12/16/2012

Црвенковски како жртва на Милтон Фридман

Бранко Црвенковски мора да се помири со фактот дека тивкото, но несопирливо паѓање на неговиот рејтинг, се должи најмногу, ако не и целосно, на неуспехот на неговите економски реформи од деведесеттите. Десет пати нека ги нема Бучковски и Бузлевски во редовите на СДСМ, во партијата постојано нека се активираат нови и неизвалкани лица, нека се кандидираат еден по еден какви сака локални угледници за градоначалнички места, нека се воведуваат популистички ноти во партиските партитури - сето тоа нема да биде доволно за партијата да и’ се спротивстави на беспоштедната пропаганда на власта против Црвенковски, во која тој е прикажан како единствен виновник за економската пропаст на Македонија. ДПМНЕ и натаму ефикасно игра на таа победничка карта - блатење на економската доктрина на Црвенковски, па со секојдневно потсетување на македонската транзициска трагедија, откинува парче по парче од лидерскиот кредибилитет на водачот на опозицијата.

Нема дилема дека нешто слично еден ден го чека и Груевски. Неговите бесмислени и погубни политики веќе подолго време се под удар на трезвениот дел од нацијата. Проблем е што тоа сеуште не го гледа плебсот, на кого, по правило, секогаш му се потребни извесна временска дистанца и политичка сила, која сето тоа ќе му го објасни на соодветен начин. Како во случајот на Црвенковски, кому на плеќите му се товари и „предавништвото“ за името и територијалната организација на земјата, Груевски ќе мора да се соочи и со последиците од играта со историјата и идентитетот на Македонците. Затоа што сега, пет години подоцна, таа игра не само што придонесе светот да се подбива со нас, туку и направи народот да се подели на два различни македонски подентитети. Ни Црвенковски ни Груевски - типично за суетни претставници на политиката, не се освестија на време од опиеноста поврзана со нивните најважни одлуки за нацијата.

Денес е јасно дека Црвенковски е жртва на сопствената послушност пред неолибералниот економски диктат на ММФ и Светската банка во текот на транзицијата. Овие две институции беа ладнокрвни извршители на идејата на водечкиот селебрити-економист од тоа време, Милтон Фридман, за саморегулирачката моќ на пазарот. Не само кај нас, туку и во целиот свет, Фридман стана економски бог. Затоа е прашање дали Македонија, така мала и така слаба, во тоа време имала некаков друг избор во врска со правецот на реформите. Тоа ќе го покажат историските записи. Но, вистината е дека ММФ и Светската банка прилично лесно ги ставија под свое главните економисти на Црвенковски од средината на деведесеттите. 
Дел од тие луѓе одлуките за реформите ги спроведуваа под притисок на Владата, но меѓу нив, да не заборавиме, имаше и вистински пазарни фундаменталисти, кои успеаја од своето опкружување да ги елиминираат сите оние кои се обидоа да им се спротивстават на мерките на шок-терапијата. Неолибералниот концепт беше во тренд. Тој како стихија се ширеше по земјите што се ослободија од советскиот, соцреалистички стопански модел, а како успешни стории беа прикажувани економии кои на кус рок постигнале добри резултати, како Унгарија или Ирска, на пример. Никогаш, меѓутоа, не беа анализирани примерите на земјите од Јужна Америка, во кои неолибералниот модел беше тестиран далеку претходно. Треба да се потсетиме дека во тие јужноамерикански држави системот беше воведуван со сила и диктатура, а дека неговата примена резултираше со пролеана крв на илјадници убиени и злоставувани луѓе. Скоро во сите овие земји неолибералниот модел на крај заврши со колапс на економиите, а опоравувањето го донесоа некои нови и независни развојни решенија.

Познато е дека антипод на неолиберализмот, како модел „непријателски“ за народот, е кејнзијанството, кое се заснова на идејата дека улогата на државата треба да биде силна во регулирањето на пазарот и во придвижувањето на развојот. Познато е, исто така, дека македонскиот народ историски најмногу се развил токму во време кога државата имала пресудна улога за подемот на нацијата, во социјализмот. Илјадници пати е повторувано дека несреќата на Црвенковски е што прифати неговата левичарска партија да го фати патот на неолибералната реформа, целосно спротивно на нејзината природна идеологија, а Груевски да го искористи моментумот, па својата десна партија да ја кејнзијанизира и да го зашемети народот. Овие времиња, во кои премиерот вешто игра на божемната програма дека „државата прави за народот“, испадна курентен производ на сиромашниот пазар на политичка понуда на која се изложени нашите граѓани. Груевски, во суштина, никогаш не го напушти неолибералниот модел, туку зулумот на неговите темни краци само кусорочно го маскира со туѓи или незаработени, зајмени пари. Затоа, во очите на народот Црвенковски е човекот кој им земал, а Груевски е оној кој дава. Не е важно што од касата на Груевски наскоро ќе се слуша ехото на испразнетоста. Не е важно ни што нашите деца и внуци ќе пцујат за растрошноста на народњакот кој го искористил Кејнз за своите итри, а промашени цели. Сето тоа уште не се гледа. Но важно е, и се гледа, дека Црвенковски е едно од бројните чеда на Фридман, по кои сега мава и плука целата земјина топка, па со неа и овој неук, беден и вечно лажен народ.          



 

No comments:

Post a Comment