2/18/2012

Приказна за скопските стоковни куќи

Разгледница од Скопје во 1970-те
Кога ќе помислам малку, во Скопје во седумдеситте и осумдесеттите баш и можеше да се направи добар шопинг. Се разбира, бевме млади и никогаш не бевме сосема задоволни од понудата во продавниците, особено од конфекцијата. Причина за тоа беше што југословенските конфекционери најчесто доцнеа по година-две со моделите актуелни во Европа, а конфекцијата во нашите продавници, во најголем дел, беше југословенска. Ние, пак, бевме добро информирани за трендовите бидејќи, фала богу, на располагање имавме доволен избор од странски модни  писанија. Јас конкретно си купував неколку. Омилен ми беше германскиот Freundin, но не помалку ги сакав и Brigitte (исто така германски), и италијанските Grazia и Gioia, кои, за волја на вистината, доаѓаа на киосците во многу ограничен број, така што секој од нас си фаќаше врски со некој од продавачите за да ни’ сочува примерок под тезга. Да не заборавам, за модните случувања во фешн метрополите се информравме и од бројните домашни женски списанија. Јас ги читав белградскиот Базар и загрепскиот Svijet.

Значи, знаејќи што се носи „на запад“ во моментот, често бевме разочарани од  aсортиманот презентиран во скопските излози, па со модните списанија под мишка одевме кај семејните шивачки и си порачувавме тренди модели. Најголемите помодарки патуваа до Трст, макар што таа шопинг-Мека за нас беше доста далеку. Но затоа, за другите тука беше Солун. Нејсе, реков дека, сепак, и Скопје пружаше убави можности. Главните места за купување беа лоцирани во строгиот центар. Најголем избор наоѓавме во стоковните куќи. Имаше три престижни стоковни куќи, со навистина убава роба. Едната беше БЕКО, сместена во зградата на денешниот хотел TCC Plaza. БЕКО беше белградска фирма (името е кратенка од нејзиниот полн назив, „Београдска конфекција“) со одлична репутација на пазарот, стекната со квалитетот и изборот на производите што ги пласираше во својата трговска мрежа. Денес оваа фирма е во стечај и тоа што остана од нејзините стоковни куќи се нуди на продажба, како објекти. Посетата на скопската стоковна куќа БЕКО беше пријатно доживување. Сместена во модерен објект (колку што паметам, зградата беше проект на архитект Мимоза Томиќ од Заводот за урбанизам) и со фино решен ентериер, таа беше организирана на неколку нивоа, токму според светските стандарди. Во подрумот беа изложени производи за домаќинството, па таму можеше да се купи се’ за домот, вклучувајќи „бела техника“, ТВ и аудио опрема, кујнски предмети, опрема за обедување...баш се’. Во приземјето имаше неколку оддели, меѓу нив одделот за деца, оној за долен веш, па пешкири, козметика, а имаше и оддел за рачна работа, во кој имаше голема понуда на „волница“ за плетење (ах, сите наши баби и мајки плетеа за нас), конец за вез, гоблени и хеклање. На првиот кат беа сместени два посебни оддели – машка и женска конфекција и чевли. И лесната и тешката конфекција беа со висок квалитет на материјалите, убаво дизајнирани и, што е најважно, моделите беа достапни во сите величини. Такво нешто денес не може да се замисли. На вториот кат беа сместени одделите за подни покривки и рекреативна опрема (кампинг, спортска опрема, опрема за градини и сл.). БЕКО работеше и во недела. Имаше муабет дека причина за тоа биле свадбите, кои во тоа време се организираа само во сабота или недела, па така, работењето на БЕКО во недела им помагаше на last minute купувачите на свадбени подароци. 

Преземено од The Sweet Files
Ниту една друга продавница во Скопје не работеше во недела. Работното време во трговијата завршуваше во саботите, најдоцна во 13 или 14 часот. Втората стоковна куќа беше Центротекстил. Повторно белградска фирма (денес во сопственост на Zepter групацијата), која беше отворила свои продажни места во неколку главни градови на тогашните југословенски републики. Скопскиот Центротекстил беше, веројатно, најубавиот продажен простор на оваа фирма, бидејќи беше сместен во тукушто изградениот, за тоа време авангарден, прекрасен Градски трговски центар (дело на арх. Живко Поповски од Архитектонскиот факултет). Во современиот, некако флуиден простор на стоковната куќа, распространет на три ката со голема површина, секогаш се чувствувавме, на некој посебен начин, светски. Со слична организација на посебните оддели како и во БЕКО, Центротекстил нудеше многу привлечен асортиман во сите категории текстилни производи, од детска, машка и женска конфекција, до сите видови текстилни производи за домаќинството. Значи, за разлика од БЕКО, Центротекстил беше стоковна куќа само за текстилни производи. Инаку, под брендот Центротекстил, во Скопје можеше да се купат и одлични чевли во специјализираната продавница што се наоѓаше на денешната улица Македонија. Македонски пандан на Центротекстил беше нашата гордост - стоковната куќа Трготекстил. Сместена на два ката, исто така во дел од Градскиот трговски центар, беше фантастична шопинг адреса. Џемперите, кошулите, фустаните, костумите и штофовите што ги купувавме таму беа секогаш „шик“, рафинирани и квалитетни. Се продаваа производи со знакот за чиста рунска волна, но и производи од одличен памук, фротир, листер, шетланд, мохер. Трготекстил нудеше и убави теписи и таписони. Беше време во кое беше „ин“ домовите да бидат обложени со таписон, а во Трготекстил имаше таписони во разни варијанти на ткаење, волнени и синтетички, и во широка палета на бои.
Во моето семејство, секој од нас си имаше своја „коњак“ стоковна куќа. Мајка ми си го сакаше Центротекстил, сестра ми - Трготекстил, а татко ми - БЕКО. Јас купував „на прва“. Ако бендисам, мое е. Без оглед каде сум го нашла. И без многу пребарување. Имаше во Скопје уште неколку стоковни куќи, навидум помалку престижни (најмногу поради прилично демодираните екстериери и ентериери), но преполни со стока за сечиј џеб. Најважна и најпопуларна меѓу нив беше Стоковната куќа „Скопје“ (поранешна НАМА, а денес позната како City Gallery), сместена на нај-ачик локација на градскиот плоштад. Во жаргонот на скопјани беше позната едноставно како „Стоковна“. Кој тргнал да пазари, секогаш прво оди таму. Оваа стоковна куќа беше една од триесеттината слични куќи што скопското трговско претпријатие „Меркур импорт“ ги имаше низ Македонија. Во периодот на  oранзицијата, кога трговските претпријатија во земјава почнаа да пропаѓаат, владата направи напор да го спаси овој трговски синџир. Но ниту компанијата ТИПО, која го управуваше ланецот во еден период, ниту напорите стоковните куќи да бидат продадени на приватни инвеститори, колку што знам не завршија многу среќно.

