • Права и слободи од областа на сопственоста
  • Слобода од корупција
  • Слобода на бизнисот
  • Слобода во областа на трудот
  • Монетарна слобода
  • Трошења на владата
  • Фискална слобода
  • Слобода на тргување
  • Инвестициска слобода
  • Финансиска слобода


Како најрелевантни мислења при подготовката на овие извештаи се земаат пред се’ оние на странските инвеститори во земјата, па оние на крупниот домашен капитал, мислењето на банкарите и остнатите финансиски институции, изјавите на претставници на власта, администрацијата и судството, неколку домашни стручњаци, по некој меѓународен донатор и толку. Најголемиот дел од нив, очекувано, имаат причина или, во најмала рака, интерес земјата да ја прикажуваат порозово од реалното. Па така, според овој последен извештај, сопственичките права во Македонија се добро заштитени; корупцијата е во „дозволени“ граници; бизнис лесно се отвора и затвора; работното законодавство е одлично; компаниите слободно си ги формираат цените, а државата скоро ич не се меша во тоа; владата пристојно управува со буџетот; даночните и останати фискални оптоварувања на компаниите и граѓаните се исклучително ниски; скоро да не постојат бариери за тргување; за инвестицискиот капитал скоро и да не постојат ограничувања, а банките се слободни и независни во управувањето со парите. Така вели извештајот, а владата набргу ќе почне да се чатали со одличниот ранг. И навистина, законската покриеност на овие области во висок степен корелира со рангот. Но каква е реалноста? Колку економските активности се одвиваат во границите на законската подлога? Моето мислење е дека вистината поврзана со секој од овие индикатори треба да се побара зад скриената долга рака на политичката моќ и на нејзината омилена игра - корупцијата. Да провериме преку неколку посвежи или попознати примери дали грешам или не. Сите примери се, навидум, приказни завиткани во чиста законска процедура, но зад секој како да надвиснала темна сенка на нетранспарентност, сомнителна зделка, полтички налог, криминал или финансиска диктатура. Без никакви коментари, само ќе ги наредам.

За заштитеноста на правото на сопственост да го земеме примерот на ТВ Алфа или скопска Топлификација. За слободата од корупција да погледнеме во сајтот на системот за електронски јавни набавки на владата. За слободата на бизнисот да ги анализираме стечајните постапки во земјата. За квалитетот на работното законодавство да ги прашаме независните синдикати. За монетарната слобода и ценовната контрола да се задлабочиме малку во системите за формирање на цените, особено на оние на (полу)монополските компании и работата на Регулаторната комисија за енергетика. За трошењата на владата да се прошетаме низ центарот на Скопје и низ рекламите на владата по телевизиите и печатените медиуми. За фискалната слобода да ги прашаме бизнисмените кои се’ давачки им се на товар, покрај толку рекламираниот низок рамен данок. За слободата на тргување да ги прашаме малите компании кои се откажаа од увоз-извоз уште пред да истече првата година од нивниот бизнис. За инвестициската слобода да го прашаме Фиат Цановски. За слободата и независноста на финансискиот сектор, да ги прашаме банките-купувачи на државни записи и обврзници, или приватните пензиски фондови, итн.

Но, странците сето ова не ги интересира. Власта, преку своите методи на контрола и сеење страв, ги присилува домашните оценувачи да се произнесат што попозитивно кога биваат интервјуирани од странските агенции, а преку пропагандната ламја, ги убедува и самите странци дека тоа што го слушаат - ќе го затекнат и на терен. Како поткрепа, на секој ебен надворешен инвеститор власта му дарува услови за работа како од бајка. И така, кучињата си лаат, а карванот си врви. Селаните од Делчевско ќе слушнат на вести дека Грујо донел уште еден висок рејтинг, без оглед на тоа што за значењето на поимот економска слобода тие никогаш нема да отворат книга. Малиот бизнис ќе се „дрви“ на рекламата за 240.000 евра поддршка што ќе ја добие од владата во 2013; земјоделците ќе се радуваат на ветувањата за ланските субвенции од овогодишниот пендрек-буџет; банките ќе си трпат рекет за сметка на нешто помали, но сигурни ќарови; една шака фирми ќе кркаат телешко, а сите ние ќе се гушиме во смрдежот на бескрајната реклама. Важно е дека 
економската слобода, по теркот на крупниот капитал, навлегла во ткивото на политичката неолиберална елита и во перфидното мастило на глобалната економска анализа. Целта е постигната. Секој потез на власта што нам, на кои ни’ останал барем минимум разум, ни’ изгледа како смртоносен, всушност ги наполнил џебовите на оние што ја сочинуваат светската привилегирана елита. На која полека и’ се придружи новата македонска, политички компонирана и гоена олигархија. Среќна Нова Година!