4/20/2013

Знаци дека си дел од исплуканата граѓанска класа

Кога поминуваш покрај тезгите на пазар, од кои се смеат волшебни плодови чиј вкус
почнуваш да го забораваш, а дома се враќаш само со кило кромид и кило и пол компири, а на домашните им велиш дека спремаш здрав ручек.

Кога за новите ресторани, отворени по скопските улици поплочени со нов гранит или бехатон, дознаваш од емисиите на телевизија што ги водат некои нови, разголени спонзоруши, за кои брокулата и пестото се врв на мондените трендови.

Кога понудите за новогодишни или летни аранжмани, кои ти стигнуваат по имејл од агенции што кој знае како ја пробиле твојата приватност, не ја провоцираат твојата љубопитност, па ги бришеш без да ги отвориш.

Кога низ Табернакул се врткаш со минути и никако да најдеш наслов што те влече, а на задната корица да е испишана цифра што твојот паричник може да ја поднесе.

Кога во сабота, наместо на дневна прошетка до Маврово или Велешко Езеро, проодуваш само до најблискиот парк, за бензинот во колата, стара со години, да биде сочуван за не дај боже.

Кога за семејните, или прославите со пријателите, облекуваш фустан, за кој потоа ти велат дека можда е ретро и по малку тесен, ама дека ти знаеш да му дадеш фреш нота со паметни детали.

Кога наместо еднаш годишно, лекарските прегледи ги правиш само ако нешто те боли, а останатото време се молиш за здравје.

Кога новите модели на телефони и телевизори, лаптопи и ајпеди, за тебе се само четиво од шарените портали.

Кога твоите деца не знаат што е пикник, продолжен викенд во природа или тридневно патување во Виена.

Кога знаеш граматика, правопис, уметност и математика, ама никој не мари за тоа.

Кога појадокот на работа ти се сведува на кифличе и јогурт, а сонуваш за овошна салата, фино спакувана во кутија од стиропор.

Кога почнуваш да го бојосуваш дотраениот мебел, објаснувајќи им на пријателите дека си бил желен за мала промена во дневната соба.

Кога долниот веш, пижамите, чорапите и влечките за по куќа ги купуваш од шверцери и улични шиткачи наместо од пристојни продавници и бутици.

Кога срцето ти плаче што на своите деца им викаш да завршат нешто брзо и лесно, за што поскоро да го намалат твојот финансиски товар.

Кога на питачите полегнати на Рекорд во рацете им пушташ само по еден денар, пет пати проверувајќи да не си дал десет.

Кога за џез фестивалот во октомври чекаш закаснети снимки на некоја од последните ебани телевизии.

Кога уметничките слики, дела од Јанчевски, Мазев или Корубин, наследени од твоите родители, се најголемото богатство во твојот дом, на кое му се тресеш и се плашиш дека еден ден ќе треба да го продадеш за живеачка.  

Кога ти се гнаси од бљувотината по Скопје и со сета помислуваш дека дури и реал-социјалистичката архитектура имала повеќе смисла.

Кога гласаш за Андреј Жерновски, како симбол на надеж дека нешто си спасил.

Кога најубавите муабети ги правиш со другар, седнати на клупа покрај Вардар, наместо на „пландовање“ на Ленинова.

Кога ти се гнаси од раскалашните коктели во Тренд и од мерцедесите паркирани во пешачките зони.

Кога ти се гледаат филмовите на Вуди Ален од 1970-тите.

Кога те вреѓа кој све сељак седнал во министерска фотеља.

Кога твитер е единственото место за тебе, каде што сиромаштијата не е срамна, умот има цена, а турбо фолкот има забрана за живот.

Кога за твојата нормална грижа за градското зеленило, поддршката на цивилните иницијативи или за одбраната на интелектуализмот, те пикаат во круговите на предавници, анархисти и антихристи.

Кога за тебе Европа не е политичка курва, туку за секогаш изгубена дестинација од твоите младешки желби.

Кога читајќи ги овие редови, те обзема мешано чувство на тага, револт и потреба за борба.

 

 

 

 


No comments:

Post a Comment