Да спомнам дека оваа стоковна куќа е првиот повеќекатен трговски објект во Скопје во кој биле инсталирани ескалатори. Ескалаторите одеа само нагоре, кон горните катови, а симнувањето беше можно само по обични скали. Кога бевме деца, уживавме во возењето па по неколку пати одевме нагоре-надолу додека родителите разгледуваа по штандовите и гондолите. Во „Стоковна“, исто така, се продаваше се’ „од игла до локомотива“. Уредена прилично соцреалистички, таа во убавите сончеви денови имаше светол ентериер со оглед на огромните прозорци по целата јужна фасада. Но јас паметам дека во тмурните есенски и зимски месеци, па дури и во лето кога врнеше, надворешното сивило како да навлегуваше внатре во просторот, па скудниот и „ладен“ амбиент на стоковната куќа се чинеше уште постуден. Тоа, сепак, не не’ спречуваше тука да ги набавиме сите потребни производи за широка потрошувачка по доста пристапни цени. Мене тука ми го купија првиот велосипед (во подрумот), па првите црвени чизмички, па синото капутче со вештачко крзно, а и голем дел од подароците што ги добив за мојата свадба беа токму од овде. Во парфимеријата на мезанинот си го купив и првиот парфем во животот и првиот женски часовник.
Уште четири стоковни куќи беа лоцирани близу до центарот на градот, но на левиот брег на Вардар: „Илинден“, која концепциски и според дизајнот беше најслична на главната „Стоковна“, па „26 јули“, сместена на главната улица пред Бит пазар, „8 март“, на влезот во Старата чаршија од кај „Илинден“, и „Мост“, сместена на влезот во чаршијата од кај Даут Пашин Амам. Сите беа добро снабдени. Дел од нив и’ припаѓаа на трговската фирма Интерпромет, успешно разработен трговски бизнис кој, се разбира, згасна во транзицијата. „Мост“ беше изградена во седумдесеттите години и ги носеше сите атрибути на архитектурата од тој период (повторно проектирана од арх. Мимоза Томиќ). До неодамна, овoј објект го работеше грчката трговска компанија Sprider. Ѓорчепетровци, исто така, имаа своја стоковна куќа, изградена на главната сообраќајница во близина на пазарот. И покрај нејзиниот соцреалистички дизајн, и оваа стоковна куќа тежеше од стока. Во осумдесеттите години, кога веќе се вработив, понекогаш одевме со колешките таму на шопинг бидејќи производите што се продаваа во Ѓорче Петров беа различни од оние скопските, па тоа ни’ беше шанса да си обезбедиме малку оригиналност во аутфитот меѓу пријателките кои пазареа во центарот на градот.
Стоковните куќи во Скопје беа белег на трговијата во периодот за кој зборувам. 
Секогаш беа преполни со луѓе. Имаше и големи сезонски намалувања на цените, но имаше и производи кои, кој знае зошто, со години остануваа непродадени, а и натаму се нудеа по иста цена. Претпоставувам дека логиката за празнење на магацините не била созреана. Во духот на некоја тогашна деловна политика.

Ги снема стоковните куќи. Приказнава ја раскажав со цел денешните млади скопјани да добијат претстава за тоа каде и како купувавме во социјализмот. Убаво е да знаат дека за разлика од земјите од тогашниот источен блок, ние можевме да се пофалиме со добро развиена трговија, полни дуќани и квалитетна стока. Пак ќе кажам, бевме млади и ни’ фалеше шмекот на западот, но од денешна перспектива мислам дека најголем дел од критериумите на просечниот купувач беа во целост задоволени. Концептот на стоковна куќа е многу специфичен. Овој вид трговски дуќани секаде во светот забележуваат различни развојни циклуси, некогаш нагорни, друг пат надолни. Јас многу би сакала денес во Скопје да имаме барем една убава и голема стоковна куќа. Чисто за да ми ги  азубави моментите наменети за шопинг или уживање во убави предмети. И да мириса убаво.