4/23/2012

Вкоренете се цврсто, три врби!

Отсега натаму, трите жални врби, за кои лефтерно, без око да им трепне, плеснаа чудесни двеста и педесет илјади евра и ги фрлија во матните води на Вардар, за мене ќе бидат симбол на тагата на овој народ. Тага, за која веруваат дека ниту немирните пролетни брзаци нема да можат да ја откорнат и да ја однесат. Ја зацврстија со армиран бетон и не’рѓослив челик за, не дај боже, да не киниса кон неповратот.

Кога бев мала, кога реката не беше регулирана, врби имаше долж целото корито, на двата брега. Под тие врби, лете се бакнуваа скопските вљубени двојки, и се разладуваа уморните минувачи. Под тие навалени дрвја, скопските рибари во ладовина ги чуваа старите велосипеди и ужинките што грижливо им ги припремаа нивните жени. Тие врби беа дел од пејсажот на еден сеуште неуреден град, но кој полека се будеше од многувековниот сон и скромно, чекор по чекор, заличуваше на вистинска урбана структура. Во тоа време на скромност, но и надеж, градот споро се разубавуваше. Зашто приоритетите беа ставени на најгорливите потреби на луѓето: прво училишта, болници, станови, па дури потоа плоштади и монументи. Прво фабрики, инфраструктура и градинки, па потоа паркови, шеталишта и театри. Прво базата, па потоа надградбата - ги потсетуваше секојдневно Маркс, и тие послушно го следеа тој патоказ. Четириесеттина години се создаваше базата, но умно се издвојуваше и за надградбата. Во седумдесеттите и осумдесеттите години веќе имавме одличен театар, Стериини награди, филхармонија, почитуван универзитет, реномирано сликарство, музичка академија, опера, балет, Мајски оперски вечери, Семинар за македонски јазик, литература и култура...

Кога умре базата, кога стотиците фабрики ги затворија вратите за илјадниците вработени кои на своите семејства оттаму со години им носеа и леб, образование и спокој, народот очекуваше дека новиот систем ќе донесе поголеми можности. Тој залудно се надеваше цели петнаесет години. Лицата на некогашните фабрички работници во меѓувреме длабоко се избраздија, алиштата купени пред дваесет години изветвеа, чевлите веќе нема кој да ги залепи. И тогаш, во 2006, дојде преродбата. Облечена во ведро портокалово, размафтана и разлетана, слаткоречива и убедлива, ги заграба народните пари и протолкува дека, со парите, земјата ќе ја поведе кон соништата. И би’ сон...

Кога се разбудив утрото пред некој ден, наеднаш го видов мојот град прероден. Прво не го познав, мислев дека сонот уште трае, но Тања ме штипна по раката, па сфатив дека сум будна. На двесте метри од куќата на баба ми и дедо ми, ме дочека глетката на новиот мермерен град. Бел, триумфален, уставен, око-мостовски, александриски, јустинијанов, вмро-револуционерен. Зад грбот на еден напрчен коњаник, заседнал бел Самоил, во чиј поглед препознав чудење. Откај една шарена куќичка, многу налик на онаа од мојата сликовница за Ивица и Марица, доаѓаат луѓе кои велат дека го посетиле спомен-домот на Мајка Тереза. Парламентот не се гледа - погледот го затскриваат коњи и лавови од сите страни, чиниш сега ќе те спобркаат или клоцнат. Зад зградите, што ги преоблекле во туѓа облека, и зад оградите што кријат нечии нови багери и кранови, здогледав толпа. Отидов да видам. Еден млад, наконтен и намирисан убавец, на кого мобилните му ѕвонат на секои триесет секунди („од партија“), и’ објаснува на толпата за големината и значењето на проектот што се наоѓа во тековна имплементација, а кој носи романтично, а сепак безвременско име: три врби.

Проект „три врби“. Што е ова? Потсмев со сите нас? Атак врз здравиот мозок? Мајтап со нашата свест? Или демонстрација на надмоќ, триумф над нашата памет, победа над нашата чест?

Три жални врби како симбол на македонската тага. Тага за петмината што отидоа јабана зашто  овие ја оставија државава недоправена. Тага заради апелите за помош за лекување на мали деца што секојдневно ги гледаме на ТВ екраните отчукани врз црн фон, а за кои градителите на мермерниот град не даваат ни денар. Тага за збрчканите лица на работниците од некогашните фабрики, кои денес немаат ни за чоколатче за своите внучиња. Тага за денешниве млади, убави и умни дечки, чиј месечен труд не вреди повеќе од двеста и педесет евра, ако случајно најдат работа. Тага за мојата, некогаш полетна генерација, која постапно ја замолчеа, а имаше што да каже. Тага за Скопје. Тага за здравството, школството, штотуку размрданата наука. Тага за слободата, за весниците и за вистината. Тага за вербата што ја покосија, и за спремноста да се дадеме.

Вкоренете се цврсто, три врби! Издржете и бидете сведоци на бичувањето што ни’ го вршат насилниците! Не заборавајте на раните што ги прават во нашите души. Опстојте и запомнете! Ќе дојде ден кога вашите гранки ќе се поткренат благо кон сонцето, кога вашите нежни ливчиња ќе почнат да ја раскажуваат приказната за тагата во мермерниот град. Посакувам таа приказна од вас да ја слушнат некои нови клинци, кои ќе имаат право да ја знаат историјата на ова време, за да не погрешат повторно и да ја вратат тагата.                                 
                   

2 comments:

  1. This comment has been removed by a blog administrator.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Жалам, Сезнајко, морав да го избришам твојот коментар. Просто, многу е вулгарен. А кога сме веќе кај пушењето, па не мораме баш сите да учествуваме во задоволувањето на вашите настрани нагони.

      Delete